ТРАЈЧЕ КАЦАРОВ

Трајче КАЦАРОВ - поет, раскажувач, есеист, драмски автор. Роден е во Штип. По професија е правник, актер и театролог. Магистрирал на Културолошките студии на Институтот за македонска литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Работи како драматург и раководител на драмскиот сектор во НУЦК „Ацо Шопов“ - Народниот театар во Штип. Во 1993 година го основа Списанието за уметност "СУМ" и до ден денешен е негов главен и одговорен уредник. Напишал триесетина книги поезија, проза, есеи, пиеси за деца и возрасни Скоро сите пиеси му се инсценирани на театарските сцени во Македонија и надвор од неа-Украина, Бугарија, Хрватска.

Трајче Кацаров е колумнист од 2000 год. во повеќе дневни весници: ,,Демократски форум,, подлисток во ,,Утрински Весник,, во културната рубрика, ЛИК, на ,,Нова Македонија,, и во ,,Време,, се до неговото укинување. Во „Утрински весник“ е колумнист од 2010 година.

 

ЌЕ, ЗА ДА БИДЕ, ИЛИ БИДЕ БЕЗ ЌЕ

1.
Кога се запознавме
Рече дека се вика Ќе
Ќе, го викавме
Беше одличен другар
Всушност одеше секогаш
Чекор-два пред нас
Но, ние бевме среќни
Оти тој беше пред нас
Со години се дружевме
Но, еден ден го снема
Долго го немаше
Кога повторно се сретнавме
-Каде си бе Ќе! Радосно извикавме
-Повеќе не сум Ќе, ни рече
Ќе е само во вашето сеќавање
Сега сум Биде
Биде, рече и си замина
Останавме долго да гледаме
По нашиот Ќе
За кого воопшто не верувавме дека
Некогаш Ќе Биде.

- Ќе биде кога ќе си го видам тилот. Со изреката се користеше татко кој најмногу од сите нас во фамилијата стоеше пред огледалото во тремот и си го гледаше носот, т.е. лицето. Секогаш кога ќе почувствуваше потреба да каже дека чудата тешко се случуваат и ако се случат тоа ќе биде надвор од нашите желби и можности да делуваме на нив, му паѓаше на ум тилот и тоа дека не може да си го види.
-Ниту е било, нуту пак ќе биде. Изреката ја користеше  мама  кога ќе посакаше да каже дека она што нема корен во земјата ќе нема стебло над неа, или она што не било вчера не ќе може да е утре.
-Ќе биде кога на врбата ќе се роди грозје. Изреката ја употребуваше дедо кој иако живееше во градот имаше магаре и се занимаваше со одгледување лубеници и дињи, но и со изработка на метли. На неговите метли летаа скоро сите жени од градот, се разбира само по своите домови и дворишта посеани со калдрма. Со изреката се служеше секогаш кога ќе сакаше да каже дека за секое ѓубре има метла.
-Ќе биде на куково лето. Изреката ја употребуваше дедо, таткото на мојата мајка кога сакаше да каже дека од некои планови и желби треба да се откажеме уште на самиот почеток зашто глупаво би било да се троши време и да се вложува напор во јалова работа. Инаку куковото лето е лето кое никогаш нити било нити пак ќе биде.
-Како Господ ќе каже така ќе биде. Со изреката се користеше нана кога ќе сакаше да ги смири страстите кои често ги напааѓаа жените и се жалеа на лошиот живот со мажите. Нана се обидуваше да ја релативизира атмосферата со тоа што ќе ги уверуваше жените од нејзината маала дека се’ е во рацете на Господ и дека она што треба да им се случи во животот е она на што Господ ќе го фрли пикот.
Аха, се’ ќе биде - ќе биде. За да го сафатиме изразот во потполност на помош мора да се повика дијалектот на кој се говори во мојот град Штип. Значи изразот се употребува само тогаш кога некој ќе сака да каже дека од работата за која се зборува нема да биде ништо, или дека е залудно да се мисли на неа. Еве еден пример: Се среќаваат двајца на кејот од пресушената река што го дели градот на два дела и едниот му вели на другиот:
-Велат дека по Отиња во најскоро време ќе направат да протече вода.
-Се ќе биде, ќе протече. Му вели другиот, сакајќи да каже дека не верува во кажаното или  за да поверува потребни ни се и додатни елементи кои не се плод на сонот на гладната кокошка, или на предизборен партиски маркетинг.

