Милко Бојковски
Спротивно од сонцето #1, #2.

Милко Бојковски е роден во Куманово 1985 година и е студент на Филолошкиот факултет во Скопје на групата за општа и компаративна книжевност. Негови раскази и поезија се повремено објавувани на страницата на е-списанието Електролит, како и на сраниците на изданието Маргина.
Творечката енергија ја наоѓа од блузот, а животот му се одвива некаде на релација Куманово – Скопје.

 

Спротивно од сонцето #1


Крст
Кога тој му изусте; дојдов на светот да сведочам
за вистината, Пилат со потсмев го запраша: Вистина
(!!!)... што е тоа?
(Јован,18: 37-38)

Бела просторија. Со само еден единствен прозорец. Се одмотува пред моите очи како одамна заборавен филм. Три кревета. Палтото ми е над мојата глава како и џебниот стар часовник не знам каде сум. Сказалките на часовникот беа застанати времето се лизгаше низ моето тело. На моите панталони дамки од крв. Некаков кич од плочки, тие се убедени дека таквиот распоред го подобрува расположението, аха јас сум во собата на измачените ангели, оние кои постојано се обидуваат да ги добијат сите атрибути на луѓе. Дури започнуваат на крајот да се движат и облекуваат како нив се со цел да бидат поблиску до ништожноста, а подалеку од својата световност. И порано ме затвораа а утредента веќе бев слободен ама сега нештата беа поинакви. Но да престанам да ве давам и да се вратам на мојата потрага. Беше сабота или недела, не е важно еден од тие свети денови. Знам дека се јавив од телефонска говорница, блиску до градскиот парк но неможам да се сетам каде, бев излезен цел ден и скитав наоколу, купив кифли на аголот помеѓу 14-та и 15-та улица, јадев седнат под мостот а трошките ги фрлив на големите сиви гулаби на плоштадот. Потоа го сликав Исус со срчата од шишето кое го скршив од главата на еден дебел полицаец, ме наблудуваше како се шуткам бесцелно и потоа со забрзани чекори почна да ме брка, раскрварената глава оставаше црвени дамки по моите црни панталони но јас сепак бев побрз и успеав некако да избегам. Влезот на зградата во која се скрив и го сликав моето ремек дело беше мрачен. Само една мала светилка оддалечена од мене на пет метри покажуваше некаква светлина. Тулите бетон беа студени како и неговите очи. Исус за првпат не се смееше, мора да тежи сиот тој Товар од гревови натоварен врз неговите ослабени плеќи. Тоа беше портрет на еден осамен кловн, кловн кој пред се немаше место за настап, не беше дел од ниеден патувачки циркус туку целиот свет го сваќаше како работен простор. Она што тој го нарекуваше спасение за поголемиот аудиториум претставуваше гест за најголема суровост. Затоа во почетокот одбиваа да го вработат, правеше секакви валкани работи за да дојде до некаква сигурност. Но се што всушност постигнуваше е што од ден на ден стануваше се посуров и помрзелив. Единствена личност која навистина му веруваше беше една жена по име Марија, изгледаше чудно и повлечено кога доаѓаше в црква со шалот преку нејзиниот бел врат и дланките собрани во поза за молење, се молеше за доброто на нејзиниот син, дванаесетте младичи облечени во модро и зелено кои го следеа насекаде нејзиниот син седеа позади неа надгледувајќи ги присутните и нивните реакции при секое читање на светото писмо. Забележуваа се, секој мал детаљ, секоја мимика. Секој кој влегуваше, стануваше, одеше по нужда и сл. Правеа чуда од маката на луѓето. Тој никогаш не се појавуваше. Беше зафатен со потцртување на огласите за работа по весниците, се јавуваше на некои таинствени телефонски броеви закажувајќи разни интервјуа надевајќи се дека овој пат навистина ќе успее. Надежта беше единственото нешто врз кое можеше да се потпре. Сакаше да знае каде припаѓа. Едно време го следев, точно го знаев интервалот на неговото заминување и враќање во куќата која се наоѓаше над градот. Живееше во една изнајмена соба со уште неколку сенилни пензионери. На судниот ден излезе доста рано, не успеа да го доврши ниту појадокот, ниту да се избричи па така небричен и со еден портокал во рака просто излета низ вратата. Јас бев потпрен до едно дрво во соседниот двор, читајќи некаков леток кој беше паднал на валканиот тротоар. Не ме забележа, беше опседнат со неговиот изглед, цело време ја завраќаше косата наназад и се обидуваше да ја скроти што на крај резултира со негово потполно откажување. Така правеше и со останатите работи. Последно нешто коешто му беше потребно е да изгледа неугледно. Постојано само за себе повторуваше некакви неразбирливи зборови кои наликуваа на свесни бладања. Беше преврзан преку половината со плавите нишки од неговиот долг излижан мантил. Движењета на неговата глава не беа во согласност со неговото тело. Помина набрзина преку неколку мали улички, потоа преку мостот на плоштадот и продолжи да се движи по угорнината. Од левата страна на угорнината во запуштениот дел на улицата се наоѓаше аптека, влезе во неа и купи амфетамински психостимуланси. Му требаше поради интервјуто но и поради намалениот интензитет на енергијата во неговиот мозок. Веќе се чувствуваше подобро. Еден сосема обичен натпис кој се наоѓаше на околните градски ѕидови во него предизвика необична смеа, се држеше извесно време за ослабениот стомак а потоа продолжи понатаму. На ѕидот пишуваше "ИСУС МЕ САКА". Беше упатен кон една од многуте канцеларии на една авиокомпанија каде што требаше да се стретне со човек по име Понтиј Пилат, тамошниот одговорен за кадровската политика. Прилично љубезно постапуваа со него во бифето додека го чекаше својот спасител. Разговорот минуваше во сосема опуштена атмосфера додека Пилат едно мало човече со огромно чело и смрштен поглед го нудеше со цигара и пијалак и внимателно ги разгледуваше неговите квалификации. На средина од разговорот почна да се поти и го отвори малиот прозорец до половина. Во текот на разговорот неколку пати нагласуваше дека за оваа работа бара сериозен и одговорен човек. Стануваше збор за референт за односи со јавноста. Исус само седеше, пушеше полека и со привиден интерес го следеше говорот на Пилат...


