РОБЕРТ АЛАЃОЗОВСКИ

Роберт Алаѓозовски, роден е во 1973 година. Во 1997 година дипломира на Филолошкиот факултет, двопредметна група - Општа и Компаративна книжевност со англиски јазик и книжевност. Во 2002 магистрирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот Факултет од областа на современата теорија и книжевност. Посериозно со превод се занимава од 1997 година кога почнува да преведува за списанијата Сум, Тренд Театар и Маргина. Во моментот редовно преведува за списанијата Маргина и Блесок. Досега превел две книги: Проблеми со родот од Џудит Батлер, во издание на Институтот Евро Балкан, заедно со Елизабета Шелева, и книгата Црно Море од Нил Ашерсон во издание на Магор. Во моментот го работи преводот на книгата Говорејќи во етерот, во издание на Магор. Во 2003 година ја објави книгата Обвинети за постмодернизам.
   

 

Куќа / праг-хоризонт:
Номадското искуство

 

Сликата од насловот на овој есеј упатува на една од многуте дихотомии што го испресекуваат човечкото искуство.

Сликата на седентарниот човек кој стои пред својот дом, својот космос истравува од големото непознато, од она што може да го загрози, оттаде. Таа слика доминира во човековото колективно несвесно, затоа што, Жил Делез има право, историјата е напишана од седентарен аспект. И таа слика, ќе видиме подолу, трае: од Старите Грци, кои го создадоа дискурсот граѓанин/номад, односно цивилизација/варварство, па до најново време, кога обременети но и оправдани со модернистичкиот мит, државите повлекуваат мерки кои засегаат милијарди граѓани, за некои за добро за повеќето за лошо.

Во редовите што следуваат ќе ја разгледаме дихотомијата седентарност/номадство од аспект на фасцинацијата со номадството која почнува од Ниче наваму, и која, се чини, ќе оствари доминација, барем над теорискиот дискурс, ќе ја лоцираме тензичноста на бинаризмот, но ќе укажеме и на авторите кои застапуваат “нечисти” позиции. Техниката низ која е пишуван овој есеј е мизанабим, а методот е браузибилност: пролистани се 80 гугл страници со клучниот збор
“номадизам” и прегледани 1000 чукани страници џанк материјал. Најубавиот материјал е опљачкан, де-ре-кон/струиран и вграден во есејот како украдено авторство.

***

Претставата за номадот во западната имагологија е дека тој е нецивилизиран, ирационален, деструктивен, акултурен. За Хегел, а подоцна и за Хоркхајмер и за Адорно тој е “човек во природна состојба”. Фридних Ниче го смета номадот за жител на пустината каде што не постои центар, и се е еквидистанца, бидејќи номадот е во постојано движење. Во пустината нема историја, патеки и развој, границите меѓу природата и културата, и меѓу реалноста, фантазмите се губат. Ниче вели дека номадот и државата се две спротивни нешта што можат да се соединат само преку насилство.

Овој дискурс потекнува од Стара Грција. Номадизмот, забележува Нил Ашерсон, бил спротиставен на грчкиот градско-државен патриотизам кој се крепел на домољубието, континуитетот, населбеноста. Атињаните инсистирале на тоа дека биле “автохтони” - биолошки вкоренети во нивното место на живеење. Според Франсоа Хартог не е тешко да се предвиди дека дискурсот на автохтоноста бил измислен за да ја создаде репрезентацијата на номадизмот и дека Атињаните, тоа имагинарно автохтоно битие, имале потреба од еден исто толку имагинарен номад. Скитите само одлично се вклопиле во пејзажот. Потоа, соочени со загрозеноста од Персија, грчките трагичари, ги измислиле варварите. Како што утврдува Ашерсон, некои дури заклучиле дека Скитите и сите “Азијци”си личеле едни на други физички, додека “европејците” имале големи разлики во големината и во фигурите, од еден град до друг. Варварите биле хомогени; цивилизираните луѓе биле разнолики и различни.

