МАРЛЕНА ПЕТРУШЕВА

Марлена Петрушева е родена во Скопје 1979 г. , каде живее и работи.
Повремено е објавувана во алманасите на литературното друштво Мугри кое функционира на Филолошкиот факултет во Скопје. Приредувач е на ,,Антологија на младата македонска поезија" на веб списанието за поезија „Метафора".
Марлена Петрушева е уредник на БКГ за Македонија.
 

 

САМО САКАМ ДА ВИ КАЖАМ II

 

Нов ден, нови мисли, зборови, случувања…
Она за кое овој пат ќе се обидам да проговорам е нималку чудно, туку вообичаен секојдневен термин кај секој од нас - барем еднаш во денот го кажуваме зборот ПРОБЛЕМ.
Проблемот е во тоа што размислувам на кој начин да ви ја презентирам суштината на овој термин, да ја заземам филозофската страна на терминот и да го продлабочувам, и копам, буричкам во скриените одаи по неговата суштина, да изложувам проблеми кои секојдневно не опкружуваат, можеби треба да ги конкретизирам од една страна, но - не.
Јас ќе ви зборувам за мојот конкретен проблем.
Тоа значи дека јас сакам да размислувам сега и веднаш, и суштината на нештата да се разгледува со делување, а не обмислување и срокување на филозофски дебати кои денес вешто ги избегнувам, туку поради оставањето простор на секому. Интересно е кога ги читаш Сократовите дијалози, интересно е кога го читаш Фуко, барем мене ми се интересни, интимни, но начинот на презентирање на нештата е поинаков.
Некој би рекол дека овој начин на кој јас ги презентирам нештата е површен, и дека не се влегува во нивната суштината преку налепување на податоци и случувања, но случувањата произведуваат сопствени согледувања, и нормално простор за сопствено обмислување на нештата.
Значи денес патот ме однесе кон „проблем за проблемот“.
Замислете јас ви ги кажувам случувањата од сопствениот живот кои не ми се доволно интимни, за разлика од погледите на светот кои вешто се обидувам да ги избегнам и ги ставам моите односно вашите три точки.
И повторно ќе започнам : „Се сеќавам“ но незнам дали да започнам со сеќавањата од своите детски години кога ги правев најголемите ручеци од земја и вода со помош на лажиците и тенџерињата на мајка ми, и за мојата прва торта од едно матено јајце кое го криев во плакарот со алишта, поради неуспешноста на мојот потфат. Тоа беа навистина тешки маки, проблеми кои не знаеш како да ги решиш. А пак да не зборувам кога ја добив првата четворка на училиште за мојот краснопис, тоа беше проблем на совеста, па потоа го имав најголемиот проблем (љубовта) и тоа во второ оделение, дури и сега си ја гледам насмевката на лицето, првото вљубување кое ми помогна во градењето на она кое сум денес, а тоа значи „што си мислиш-кажи си“ или пак „јазикот е побрз од умот“ но тоа е така кога секогаш се обидуваш да си најголемиот праведник.
Интересно е сеќавањето за чувството дека си единствен и дека само тебе ти се случуваат проблеми, а колку се поедноставни проблемите кога знаете дека секој има проблем, тоа дури многу подоцна го сфатив. Можеби не звучи многу убаво но вистината е дека секој има одреден проблем кој е единствен и во ниеден случај неможе да биде повторлив и изведен на истиот начин, секогаш мора да биде барем малку различен, или главните ликови се променети, или пак побрзо, поспоро се случува расплетот на дејствието.
Проблемот, како драмски аспект... интерересно звучи, начин на забава, начин за дидактичка иницијација на нештата.
Тоа значи дека секој проблем е драма, и драматизирање, и малку да ве насмеам, од тука и фразата „ај не глуми сега“ или „не драматизирај“.
За малку ќе успеев да одржам лекција по драматургија но тоа сега за сега ќе го оставиме.
Јас на пример моите детски проблеми ги вцврстувам во најсмешната комедија, и секогаш си велам, каде ми е скриената камера на Лидија Димковска. И еве ја, не знаев ни самата дека постојано ме следи, но овој пат е мојата камера.
Во суштина се е во сфаќањата на нештата и перцепцијата како такви, а со тоа и самиот проблем решлив - нерешлив.
Зошто јас би ви ги усложнувала нештата кога едноставно би можела да бидам вашиот циркуски водител низ келиите на терминот проблем.
Детство и желбата да се порасне во возрасен човек, летајќи низ одаите на времето не обрнувајќи внимание на Гавранот - Never more…
Им се радував на сопствените родендени, не знам зошто но едноставно знам дека бев најсреќна се додека некој не ми шепна Never more нема да имаш 12 години.
Потоа следуваат проблемите на себеистакнување и почетен стадиум во развојот на индивидуалноста, нормално сето тоа поттикнато од адолесцентните години. Во овој склоп се и проблемите на исполнувањето и извршувањето на секојдневните обврски, проблемот со комуникација, и еден куп проблеми се додека не стигнеме до проблемот на возрасниот човек, и тогаш сите проблеми стануваат сложувалка, која треба да се сложи според никогаш пишаните правила, на сопствен, уникатен начин. Секое делче има сопствено место кое треба да се сложи, но бара две категории кои се истовремено исти а различни (простор и време), а деловите од сложувалката се само уште една цигла во градбата на куќата.
Мајка ми секогаш велеше да учам од туѓите грешки, но тоа не беше толку едноставно, а дури сметам дека тоа е невозможно.
Секој ја гради сопствената куќа на сопствен начин, и колку се циглите навреме донесени за градба толку подобро, но и ако се има премногу цигли во градбата не се знае колку темелот ќе додржи.
Проблем како проблем...
Кога благословуваме некого, велиме „само здравје да имаш, другото ќе си дојде“ , но тоа повеќе звучи механички, звучи како фраза која секојдневно се користи и како нешто нормално кое секој на секому треба да му го вели без воопшто слушателот и да обрне внимание, а тоа се случува поради фактот на истрошеност на самата синтагма.
Во суштина , се може да се реши, на ваков или онаков начин, во зависност од апетитите кои ги имаме акумулирано кон животот и потребите кои ги сметаме за неопходни и ја имаме опцијата за преминување од другата страна на пешачкиот премин или пак воопшто нема да ја преминеме улицата, но здравјето или пак болеста, тоа е нешто сосема друго.
Тука не можеш да влијаеш, тука не можеш да направиш чекор, тука не можеш да размислуваш за лево и десно или пак стоење в место, тука не можеш да превземеш ништо. Да борба со болеста, лекување, но болеста на ближниот ... Проблем, голем, најголем... Тоа се случува кога не обрнуваме внимание на фразите во благословите, кои дури кога ќе ве затекнат, ќе навлезете во нивната семантика.
Јас само сакав да ви го кажам ова многу одамна, и бидете здрави и живи .

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2007.

Nazad