Јордан Даниловски

Поет, критичар, есеист, романсиер. Роден е во Дебар на 15 јануари 1957 година. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Автор е на книгите: Голтач на пламен (1982), Движење, простор и време (1984), Внатрешен говор (1986), Множење на тишината (1989), Симона и приказните (поезија за деца, 1991), Коба (1992), Симона е златниче (поезија за деца, 1992), Гачки закачки (брзозборки, 1994), Здрач (1994), Она Мона до Симона (поезија за деца, 1994), Книга тма (1996), Лудото легло (поема, 1998), Мистик (1999), Книга Нави (2002), Книга ом (2004) и Пошепотена (2006). Автор е на романот Вдув (2001). Тој е еден од покренувачите на Стожер и на книжевната манифестација Празник на липите.
Добитник на наградите: „Браќа Миладиновци“, „Ацо Шопов“.
Јордан Даниловски работи во Македонската телевизија и повеќе години ја уредува емисијата Книжевни посланија.

 

 

 

  Безверно сам

Тие темни шумови
Мрак
По каменот послан
Секогаш различните
Безмерните ходници...
Како да спие
Некое темно дете
И
Го сонува светот
Безверните
Тие
Што се најмногу во него
Го незнаат сплетот зборови
Не ќе го препознаат
Оној
Во ними ветен
Што вдахнува за сите
Баат баачките
Сè се плете
Рови
И моја ли е
Собата што плови
По големата вода
И кому припаѓам
Оному што следам
Ил оному
Што завев по мене е
И кое е тоа можно дете
Што сликите ги реди во сонот
Откаде црна се претура вода
Ме кутина нешто
И згонот мории се вдава
И како да седи дише
Нура некој во мојава глава
И другему шепти
„множете се
все сложете
дрчни да сте
од срцата
темни ваши
ноќ да расте
од опаку сè
да мине“
И што е тоа
Што во мене се напина
И од страсти сето трепти
Се капина по ова трње
Да се крене
Бездна рие
Да ја скрие тегобата
Што е тоа
Што со мене во собата влега
Вчас е шумор темен
Од водата што бега
А вчас екот по ходниците
Знам
Бев јас многу други
И еднакво смртта сум ја примал
Ко што сега
Втурнат од повиците
И безверно сам
Во сплетот зборови
Урнат
Се колебам
Св. Јован Бигорски - 31.07.95. г., 4.00

Мртвиот поет и младата дама

Само стихови
Од мене виреат
Вчас цвет се
Вчас трева
Занишана од ветрот
И ветер
Што ги ниша тревите
И низ нив носи
Сеќавања ликови
Затворени
Во некое трето време
Каде зреат чекорите
Стапалото се крева
Лишено од потребата
За промена
А промената
Веќе настапила
Читаш
Од овие стихови
И не знаеш
си се напила
Во некој зафрлен
Агол на свеста
Вчас цвет си
Вчас трева
Занишана од ветрот
И ветер
Што ги ниша тревите
Завеана
Влегуваш во смеа
Тоа Јас во тебе
виреам и зреам


Тоа `рморење
Роморење


Тоа навирање
Неуморно
`Рморење
Роморење
Во кое се
На гласови личи
И воедно
Вон гласовите
Се фрла
Па Небесата
Испразнета
Од слушања
Со празната
Земја
Се вдишува
Во ближниот
Наш
Неодгатлив сон
Кога
На масата семејна
Наутро
Прифаќавме леб
Несвесни
За гестот
На прифаќањето
Во матното брзање
Да се храни
Во самото дно
Тоа
`Рморење
Роморење
Во сонот

Охридско езеро-брег

(Пејзаж чат-пат)


З`ш? – З`т!
З```ш? – З`т!
З`шшшшшшшшш
Реееееееее
Ко замирање крила
Ко спуштање на гласовите
Одложување ли повторно
Ли во ненадејната штама
Се одбива лебед
Од својата песна
Се ранува ли стрмно
Под ѕидините
Во однотеното
Во зими
Во гета од скриени погледи
Во проомени промени
Поминуваат ли светите
Или пак сеприсутни
Гладни тивки еха
На нивното дамнешно одминување
Ги држат заробени слоговите
Пред правта превисока
За кутриот свет
Во некој постојан
Вошеметен круг
Некој постојано друг некој
Во кругот кругови
Ко сонантен клуч
Ко отшепотеност се чека
Ека свртувања и одѕиви
Пред потребата за тишина
Во слоеви и раскопи
Глаголи и именки
Во длабоко огледување
Во немо
Во миг заулен
Од привидите брегови и мрежи
По работ кратенки во јазикот
До во долбокото на Езерото
Некогаш чат бранови
Некогаш пат езерски луќе
Чуннннннннн


Понекогаш во езгија

Правам чај
Од билки од треви
Од ридје и брегови
Од лисје од мистици
Од ашавани и од артавани
Од што ќе ти фати
Раката по чај
По опој и мириси
Правам чај
Од природи зачуденост
Стапала ненадејни за шепоти
Згусната пренаселеност
Од именки
Од растворешти
Во вода моја
Со чајник што свири
Од поглед ненамерен
Птица непозната глас
Во длабока шума
Низ гранки и лисје
Ко раце и прсти
Ко раце и
Прсти во префаќање
Во повици
Во ткај и плет
Во ноти и килими
До стебло и корење невидливо
Чај правам по сонце
Од без сенка
По да го грее од секаде
По да го сети
На душата тој извишен лет
И Лебед
Ко од песна заборавена
Ко над невидливи харфи
Во превисокот
Над Планина закорабена
И шуми видливи и несогледливи
Во преширокото


ЛЕБЕД

(меѓу лебедите во ОМ)

Од каде тебе
Таа поплава
Таа Радост
До пехар блиска
До лира
Бранувања
За да се смират
Од крилата
Лебедите во својот стих

Од каде таа бронѕа
Тие камбани
На небото ѕуннн
Од каде
Пепелруга се крева
Во гласови мерење
Глаголи и крила
Кога Ти
Ја ухна Рамницата
И на рамното
Еха
И здив
И химни му даде
Навестување
Низ тоа ѕунење
Извивање
Во до таму каде
Музиката е невозможна
Раслоена суштина
По која племиња
И номади саде
Од врвовите
Од разнотена полнота
Дишат
До испразнет говор
Од укања и снег
Та одразот
Во образење длабоко
Призивање
Митот
Го очудува свој
Гестот отсутен
Непристапен?
Лебед?
Тој?

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2006.



Nazad