***

Номад доаѓа од грчкиот збор “номос”, значи напасување и се однесува на луѓето што се движат со своите животни. Жанин Дејвис Кајмбол пасторалниот номадизам го поврзува со јавањето коњи и го лоцира со потребата од коњи околу јужните центри на Ахменидската Империја. Номадскиот регион се дефинира со курганите (гробните тумби) зашто номадите се враќале на истите места кај што воедно ги закопувале и своите мртви. Евразиската степа се смета за класична номадска територија и таа почнува од Молдавија преку Украина и јужна Русија, Аралското море, Казахстан, јужен Сибир, западна Монголија и западна Кина. Поголемите номадски гробници се наоѓаат во интерфлувијалното земјиште на реките Днепар и Днестар, делтите на Аму Дарја, Сир Дарја, Дон, Волга, Самара и Урал.

Метју Ролер смета дека номадизмот не значи целосна откорнатост од почвата, и дека културни остатоци од номадски престој можат да се најдат насекаде, особено во местата што служеле како засолништа, на пример пештери какви што се најдени на планините Кармел во Палестина и Шанидар во Ирак. Локалитети на отворено потешко се пронаоѓаат: такви се Тел Ком и Тел Ум Тлел комплексот во Сирија. Значи номадите не се скитници без место туку имаат неколку различни локации во исто време. Номадизмот според Ролер не е културно динамичен, зашто токму поради динамизмот на групата контактите со други се минимални. Ролер смета дека предисторискиот номадизам е различен од историскиот затоа што не гравитира околу урбаните центри.

Првата седентарност Метју Ролер ја датира во средното камено доба со растот на културниот динамизам, социјалните промени, постојано градење на исти колиби, и големи колективни гробници. Големите стамбени конгломерати и монументалната јавна архитектура Ролер ја датира околу 3200 години п.н.е. односно градот Урук во Северен Ирак. Градовите имаат своевиден органски раст со одредена функционална социо-политичка структура којашто е јасно означена со периметар во форма на градските ѕидини. Градот како организам е поголем од збирот на индивидуалци и има неколку карактеристики: делегирање на власт, функционално а не персонална солидарност, култура, професионални профили, хиерархија и сл. Од градот понатаму се развива државата.

Но Херодот, како што пронаоѓа Ашерсон, го промислувал номадизмот повеќе како воена стратегија, отколку како начин на живот што е спротивен на грчката населбеност. Тоа е техника со која слабиот станува посилен од угнетувачот: со распрснување, со децентрирање, со брзо движење низ просторот. Наместо да застанат и да се борат, тие се повлекуваат во нивната бескрајна земја навлекувајќи го непријателот навнатре с# дури не прегладне или не западне во очај. Како што вели Хартог, тие ја превртуваат нормалната ситуација, го претвораат гоничот во прогонет. Наместо да ги бранат градските ѕидини од освојувачите, Скитите едноставно се распрснуваат. Елитната, спороодна пешадија на кралот Дариј од Персија во 512 година п.н.е., на тој начин била надитрена од Скитите. Фрустриран, Дариј бил приморан да се повлече и да ги остави Скитите непоразени.

Според Ашерсон номадскиот пасторализам не бил “примитивна” состојба. Напротив, да се придвижат големи крда домашни животни двапати годишно, кон север во летните периоди и повторно кон југ, зиме, бара коњи и голема вештина во јавањето. Тоа бара тркала, кога населението мигрира со стоката со помош на запрежни коли или кочии. Овој начин на живот бара разни видови занаетчии или специјалисти, многу повеќе отколку седентарното земјоделство. И сево ова не можело да се покрене без централно раководство подготвено да носи брзи и ефективни одлуки во итни случаи. Таа итност можела да биде економска - долина каде што обично се престојувало, уништена од суша или
поплава - а можела да биде и воена. Вештината на јавање создала вооружени елити, кои сега биле подготвени да ги водат нивните следбеници во пљачкосување на земјоделските заедници или да се преселуваат и да освојуваат далечни региони со трева.

