МАРЛЕНА ПЕТРУШЕВА

Родена во Скопје, 1979.
Студент е на филолошкиот факултет на групата општа и компаративна книжевност.
Се занимава со пишување на проза поезија и критика-есеистика кои повремено ги објавува.



 

  Незгода

1. Стоење

Што правите господине?
Одам.
А, зошто одите?
За да не стојам.
А зошто не подзастанете?
Се плашам.
Од што стравувате?
Од тоа што беше
Од тоа што е
Од тоа што ќе биде.

2. Движење

Што правиш малечко во песокот?
Градам куќа.
А зошто?
Затоа што сакам куќа.
Каква?
Сакам било каква куќа.

3. Смрт

Што правите госпоѓо?
Не гледаш, ги корнам косите.
Но зошто?
Заради тоа што беше,
Заради тоа што е,
Заради тоа што ќе биде

4. Некролог

Во весник прочитав
- Огромен пожар го уништи
домот на тричлено семејство



Верига


Некому камен праќаш
друг пак
редот на камењата го запазува
и би така редум
удри, растури, расцепи
крши, пресипи, исцеди
за од филџанот скршен
да ти се растури, пресипе
за од расцепот
течноста да се исцеди
и потоа удирај повторно



По патот

Рече дојди...
А јас појдов
Па подзастанав,
И тогаш
Чашата се скрши...
Мувата влезе в шише...
А јас размислував
Како ја врзувам
Мојата лева патика,
За на крајот да сфатам
Дека и немам патики,
Па така
Јас ја сменив насоката

 



Copyright © by Марлена Петрушева & Балкански книжевен гласник – БКГ-BKG, – 2006.

Nazad