МАРЛЕНА ПЕТРУШЕВА

Родена во Скопје, 1979.
Студент е на филолошкиот факултет на групата општа и компаративна книжевност.
Се занимава со пишување на проза поезија и критика-есеистика кои повремено ги објавува.
Извршни уредник БКГ.

 

Струшки вечери на поезијата 2006.


Секоја година, традиционално, Струга е домаќин на поетскиот збор.
Градот живее на бреговите на реката Црн Дрим и Охридското езеро.Тој е родилиште на браќата Миладиновци, престолнина на музиката на графемите (фонемите).
Како и секоја година, така и годинава 2006, четириесет и пети пат по ред, овој град е домаќин на интернационалниот поетски фестивал ,,Струшки вечери на поезијата,, или како денес е позната кратенката СВП.
Ова е еден јубилеј кој организаторите се потрудија да го обележат на вистински начин.
СВП датираат од 1962 г. во која земаат учество млади македонски поети. Уште од самиот зачеток на овој фестивал, отворањето на поетската манифестација е резервирано за поемата "Т’га за југ" од Константин Миладинов. Просто воодушевувачко е дочекувањето на овој рецитал или онака како што јас ја нарекувам "изведба" и секоја година велам "оваа година звучи поубаво од лани".
Во 1963 г. се приклучуваат голем број на поети од југословенските републики, а веке во 1966 г. СВП прераснуваат во интернационален фестивал, при што е востановена интернационалната поетска награда "Златен венец".
Ова е оној долг историски развој на најстариот поетски фестивал во светот, кој бил домаќин на околу четири илјади поети, преведувачи, есеисти и критичари, претставен низ неколкуте мои реченици.
Јас ќе се обидам само накратко да ви доловам каков е распоредот на овогодинешните Струшки вечери на поезијата, кои се концептуално распределени.
Така, запознавањето со учесниците на СВП 2006г. ни е претставено преку зборникот "Кој е кој" чиј карактер е антологиски. Во него се застапени триесет и шесте учесници со нивните био-библиографски податоци. Јас овде само би набројала некои од застапените како што се: добитничката на златниот венец – Нaнси Морехон (Куба), Братислав Ташковски (Македонија), Хаџем Хајдаревиќ (Босна и Херцеговина), Драган Јовановиќ (Србија), Матијаж Коцбек ( Словенија), Љубомир Николов (Бугарија), Петар Опачиќ (Хрватска), Сретен Вујовиќ (Црна Гора), како и поети од Албанија, Грција, Гренада, Индија, Порторико, Летонија, Италија и други земји ширум светот.
Тука е и наградата Браќа Миладиновци која се доделува за најдобро македонско поетско остварување помеѓу два фестивала. Таа чест оваа година му припаѓа на поетот Братислав Ташковски, а во чест на минатогодишниот добитник на оваа награда, СВП ни ја презентира збирката поезија Параболи и каприча од Петко Дабески.
Мостови е дел од концепцискиот состав на СВП кој предизвикува најголемо внимание кај публиката.Ова е награда која се доделува за најдобра дебитантска книга на млад поет од целиот свет.Овогодишен добитник е Марија Гејде од Русија. За оваа цел организаторите ни направија избор од поезијата на сите учесници на конкурсот во повеќејазичната збирка Мостови.Тука би обрнала внимание на неколкумина автори кои ќе имате можност да ги проследите низ нивните стихови: Марија Гејде (Русија), Сеад Врана (Босна и Хецеговина), Иванà Бодрожиќ (Хрватска), Бјанка Алајбеговиќ (Босна и Херцеговина). Овдека можеме да го согледаме писмото кое е вистински мост помеѓу генерациите.
Секоја година СВП ја издава едицијата Плејади која има за цел да ни ги претстави дел од учесниците поети од целиот свет.Оваа година за таа цел, издадени се шест збирки со поопширен поетски избор од: Селима Хил (Англија) ,,Имагинарни Крави,,; Хорхе Луис Реина Паласон (Шпанија) ,,Сјајот на осаменоста,,; Петар Т. Бошковски (Македонија) ,,Одбрани песни,,; Александар Воазар (Швајцарија) ,,Да се сочува трагата,,; Казимиро де Брито (Португалија) ,,Љубовта смртта и други пороци,,; Кнут Едегорд (Норвешка) ,,Миса и други песни,,.
Тука е и современа македонска поезија:
Ова е инаку тематски избор и за таа цел оваа година ја имаме ,,Ut picture poesis,, (песната како слика) ,,Поезија во дијалог со ликовните уметници,, која кореспондира и со годинашната тема на симпозиумот ,,Песна/Слика,,.
Во самиот избор ,,Ut picture poesis,, се вметнати сто триесет песни чии зачетоци лежат во ликовната уметност, односно зборовно претставување на визуелната уметност.
Оваа целина е поделена во седум циклуси, според кои е извршена класификација на поезијата според темата, инспирираноста.
,,Скулптори од зборови,, е првата тематска целина каде се поместени стиховите инспирирани од неолитската и античката скулптура; циклус ,,Слики од древен материјал,, - стихови кои се втемелени врз сакралната уметност на средновековните цркви и манастири; циклус ,,Имагинарни музеи,,- творби инспирирани од големите ликовни уметници; циклус ,,Пред палимпсестот на Св.Ѓорѓија,,- стихови кои пеат за ликовната уметност инспирирана од овој светец но исто така пеат и за светецот Свети Ѓорѓија од црковните списи; циклус ,,Посвети и омажи,, ; циклус ,,Портрети на уметникот,, и циклусот ,,Песната како слика,, кој претставува визуелно решение помеѓу сликата и песната од кое се раѓа нешто ново, еден интермедијален дискурз помеѓу сликата и стихот.



СВП, исто така секоја година прави избор од една национална или регионална поезија од светот. Оваа година, за таа цел е приготвена мошне интересна антологија - современа карипска поезија ,,Пленици на радоста и тагата,, .
Неизбежно е да не се спомене преведувачката работилница која придонесе да ги имаме препевите на многу автори со кои се запознавме преку овогодишните Струшки вечери на поезијата.
Впрочем, СВП се синоним за светскиот одглас на писмото срочено низ стихот.

 

Copyright © by Марлена Петрушева & Balkanski književni glasnik – BKG, 2006.

Nazad