Според Ашерсон, “чистиот” номадизам е реткост. Флексибилноста
и фармери и овчари отсекогаш била дел од економијата на мобилните степски народи. Претставата за големи орди кои се хранеле со месо и плачкосувале храна била точна само во време на војни или на договорена голема преселба - како спротивна на обичното кружно патување во потрага по пасишта. Херодот видел дека имало и “домородци” кои живееле во градовите.

***

Врз база на имагологијата за номадот денес се повеќе мислители ги градат своите епистемолошки и теориски дискурси, славејќи го она што модернизмот, а и антиката, го презирала кај номадите. Централно место во таквите дискурси има Жил Делез, чии деривати се шират и меѓу феминизмот и меѓу проучувачите на сајбер културата.

На трагите на Ниче во “Номадска мисла” Делез бара номадска единица која што нема да прерасне во деспотска, мултиплицирани идентитети кои ќе бидат во постојан развој и движење, но кои секогаш ќе стојат на исти позиции. Следејќи ја својата метафоризација на дистинкцијата номад/седентарен понатаму Делез разликува државна и номадска наука, кај првата го лоцира коренскиот, односно моделот на дрво, а кај втората моделот на ризом. За разлика од коренскиот модел кој е хиерархиски, центриран, тотализантен, стратификаторски, линеарен, ризомот е нецентричен, алинеарен, неозначувачки. За Делез субјектот е една мултиплицирана, ризомска, полиморфна динамична мрежа на потенцијалности и интензитети. Во “Илјада платоа” Делез вели дека “Историјата е секогаш пишувана од седентарна гледна точка во името на унитарниот државен апарат. Тој предлага Номадологија како опозит на историјата. Државната мисла секогаш создава трипартитна поделба помеѓу реалноста (светот), репрезентацијата (книгата) и субјективитетот (авторот) место да воспостави асемблажа со надворешноста. Мултиплицитетот се угнетува во име на единството. Во таа смисла Историјата е државна наука, пар екселанс. Дури и географијата како иманентно поле на номадството се злоупотребува од државата, за воспоставување територија со граници, патишта и утврдени места заради моќ и доминација. Номадологијата треба да ја означи коегзистенцијата на симултаноста, различните мешања на историски линии и сили, на разни детериторијализации и ретериторијализации на просторот.

На трагата на мислата на Делез, е и денешната “квир” теорија, која наместо одделните и јасни сексуални идентитети (хетеросексуални, машки и женски хомосексуални, бисексуални, целибатни и сл.) го нудат “квир” просторот како место каде навиките се мешаат и се
испреплетуваат без оглед или наспроти историските, традиционалните, нормираните, општествените референци и навики и во поглед на сексуалноста и во поглед на облекувањето, однесувањето, општествените ролји и сл.

Геерт Ловинк го смета дека градот како обѕидан полис и како општество одамна се распаднал и дека денес претставува само туристичка фасада. Метрополата е само една мапа на точки и линии, опис на инфраструктура: историски локалитети со нивното значење, испресечени со сообраќајници. градот не е осмислена целина ами е една траекторија на дискотеки, концертни хали, кафеа, кафеани и сл. Некои други теоретичари размислуваат за еден пост-урбан град каде реалното и виртуелното се мешаат. Жителите на градот се прикачени тела кои ги користат современите средства за комуникација, виртуелно патуваат по разни простори, по целиот свет, при што понекогаш предизвикуваат сосема реални последици.

Како директна еманација на номадскиот дух многумина го сметаат интернетот. За Ален де Беноас, дваесеттиот век заврши 1989г. со падот на Берлинскиот ѕид, а дваесет и првиот започна во 1993г. со првиот глобален пренос преку интернет. Според него Интернет е мрежа со неограничени можности, без центар, децентрализиран, интерактивен, хоризонтален медиум. Од него произлегува еден нов свет, ново номадско општество, кој ги порамнува класичните пирамидални структури, вмрежен свет кој не може да се контролира, без дистанци, кој како што видовме и со антиглобалистичките протести но и со растот на фундаменталистижкиот тероризам брзо се организира и има разорни последици.

