МАРЈАН МИНОВ

Марјан Минов е роден 26.03.1986г. во Струмица. Основно образование завршува во ОУ "Сандо Масев" во Струмица, а средно - во ДСУ "Јане Сандански" во Струмица. Има завршено основно музичко образование во МУ "Боро Џони" во Струмица, отсек - клавир. Во моментов студира историја на уметноста, при Филозофскиот факултет во Скопје и е трета година.
Неговата литературна пројава започнува некаде на преминот помеѓу основното и средното образование. Досега има објавувано во училишниот билтен во средното училиште, а исто така има учествувано на повеќе литературни конкурси, како во градот, така и надвор од него, на кои има добивано многубројни награди и признанија. Во 2003 година ( од 20 до 24 Мај ) учествува на манифестацијата "Il Vento della Pace" ("Ветрови на Мирот") во Италија, заедно со уште неколкумина уметници од земјава, и ја претставува Македонија пред италијанската јавност. Бил рецензент на дебитантската книга "Некаде во заборавот на убавината" на струмичката поетеса, Дездемона Саралиева. Исто така, со свој текст и фотографии е застапен во публикацијата за градот Струмица, преку проектот "Слевање на маргините", во издание на "Темплум", Скопје (2004г.). Во периодот 28-29 Мај 2005 година учествуваше на III Младински поетски фестивал во Прилеп. На 23 Август 2006г, во рамките на фестивалот “Битола Отворен Град”, учествуваше заедно со Митко Гогов со перформаснот “И, по тоа” - читајќи современа американска поезија од тоалетна хартија; додека на 31 Март 2007г. во МКЦ учествуваше во мултимедијалниот перформанс “Спирален автопат”, заедно со Митко Гогов и Мишко Тутковски. А исто така, редовно е застапен во алмансите “Мугри” при Филолошкиот факултет во Скопје.
Пишува претежно поезија, но исто така пишува и проза, но сака да се испроба и во другите форми на изразување. Досега нема издадено книга, бидејќи сака неговите песни да се чувствуваат низ воздухот. А во меѓувреме, се занимава и со арт-фотографија и секојдневно го дише градскиот смог во главниот град.

 
Анална фиксација


Тоа утро господинот К. повторно се наоѓаше во својата канцеларија, каде го пиеше своето утринско кафе, ги разлистуваше весниците и ги читаше писмата кои утрово беа оставени во неговот сандаче. Два рекламни листа му оставија посебен впечаток: “Запознајте се подобро самите себе си” и “Во 21 век сé повеќе луѓе умираат од рак на дебелото црево”. Неговото внимание беше насочено кон чудната комбинација од двата наслови и возбуден, отиде во тоалетот и застана пред огледалото. Ги соблече панталоните и го сврте својот задник кон огледалото. Долго обидувајќи се, конечно успеа да си го види анусот , но за кратко. Беше засрамен од глетката.
Во тој момент, во канцеларијата влезе неговата секретарка, носејќи му го распоредот на состаноци за тој ден. Со бледо лице К. излезе од тоалетот.
- Ми се слоши. Изгледа дека ќе морам да си одам дома. Ве молам, презакажете ги сите состаноци за некој од наредните денови.
- Дали можам некако да ви помогнам?
- Не, сега за сега, не! Ви благодарам!
Нервозен и со брзање, К. излезе од претпријатието во кое работи, влезе во автомобилот и си отиде дома. Во неговата глава наизменично поминуваа двата рекламни листа и глетката во тоалетот. Стигна дома. Брзаше кон тоалетот. Набрзина се соблече гол и повторно проба да ја види истата глетка од претходно. Огледалото беше поголемо од онаа во тоалетот во неговата канцеларија, па така, без поголем напор успеа во намерата. Беше воодоошевен. Се претстави:
- Здраво, јас сум К.
- Здраво, јас сум анус. Сакам да се дружиме!
Во тој момент К. дозна за присуството на нова личност во неговиот свет. Не се грижеше повеќе за ништо друго. Тој отвор скриен помеѓу неговите бутови, од кој зрачеше огромна топлина, му влеа сигурност на К. Тој посака да може да го покаже на своите колеги, пријатели, да го однесе на вечера, нап лажа, да му го покаже животот со преголема доза на светлина.
Во наредните денови К. не правеше речиси ништо, освен што го проучуваше својот пријател. Ги избричи влакната околу отворот за да може подобро да го набљудува својот пријател. Не излегуваше од дома. Во станот се шеташе гол и му раскажуваше на пријателот за своето детство, за младоста, интимните моменти. Но, сето тоа анусот многу добро го знаеше. За да ја докаже својата љубов, К. од своето јадење му даваше и на пријателот. А навечер пред спиење, се милуваа.
Единствена пречка во нивната врска е тоа што анусот мораше да ја исфрла сварената храна од телото на К. Затоа К. беше незадоволен. На секаков начин се обидуваше да го спречи во намерата. Се трудеше да јаде помалку и тоа јадење да го зачува во себе. Но, еден ден добиваше сé поголеми болки поради неговото нередовно исфрлање на храната. Анусот се противеше и сакаше истата што побрзо да ја исфрли од себе. К. беше премногу лут.
- Залудни беа моите напори од тебе да направам човек. На крај, за тебе, сé се сведува на изметот!
Налутен, К. отиде во кујната , зеде шампањско, го отвори и тапата ја стави во својот задник. Анусот се повеќе и повеќе го болеше. К. беше разочаран затоа што беше изневерен. Легна на креветот и испушташе крици цела ноќ поради преголемите болки во стомакот…
По неколку дена, господинот К. беше пронајден во својот стан мртов. Лежеше гол на својот кревет со доста смирено лице. Неговиот задник беше целиот облеан во крв, а тапата од шампањското беше надвор од него, исто така целата во крв. Аутопсијата покажа дека К. умрел од внатрешно крварење во дебелото црево.