2.

Во нашево партиско политичко живеење партикулата ЌЕ се употребува најчесто во говорите на политичарите, или кај оние кои сакаат да кажат: Ако во Русија, според Ерофеев, надежта прва умира кај нас не умира ниту последна зашто ЌЕ-то ја прави вечно жива. Кај нас ЌЕ се претвора во единствен дискурс во победничката песна на сите „борци“ за подобри и посветли утра. Ништо не може да го истисне ЌЕ од нашиот слух, од нашата меморија. Гордото, непобедливото, вечното ЌЕ станува неодвоив дел од нашето битисување и со право можеме, без многу размислување да кажеме дека живееме во ЌЕ времето, со ЌЕ народот во кој битисуваат булук ЌЕ-овци: лекари, пекари, аптекари, политичари, интелектуалци, писатели, поети , сликари, млекари итн.
На крајот од оваа моја апотеоза на ЌЕ-то сакам да им кажам на младите писатели кои во последно време преку некои текстоиви се нафрлаат на одредени структури во македонскиот книжевен простор дека треба сериозно да сфатат, да разберат оти  живеат во ЌЕ времето и дека треба што побргу да им се приклучат на ЌЕ-овците за да не им биде жал кога, еден ден ќе забележат  како полека, полека од видот им се губи  ЌЕ БИДЕ.

ФУШЕРАЈ
ДА СЕ РОДЕВ ЗА ПОЕТ

 

Да се родев за поет
Никогаш не ќе напишев стих
Ниту строфа, ниту песна
Не ќе се потпишев лесно
на книгиод желби и страсти
Да се родев за поет
Никогаш не ќе се изразував
Со алитерации, со рими
Со метафори и метоними
Да се родев за поет
Никогаш не ќе знаев
Како се пишува сонет
Ниту каков е тој од сонети венец
Да се родев за поет
Не ќе го читав Његош
А за Сердарот...
Ќе мислев дека е поштар
Да се родев за поет
Не ќе знаев ниту една напамет
Од  Конески и од Рацин
Од Ацо Шопов  и од Гане
Да се родев за поет
Не ќе знаев која е добра, а која е  лоша
Немаше да жалам за Попа
А Борхес не ќе го разликував од Љоса
Да се родев за поет
Морето ќе си беше море
Планините планини
Делниците делници
Празниците празници
Да се родев за поет
Ќе си гласав со почит
За секој народен пратеник
Секогаш ќе ручав на
Сопствената софра
И ќе бев кредитноспособен
А грешките? Е-е-е, грешките
Ќе ми беа основната потпора
Да се родев за поет
Ќе живеев во куќата
Наместо во главата
И ќе се возев со автомобилот
Наместо со славата
Ама ете се родив
И сега читам

2.