***

Во социологијата, застапниците на номадологијата се преокупирани со т.н. мобилна култура и запрепастувачките бројки: дека секоја година има околу 600 милиони меѓународни патници, дека половина милион хотелски соби се градат секоја година, дека има 23 милиони бегалци, дека туризмот опфаќа десет проценти од глобалниот доход. Човечката раса влегува во нова епоха на движење и преселби, едно скитање на народите што овој пат ја опфаќа не само Евро-Азија туку целиот свет. Во денешното време, со развојот на микротехнологијата, “глобалните номади” ќе можат сета своја “покуќнина” да ја соберат во еден куфер и ќе бидат “географски независни” тие ќе можат да патуваат колку сакаат и каде сакаат”. Субјектите на историјата, некогаш седентарните земјоделци или граѓани, сега стануваат мигранти, бегалци, гастербајтери, азиланти, градски бездомници. Едвард Саид, во 1992 година, тврди дека фаќелот на ослободувањето е предаден од седентарните култури на бездомните, децентрирани, егзилични енергии. Дури и протестантската и католичката црква, кои го практикуваат мисионерството веќе развиваат номадски цркви, начини на приод кон номадските заедници каде црквата не е еден осветен и сакрален простор, туку е секаде каде што заедницата го исповеда словото божјо.

Василис Ламбропулос смета дека зборот “имиграција”, со неговите економски: ниските класи кои бараат нов дом во потрага по подобар живот или политички конотации: бегалзи, егзиланти, азиланти, експатриди, повеќе не соодветствува. Денес мигрираат студенти, бирократи, новинари, научници, уметници. Се брише стариот термин на дијаспората и се создава нова мигрантност: креолска, хибридна, нестабилна и екс-центрична. Полскиот уметник Кшиштоф Водичко, согледува како ордите на раселените сега го заземаат јавниот простор во градовите - плоштадите, парковите, или железничките станици, места што некогаш биле проектирани од победничката средна класа за да се прослави освојувањето на новите политички права и економски слободи. Но овие прашања с# уште се разгледуваат преку модернистичката визура на оттуѓувањето - каде мислителите се или фасцинирани од земјата или ламентираат над бездомноста, а во секој случај сметаат дека капитализмот и технологијата ќе ги остават западњаците без корени, традиција, континуитет и вера. Земјата во таква визура не може повеќе да се насели, таа се узурпира, одзема, окупира, се купува под цена. Како што вели Ашерсон, овој кошмар: теророт на луѓето што се движат, наследен од големите преселби за време на Римската Империја и по нејзиниот пад и обновена од хунските и монголските пљачкосувања
на запад, преживува и во новата Европа по револуциите од 1989 г. Тој вирее како страв на Западот од сите луѓе кои што патуваат, од милионите што притискаат на портите на Европа како “азиланти” или “економски мигранти”, од социјалниот колапс во Источна Европа што ќе го одлее половина население кон Запад. Државата се обидува да воспостави контрола на својата територија, на дотекот на странците, да воспостави систем на права и обврски над мигрантите кои го маргинализираат центарот и ја “загрозуваат” доминантната култура. Затоа и денес весниците се полни со најразлични примери на државна и општествена неправда, расна и секаков вод друга дискриминација над бездомните, скитниците, во земјите од првиот, но и од вториот и од третиот свет. Денес многу традиционално номадски народи се угнетени поради насилната и несоодветна владина политика кон нив (на пример, Фуланите во Нигерија).

***

Номадизмот станува преокупација и на уметничкото писмо. Во оваа прилика нема да зборуваме за Кенет Вајт и геопоетиката, кој е доста присутен во македонскиот уметнички контекст. Брус Чатвин разликува номадска и урбана уметност. Првата е подвижна, асиметрична, дисонантна и немирна а втората е статична, цврста и симетрична. За разлика од старите автори, како Вашингтон и Џеферсон, за кои западот на Америка бил, невин, празен, неколонизиран простор кој фалусно ја чека своето цивилизирање, новите мислители на големите американски пространства негуваат поинаков сензибилитет. Жан Бодријар ја опишува Америка како пејзаж покриен со хиперреални симулакруми, како депонија полна со празни означители, една немерлива онтолошка пустина.

