ЃОРЃИ КРСТЕВСКИ

 

Ѓорѓи Крстевски е роден 1981 година, во Скопје. Завршил на Катедрата за руски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Активно се занимава со преведување од руски, англиски, српски и хрватски јазик. Заедно со уште двајца автори во 2005 година ја објавил книгата со кратки прози „Не сакам да ви кажам ништо“. Во 2011 година излезе неговата прва самостојна книга, збирката со 66 куси раскази „Обични и необични приказни“. Освен кратки раскази, се испробува и како автор на хумористични афоризми.

 

Неверојатна приказна

Да, просто да не ви се верува. Замислете, некој човек некоја вечер порано се враќа од работа и ја затекнува сопругата како го изневерува со неговата сенка. Човекот збеснува, почнува да вика и да се заканува, вади пиштол од некоја фиока, истрелува кон жена си, ја погодува, истрелува кон сенката, но оваа е итра и му бега наоколу. Човекот пука низ станот, но сенката му се сокрива во некој темен агол. Човекот пали светло, а сенката никаде ја нема. Ја бара насекаде, ама не ја наоѓа. Потоа го апсат, го осудуваат, никој не му верува во приказната.

Вести од оној свет

Една постара жена реши дека сака да умре. Легна на брачниот кревет во спалната соба и ги затвори очите. И умре. Арно ама, бидејќи сè уште не беше дојдено нејзиното време, оној свет не ја прифаќаше и ја врати назад. Нејзиниот сопруг, исто така постар човек, се исплаши дека ќе нема кој да му готви и да му чисти по дома, па ги повика нејзините живи роднини напомош. Заедно ја убедуваа дека е рано за умирање, дека има уште многу да се живее, но жената упорно одбиваше да стане од креветот и тврдоглаво ги затвораше очите со желба повторно да умре. И умираше. Но по некое време оној свет повторно ја враќаше меѓу живите. Тоа се повтори едно десетина-петнаесет пати, и тогаш една нејзина итра братучетка се досети да ја искористи таквата ситуација во своја полза: првин се премажи за сопругот на жената која буквално се наоѓаше меѓу два света, а потоа почнаа да ја користат за пренесување пораки и вести од и до другата страна. Многу луѓе беа желни да дознаат како се нивните одамна починати блиски, и не жалеа да платат за тоа. Брзо се збогатија. Изградија нова куќа, купија нова кола, се слуша дека годинава ќе патуваат низ Европа.

Село со многу гробови

Ќе бидам искрен – го посетивме тоа село само затоа што на телевизиската реклама изгледаше како да е замрзнато во времето. Но не беше така. Улиците беа полни со лепешки, куќите беа пред распаѓање, а единствената гостилница – во која се пиеше и гласно се разговараше – беше многу евтина. Немаше што да се види во селото. Рекламата ветуваше автентична архитектура и недопрена природа, ама ние никако не можевме да стигнеме до шумата што го опкружуваше селото. Од сретсело – каде што се наоѓаше еден пресушен бунар – патот се разгрануваше во четири правци: на север, на запад, на исток и на југ; но откако ќе поодевме и ќе ги изминевме последните куќи наидувавме на црква со гробишта, додека патот ни го попречуваше истиот стар и збрчкан овчар со стадо овци и бесни шарпланинци што лаеја на нас. Секојпат стариот овчар нè прекоруваше дека не смееме понатаму – било опасно. Но зошто? Не добивавме одговор на нашите прашања. Четири пати се обидовме и четири пати не успеавме да излеземе од селото. По последниот обид се откажавме од намерата и се вративме на железничката станица. Од некаде се појави пијаниот железничар и кој ни кажа дека добил известување оти се укинува возот за назад. Некако сите во истиот миг почувствувавме дека ќе останеме заробени во селото. Околу нас се извишуваа високи планини со густа, столетна шума. Тргнавме преку полињата, но повторно пред нас се испречи стариот овчар со нејасното предупредување и кучињата што бесно лаеја на нас. Беше многу топло. Се вративме назад, и влеговме во еден црковен двор. Некои пиеја вода од чешмата, други легнаа под дебелата сенка на вековниот орев, трети ги разгледуваа гробиштата. Колку само се изненадија кога ги прочитаа сопствените имиња на гробовите.

Никој

Еден човек возеше велосипед и исплашено се вртеше зад себе. Зад него немаше никој.
Човекот вртеше сè побрзо со педалите. Лицето му беше искривено од страв. Постојано се вртеше зад себе. А зад него немаше никој.
Беше ноќ. Улиците на градот беа празни. Имаше слаба магла. Човекот на велосипед јуреше напред, исплашено вртејќи се зад себе. Но зад него немаше никој.
Стравот се зголемуваше со секој изминат миг. Лицето на човекот изразуваше огромна несреќа. Целата негова појава одразуваше избезуменост. Вртеше силно со педалите и исплашено се вртеше зад себе. Иако зад него немаше никој.
Маглата се згуснуваше. Човекот на велосипед силно се заби во белиот облак што наеднаш се создаде пред него. Се слушаше чкрипењето на неговите педали. Јуреше напред, на слепо.
А потоа во ноќта се разнесе неговиот силен вресок.

 


 

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2014.
CIP – Katalogizacija u publikaciji, Narodna biblioteka Srbije, Beograd 82 
BALKANSKI KNJIŽEVNI GLASNIK, [Elektronski izvor] / Glavni i odgovorni urednik Dušan Gojkov. 
– Elektronski časopis.
Način dostupa (URL)  http://www.balkanskiknjizevniglasnik.com/  http://www.balkanliteraryherald.com/
ISSN 1452–9254 = Balkanski književni glasnik (Online) 
COBISS.SR–ID 141175564 
BKG Sveska 25


Nazad