Дејан Дуковски


Дејан Дуковски е драмски автор. Роден е на 25 април 1969 во Скопје. Дипломира драматургија на Факултетот за драмски уметности/ФДУ во Скопје (1990). По дипломирањето работи како драматург во Македонската радио-телевизија (1990-1993). Во 1993 година на ФДУ е избран за асистент по предметот филмско и тв-сценарио, а од 1996 година е доцент на Катедрата за драматургија.
Драмски текстови: Балканска гротеска (1988); Последниот балкански вампир (1989); Силјан штркот шанца (1991); Џинот и седумте џуџиња (1991); Балканот не е мртов (1992); Буре барут (1994); Маме му ебам кој прв почна (1996). Автор е и на сценаријата за играните филмови Светло сиво (1993) и Буре барут (1995). Според сценариото Буре барут режисерот Горан Паскаљевиќ сними игран филм, копродукција на продуцентските куќи од Македонија, Франција, Германија, Турција, Југославија и од Грција. Филмот учествува на познати светски фестивали и ги добива наградите: FIPRESCI - награда од критиката на Фестивалот во Венеција (1998); Награда на Европската асоцијација на критичарите (Лондон, 1998); Гран-при на Фестивалот во Анталија, Турција (1998); Награда ,,Бронзена камера 300“ на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ (Битола, 1998); Гран-при на Интернационален филмски фестивал (Хаифа, Израел, 1999). Буре барут е најпоставуваниот драмски текст на Дуковски кој, покрај праизведбата во Македонскиот народен театар (1994), изведен е и на уште седумнаесет сцени и на речиси толку јазици (Грција, СР Југославија, Хрватска, Германија, Данска, Холандија, Шведска, Јапонија, Бугарија...).
Награди: Награда за најдобар современ драмски текст на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ - Прилеп, за драмските текстови Балканот не е мртов (1993) и Буре барут (1995); Гран-при на Интернационалниот театарски фестивал БИТЕФ за драмскиот текст Маме му ебам кој прв почна (Белград, 1997).


Извадоци од драмата Буре барут

 

Сцена 5: Последен автобус за...

(Паркиран автобус на последна станица. Шоферот го нема. Во автобусот на различни места седат една постара жена, еден човек и Светле, згодна девојка во мини. Влегува Андреја. Седнува до жената.)