Цимери

Еден период од мојот живот станав студент. Морав да дојдам во друг град и да студирам. Живеев во мал стан со уште еден цимер, затоа што не ни се одеше во студентски домови каде немаше можност за учење. Се одеше добро, освен парите – тие ми претставуваа извор на најголемиот дел од проблемите , коишто се трудев што поуспешно да ги одбегнам. Инаку, јадењето не беше проблем: кога ни праќаа од дома, имаше во изобилство, но тоа траеше неколку дена. Потоа следуваше период на голема апстиненција од храна. Понекогаш добивав кризи затоа што бев гладен, но се трудев безболно да ги поминам.
Сепак, најголема криза за јадење ми се појави кога моето јадење заврши, а цимерот имаше уште малку леб, кој требаше следното утро, пред да оди на факултетот, да го изеде. Таа вечер беше пеколна и секундите ми изгледаа цела вечност. Се вртев целло време во креветот, а цимерот спиеше цврсто . Имав неколку варијанти на располагање: или да не мислам на јадењето (а тоа не можев) и да се потрудам да заспијам, или да станам и да си земам малку од лебот. Знаев дека ако му побарам на цимерот малку леб, тој сигурно ќе ми дадеше, но гордоста сепак беше преголема. Затоа станав и си скршив малку од лебот. Се трудев да го јадам побавно за да можам подолго да уживам во возвишениот момент. Дури и трошките на крај ги изедов. Така јадејќи сум се заборавил и на крај видов дека сум го изел целиот леб. Сега ме гризеже совеста поради мојата постапка. Го проколнував мигот кога посегнав по тоа парче леб и се чувствував како Јуда кога на Тајната вечера посегнал по лебот на масата. Па јас го предадов мојот цимер.
Пробав да си легнам и да заспијам, мислејќи како утредента ќе се оправдам пред цимерот поради тој леб. Смислив решение: ќе кажам дека сум месечар и дека можеби во сонот сум го изел, или пак ќе одрекувам дека имало леб во кујната, или можеби ќе кажам дека тој самиот станал ноќта во сонот и го изел, па затоа не се сеќава. Но дали цимерот ќе поверува во тие приказни?
Стомакот е сега задоволен. Ми испраќаше вибрации за благодарност, што ете овој момент помислив на него и неговите потреби. Но сега тоа не ми вршеше никаква корист. Пред очи ми излегуваше сликата од наредниот ден кога цимерот ќе ме праша каде е лебот, а јас сепак ќе немам храброст да го излажам. Трудејќи се да заспијам, смислив ново решение: да го убијам цимерот и така да се спасам од она што ќе следува наредниот ден. Брзо станав и отидов во кујната, го зедов најголемиот нож и се вратив во собата. Цимерот спиеше цврсто и не насетуваше што му спремам. Го дигнав високо ножот, го насочив кона неговото срце и силно го забив. Огромен млаз од крв исшприца, но цимерот не се ни помрдна. Имаше насмевка на лицето. Изгледа сонувал нешто убаво, си реков во себе и се сепнав. Па, јас си го убив цимерот заради парче леб, и тоа во заедничкиот стан. Отпечатоци имаше насекаде во собата. Силно го стиснав сега веќе мртвото тело на цимерот, го гушкав, плачев и молев да ми прости. Тогаш станав, го зедов цимерот во раце и отидов во полиција, каде и се предадов и бев потоа осуден за убиство но со олеснителни околности: бев гладен…
Лажам!
Напуштив се: дом, факултет, семејство, роднини, пријатели, начинот на живот. Сега сум никој и ништо и секојдневно скитам и просам низ улиците за парче леб…

Наредниот ден требаше да ни пратат јадење од дома.

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2007.

Nazad