МАРЛЕНА ПЕТРУШЕВА

Родена во Скопје, 1979.
Студент е на филолошкиот факултет на групата општа и компаративна книжевност.
Се занимава со пишување на проза поезија и критика-есеистика кои повремено ги објавува.



 

 

 

 
1. М. ОДИ НА ПАТ

Една вечер М. остана будна. Не знаеше што да прави со зборот, се плашеше од него, а уште повеќе од тој што ќе го прочита.
“М. заминува” – напиша.
Го отвори чадорот и излета низ широко отворениот прозорец.


2. ВРАТИТЕ НА КОИ М. ПОДЗАСТАНА

Леташе М. најпрво во височина, и многу високо леташе. Пот ја облеа. Гледаше во светилките од некои будни куќи. Се прашуваше каде да подзастане за да се напие вода, но тоа повторно мораше да биде височина за од каде повторно би да полета. И гледаше, бараше, трагаше но не го најде тоа место.


3. СКИНАТИОТ ЧАДОР

Некоја заскитана ноќна птица се удри во чадорот на М.
М. се закачи за една ѕвезда.


4. М. ЗАКАЧЕНА НА ЕДНА ЅВЕЗДА

Закачена така М. на ѕвездата, најпрво беше разнебитена. Се прашуваше дали и е добро или пак нешто и пречи. Подоцна се сети дека и не и е толку лошо затоа што немаше многу избор.


5. ПОИСТОВЕТУВАЊЕТО НА М. СО ЅВЕЗДАТА

На М. чадорот за летање одамна И. беше скинат па немаше многу избор. Изгледа дека патувањето заврши. Се закотви М.
Цврсто за ѕвездата и не се ни обидуваше повеќе да оди на друго место.
Најпрво ја испитуваше И. кога најде малку плодност за преживување реже “останувам”. И остана, но сепак се надеваше постојано дека ќе смогне сили да го поправи чадорот.


ДЕВОЈЧЕТО И ЦВЕЌИЊАТА

Еднаш во еден град живееше едно девојче. Надја и беше името. Таа беше толку убава, но тука лежеше нејзиниот проблем. Кога и да излезеше надвор во градината, љубоморните цвеќиња беа толку засрамени од нејзината убавина и тие умираа. Кутрата Надја, толку беше тажна.
За да го измени сето тоа најпрво ја скрати косата, и отиде повторно во градината, но повторно истото. Цвеќињата засрамени ги наведнаа полека главите и умреа.
Таа не знаеше што да прави, а толку многу ги сакаше, а тие ја напуштаа. Размислуваше таа, и…
Надја ја зема бојата за кондури од нејзиниот татко и си го обои лицето. Кога излезе повторно во градината, цвеќињата беа толку исплашени и умреа. Кутрата Надја, не знаеше што да прави и почна да плаче. Таа плачеше и ден и ноќ, и наредниот ден, и ден потоа. Не остана тоа незабележано.
Плачењето остави траги на нејзиното лице, линии по кои солзите си направиле пат на движење. Таа веќе беше лута на цвеќињата. Сега реши повторно да појде во градината, но сега со нејзината болка и лутина. Цвеќињата се однесуваа денес многу чудно. Тие само стоеја исправено на своите места, подредени како војничиња и гледаа во Надја. Не го тргнаа нивниот поглед од неа. Надја беше сега изненадена и нејзината насмевка беше повторно на нејзиното лице. И чудно, цвеќињата беа сеуште живи.
Таа ја загуби насмевката во своите очи од плачењето па така и убавината отиде со солзите.


ГЛУФЧЕТО КОЕ САКАШЕ ДА ОДИ НА МЕСЕЧИНАТА

Во една од куќите од населбата, разбрав дека се доселил нов член, но да не должам, некое глуфче за кое јас ќе го користам името Марко.
Марко не е едноставен глушец туку тој е патник. Јас дури и муабет си направив со него. Комшиите си го донеле со себе од претходното живеалиште.
Одам јас на прошетка така, а се нешто ми шушка, се вртам и што да видам. Глушец се влече по мене. Застанувам…и тој стои. Правам еден чекор и тој прави чекор. Па добро ће одиме заедно на прошетка, и тргнавме. Морав да го скршам мразот па започнав муабет.
- Знаеш Марко уживам во вечерните прошетки особенокога не сум сама – велам јас.
Марко застана пред мене толку се возгордеа себе си и рече дека и него му било мило. И така си се размуабетивме.
Марко се расприкажа за неговите сопственици кои го терале да ги брка сите соседи кои ќе им дојдат, мачки, кучиња…и така ми раскажа Марко дека со мене е затоа што денес од кај нив сум побарала две лажички кафе.
Продолживме да одиме но јас веќе засрамена молчев пред Марко.
Тој ме изненади со признанието дека не ги сака своите стопани туку останува со нив затоа што сака да оди на месечината.
Нешто не ми беше јасно…
- Твоите стопани сакаат да одат на месечината? - прашав јас.
- Па, да, знаеш јас веќе незнам кој пат по ред се селам со нив и ми беше мака од тоа. Ги прашав до кога ќе се селиме на секои два месеца затоа што и јас сакам да се вдомам, семејство да створам, а тие ми рекоа дека дури и на месечината да одат, јас ќе одам со нив. Па така, јас го чекам патот до месечината.

 

Copyright © by Марлена Петрушева & Балкански книжевен гласник – БКГ-BKG, – 2006.

Nazad