АНДРЕЈА: Овој е последен?
ЖЕНАТА: Последен е.
АНДРЕЈА: Кога треба да тргне?
ЖЕНАТА: Требаше пред пет минути.
АНДРЕЈА: Каде е шоферот?
ЖЕНАТА: Ќе дојде.
АНДРЕЈА: Кога ќе дојде? Сe ќе дојде, ама јас немам време. Што прави таму? Пие кафе?
ЖЕНАТА: Не знам што прави.
АНДРЕЈА: Пие кафе. Да ти ебам луѓето. Само нешто чекаме. Сите пијат кафиња. Ми отиде младоста, сите дур се напијат кафе. Го боли кур. Ако доцнев јас, а тој ако беше овде, ќе ме чекаше? Жими кур ќе ме чекаше. Сега нема да платам. Така? Кој ме гледа? Ми може некој нешто? Ме боли кур. Ти плати?
ЖЕНАТА: Платив.
АНДРЕЈА: Зошто плати? Нема шофер. Сакаш јас да возам? Ќе го ставам во брзина, ќе одам во пичку материну. Ми можат нешто? Да тргнам малце, да видиш како ќе дотрча. Таму пие кафе. Овде ни се еба мамата. Така ли е? Мама ни ебаа. Вака било во турско?
ЖЕНАТА: Од кај знам како било во турско.
АНДРЕЈА: Не памтиш? А, војната ја памтиш?
ЖЕНАТА: Не.
АНДРЕЈА: Е, па тоа е. Никој не памти. Нова треба.
ЖЕНАТА: Ќути бре, дете, гризни јазик.
АНДРЕЈА: Да гризнам јазик? Гризнав еднаш. Пола јазик и’ одгризав на една. Си го бараше. Ти колку години имаш? Сто? Ќе се умира ли полека?
ЖЕНАТА: Пу бре, јазикот да ти се исуши!
АНДРЕЈА: Да го гризам или да ми се исуши? Никој овде не знае што сака.
ЖЕНАТА: Азар да не видиш!
АНДРЕЈА: Ама ти нешто болна си, а? Не си добра со паметот? Бледа малку?
ЖЕНАТА: Пукни да пукнеш!
АНДРЕЈА: Или имаш рак?
(Жената станува. Се преместува. Андреја седнува до неа.)
ЧОВЕКОТ: Пушти ја жената раат!
(Андреја го гледа. Станува. Седнува на шоферското место. Ги затвора вратите. Седнува до човекот.)
АНДРЕЈА: Добро вечер. Треба нешто?
ЧОВЕКОТ: Како не ти е срам?
АНДРЕЈА: Топли јакнава?
ЧОВЕКОТ: Топли.
АНДРЕЈА: Пропушта ветер?
ЧОВЕКОТ: Не пропушта.
АНДРЕЈА: А нож?
(Вади нож.)
Пропушта нож?
(Пауза.)
ЧОВЕКОТ: Пропушта.
АНДРЕЈА: Пропушта.
(Пауза.)
Ти се дига кога ја гледаш девојкава?
ЧОВЕКОТ: Што сакаш? Пари?
АНДРЕЈА: Богат си?
ЧОВЕКОТ: Не.
АНДРЕЈА: Што се расфрлаш со пари? Друго те прашав.
ЧОВЕКОТ: Ќе платиш за ова.
АНДРЕЈА: Ќе платам? Не си нормален. Да ти ебам народот, да ти ебам. Никој не се разбира од збор. Никој не слуша што го прашуваат. Сите одговараат на некои други прашања. А бе, сите ќе ве потепам, око нема да ми трепне, зошто? Овој не слуша што му зборам. Си прави друг муабет. Ќе ти кажам проста реченица. За твое добро, пробај да ја запамтиш. Не ми се прави фраер. Ти се дига ли кога ја гледаш девојкава?
ЧОВЕКОТ: Не.
АНДРЕЈА: Така кажи. Не ти верувам. Ти се лиже подов доле?
ЧОВЕКОТ: Не.
АНДРЕЈА: Тоа ти верувам. Паметно. Не е чисто. Јас имам излижано цело јавно Ве-Це. Ама мене не ме прашаа, дали сакам. Борче не прашува. Борче кажува. Лижи, ќе лижеш.
(Седнува до девојката. Со ножот брзо и’ сече едно копче од блузата. Светле се преплашува.)
Добро вечер.
(Пауза.)
Добро вечер.
СВЕТЛЕ: Добро вечер.
АНДРЕЈА: Добро вечер. Вакво копче барам со години. Како се викаш?
СВЕТЛЕ: Светле.
АНДРЕЈА: Убаво име. Страв ти е од мене, Светле?
СВЕТЛЕ: Малку.
АНДРЕЈА: Мене би ми било многу. Имаш дечко?
СВЕТЛЕ: Имам.
АНДРЕЈА: Го сакаш?
СВЕТЛЕ: Го сакам.
АНДРЕЈА: Љубоморен е?
СВЕТЛЕ: Не.
АНДРЕЈА: А ти,се фаќаш со други по темни улички?
СВЕТЛЕ: Не.
АНДРЕЈА: Како бе, не? Ама, убаво ти е кога те гледаат. Кога прекрстуваш нозе по кафани?
СВЕТЛЕ: Не ми е убаво.
АНДРЕЈА (Кон човекот): И’ веруваш?
ЧОВЕКОТ: И’ верувам.
(Пауза.)
АНДРЕЈА: Зошто си играте мајтап со мене? Дојди ваму. Седни карши неа.
(Го седнува човекот спроти Светле.)
Прекрсти ги, Светле, нозете. Што ме гледаш? Сврти се накај него. Така. Уште еднаш. Рашири ги малку. Уште малку. Така. Гледај ти. Гледај убаво.
(Пауза.)
Ти се дига? Ако не сакаш, не мора да одговориш, само немој да ме лажеш.
ЧОВЕКОТ: Не сакам да одговорам.
АНДРЕЈ А: Нема проблем. Тебе убаво ти беше?
СВЕТЛЕ: Не сакам да одговорам.
АНДРЕЈА: Нема проблем. Можеш да ми се јавиш некој ден. Побарај ме, важи? Дајте ги сега сите пари.
(Сите даваат пари. Андреја ги зема. Ги пребројува. Дава и тој. Ги дели сите пари на четири делови. Им ги дава.)
Јас дадов највеќе. Нема врска. Драго ми беше што се запознавме. Пријатно и сe најубаво.
(Ги соблекува панталоните. Стои така некое време. Ги облекува. Ја отвора вратата од автобусот. Тргнува надвор. Шоферот на автобусот со удар на француски клуч по глава го внесува назад. Андреја со крвава глава се залетува речиси до шоферското седиште. Паѓа онесвестен.)
ШОФЕРОТ: Кој ти рече да затвараш врати?! Пизда ти материна!

Сцена 10: Месечина од слама

(Ноќ. Парк. Езерце. На една клупа крај водата седат Евдокија и Коста. Од некаде се слушаат балалајки. Се појавува Мане. По него оди оркестар. Им дава знак на свирачите да застанат. Оди кон Евдокија и Коста. Во раката носи шише вино.)

