Ивица Антески


Ивица Антески е поет и новинар. Роден е 13 септември 1976 година во Тетово. Во Гостивар пораснал и завршил основно и средно електротехничко училиште. Во 1996 година се запишува на Филолошкиот факултет во Скопје и оттогаш живее не релација Гостивар -Скопје. Активно се занимава со пишување поезија и куси раскази, како и книжевни рецензии. Работи како новинар.
Со новинарство почнува да се занимава уште како средношколец: бил основач и главен уредник на училишниот весник. Како студент почнал да соработува со Студентски збор, потоа кусо време работи во гостиварската локална телевизија Суко и во локалното радио Супернова. Во периодот 1999/2000 работел во дневните весници Дневник и Македонија денес, а за време на воената криза во 2001 година во редакцијата на веб сајтот www.culture.in.mk. Истовремено со тоа тој е соработник, уредник за критика и есеистика (1998), потоа и главен и одговорен уредник (2000/2001) на Лоза - гласилото на студентите на Филолошкиот факултет.
Првата посериозна објава (ако ги исклучиме објавите по училишните списанија) е кусиот расказ Штрајк за кој во 1997 година ја добива наградата за кус расказ на Студентски збор, а следната година Студентски збор ја објавува неговата прва поетска книга Физиката на грозјето. За оваа книга ја добива престижната награда за најдобра дебитантска објава за 1998 година.
Книжевни критики, рецензии, есеи и манифести објавувал во списанијата Стремеж, Стожер, Млад борец, Студентски збор, Лоза и др.
Во 1998 година го покренува згаснатиот литературен кружок Мугри - литературен клуб на студентите на Филолошкиот факултет. Целиот период, од тогаш, па до сега, се занимава со организирање активности за популаризација на книжевноста (поетски читања и промоции во МКЦ и на Филолошкиот факултет).
Ивица Антески е застапен во повеќе антологии („20.млади.м@к.поети.00„ од Лидија Димковска, „Неидентификувана летечка дојка„ од Јовица Тасевски - Етеријан) и претставувања („Течно сонце„ до Венко Андоновски, „Тело и струна„ од Славе Ѓорѓо Димовски) на македонската поезија. Негови песни се препејувани на англиски, романски, хрватски, словенечки, српски, албански, бугарски и на влашки јазик

 
... Прометеј …

Еден обичен прометеј го сонува
џиновскиот хардвер на олимп во
црниот дроб на еден обичен
прометеј се развива културата
на некоја потенцијална смрт
Олимп со сите свои богови и
автомобили на соларен погон
му е туѓ на еден обичен
прометеј од градот
Во секој автобус што доаѓа од
олимп се оковува по еден
прометеј во чест на
милиони нови пронајдоци

Зеницата ми се шири
Зеницата ми се шири за да ја
прифати сета светлина за да ја
прифати улицата со сите
луѓе со сите знаци тротоари
зницата ми се отвора и станува
голем темен отвор во кој пропаѓаат
прозорците со заробените делови
од собите во нив се заробени
и сите портети на жени сите
луѓе од истата улица мојата
зеница се отвора се шири се
зголемува до огромни величини
станува црна дупка во која
пропаѓаат сонцето и месечината
и сите други планети особено
земјата особено
земјата


Ги отфрлам

Ги отфрлам со движење на очите обвинувањата
дека земјата е тркалезна и дека деноноќно
се врти
Причината за вртењето дење веројатно ми
е позната но не ја прифаќам идејата дека
и ноќе таа потајум се поместува задржувајќи
си ги истиот радиус и истиот сребрен
меч украсен со живи птици
Ги отфрлам со удар на штит сомневањата
дека можеби сончевиот систем и
е подреден на човековата суетност
Суетноста ја сфаќам и и ги насетувам
ветровите со своето едро но не
разбирам како не се сфаќа дека таа
е всушност премалечка за да биде
над поредокот на сончевиот
систем

Ти се возбудуваш...

