МАРЛЕНА ПЕТРУШЕВА

Марлена Петрушева е родена во Скопје 1979 г. , каде живее и работи.
Повремено е објавувана во алманасите на литературното друштво Мугри кое функционира на Филолошкиот факултет во Скопје. Приредувач е на ,,Антологија на младата македонска поезија" на веб списанието за поезија „Метафора".
Марлена Петрушева е уредник на БКГ за Македонија.
 
САМО САКАМ ДА ВИ КАЖАМ


Добро, денес е први мај, замислете...црвена основа и на неа прекрстени чекан и срп, хмм...врежани ми се в глава, а исто така врежано ми е и повраќањето на пријателот на татко ми кој за еден 1. мај кога јас имав некои 6,7 години дојдоа кај нас со семејството и неговите две пакосни деца, на скара и многу, многу алкохол. Јас се уште имам трауми од инсектите кои беа фаќани во тегла од децата пакосници, а потоа нормално ме бркаа со нив.
Исто така се сеќавам дека на 1. мај се одлучив да ја запалам мојата прва цигара, ах, е тоа беше внатрешна борба на едно пубертетско детиште, кое мислеше дека ако пропуши ќе стане багабонт... Ми текнува дека тој први мај беше и моето прво искачување на Водно, замислете „моето прво искачување до врв“- е тоа беше веќе нешто, па нормално затоа и се почестив, да, ајде ќе запалам цигара, и се сеќавам дека јадевме изронети кифлички кои ни ги приготвиле од дома. Впрочем мислам дека тие беа месени малку порано и најпрво замрзнати заради тоа што тој први мај се преклопуваше со Велигден, па нормално мораше да има руска салата и кифлички, и се готвеше една недела однапред, а знам дека имаше и милиброд, некои го викаат козињак.
Пафкањето на цигарата и не беше некое задоволство но потоа настапи упорноста за да ја пронајдам убавината во пушењето цигари.
Прво ми беше интересен моментот на држењето на цигарата, дали е елегантно или пак не, па потоа сфатив дека цигарата ми прави друштво и не мафтам толку со рацете кога објаснувам нешто, а сега, сега е веќе нешто друго, сега неможам да замислам да бидам без барем една цигара останата во кутијата пред да си легнам, нормално за да имам со утринското кафе.
Подоцна кога мајка ми ги направи сите напори за ќерката да ги остави цигарите, немаше избор, па мораше и самата да го направи нештото поинтересно, „разговор, мајка-ќерка“ зачинето со кафе и цигари, кој траеше со саати, впрочем најде начин да влезе во главата на едно дете и неговиот бунтовен свет. Мислам дека и беше многу убаво, зашто татко ми и онака не и даваше многу да пуши и постојано ја прекоруваше.
Е тука веќе има повеќе недореченост: прво, татко ми и самиот беше никотински зависник; второ, тој ја имаше научено мајка ми да пуши цигари (нормално, според приказната на мајка ми) и трето, најчудно, - не личи женско да пуши.
Кога требаше да слегуваме по падините на Водно, нормално, заврна, тоа е вообичаено секоја година, дали тоа ќе биде на 1. мај или пак 2. мај, мора да заврне. Денес е само многу облачно, како да се спрема истурање на многу, многу вода од густиве облаци.
А, се сеќавам на излетот во Катланово. Знам дека беше преполно од коли и излетници, и продолживме да бараме место каде што излетот би ни бил попријатен. Стигнавме до едно село, ми се чини дека Блаце се викаше.
Беше навистина убава глетка од високо но најдоброто нешто беше кога најдов диви јагоди и ги корнев со корен за да си ги насадам во мојот двор. Знам дека припекуваше сонце толку силно, замислете за 1. мај, па мајка ми потоа мораше да ми ги мачка лицето и рамената со кисело млеко.
Нема да го заборавам тој излет, заради првото шоферско искуство, држење волан, кое за малку не заврши фатално.
Тогаш сфатив дека сум антиталент за управување моторно возило.
Ама тоа не е причина јас да не возам картинг, и да правам повторен обид во шоферлукот. Замислете, одам на часови за возење кои толку вешто ги избегнувам поради моите „обврски“, е тоа е шоферлук, тоа е мајсторство.
Битно е дека јагодките се фатија, но никогаш не дадоа ни една јагодка. Па диви беа, нормално.
Наредната година знам дека отидовме на истото место, но овој пат се сместивме покрај реката во која се обидував да пливам, но неуспешно затоа што беше преплитка, и имаше само едно мало место каде длабочина достигнуваше дури до моите натколена.
Знам дека не можевме да го наместиме шаторот подолго време, но бидејќи јас сум плашлива од бубачки и „шумски ѕверки“ сепак се одлучив да спијам во кола и утрото го дочекав со свиткана глава на десно која остана во таа положба и наредните два дена.
А најмногу се сеќавам на еден први 1. мај кога на некој од телевизиските канали, мислам дека денес веќе и не постои цел ден имаше црвена позадина со срп и чекан, и јас на сите им се јавував да ги информирам, и така го поминав тој први мај.
Порано, т.е до лани 1 мај се славеше два дена, и први и втори мај, но ете годинава законот пропиша дека само еден ден се слави, но затоа пак Велигден е „национален празник“ и имаме уште еден ден неработен, како и првиот ден од Рамазан Бајрам и првиот ден од Курбан Бајрам.
А пак кога се преклопуваат Велигден и 1.мај е тоа е полна капа.

Вчера му беше роденден на А. Му купив торта, и подарок, кој беше неопходен за неговата густа брада. И нормално морав да испазарам за денешниов ден затоа што денес е неработен ден. И така, интересен ми беше и вчерашниот ден кога влегов во хипермаркетот каде се надевав дека ќе го најдам вистинскиот подарок, „мало буренце со пиво“ или „дрвено буренце со вино“ и останатите продукти за денот „the day“, се затекнав во огромни редици од луѓе кои најмногу му запнаа на месото и кромидчето а нормално и на пивцето.
Се купуваше ама баш многу месо, а хипермаркетот беше толку добродушен што самиот се погрижил да направи паковки комбинација за на скара од колбаси, плескавици, ќебапи и шницли.
Е тоа е продавница, мисли на граѓаните како добро да си го поминат утрешниот ден на пијанка и храна.
Па заслужено, ден на работникот е, иако повеќето од работниците се невработени. (Eдноставно не можам да премолчам)
И така, денес останавме дома, го направив редот, ја направив првомајската храна, а кучето урнебесно лаеше за да добие дел .
Нему му направив супа од пилешки копан, а јас јадев два портокала.
Се ставив малку под казна себе си, но затоа А, беше презадоволен од зготвеното и се разбира од чашата пиво.

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2007.

Nazad