ЕВДОКИЈА: Што сакаш?
МАНЕ: Да ја утепам вечерва месечината за тебе.
ЕВДОКИЈА: Ти реков дека не сакам да те видам.
МАНЕ: Згреши. Да не сметам?
КОСТА: Сметаш!
МАНЕ: Кој ти е овој мајмун?
ЕВДОКИЈА: Не е твоја работа.
МАНЕ: Кажи му да прошета малку.
ЕВДОКИЈА: Коста е со мене вечерва и ќе остане овде: Што сакаш?
МАНЕ: Треба да разговараме.
ЕВДОКИЈА: Немаме што да разговараме.
МАНЕ: Немаме што да разговараме?
КОСТА: Не слушна? Не сака да има ништо со тебе.
МАНЕ: Коста?
ЕВДОКИЈА: Немој да правиш сцени!
МАНЕ: Кај си бе, Коста?
ЕВДОКИЈА: Кој е крив? Прашуваш кој е крив? Прашај се двапати кој е крив.
КОСТА: Одиме?
ЕВДОКИЈА: Како не ти е срам да ми се појавиш пред очи?
МАНЕ: Срам ми е. Се кајам. Згрешив. Сакам да се извинам.
ЕВДОКИЈА: Какво фајде имам јас од тоа?
МАНЕ: Сакам да почнеме од почеток.
ЕВДОКИЈА: Колку пати сме почнувале од почеток?
КОСТА: Евдокија?
МАНЕ: Овој пат е различно. Научив некои работи.
ЕВДОКИЈА: Џабе Мане. Не ти верувам ни збор. Ништо не ти верувам. Истите муабети, истите срања. Доста ми е од тебе. Разбираш? Само јас знам како било. Не сакам да поминувам низ истиот пекол. Сега ми е сеедно. Не ми значиш. Што побрзо те заборавам, подобро. Никогаш ти нема да се смениш.
МАНЕ: Дај ми шанса.
ЕВДОКИЈА: Малку шанси имаше?
КОСТА: Евдокија?
ЕВДОКИЈА: Како можеше?
МАНЕ: Не сакав да испадне вака.
ЕВДОКИЈА: Како сакаше да испадне?
МАНЕ: Да те носам од овде. Да се смееш.
ЕВДОКИЈА: Да се смеам? Најди друга, Мане. Некоја што ќе ти
верува. Лажи ја неа.
МАНЕ: Или ти или никој.
ЕВДОКИЈА: Знаеш како ми беше мене? Си помислил некогаш?
МАНЕ: Ако ти кажев, немаше да се согласиш.
ЕВДОКИЈА: Можеше да оставиш писмо, картичка, било што.
МАНЕ: Знаеш дека мразам разделби.
ЕВДОКИЈА: Мразиш разделби? Ти не си нормален! Не сум веќе млада, Мане. Немам нерви. Ти се сакаш само себе. Сè друго мразиш. Не можеш ти да сакаш!
МАНЕ: Не ме терај да те молам!
КОСТА: Евдокија?
ЕВДОКИЈА: Бидна Мане. Џабе.
МАНЕ: Добро, те молам.
КОСТА: Евдокија? Отидов јас.
ЕВДОКИЈА (Кон Коста, мирно): Извини малку, Коста.
(Кон Мане, бесно)
Знаеш што ми остана од тебе? Заборавив да се смеам. Само по тоа ќе те памтам. Сега сум среќна. Криво ми е за времето што го изгубив со тебе.
МАНЕ: Не знаеш низ што сè имам пројдено. Лас Вегас! Имам пари! Направив богатство. Само за тебе!
ЕВДОКИЈА: Не ми треба!
МАНЕ: Што ти треба?
ЕВДОКИЈА: Да те нема тебе! Знаеш што си ти? Само едно обично
курвариште, коцкариште и пијаничиште!
МАНЕ: Кој бе, пијаничиште?! Јас пијаничиште?
ЕВДОКИЈА: Доста беше Мане! Збогум и не ми беше драго што те
видов!
МАНЕ: Спремен сум на сè!
ЕВДОКИЈА: До кога?
МАНЕ: Засекогаш!
ЕВДОКИЈА: Збогум, Мане!
МАНЕ: Гледај! Твоето име! Од Америка! Од Црнец!
(Ја трга кошулата. Истетовиран е. Месечината полека започнува да се помрачува.)
ЕВДОКИЈА: Како си можел?
МАНЕ: Спремен сум и на полошо!
ЕВДОКИЈА: Бадијала, Мане. Касно е. Не чувствувам ништо за тебе. Не ми значиш. Не те сакам. Како да ти објаснам? ,
МАНЕ: Ќе се каеш.
ЕВДОКИЈА: Никогаш.
МАНЕ: Кога ќе ме нема.
ЕВДОКИЈА: Збогум, Мане. Коста?
(Тргнуваат.)
МАНЕ: Немој после да кажеш дека јас сум крив!
(Кон музичарите.)
Свирете ја мој ата!
(Музичарите свират. Мане тргнува полека во езерото. Без да запре оди кон длабокото. Евдокија застанува. Гледа во месечината. Целосно е помрачена.)
ЕВДОКИЈА: Ја уби! Ја уби месечината за мене!
КОСТА: Кого убил?
ЕВДОКИЈА: Рече дека ќе ја убие месечината за мене!
(Се враќа кон брегот. Мане полека го снемува под водата.) Мане! Мане!!
КОСТА: Обично помрачување! Знаел! Ме слушаш?
ЕВДОКИЈА: Го нема! Не се појавува! Се удави! Се удави за мене!
КОСТА: Идиот!
(Мане не се појавува. Музичарите престанувааш да свират. Сите гледаат во мирната површина на езерото. Месечината почнува да се појавува.)
ЕВДОКИЈА (Втрчува во езерото): Мане!!!

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik - BKG, 2006.

Nazad