Ти се возбудуваш толку прекрасно толку чудесно
стануваш заразна за ноќта
ти милувајќи се се возбудуваш толку прекрасно
толку чудесно толку твојата блага уста го шепоти
моето име што станувам апстрактен од петиците
до главата толку станувам чудесен што
ти почнуваш да се возбудуваш
целата прекрасна и чудесна
во твојата чудесна пеперуга си го слушам
името како во школка да наоѓам бисер

Ти се возбудуваш толку прекрасно толку чудесно
ти се возбудуваш секогаш далеку секогаш пријатно
и секогаш јас се возбудувам толку прекрасно толку
чудесно ти самата се вљубуваш толку возбудено
толку страсно толку себично ме сакаш
ти си толку чудесна
толку природна

Сладострасно око усте

Поради нејзиното сладострасно око
поради нејзиното сладострасно усте
поради нејзиното сладострасно око
се врти сладострасно земјата
поради сонцето
поради лушпата на нејзината осаменост
и поради нејзиниот сладострастен мирис
се покажува на исток нејзината цицка
нејзината голема вљубеност
нејзината треперливост и само таа
знае зошто нечешлана
нељубена
речиси ничија останува

Поради нејзиното сладострасно око
поради нејзиното сладострасно усте
и поради јазичето на вселената
сласта бунтот љубовта
поради нејзиното сладострастие
поради окото и поради устето
на нејзиното тело


Кога се соблекуваш…

Кога се соблекуваш имај го
на ум тоа дека твојата
вечерна гардероба е будна
до утрото не ја оставај
слободно да се движи низ
собата навечер црвената
светлина во твојата соба
ги озрачува суштествата скриени
во тајните простори под
креветите
Твоите омилени фотографии
остануваат без жители додека
ти спиеш тие се
договараат околу твоето
расположение следното
утро


Твојата долга руса коса...
(според Аполинер)

Твојата долга руса коса долга
руса коса ја сакам ја сакам
сe што ти блиско го сакам
го допирам сe што си ти
го држам додека твоите ноздри
треперат те сакам додека
трепките ти треперат додека
стануваш течна те држам твојата долга
руса коса твојата долга
половина додека течна трепери
ја сакам ја сакам ја сакам

Сe што ти е блиско твојата долга
руса коса толку многу толку
многу ја сакам твојата бела мека
кожа ја сакам твојата долга
руса коса твојата руса коса
ја сакам ја сакам ја сакам

Една жена...
(според Мишел Лерис)

Една жена убава и гола
слепо си ги туткаше очите во сонот
во постелата во собата во градот
една жена убава и гола
долга како ѕуница како река
во корито во езеро во море
со својата риба зборуваше
тивко за некакво тик-так-ток
Една жена убава и гола
исправена цврста и нежна пристапи
и рече тик-так-ток
времето секогаш отчукува со срцето
една млада жена беше убава и гола
Една жена убава и гола
сама
и едно убаво и голо
тик-так-ток

Учам...

Учам да пуштам долга коса
учам да пуштам брада учам да
исчезнувам во општеството од време
на време ме посетуваат службите
за бричење и службите за шишање
ме подбричуват ме потстрижуваат ме
учат да ги исфрлам од употреба
зборовите што значат чисто
самољубие ме подбричуваат
со уверувањето дека насекаде
ме следат невидливи растенија
Ме потсетуваат дека во
автобусот со број 24 до
мене седи еден безгрижен
бог
потоа останувам во општеството
во автобусот во природата недоучен
како се пушта коса или воопшто
како се пушта брада во
мислите ми останува
сликата на нож вбоден во
парче овчо сирење

Толку многу те немам...

толку многу те немам што
би можел да те бакнувам и без
најмало движење знаеш ли
дека би можел и без допир да
те милувам толку многу те
немам непостоечка што
би можел знаеш ли
и без здив да ти шепотам и без
говор да ти ги читам
песните за лу од аполинер
што толку многу ги сакаше тогаш
кога те немав помниш ли
непостоечка кога бевме заедно
толку многу те немам совршена
моја што би можел да се
изгубам во твојата убавина непостоечка
би можел дури и да ти ги
нацртам непостоечките екстремитети
непостоечките колкови стомачето
толку многу те немам


 

Copyright © by Balkanski književni glasnik - BKG, 2006.

Nazad