Константин Миладинов
T‘га за југ

Константин Миладинов (Струга 1830 – Цариград 1862) е роден во Струга и е првиот македонски лирски поет.
Основно училиште завршил во Струга, а подоцна и гимназија во Јанина, Грција.
Со диплома на учители заедно со брат му се вратиле во родниот крај, каде учителствувале во повеќе места. Константин дипломирал во 1852 година на Филозофскиот факултет во Атина, грчка филологија.
Тој во Русија да студира словенска филологија на Филозофскиот факултет при Императорскиот универзитет во Москва. Во време на неговиот престој во Русија го обзема длабока осаменост и жал по родниот крај.
Имајќи го собраниот материјал од народни умотворби, Константин целосно се ангажирал во реализирање на идејата за нивно печатење. Работејќи на редактирање на песните и другите народни умотворби и нивно подготвување за Зборникот, Константин и самиот почнал да пишува поезија. Поетското творештво на Константин Миладинов, иако скромно, само петнаесет песни, го става на пиедесталот на македонската нова литература како основоположник на македонската уметничка поезија. Со песната "Т'га за југ" 1, која има 70 препеви на 42 јазици, секоја година се отвораат Струшките вечери на поезијата.

 

T‘га за југ


Орелски крилја как да си метнех
И в наши ст‘рни да си прелетнех!
На наши места ја да си идам,
да видам Стамбол, Кукуш да видам,
да видам дали с‘нцето и тамо
мрачно угревјат, како вамо.

Ако како овде с‘нцето ме стретит,
ако пак мрачно с‘нцето светит:
на п‘т далечни ја ќе се стегнам,
и в други ст‘рни ќе си побегнам,
к‘де с‘нцето светло угревјат,
к‘де небото звезди посевјат.

Овде је мрачно и мрак м‘ обвива
и темна м‘гла земја покрива:
мразој и снегој, пепелници,
силни ветришта и вијулици,
околу м‘гли и мразој земни,
а вг‘рди студој, и мисли темни.

Не, ја не можам овде да седам!
Не, ја не можам мразој да гледам!
Дајте ми крилја ја да си метнам
и в наши ст‘рни да си прелетнам:
на наши места ја да си идам,
да видам Охрид, Струга да видам.

Тамо зората греит душата
и с‘нце светло зајдвит в гората.
Тамо дарбите природна сила
со с‘та раскош ги растурила:
бистро езеро, гледаш, белеит
или од ветар сино темнеит:
поле погледниш, или планина
- сегде Божева је хубавина.
Тамо по с‘рце в кавал да свирам,
с‘нце да зајдвит, ја да умирам!

 

Copyright © by SVP 2006. & Balkanski književni glasnik – BKG, 2006.

Nazad