НИКОЛА МАЏИРОВ

НИКОЛА МАЏИРОВ е роден 27.05.1973 година во Струмица, Македонија. Објавувал поезија, есеи, преводи. Автор е на следните збирки: Заклучени во градот (1999 – награда за дебитантска книга “Студентски збор”), Некаде никаде (1999 – награда “Ацо Караманов”), Асфалт, но небо (2003). Изборот од неговите песни Во градот, некаде објавен е 2004 година. Уредник е за поезија во електронското списание Блесок и координатор на Литкон за Македонија. Учествувал на повеќе меѓународни поетски фестивали. Преведувaн е на дванаесет јазици. Неговата поезија е застапена во неколку домашни и странски антологии.


 

 

  СТРЕЛКИ ОД ЧАСОВНИКОТ

Наследи го детството од албумот.
Пренеси ја тишината
што се шири и стеснува како
јато птици во лет.
В дланки зачувај ја
неправилната топка снег
и капките што се спуштаат
по линијата на животот.
Кажи ја молитвата
со склопени усни:
зборовите се семе што паѓа в саксија.

Молкот во утробата се учи.

Обиди се да се родиш
како голема стрелка по полноќ
и секундите веднаш ќе те престигнат.


КОГА НЕКОЈ ЗАМИНУВА
СE ШТО Е СОЗДАДЕНО СЕ ВРАЌА

На Марјан К.

Во прегратката зад аголот ќе препознаеш
дека некој некаде оди. Секогаш е така.
Живеам меѓу две вистини
како неонка што се колеба во
празен ходник. Моето срце собира
сe повеќе луѓе, зашто нив веќе ги нема.
Така е секогаш. Четвртина од будноста
ја трошиме во трепкање. Нештата
ги забораваме уште пред да ги изгубиме –
тетратката по краснопис, на пример.
Ништо не е ново. Седиштето во
автобусот е секогаш топло.
Последните зборови се пренесуваат
како накосени кофи во вообичаен летен пожар.
Утре пак ќе се повтори истото –
лицето пред да исчезне од фотографијата
првин ќе ги изгуби брчките. Кога некој заминува
сe што е создадено се враќа.


ПРЕД ДА СЕ РОДИМЕ

Улиците беа асфалтирани
пред да се родиме и сите
соѕвездија веќе беа формирани.
Лисјата гниеја
згужвани до работ на тротоарот.
Среброто црнееше врз
вратот на работниците.
Нечии коски растеа низ
должината на сонот.

Европа се обединуваше
пред да се родиме и косата
на една девојка спокојно
се ширеше врз површината
на морето.

 



Copyright © by Никола Маџиров & Балкански книжевен гласник – БКГ-BKG, – 2006.

Nazad