Елизабета Шелева

Литературен критичар и теоретичар. Родена во Охрид, 1961. Вонреден професор по Теорија на книжевноста и Методологија на литературните студии на Катедрата за Општа и компаративна книжевност, на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Дипломирала на Катедрата за компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Магистрирала на Филолошкиот факултет во Белград, 1989, теза: Типолошки модели на македонската книжевна критика. Докторирала на Филолошкиот факултет во Скопје, 1998 на тема Од дијалогизмот до интертекстуалноста (од Михаил Бактин до пост-структуралната критика). Издала преку 100 написи, вклучувајќи и книги: Компаративна поетика (постмодернизмот во македонската фикција/новела, 1996), Книжевно-теориски студии (1997), Културолошки есеи (2000), Од дијалогизмот до интертекстуалноста (2000), Заробеници на денот (избрани колумни),( 2001), Дом/Идентитет (2006).


БОРН ТО БЕ БАЛКАН


 

Додека, деновиве, Балканот станува привилегиран ,,изложбен простор’’ (спектакл) на најновите, досега невидени и неиспробани воено-технолошки дострели, кои, според морфолошките и, речиси, совршено телематизираните (читај - ,,беспилотни’’) перформанси, граничат со иконографијата на СФ филмовите – дали е премногу еротично и несериозно – да се прашаме: како се чувствува и дали воопшто опстојува креативниот непокор, потентноста и револтот наДухот, не толку оној безимен и универзален, туку попрво оној Друг ,,дух’’, заробен во и осуден на неласкавата категоријална определба ,,мал народ’’...
Kако ретко до сега, до екстрем се зајакнати токму немилосрдните разлаки на идентитетот – речиси, без остаток, преку ноќ, сите ние, кои ги населуваме балканските простори, сме осудени да го ревидираме своето потенцијално ,,универзалистичко’’, космополитско поаѓалиште, барајќи аргументи во дискурсот на автохтоноста, почвеноста, дури и ,,избраноста’’.
Наеднаш, воскреснуваат заканите и предупредувањата, дека за нашиот третман во светот, примарна станува токму болната, фрустрирачка детерминанта ,,мали народи’’ (читај: марионетски структури и, особено, режими, или, пак, режими – дежурни ,,спонзоруши’’).
Пред мојата генерација, искрснуваат две, подеднакво неприфатливи и непримерни алтернативи:
а) апокалиптичната обземеност со историјата и митот (апсолутизирањето на минатото и абдицирањето на иднината), хипертрофија на етничкото самодефинирање и самодоволноста;
б) исто толку ксенофобичниот, пост-индустриски (глобален) капитализам, неговиот лаком (Делез би рекол – детериторијализирачки) поход, деструктивната употреба на високата технологија, афирмирањето на Силата како право.
Каде сме тука самите ние, субјектите и експонентите на една култура и духовност, со битно пошироки аспирации, хоризонти и определби? Зошто и како, дојде до таа неверојатна, вџашувачка редукција на нашиот раскошен полицентричен, ,,светски’’ дух? Каде исчезна стилот од нашата перцепција? Дали воопшто некој годинава овде ја забележа и и се насладуваше, на пример, на пролетта?
Зошто, одеднаш, суштинските вредности на Еросот, станаа периферни во споредба со Танатосот?
Или, уште подобро, дали освен етничките, ги укинуваме сите други преостанати модалитети на идентификација? Што се случува со, на пример, далеку поблискиот начин и облик на генерациска идентификација?
Јас, на пример, и припаѓам на ткн. Генерација Х (наречена така, според истоимениот култен роман, објавен во 1995, од мој врсник, канадскиот писател Даглас Копланд).
Тоа значи, генерација, систематски насочувана кон тоа да го негува конформистичкиот и истовремено консументскиот менталитет, односно стил на живот, како своја единствена социо-културна варијанта. Во имплицитна смисла пак, тоа предвидува(ше) неограничена и неприкосновена поводливост и прилагодливост (покорност), првенствено, кон евро-атлантската јапи бирократија.
Сервилноста, од своја страна, беше осигурана со многу вешти и суптилни механизми: пред се, со постулирањето на потрошувачките императиви како врвни критериуми за нечија просудба (како човек си значаен и вредиш, во зависност од тоа – колку и што имаш). Тоа фетишистичко ,,вреднување ‘’, уште во времето на социјализмот, најде свои пандани и кај нас: комично-арогантната социјална категорија на ткн. шминкери (веројатно, без да се свесни за тоа, прекарот фактички ја демаскира нивната измислена, искомплексирана, фасадерска природа – тие повеќе шминкаат, одошто, всушност-имаат).
