Ана Пејчинова

Д-р Ана Пејчинова е родена во 1973 г. Дипломирала во 1995 г. На катедрата за општа и компаративна книжевност во Скопје, докторира на Карловиот универзитет во Прага во 2002 г. на Компаратистика, а дополнително магистрира на Централниот европски универзитет во Будимпешта на Катедрата за политичка наука. Од 2003 работи за Обединетите нации во пост-конфликтни подрачја во странство.
Нејзини авторски песни се преведувани и објавувани на повеќе јазици во странство: полски, романски, српски, бугарски, белоруски, фински, австриски, англиски и француски. Има објавено поетски преводи од англиски и француски јазик, а преведува и од македонски на англиски. Неколку нејзини натписи од областа на политичките студии се објавени во Македонија. Пишува кратки приказни на англиски, а во овој период го приврчува својот прв роман. Нејзиниот превод на „Четирите Зои“ , еп од Вилијам Блејк, е во подготовка за печат.
Член е на Македонското друштво на писатели и на книжевното друштво Кафе Европа.

Библиографија на поважни наслови: „Светлина и сенки“, избор на песни и превод од француски на поезија од Елен Дорион (2003); „Абридгинг“,препев на поема од македонски на англиски јазик од Гордана Стојковска. КММ: Медија (1999); „Златните раце на демонот“, авторска збирка на поезија. КММ:Медија (1999).; „The Forgotten Eye of the Sky,” превод на поезија од Григор Стојковски. НИП Нова Македонија, Детска радост (1997)., „Ѕверот и проѕирот“ авторска збирка на поезија-Битола:Развој (1997).; „Деогае“, авторска збирка (1995).

Сивиот Ангел
   

Сивиот Ангел


1.Ти, што љубеше толку,
Тебе те видов, бел, под гората.
Ти ми го даде гласот убав,
Ти од мене ја оттргна зората.

Со што ме опчини сивиов лик
Простран безвремено ко гранична земја?
Во оваа гора, оваа темна краина,
Овој лик од нечовечна убавина.

Зафати го со свадбен вез,
Со една нишка бела и цврста
Лицето што се отвора како под превез,
Длабоко ко ноќи на ноќта прст.

Да, и при вкочанет зор те зафаќа ликот:
Од рамена спаѓаат жалоба и смеа
Ко цут црешов врз златно поле
Од мразен ветар погребан и свеан.

2, Ти отсекогаш беше таму,
Гласу снежен, тревна ѕвездо
Го разбуди ли конечно оној грешник нежен,
Небесна сенка на сив пат ко в гнездо?

Застани под таа голина
Со широки дланки и замрсен сон.
Нека те земе каменот солен,
Без воздух див е пределот-непребол.

Обѕирни се од сонот, почини кај што те нема
Никогаш не си бил подолг од молк
Те чека висина вечна и снена,
Те чека мост од прекрасен бол.

И од врвот од каде се огледуваш во вода
Гледаш зелен камен, проѕирен и мек
Ѕунат во него, златила бродат,
Светови тихи на ин живот и тек.

Ти си ангелот свилен излезен од камен
Со оклоп бавен од земјина кора.
На челото зјае празен рам ко шара
Што печатот камен во пустош го бара.

И каменот златен удира ко чекан
По челото вечно, му одзема вик.
И сните се јазат ко корија гола
По благите крила на сивиот лик.


Солта и смртта

„Every separation is a link…“
Simone Weil

1, Секоја разделба е бесмртна врска
Сила засекогаш завртена наоколу,
Извор на празна вода
Што ги расечува очите.

Во првата смрт одиш
Право, смело-
Нели вети дека ќе бидеш херој?
Во втората смрт одиш
Со расечени очи, ко кукла,
И црнило истекува врз светот.
Од третата смрт е тешко да се умре.
По свет ќе газиш
Без небо и без земја.
Но во ноќ само сонце се раѓа.