 И нема , нема ќе се запрам покрај некој. Некој во кој се препознавам. Некој во кој се огледувам. Или само пред кого се срамувам. Така се запрев покрај Бела Хамваш. Поточно се запрев покрај неговиот оглед „Сомфонијата и метафизиката на музиката“. Почнува со речениците: „Општо познато е дека Бетовеновата музика е титанска. И тоа е точно. Но, не е титанска затоа што  го надраснува човекот, туку зато што  ја ограбил вселената. Ги намамил тоновите од нивните скривалишта...насилно ги истргал оттаму од каде што сраснале...така го побунил против него целокупниот свет на тоновите и ја истурил врз нив целата елементарна демонија на тоновите. Навистина и Боговите биле принудени да му се поклнуваат: ако сакаат да слушаат музика достојна на себе си, прикладна, морале да го слушаат Бетовен.“
Ете ова го цитирав за да поентирам со заклучокот на Бела Хамваш кој се однесува на незадоволството на Бетовен од својата работа, поточно  на очајот  предизвикан од неговата творечка пројава.
Бела Хамваш ќе рече дека ниту еден вистински творец не може да изрази задоволство од своето творештво, од постигнатите резултати на полето на уметноста.Го гледаш вистинскиот творец и читаш од неговиот израз на лицето дека не е среќен од направеното. Го мачи не она што го направиул туку она што сака да го направи. Вистинскиот творец никогаш нема да се удира во градите во стилот на мајмун орангутан среде џунглата за да каже дека тој е најсилен и дека само по пат на сила можат да се освои светот. За Бела Хамваш  вистинските творци се титани, но не во најавата на нивната сила, моќ, туку во можноста да го издржат предизвикот, очајот, од сопственото, од ненаправеното. Во појаснувањето на својот став се користи со примерот на Одисеј. Па ќе каже дека Одисеј е титанот кој се одважил до толку што не ги наполнил ушите со восок, ниту се сокрил, туку останал врзан за столбот да го доживее певот на сирените. Силата кај него се огледала во подготвеноста да се соочи со она што е појако од него, што е несовладливо. Вистинските творци никогаш не ќе можеш да ги видиш како зборуваат за своето дело со пофални зборови. Тие просто се кријат и во никој случај не сакаат да го признаат својот упад во уметноста. Во некои мои текстови на неколкупати сум напоменувалдека на Микеланџело најсакана фигура му била онаа што ја направил во снегот зашто пролетта можела да ги уништи сите траги кои би зборувале за неговата несовршеност, сега можеме да кажеме, за неговото разочарување од своето дело. Истото е и со Дега кога одбил, т.е. кога се спротивставил на предлогот на оние кои сакале неговата балерина да ја излијат во бронза.
Е за сметка пак на вистинските творци, односно на мајсторите на уметноста има такви кои освен своите дела не гледаат ништо друго. Полни им се устите со пофалби за себе и за нивното дело. Тие се далеку од вистинските творци и мајсторите и нив ги нарекуваме фушери.  За Фушерите Бела Хамваш ќе напише: „Фушерот слика, или пее, или пишува за самиот да ужива во тоа. Тоа му е најважно во сликањето, пеењето и пишувањето. Тој самиот себе се претвора во публика и во истото лице е и писател и читател, истовремено е и внатре и набљудувач однадвор. Затоа фушерајската работа е безобразна, тоа е дилетанска уметност како автоеротиката и не е радост никому освен  на оној што го создал.“

 

3.

Едно утро се разбудив со насловот на песната што во првиот дел од текстот ја приопштив. Не ми требаше многу време да ја напишам. Не помина долго време наидов на огледот на Хамваш.
-Ете, си реков, некои нешта си доаѓаат сами по себе. Така  е и со фушерајот во нашата книжевност. Од негоникогаш нема да се ослободиме ако се правиме дека не го препознаваме, или ако му даваме право на граѓанство.

 

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2014.
CIP – Katalogizacija u publikaciji, Narodna biblioteka Srbije, Beograd 82 
BALKANSKI KNJIŽEVNI GLASNIK, [Elektronski izvor] / Glavni i odgovorni urednik Dušan Gojkov. 
– Elektronski časopis.
Način dostupa (URL)  http://www.balkanskiknjizevniglasnik.com/  http://www.balkanliteraryherald.com/
ISSN 1452–9254 = Balkanski književni glasnik (Online) 
COBISS.SR–ID 141175564 
BKG Sveska 25


Nazad