Игор Крајчев

Игор Крајчев е роден на 24.09.1981во Велес, Р. Македонија и е првиот македонски писател на епска фантастика. Тој е дипл. проф. по македонска книжевност и јужнословенски книжевности.
Потпретседател е на Друштвото на писатели на Велес и добитник на „Деветоноемвриско признание“ за достигнувања на полето на литературата. 2005 - „Реалности“, збирка модернистичка поезија, 2007 - „Воини и херои“ - роман, 2009 - „Три секунди“ - роман.

Игор Крајчев

 

 

ПЕСНА
                            на Рацин

Потрес...
Празнотијата ја
Потресе...
Па тишината го уби...
Пепел го стори и
Почека,
Правта во
Пламен да се
Престори!
Пламенот гори...
Пламенот горко
Пече и од
Пеколот вжарен
Пелин
Протекува!
Пелинот
Празнотијата ја
Пополнува и
Празнотијата така
Полна,
Пелин
Провиденија раѓа!
Пак ете тишина...
Пак низ молк се броди,
Пак, гледај, од потрес незнаен,
Песна горка се роди!


МАКЕДОНИЈА

Што се црна црнееш
о земјо, о Македонијо
кога со црвено те честеа
твоите недозрени штитници
кога ти образ белеа
кога си образ белеа...
Што ти црни гаврани
тебе црно донесоа
о земјо, о Македонија
каков ти Илијски дар дарија
кога те парче по парче колваа
кога ме парче по парче колваа...
О, да им е да се малку
ко што сме малку
па да се како јунак со јунак зафатиме
па да си тешко оро завиеме
врз тебе земјо
врз тебе Македонијо
зашто не друга земја не би издржала
сал тешка земја, тешко оро трпи...
О, да ни е да сме многу
ко што се многу
па да си гласна песна огласиме
па да си грмовна тага загрмиме
за тебе земјо, за тебе Македонијо...
О, да ни е само да не има
ко што ги има...
Не би ти се без збор, зборот мајко пресушил...


СМРТТА НА ЛЕБЕДОТ

                                 Две очи црни ко ноќ во Ноември,
                                             ноќва се белеат со ѕвезден сјај.
                                                  Две крила слаби молат за допир,
                                                      се гнасат од бакнежот на студниот гроб.
                                                      Две солзи ко река од езера течат,
                                                   и се слеваат во царството на мртвите тела,
                                             два пати паднаа и два пати ги снема,
                                      потонаа во смртта, за живот да родат.
                             Два анѓела заминаа тивко,
                       оставајќи ја неа,
                      сама,
                       тажна.
                           Двата одлетаа, и по нив смрт долета,
                              а таа остана да лежи, и се уште да прилега на
                                  два пати прекршено копје.


ТИ И ЈАС

Студенилото
од твојот лик,
го убива
насмевот
и се смее
застрашувачки,
студено.
Болката
во душава болна
бара излез
од тој врел
и крикнува
застрашувачки,
болно.
Ти
со меч студен
бодеш
низ мене
и насмев ти раѓа
вербата дека
ќе издржам.
Јас
во бол
се гушам,
а сепак
се плашам
дека
ќе прастанеш.


ЗАЛЕЗ

Светлина...
Тивко изгреваш
и болно милуваш,
со поглед опиваш
и потем убиваш,
а јас,
на постела од смев
ги дочекувам
твоите молњи
кои совршена
се одмена
за твоите
усни.
Бол!
Нека боли!
Од тебе
и него
го љубам!
Оган!
Нека гори!
После тебе
и онака
не го чувствувам!
Допирот ти е
студнина,
зборот -
шепот што го
снемува,
а јас,
со него
исчезнувам,
бев искра,
сега в темнина
потонувам,
без бакнежи
од зрак...
Мрак.
 

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2010.
CIP – Katalogizacija u publikaciji, Narodna biblioteka Srbije, Beograd 82
BALKANSKI KNJIŽEVNI GLASNIK, [Elektronski izvor] / Glavni i odgovorni urednik Dušan Gojkov.
– Elektronski časopis. Način dostupa (URL) http://balkanliteraryherald.com
ISSN 1452–9254 = Balkanski književni glasnik (Online)
COBISS.SR–ID 141175564
BKG 2 / 2010. Sveska 24.

Nazad