КОСТА СОЛЕВ РАЦИН

Коста Солев Рацин (1908 - 1943) е една од најистакнатите интелектуалци што ги дала Македонија во периодот помеѓу двете светски војни, но и воопшто. Најпознат е по својата збирка песни „Бели мугри“, поради која се смета за основоположник на македонската литература, но Рацин беше многу повеќе од само наш најдобар поет помеѓу двете светски војни - неговата активност како истакнат работнички и комунистички деец обично се става во заднина, но сликата на Рацин без овој елемент не соодветствува на реалноста.
Имено, Рацин не беше само добар поет, туку и добар прозаист и добар теоретичар. Неговите написи за богомилите, за Хегел и за феминизмот се вистински ремек дела за тогашната македонска комунистичка и напредна сцена. Тој целосно беше над карактеристичниот „комунистички стил на теоретизирање“ препознатлив преку тирадите со безбројни етикетирања и апотеози на лидерите, нешто што во Македонија и многу подоцна беше вистинска реткост. Во иста насока е и следниов став на Блаже Конески: „Во Рацин имаме најиздигнат македонски народен интелектуалец од неговото време, најкултурен наш човек. Тоа што го рекол и како го кажал Рацин за богомилите не можеше да го постигне тогаш ниеден друг македонски интелектуалец. Чест му чини на Рацин дека тој од обичен работник - грнчар со упорно самообразование се издигна така високо.“
Рацин започнува да пишува во 1928 година. Од таа година датира неговата младешка љубов кон Рахилка Фирфова која го инспирира да ги напише своите љубовни стихови со крв и мастило на 31 дописна картичка и стихозбирката „Антологија на болката” останата во ракопис. Есента истата година ги објави и своите први, социјални, песни “Синови на градот” и “Резултат” во загрепското списание „Критика“. Следните свои песни ги објави во 1930 година во сараевското списание “Снага” каде што ги објави „Од фабриката”, „Во предвечерието”, „Да се биде човек“ и веќе спомнатата „На челичната машина“. Во периодот околу 1931 година го започнува својот роман “Афион” од кого се сочувани само фрагменти, а во 1932 година во загрепската “Литература” го објавува есејот „Хегел”. Истата година заедно со Јован Ѓорѓевиќ и Александар Аксиќ ја издаде стихозбирката „1932“, во која е објавена една од Рациновите најсилни песни “Огномет”.
Песната „До еден работник”, прва на македонски јазик, ја објави во загрепското списание “Књижевник”, по излегувањето од затвор, а во 1939 година во Самобор близу Загреб ја печати стихозбирката „Бели мугри” во 4.000 примероци и ја растура по цела тогашна Југославија и во Пиринска Македонија.

 

 

Елегии за тебе

1.
Вчера си појдов, наминав
низ таја гора зелена
под тија буки високи
по ќилим сенки широки.
Одев со глава замаен
наведната, мртов, зачмаен,
одев со грутка на срце
и каракамен на гради.
Деј гиди горо зелена!
Деј гиди водо студена!
Пилците пеат – ти плачеш,
сонцето грее – ти темнееш.
Ако ги криеш коските
на дели млади јунаци
тука што лежат по тебе
за тија темни дубрави –
зошто ги таеш песните?
Зошто по тебе дрвјата
и на дрвјата гранките
и на гранките лисјата
шумолат скришно таговно?

2.
Таму горе на небото
зора руди, земја буди,
ден морави шири крила
и алова точи свила,
таму зора црвенее –
мое срце ми црнее.
Ископајте длабок бунар
извадете ладна вода
натопете лути рани
да не горат, да не болат.
Зоро златно и румено!
Зоро слатка посестримо!
Ти изгреваш на далеку –
да ли еднаш ќе изгрееш
силно, силно, дури милно
над долови и над гори
над полиња и над реки
над мојата татковина?

3.
Два брега – двата стрмнини.
А од брег на брег танок мост.
Под мостот вода морава –
тече и мие ранава.
Тече од векот вековит
и нова и се` нова по нова,
тече, а тука маките
се` стари и се` постари.
Тече и влече со себе
сичко што стои пред неа,
а на брегови животот
чмае у троскот зараснат!
Течи си водо студена!
Течи си – рони брегови!
Течи – и нам низ срцето
нели и крвта ни тече?

4.
Скотски е, скотски животот аргатски
у темно заѕидан,
до скот сме синко попритиснати
на овој свет убав.
Кој ни ги скрши белите крилца
крилца на галаби бели?
Кој ни замати извори бистри
извори на души чисти?
И кој раздвои, и кој раздвои
човек од човек со ѕид?
И кој направи, и кој направи
човек на човека роб!
Та човек од човек
да страда
и тегне
и бега
од лулка до гроб?

5.
Ти да знаеш, паметуваш
и ем да си на ум да имаш –
работник си – и работник
ти ќе паѓаш и се дигаш.
Луњи ли ќе пусти дојдат
сонце ли ќе јасно грејне –
патиштата, патиштата
пред тебе се на борбата.
Како сртта вечна што е
така борба долго трае.
Но од смртта е по силна
по патиштата борбата!

6.
Исцедете, ограбете
пот и труд и меса голи,
уста пуста затворете
да не каже оти боли.
Очи црни ископајте
да гледајат не давајте,
раци машки прекршете
срце лудо наранете.
Угаснете и светлини!
Мрак ќе биде – каракамен.
Има, има – в темнината
нешто живо пак да свети:
има болка на душата
има души наранети.
Болка боли – болка гори
болка пече, душа мори.
А болката кога свети –
тешко, тешко, тешко клети!


Ленка

Oткако Ленка остави
кошула тенка ленена
недовезена на разбој
и на наломи отиде
тутун да реди в монопол –
лицето и` се измени
веѓите паднаја надолу
и усти свија кораво.
Не беше Ленка родена
за тија пусти тутуни!
Тутуни – жолти отрови
за гради – китки розови.
Прва година помина
грутка в срцето и` легна,
втора година намина
болест ја в гради искина.
Трета година земјата
на Ленка покри снагата.
И ноќе кога месечко
гроб и` со свила виеше,
ветерчок тихо над неа
жална и` тага рееше:
„Зошто ми, зошто остана
кошула недоткаена?
Кошула беше даровна...“

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2007.

Nazad