ВЛАДИМИР МАРТИНОВСКИ

Владимир Мартиновски (1974) работи како асистент по предметите компаративни поетики на катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет "Блаже Конески" - Скопје, Универзитет "Св. Кирил и Методиј". Дипломирал и магистрирал на истиот факултет а од 2001 година е докторант на Универзитетот Париз 3, Нова Сорбона. Член е на Друштвото за компаративна книжевност на Македонија. Член е на ICLA/AILC и на ISICOM. Член е на редакцијата на македонскот хаику списание "Мравка".
Објавени книги: Од слика до песна - интерференции меѓу македонската современа поезија и ликовните уметности, Скопје, Магор, 2003; Морска месечина - хаику и танка, Скопје, Магор, 2003; Скриени песни - хаику, Скопје, Магор, 2005. Објавени преводи: Анри Мишо, Во земјата на магијата, Скопје, Темплум, 2004; Максанс Фермин, Снег, Скопје, Или-или, 2005.

 


ПОЕТИКА НА ПРЕМЕСТУВАЊЕТО
(Никола Маџиров, Преместен камен, Магор, 2007)

Секој ден светот одново
го разместуваме.
Никола Маџиров, „Секој ден светот“


„Кој ги преместил камењава тука?“ – беше прашањето на едно мало девојче, адресирано до возрасните планинари на падините на Пелистер. Прашањето нè стаписа. Сите застанавме и се замисливме кој би бил точниот одговор. Не знам на што мислеа останатите, но се сеќавам дека првата асоцијации ми беше Орфеј (но одговорот тогаш го премолчив)... На Орфреј спонтано се сетив и кога поетот Никола Маџиров ми го откри насловот на неговиот најнов поетски ракопис Преместен камен, овенчан со престижната европска поетска награда „Хуберт Бурда“ уште пред да излезе од печат на македонски јазик. („Оваа награда говори и за местото на Никола Маџиров во современите поетски текови, а воедно и за вредноста на македонската поезија во европски контекст“ – ќе заклучи Гоце Смилевски во поговорот под наслов „Просторот и времето на еден поетски свет“).
Како што нè учеа уште како деца, поезијата (на митскиот Орфеј) има моќ да ги поместува и да ги преместува дури и камењата. Поезијата на Маџиров несомнено има моќ да раздвижи во нас многу нешта. Невидливите трансферзали на древниот орфејски мит се препознаваат и во демјуршката слика за поезијата како своевидна игра на секојдневно „разместување на светот“, слика од почетните стихови од песната „Секој ден светот“ од Никола Маџиров

Секој ден светот одново
го разместуваме:

планините овде ќе бидат,
градовите таму,
реките денес
во нашата соба ќе се влеат.

И утре пак сè од почеток.


Оттука, оксиморонската синтагма „преместен камен“ во контекст на поезијата на Маџиров би можела да се интерпретира на повеќе рамништа. Таа истовремено ги рефлектира двете исконски и комплементарни потреби на човекот: да се вкотви некаде, да се вгнези, да се вдоми, да „пушти корења“, но, и да се преместува, да патува, да се движи во просторот и во времето, или барем – како што сведочи една песна на Маџиров – „да оди и да се враќа“. Оттука, метафората „Преместен камен“ ефектно го одразува и разгранетиот тематски дијапазон на поетските текстови од оваа поетска книга, во кои „преместувањето“ функционира како клучна поетолошка матрица. Дијалектиката на заминувањето и доаѓањето, на отсуството и на присуството е загатната со самиот наслов на првата песна од поетскиот ракопис „Кога некој заминува сè што е создадено се враќа“, посветена на актерот Марјан К.: дури и оние кои (навидум) заминале од овој свет се сеуште тука; тие се преместуваат во внатрешниот свет на лирскиот субјект: „Моето срце собира / сè повеќе луѓе, зошто нив повеќе ги нема“.
Како и во претходните поетски книги на Никола Маџиров (Заклучени во градот, 1999; Некаде никаде, 1999, Асфалт, но небо, 2003 и Во градот, некаде, 2004) песните од Преместен камен ги проткајува поразителната чистина и бистрина на „детската“ перцепција, љубопитност и смелост во поставувањето на навидум едноставни но суштествени прашања. Воопшто не нè изненадува што детството, невиноста, кроткоста и питомоста добивааат толку голем простор и во тематскиот спектар на Преместен камен. Алудирајќи на чистината на детските искуства, која со себе, како најубав багаж ја носиме цел живот, во песната „Откривање“ лирскиот субјект поентира: „Само детството е мед / што не допушта туѓи траги во себе“. Перманентното присуство на детството е тематизирано и во песната „Нечиј глас“:

Денес е тој ден кога
детството проаѓа незнајно
како топол воздух
низ гради на сонувач.