Спротивно од сонцето #2

-Ова е сосема прифатливо. Да ова е повеќе од добро. Вие сте нашиот мал Месија. Ги исполнувате сите услови, само морате да сторите нешто повеќе околу вашиот изглед, работата го наложува тоа.
-Секако, секако денеска набрзина заминав од дома така да не ни внимавав многу околу тоа.
-Па ако тоа е се, добродојдовте во нашата компанија и утре ве очекуваме. Се ракуваа и Исус си замина.
Новото работно место воопшто не беше лошо туку на негово големо изненадување се снаоѓаше солидно. Кај него доаѓаа секакви луѓе, на сите им помагаше. Сите заминуваа среќни. Рибари, проститутки, безнадежни, опседнати ги лекуваше сите до еден. Правеше мали чуда во неговата голема канцеларија. Се заблагодаруваа и му веруваа. Иако работата целосно го исполнуваше длабоко во себе знаеше дека тоа е само една подготовка за повисока свест, повисока цел. Мораше да привикне на добро испегланиот костим, и на сега потстрижаната коса. Нешто му кажуваше дека тоа е само игра која се одигруваше пред очите на реалноста, и дека ова мора еден ден да заврши засекогаш. Посебно внимание му привлекоа два случаја, едно девојче кое секогаш доживуваше клиничка смрт кога патуваше со авион, и еден татко со својот син кој беше опседнат и имаше страв од летање. Исус не подлегна на тестот. Уште еднаш им помогна. Луѓето од повисокиот управителен круг беа задоволни од неговата работа, дури и го наградија со екстра пари поради зголемениот број на муштерии, но постојеа и такви подмолни кои попрво би сакале да го видат распнат отколку да им биде нивен колега. Еден од таквите беше Бараба и неколку негови познаници. Скројуваа таен план за да го отстранат чудотворецот. Имаа доста силна поддршка од неколку злобни во бордот на директорите. Не им одговараше начинот на кој Исус се зближуваше со муштериите и брзината со која ја стекнуваше нивната доверба. Користеа секакви расипани трикови да го наместат. Исус претчуствуваше дека денот на одлука е близу. Таа ноќ реши да се види со мајка му и дванаесетте младичи. Беше повикан на вечера. Разговараа за се и сешто, но Исус знаеше дека ги гледа за последен пат. Вечераа леб, вино и риба. Им зборуваше за суштината на своето тело и конечната вистина. Некои од нив се плашеа, откажувањето се наѕираше. И се случи на денот на пурпурното заоѓање. Облаците беа суви, безводни а во воздухот можеше да се сети лепливо струење. Исус беше обвинет, претпоставените му дадоа некакви проѕирни причини за тоа како небаре некој им се јавил од некаде и одлучно тврдел дека поседува докази кои би можеле да ја компромитираат неговата личност. Иако беше запрепастен, со огромна леснотија се повлече во својата канцеларија и го чекаше последното гласање. Огромна вжештена лава се слеваше низ неговиот врат, врвовите на прстите а во стомакот чуствуваше необјасниви вибрации. Го повикаа, и влезе во една пространа соба, која служеше за деловни состаноци на компанијата. Сите беа присутни и испоседнати во круг а во средината беше оставен мал простор за говорницата. Сведочењето започна иако немаше никакви сведоци, или пак Исус не ги гледаше. Тој немаше никаков удел во исходот на судењето како се да беше претходно предодредено. Откако ги изложија помалку сомнителните факти, гласањето започна. Исус се држеше настрана од сиот тој циркус. Неговиот поглед беше вперен во нервозното лице на Пилат, човекот кој го имаше последниот збор. Поротата се определи за тоа да Исус остане но мнозинството негодуваше посакувајќи да тоа биде Бараба. Во толпата беше и неговата мајка која се молеше. Пилат пресече, одлуката падна врз Исус кој мораше да си замине. Како за себе само изусти:
- Татко прости им не знаат што прават, а ти жено погледни го својот син. Успеа да се извлече од толпата и се заклучи во канцеларијата. На еден изгужван лист кој беше на работната маса со црвено мастило напиша<Во твои раце го предавам своето тело, подготвен сум. Три дена ги собираше своите работи и на третиот ден исчезна...

-Искариотски, Искариотски. Се слушаше сосема слабо на почетокот.
-Да кажете. Сеуште бев во истата просторија. Креветите до мене беа празни.
-Вие сте слободен човек, ослободени сте од обвинението, човекот кој ве прогонуваше веќе не постои. До мене стоеја двајца чувари облечени во бело од глава до петици. Низ решетките од креветот ја гледав својата отпусна листа. Благо се насмеаја и излегоа од непроветрената соба.
На масичето покрај лушпите од банана, стоеше мојот искршен ореол. Неговиот портрет сеуште постоеше во мојата глава. Дури тогаш сватив дека мојот кревет беше свртен кон западната страна.

 

Copyright © by Милко Бојковски & Balkanski književni glasnik – BKG, 2006.

Nazad