БОГОМИЛ ЃУЗЕЛ

Богомил Ѓузел е роден во Чачак, Србија, 1939. Завршил студии на универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје. Ги превел делата на Шекспир, на Одн и на Елиот. Работи како в.д. Директор на Струшките вечери на поезијата. Добитник на повеќе награди. Поезија: Медовина, 1962; Алхемиска ружа, 1963; Мироносници, 1965; Одисеј во пеколот, 1969; Бунар во времето, 1972; Тркало на годината, 1977, Стварноста е сè, 1980; Опсада, 1981; Празен простор, 1982; Мрак и млеко, 1986; Рушејќи го ѕидот, 1989, Одбрани песни, 1991, Гол живот, 1994, Хаос, 1998, Она, 2000, Одбрана поезија (1962-2002), 2002.
Есеи: Историјата како маштеа, 1969
Проза: Куќа цел свет, 1975; Митостории (три драми), 1982; Легенди, 1984
 

 

 

Просторот не е празен

тој може да биде ѕид
што ја крши главата
карпа што го тапи крампот
дијамант што нè скалпира

Просторот е празен само

во мене и во материјата
низ која безброј патници без багаж
минуваат лесно и без паспорт
одат напред или се враќаат

Таму во празнината и јас имам

своја орбита засега незафатена
што ќе се насели кога вчерашното
ќе се судри со она утрешно јас
ќе се поништи или враќајќи се во времето

ќе мине пак неосетно низ квантот сега

Судбина

На зарамнето место фрли три каменчиња
можеш да одбереш само едно
го земаш најблескавото, кога –
тоа да ти било коска од предокот

зарче изглангцано до толку што колку
и да го фрлаш се покажува секогаш себе – постојана нула

сега би сакал да ги видиш пак другине две камчиња
се враќаш на плажата но тие веќе се помешале

со безбројното мноштво
од безличниот грагор

земи било кои од нив –
твојата единствена сопственост

и оживи ги ако можеш
во свои сопствени јајца


По такво минато, каква иднина?

1. Поглед од птичја перспектива

Најпрвин изнурнуваат парчиња од мапата раскината
планинските врвови – попара меѓу облаците
или тврдини во урнатини – сеништа низ маглата
природата бавно си ги лечи раните со ерозија

остатокот го направиле освојувачите
и сиромаштијата од напуштените села:
трева и жбуње, понекое огледалце од езерце,
повеќе црни трла со неколку стада бели овци

подолу низ дивјачки ископачените шуми
(горите нема кој да ги чува и кого да чуваат)
светли прашливи патишта и темни подлокани друмови
со грстови расфрлени грди куќи и грдомасни викендички

најздола низ правта, чадот и смогот од оџаци
се густо населените котлини и долини
со воздухот застоен како вода од жабурник
зиме како под капак од лонец, лете како под сач

ветрот тука ретко мафта со метлата
за да ги олади разголените парчиња живо месо
што постојано ги дерат одново до третата кожа
оние чии рани се одамна заструпени лузни

затрупани од слоеви саможиво сало
припокриени со шарени дреи или дебело нафатирани
шпартаат низ земјата со колите, параат и крпат закрпеници
под кои уште тлее надежта – фосилно семе


2. Однатре

Со сета тежина од минатото
сме станале толку лесни
што може и да нè снема

Семката ни била толку потисната
што ’ркулецот скоро и’ замрзнал
готов да про’рти само во некое друго место или време

Но што е тоа што му го повлекува чкрапецот
за веднаш да пуштиме корен
или котва до самото дно

да никнеме како јаничари кај соседите
или право низ сета Земја
како антиподи –

домашна или егзотична билка
што кога ќе се фати
ја крши саксијата?

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2007.

Nazad