Иако лирскиот субјект во повеќе наврати е сосема свесен дека детството му припаѓа на минатото, како во песната „Сонцето спие во твојата утроба“ („и стапките од нашето детство / се покриени со тркала / на запрежна кола“), воочувањето на трагите од детството – токму преку и во поезијата – ни овозможува „преместување“ во времето во кое сепак постојат и нешта што „остануваат трајни“, како во песната „Во земјата пред влезот“:


Некои работи остануваат трајни
како лепенка од детството
врз фрижидер.

Поезијата од Преместен камен неретко ја артикулира потребата на поетот да отиде, да се премести отаде зборовите. Имено, тишината има примордијална ролја во поезијата на Маџиров (особено во песните „Молкот во утробата се учи“ и „Стрелки од часовникот“). Преку поетските слики од поезијата на Маџиров и тишината добива визуелни корелати. Оттука, поетскиот свет на Маџиров неретко го тематизира и она што е отаде видливото. Како во култниот филм Небото над Берлин од Вендерс, во голем број песни не постои граница меѓу светот на луѓето и на ангелите. Притоа, да се говори значи да се молчи: „кажи ја молитвата / со склопени усни“. Луѓето се „жедни за тишина“. Дури и Бог во песната „Тишината секогаш од други места доаѓа“ се поима како „Оној никогаш што нема прозборено“. Метапоетската позиција на стиховите „Она што го кажавме без сведоци / уште долго ќе нè прогонува“ е евидентна: свеста за одговорноста на именувањето и на „изречувањето“ се надоврзува на една моќна оска во современата македонска поезија, започната уште со антологиските песни на Блаже Конески и Ацо Шопов. Поезијата се пишува како со зборовите така и со тишината и со премолченото: „од премолченото / нов јазик да изградиш“.
Поезијата од Преместен камен сведочи и за богатите искуства на Маџиров со хаику-поезијата. Дури и кога говорат за најкомплексните теми и феномени, поетските слики од лириката на Маџиров упатуваат на „тивките промени“ и на „обичните нешта“. Ни се чини дури дека во Преместен камен Маџиров успеал да го оствари советот што хаику-мајсторот Мацуо Башо им го давал на младите поети: „Важно е духот да ти биде високо во сферата на вистинското разбирање а притоа да не го загубиш усетот за обичните нешта“. Така, во архитектурата на највпечатливите поетски слики од Преместен камен на еден сосема природен, но и неретко изненадувачки начин, ги среќаваме предметите од секојдневието: седиштето во автобусот кое е секогаш топло, топката снег, чевлите пред прагот што се полнат со брезови лисја, знамињата на граничен премин, пукнатините на ѕидот, неонката што се колеба во празен ходник, паднатите копчиња од пижамите, сусамот од дното на амбалажата, уличното светло на кое никој не му ја менува светилката. Идентификацијата со тие осамени и заборавени предмети уште повеќе ја засилуваат стиховите „И веќе одамна ништо не постои / надвор од нас“.
И стиховите од песната „Беше пролет“ („Многу нешта оттогаш го изменија / светот, многу нешта светот измени во нас“) се особено амблематични за поетскиот свет од Преместен камен. Поезијата на Маџиров е особено сензибилна за промените и за „вечноста“ на минливоста и менливоста на сите нешта во светот, така што во една од повеќето антологиски песни, песната „Музеј“, светот е дефиниран како „музеј на исчезнувањето“ :


Ќе склучиме договор со сегашноста.
но „нашето постоење почива на сегашноста
што исчезнува“, вели Шопенхауер.
Исчезнуваат делбите на реките,
синилото на јазикот од боровинките,
и памукот во нашите папоци исчезнува.
Цивилизациите исчезнуваат
во името на застарената мистичност
(...)
Светот е музеј на исчезнувањето
сите божји повици што ги чува.

Токму затоа, во еден свет на „привремени прегратки“, во еден свет на заминување, враќање и постојано оддалечување, во еден свет што постоел и пред да се родиме (и ќе постои и кога нас ќе нè нема), во еден свет во кој „времето не им припаѓа на сите во исто време“, поезијата има моќ барем за миг да нè премести подлабоко во нас и поблиску до другите. Како камчиња кои ги пренесуваме од морскиот брег во нашите домови, како камења од кои се градат домови, песните од Преместен камен на Никола Маџиров се преселуваат во нашите интимни внатрешни простори.

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2007.

Nazad