2, Ноќе плажата станува ѕвездено небо.
Но јас таму не одам.
Одамна во море не сум газела.
Солта и смртта говорат за жед.
Мора да има друго море во мене,
Штом толку гласно пратат
Солта и смртта.

3, Солта ме потсеќа на твоето тело.
Ти знаеше сé, ти, со алгите во коса.
Солта ми ја втри полека во кожа,
Додека говореше за древното
Издигнување на дната.
Таму јас раснев, под водата.
Од сол ми направи друго тело.
Сега газам по песокот,
Избегнувам вода што топи
Не се сеќавам на тебе.
Не се сеќавам...

... но, духот на сафирот ти беше водич.


Раце


Левата рака раздира,
Десната пополнува.
Но левата, дива,
Со ум од челик,
Замавнува грешно,
Од корен до гради ме сече.
Десната крв не умее да спречи,
Па молчи; кратко плаче,
Но од солзи брана не се прави.

Одтогаш, говорам грешно:
Пелтечам и сечам.
Кога крвта зборува,
Замавнувам снажно
И се во дим се претвора.

Десната јачи,
Да побегне сака,

Во солзи да истече
Да остане на патот.
Но не ја пушта левата,
Зашто сопатник нема.

А ноќе крв моќна
Бледи и се крева;
Говори за неправда
За погибел и ѕвер.


Кула Вавилонска

На седмиот спрат на Кулата Вавилонска,
Ниту горе, ниту долу,
Ништо завршено не е.

Да се измисли „ Доброутро “
Сет свет се оди
И веќе пладне стасало,
Па новиот јазик никому не прираснува.

Блеам од седмиот спрат:
Од џамот удолу ништо нема ново:
Дожд врне во слапови
И во колкови се превива.

Светот итро змиски облик зел
И капакот го преврнува.
Ко своеглав коњ
Кулата не паѓа,
Но ниту горе не оди веќе.
Крилата си ги вежба
По инакви рамнини,
Обликот го мени.

Простум еден будала
Настрана стои
Кога-тогаш
Светот ќе се преметне,
Во капа невидливка ќе се стори
И на теме ќе му клапне.


Од оваа кожа не се може

Нека биде волјата Твоја, Боже!
Нека биде Волјата твоја
Во сите нокти и прсти ножни,
Во ветрот кој ја чини оваа кожа.
Нека биде Волјата твоја, Боже!

Нека биде твое, Боже, сé
Што допрало и во што се излил
гласот црн од татнеж ран.
Твое е секое лабаво јаже
Фрлено кон светот расмеан.
Нека биде твојата кожа, Боже,
Ова тело од венци сложни.

Ова тело нож е, Боже,
Забоден одамна во земната кожа.
Нека ова тело срж твоја и нож е.

Твојот ветар е оваа долга смеа, Боже,
Со кожа ко ракавица
Распната врз земјата ко ’рскавица
Врз коската и вената на снежното ноже.
Нека биде коската твоја, о Боже!

Нека биде твој, Боже,
Ножот згледан во сржта нежна
Ова е Твоја волја, Боже.

Нека ти е оваа кожна рожба
Рог на ветрот и стожер.
Нека бидат како така, о Боже.
Може?


Јов од Мадрид

Во Шпанија, Мадрид, има еден човек
Со црн тен, свири на гитара.
Го викаат Јов, се родил во 12. век
И оттогаш не престанал да свири.
Толку свири што не мисли
Се родил таму Јов и ќе биде таков, таму,
Додека не отсвири сé она што не знае.

Одиме во Мадрид да го чуеме Јов.
Кога некој ќе стане од неговиот круг,
Тој прашува „Каде одиш?“
Знае дека ништо никогаш не се остава.
Луѓето и премногу ги сакаат заминувањата.

 

Copyright © by Ana Pejčinova & Balkanski književni glasnik - BKG, 2006.

Nazad