БОЖИДАР БАРЛАКОСКИ

Божидар Барлакоски е роден 1984 година во Прилеп. Студира руски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје. Објавува поезија и препеви од руски во периодиката. Живее и работи во Прилеп.
 

 

Вратете ги рубиковите коцки

Вратете ги
рубиковите коцки!

Доста си игравте
на сметка на ластовиците;
врбата откажува да не покрие
и требало времето за да жали;
под јазиков
повеќе од камбана не збира…

Вратете ги
рубиковите коцки!

а јас ја враќам кожава
со која ме покривте
дури спиев
дури ви ги имав дадено очиве
да ги посадите по плоштадите
за да ви никнат моите сонови….

Вратете ги
рубиковите коцки!

Ќе ви остане полето
што ви го подарив
и го наполнивте
со вашите изврзани јазици;
Дури сонувам
од очи кокичиња ми растат
во рацете
плакатот со нашето детство
го држам…
сам не сакам да играм…
сам не сакам да играм…!

Вратете ми ги
рубиковите коцки!


Да те речам

Сакав да те речам
ама снемав реки.

Ни остана само
да се подушкаме
како млада
мајкина душица,
но ти не можеш,
ти си в огледало
а јас пресно испарувам…

Сакав да те речам
ама ми снема реки.

Ги распнавме
сите полни месечини
денот се покажа
како поучен сон
за оние
што молчат среде пладне.

И баш
кога остана
само уште да те речам
снемав реки.


Исправи се Делфина…..веќе е пладне!

Црвени знамиња
го окупираат секој чекор.
Поставија мостови
спроти нашите мостови,
објавија реки
спроти нашите реки,
спомениците
мораа да мирисаат на барут
за да бидат споменици…
Пред бајонетите
се отворивме
сами си ги предадовме срцата
и таму
прогласивме
контаминирана зона.

Никогаш не заспавме насмеани!

Имињата
ги носиме
само на маскембали…

Црвени знамиња
го окупираат секој чекор,
а мртви ѕвезди
секое чело
бодејќи ги очите
што сакаа да гледаат нагоре…

Така го прогласија небото за поразено!

Црвени знамиња
го окупираат
секој чекор до нашите споменици!


Тетовирана пролет

Во оваа тетовирана пролет
градските часовници
испозаспаа
по тротоарите,
луѓето
се сопнуваат по шахтите
за подобро да се сетат
што оставиле зад нив.

Во оваа тетовирана пролет
ги изложивме дланките
се движиме со џебови
што се претураат од раце
дланките ги кренавме високо
место сончогледи
и така заспиваме;

Се пријавивме за мравјалници.

Во оваа тетовирана пролет
заспивам по тротоарите
сетувајќи се колку сум зад нив,
ги излагав сончогледите
дека сонцето им е кај мене в џеб,
некои заспаа,
некои сеуште го чекаат…
Во оваа тетовирана пролет
сеуште чекаме херој
што ќе ги разбуди часовниците.

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2007.

Nazad