Зборувајќи за уметникот како номад, Стефано Пасквини се прашува колку е битно местото на живеење за творење. Тој дава неколку примери на уметници кои си поигруваат со концептот на седентарноста. Шест уметници прават проект во кој живеат некој фиктивен лик во различни држави. Нивното искуство се документира на видео лента. Робин Брауер е еден вид куратор на овој проект. Тој смета дека денешниот номадизам се потпира на постмодерното наследство, со поимите како хетерогеност и мултиплицираност. Според него постмодернизмот има доза на наивизам, зашто номадизмот во денешни услови бара експериментален витализам и прагматска етика за да може човек да се движи меѓу териториите идентитетите и доминантните значења кои го зафаќаат секој простор од општеството. Номадизмот бара практичен сензибилитет кој ќе може да мутира и да ги одбегнува овие граници. Некои автори го третираат мејл-артот како највисок израз на уметнички номадизам. Според нив секој може да влезе во оваа уметност и да искористи кои било стари или нови техники за да си создаде своја уметничка мрежа во сите дисциплини. Казуиро Такабатаке, уметник што се занимава со видео и инсталации во Лондон смета дека секое општество има строго дефинирани ролји, но токму уметникот може постојано да ги преиспитува тие улоги и да се движи номадски од поле во поле од простор во простор.

***

Прашањето на куќата и прагот се поврзани за категориите на континуитетот и дисконтинуитетот. Батај на пример, овие концепти ги третира како дел од неговата метафизичка конструкција. Според него континуитетот се постигнува преку искуството на божественото. Божественото се постигнува преку бегство од светот на дисконтинуитет, на одделеност, во светот на континуитетот на истоста. Дисконтинуитетот
е она што го овозможува човековото постоење, неговата индивидуација. Континуитетот пак повторно може да се достигне само со смртта.

Во однос на светото и профаното, Мелиса Мајлс го разгледува граничниот простор. Таа се повикува повторно на Делез и Гатари кои граничниот простор го означуват како простор на маѓесниците. За разлика од номадот којшто не може да се подели, магот живее на работ од полето на граничниот премин помеѓу два света. Нил Ашерсон зборува дека многу од скитските номади живееле двоен живот: и како номади и како градски поданици, и го користеле преоблекувањето како премин од едниот во другиот идентитет. Номадските друиди, пак, го користат ритуалот да ја изгубат себноста и да одат во меѓупросторот. Лавиринтот од друга страна служи како место на прагот, каде што наместо концептот на надвор и внатре, постои патека која постојано се развива и се трансформира и нема почеток ниту крај. Патувањата се граничен простор затоа што овозможуваат средби на две култури, каде се воспоставува контакт зона и меѓуграничен простор.

***

Во македонскиот контекст, пишувањето на тема куќа/праг има негативна проекција. Македонското население во последните стотина години главно се “обескуќува”, се отселува, емигрира, мигрира, присилно се исселува, се депортира, внатрешно се расселува, се разбива за да се асимилира, и најчесто живее под кирија. Погледнато од седентарен аспект, од каков најчесто се гради вертикалата на националниот мит, со метафорите на коренот, куќата, втемеленоста, прадедовското огниште, есејот за македонската куќа добива глазура на меланхолија, ламент, но и на бес, а македонскиот праг е граница, врата, оттаде, од каде нема враќање.

***

Ако имате какви било стравови или надежи во врска со номадското доба, чии контури ги назначивме во овој мал есеј, на интернет може да пронајдете рецепт како да преживеете во него. Таму има совети како да изградите своја сопствена Јурта. Јурта е номадски шатор, подвижна кружна форма која може да се расклопува и склопува, а која ја користат некои народи од централноазиските степи. Добра јурта може да трае од педесет до шеесет години. Материјалите за јурта: платна, колци, кожи, черги, се уште можат да се најдат на некои пазари во разни земји од светот.

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2007.

Nazad