МАХМУД ДАРВИШ

Добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата за 2007. е Махмуд Дарвиш, од Палестина. За таа цел БКГ му посветува поголемо внимание на неговото творештво, биографија, библиографија, како и избор од неговата поезија.

Махмуд Дарвиш е роден на 13. март 1942. година, во селото Ал Бирва, Палестина, во сунитско муслиманско семејство. За време на основањето на израелската држава во 1948. година, неговото село е целосно уништено, па затоа семејството бега во Либан, но следната година, по тајни патишта, илегално се враќа во Израел.
Во младоста Дарвиш е неколкупати затворан заради политичка активност, но и за своите јавни поетски читања. Неговиот егзил започнува уште во 1970. година кога заминува за Москва, од каде, по само една година престој, заминува за Каиро, Египет. Потоа повеќе од 26 години живее во егзил, постојано на релацијата помеѓу Бејрут и Париз. Во 1996 година се враќа во Израел и се населува во Рамала, на Западниот брег.
Махмуд Дарвиш во моментов се смета за најеминентен палестински поет и воопшто, за најважен современ поет кој пишува на арапски. Своето светско реноме го има заслужено не само како поет, туку и како романсиер и книжевен теоретичар. Има објавено триесетина поетски збирки, осум прозни дела, или заедно со други објави и студии, вкупно над 40 наслови. Првата поетска книга ја објавил во 1964 година со наслов Маслиново лисје, а неговиот најнов избор на англиски јазик Товарот на пеперугата, ќе се објави деновиве во САД.
Негови други поважни избори на англиски јазик се: За жал, тоа беше рај: Избрани песни (2003), Опсада (2002), Мастилото на гавранот (2001), Адам од два раја (2001), како и други избори на арапски јазик: Мурал (2000), Постелата на туѓинецот (1999), збирките Псалми (1995), Зошто го оставивте коњот сам? (1994), Музика на човечкото месо (1980) и други.
Во 2000 година, престижната француска издавачка куќа "Галимар" објавува ексклузивен избор од неговата поезија Земјата ни е тесна на француски јазик, а неговиот роман Заборавност е објавен во издание на Калифорнискиот универзитетски прес, на англиски јазик.
За своето дело има добиено голем број меѓународни награди, меѓу кои: наградата "Ибн Сина", "Лениновата награда за литература", "Сталиновата награда за мир", наградата "Лотос" од Унијата на Афро-азиски писатели (1969), "Наградата за културни слободи" од фондацијата Ланан (2001), мароканската награда "Висам" за интелектуални дострели што ја доделува лично мароканскиот суверен Мохамед VI, а во 1997 година ја добил почесната француска титула "витез", заедно со орденот за заслуги во уметноста и литературата.
Во моментов Махмуд Дарвиш работи како главен и одговорен уредник на списанието Ал-Кармел, што самиот го основал во 1997 година.
Познатата американска поетеса со палестинско потекло, Наоми Шихаб Нај, за него има напишано: "Дарвиш е длабокиот здив на палестинскиот народ, речит сведок на прогонството и припадноста, раскошен пеач на звучни слики што спотнуваат и разнесуваат сјај во срцето на светот. Тоа што го говори е здушно прифатено од читателите во целиот свет - тој е апсолутно неопходен глас, неопходен и неодминлив уште откако е откриен".
Махмуд Дарвиш учествувал на голем број познати светски поетски фестивали, држел предавања на престижни светски универзитети, но патот кон својата вистинска меѓународна поетска афирмација го започнал токму на Струшките вечери на поезијата, кога во 1978 година учествувал како поет на специјалната вечер посветена на современата палестинска поезија.

 

 

Би биле среќни да ме видат мртов

Би биле среќни да ме видат мртов, па велат: Нам ни припаѓа. Наш е.
Цели дваесет години им ги слушам чекорите во ѕидовите од ноќта.
Не отвораат никакви врати, но тука се. Гледам тројца од нив:
Поет, убиец, и читател.
Ќе се напиете ли вино? ги прашав.
Полека малку, ми одговорија.
Ги наредија чашите и почнаа да пеат за народот,
ги прашав: Кога ќе го започнете атентатот врз мене?
Веќе го завршивме, рекоа… Но зошто ги испрати чевлите пред душата?
За да скитаат по лицето на земјата, одговорив.
Земјата е пакосно мрачна, зошто твојата песна е толку јасна?
Бидејќи срцево ми е заплиснато од триесет мориња, реков.
Ме прашаа: Каква смрт сакаш?
Сина, како ѕвезди што трепкаат во прозорецот - уште малку вино?
Да, ќе се напиме, рекоа.
Ве молам, полека. Сакам да ме убиете бавно за да ја напишам последната песна за сопругата на моето срце. Се насмеаја и ми ги зедоа
само зборовите посветени на сопругата на моето срце.


Доаѓам оттаму

Доаѓам оттаму и имам спомени
што се раѓаат како смртници, имам мајка
и куќа со многу прозорци,
имам браќа, пријатели
и затворска ќелија со студено окно.
Мој е бранот, украден од галебите,
си имам свој видик
и еден страк трева отповеќе.
Моја е и месечината на крајот од зборовите
и мноштвото птици
и бесмртната маслинка.
Одев по оваа земја пред мечовите
да & го претворат живото тело во тешка мрша.
Доаѓам оттаму. И' го предавам небото на мајка &.
Небото плаче по мајка &.
И јас плачам за да ме запознае
облакот што се враќа.
Ги научив сите зборови вредни во дворот на крвта
за да ја скршам власта.
Ги научив сите зборови и потем пуздер ги сторив
за да создадам сал еден збор: Дом…


Рита и пушката

Помеѓу Рита и моите очи
Има пушка
И секој што ја познава Рита
Клекнува да си игра
Со божественоста во медените очи
Ја бакнав Рита
Кога беше млада
И си спомнувам како ми се доближи
И како мојата рака ги прекри најубавите плетенки
И си спомнувам на Рита
Како што врабецот си спомнува на својот поток
Ах, Рита
Помеѓу нас има милиони врапци и слики
И безброј разделби
Во кои пукаат со пушка
Името на Рита беше гозба за моите усни
Телото на Рита беше свадба во мојата крв
И цели две години бев загубен по Рита
И цели две години таа ми спиеше на рака
И си дававме ветувања
Над најубавата шолја за чај
И горевме со вино на нашите усни
И повторно се раѓавме
Ах, Рита!
Што можеше пред оваа пушка да ми ги одврати очите од твоите
Освен дремеж или два над твоите медени облаци?
Еднаш порано
Ох, тишино на квечерината
Едно утро мојата месечина се отсели во далечно место
Кон тие медени очи
А градот ги избриша сите пеачи
И Рита
Помеѓу Рита и моите очи -
Пушка


Псалм 3

На денот кога зборовите
ми беа земја…
им бев пријател на стрништата.
На денот кога зборовите
ми беа гнев
им бев пријател на прангите.
На денот кога зборовите
ми беа камен
им бев пријател на потоците.
На денот кога зборовите
ми беа побуна
им бев пријател на земјотресите.
На денот кога зборовите
ми беа горки јаболки
му бев пријател на оптимистот.
Но кога зборовите
ми станаа мед…
муви ми ги прекрија
усните!…

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2007.

Nazad