Немајќи поинаква цел од тривијално – потрошувачката – зависно од своите капацитети, дел од генерацијата Х безрезервно им се предаде и на духовните консументства, натрупувањето на знаењата, акумулирањето на ерудицијата како духовен капитал (за што е, нели, неопходно инвестирање на прилично голем напор и време), убедена во тоа, дека се сообразува со проекцијата на еден прогресивен, хуман, нов светски поредок.
Но, што се случува, сега и овде, со таа генерација позитивно а-дресирани Умови?
Едно десетина години наназад, примаме комплицирани и претрупани нарачки за ,,апсорпција’’, пред се, на транзициската траума на пост-комунизмот (промената на социо-економскиот поредок, распаѓањето на централно- и источно-европските држави, повампирувањето на племенските анимозитети, подемот на пилјарско-шлеперската каста, турбо-провинцијализмот)...
Сепак, како по обичај, шлагот доаѓа последен – а тој шлаг се вика НАТО-алхемија.
Казнети сме да веруваме во тоа, дека парадоксалната реторика на НАТО (урнисај, па гради!) е единствената балканска алтернатива и проекција.
Небаре се работи за врвна еротска техника на одложена кулминација (оргазам), тие војната ја разбираат и толкуваат како алхемија: првин, долга предигра, целосно спалување-поцрнување (т.е. нигредо), а потоа, ,,Маршалов’’ план, или, обнова, како ,,одложено добродетелство’’, ритуален откуп, идеолошко самооправдување и конструктивна завршница на насилството.
Мојата, бескурпулозно и од обете страни, идеолошки злоупотребена и изманипулирана генерација Х, сега се претплати и стана жртва на поинаков тип консументство; како хипер потрошувач на ТВ вести. За неа (и не само за неа), вестите станаа првостепен ,,спектакл, претстава, но, исто така, и пресуда...Жанрот на вестите се претвори во егзистенцијален реквизит, без когошто повеќе не излегуваме од дома, ниту пак легнуваме на спиење. Тие, вестите, не осудија на живот без остаток, без симболичен или алегориски, имагинативен вишок. Сиот живот, тие го сведоа и го изедначија со сегашноста, со убиственото ,,овде и сега’’, што го поткрепува дефетистичкиот хијазам ,,избор имате, само доколку немате избор’’ (Р. Мочник). Одеднаш, историјата ја согледуваме како есхатологија, а сегашнината како веќе-историја. Она што можеме е само воајерски да учествуваме во светот, и споделувајќи ја трауматологијата на ,,избраните’’народи или простори, да ја поднесуваме растечката беспомошност.
Можеби, токму таквите балкански сеништа и фантазми за Големите (но, од страна на меѓународната заедница, прохибирани) држави (како што се: Голема албанија, бугарија, грција, македонија, србија), ја играат улогата на компензаторен мит, што безуспешно му парира на империјалното историско искуство на големите европски и светски сили...
Подлегнуваме на колективното параноидно толкување – дека историјата ја крои некаков монструозен, масонски заговор, дека се е веќе однапред проиграно и предодредено, дека сите ние сме само пасивни објекти на светскиот поредок (без разлика на позитивно прокламираните заложби), дека историјата е фатален, анонимен, секогаш – веќе предодреден механизам... независен од личните и индивидуалните убедувања, заложби и дејствување...
Токму затоа, речиси фатално делува експлицитно сеуште неизречениот императив ,,Балканци од сите земји, обновете се!’’ (но, превентивно, првин погребете се! – додуша, секој, на себе својствен начин: Србите – во разрушената земја, Албанците – во егзодусот и раселувањето, Македонците – во етничкото, сендвич-компримирање, итн).
Капиталот немилосрдно ја казнува несинхронизираноста, како фундаментален ,,грев’’ на Балканците.
Капиталот ја познава само бинарната ,,или... или’’ логика на исклучувањето, иманентно застапена и во Хамлетовското ,,да се биде или-не’’,без разлика на тоа, што западната пост-теорија широко ја афирмираше поливалентната, ,,и... и’’ логика, апологијата на Разликата, рехабилитацијата на маргината...
Осудена да бидам (и да останам на) Балканот – со сиот свој багаж на сега веќе искомпромитирани, осуетени епистемолошки проекции – смеам да тврдам, дека секоја војна претставува триумфален поход и компензација за креативно импотентните толпи, за сметка на креативно мобилните и потентни поединци.
Токму онака, како што, на истиов простор, долго години, ,,владеачката геронтократија’’ (П.Крстев), безобзирно го обесхрабрува, потценува и блокира, либидиналниот потенцијал на генерацијата Х, претворајќи ја во безопасна, безначајна, безработна марионета, ,,навлечена’’ на ,,кафиќи’’, ,,Тнекси’’, ,,Веровци’’… и останати (дигитални) протези.
Генерација, чијшто пркосен копнеж, безутешно останува во стадиумот на обидот, во неправедно скаменетиот танц на сенките без иднина.

 

Copyright © by Elizabeta Šeleva & Balkanski književni glasnik – BKG, 2006.

Nazad