Некаде во нас
Интервју со Никола Маџиров



 

НИЕ НЕМАМЕ СОН

Заборавени се сите форми
за простување без допир. Времето
си подигрува со нас легнати
меѓу тревите посочени од небото.
Мислиме на утре хранејќи ги лебедите
со вчерашен леб. Во дланките
го стегаме снегот, од усните ни потекува
вода што ќе нахрани неколку полиња
со жито. Оддалеку се слушаат
истрели помеѓу две задоцнети молњи.
Бесплатно гледаме како дождот
совршено се повторува крадејќи
од правта. Ние немаме сон,
не припаѓаме на ниту една ноќ
и ниту една свеќа не може да ги продолжи
нашите сенки низ ѕидините на ветрот.

Н. Маџиров


БКГ: Што е она со кое Никола Маџиров се буди?

Со недовршеноста и совршеноста на сонот. Она што сакаме да го сонуваме, никому не му го кажуваме, а страста да се раскаже отсонуваното е посилна и од несоницата. Ова второ пренесување на сеќавањата речиси без исклучок е потхрането со сврзувачки лаги и претпоставки за необичност. Таквата будност е еднаква на естетско слепило и е далеку од свесноста за распоредот на чувствата и идеите кај секој што е подготвен да се спротивстави на пропишаниот ден.

БКГ: Како ги доживува деновите исполенти со дожд?

Во својата наједноставна форма дождот може да се сфати како вертикален дијалог без некоја божествена конотација за општата тага на светот. Таквите денови се благословени за потврда на индивидуалноста, поради тоа што ретко кој го споменува дождот во големите историски и политички битки, кога се оперира со колективни свечености и порази.

БКГ: Да ли Никола мечтаеше да биде пилот во детството?

Мислам дека на детето му е поблизу птицата или ангелот, отколку пилотот. Тешко е да се направи дистинкција помеѓу летот и оној што лета низ визурата на еден чист ум. Киш пишува дека Набоков својот загубен рај на детството го сфаќал схоластички, како пад на ангелот. Нешто што е повторно врзано со губењето на височините како облик на стареење.

БКГ: Што денес значи родното место за Никола и која е релацијата на движење?

Родното место не постои без оддалеченоста. Му значи ли некому твоето родно место, доколку не се соочиш со човек кој барем еднаш нема загубено простор, без оглед на тоа дали тој простор е димензиониран или имагинативен? Нашите вештачки домови кои не ги создаваме, туку ги прифаќаме, се секогаш потрајни и повидливи од местото на раѓање, на начин на кој вештачките цвеќиња доминираат на гробовите, кои ете, некои ги нарекуваат и вечни домови. Секое движење е првин бегство, а потоа вдомување.

БКГ: Никола влегува во лавиринтот на хаику поезијата. Зошто?

Можеби затоа што не припаѓам на оние што ја осмислуваат историјата на мигот, ниту пак сакам да прорекувам нешта кои и онака ќе се случат.

БКГ: Како Никола во кратки црти гледа на преведувањето?

Поместување на арбитрарните граници на јазикот и трансцендентните граници на разбирањето.

БКГ: Да ли Никола поминува на црвено низ сопствените улици?

Ако улиците се мои, чии се семафорите? Ако јазикот е наш, дали изговорените зборови се мои? Осаменоста поттикнува поминување на црвено, преку мислата дека нема никој од другата страна. Прогресивниот поетички континуитет е една од најголемите лаги на книжевната мисла. Секако дека постои линеарно движење, но без раскрсниците на личните митологеми и стравот од судар со непознатото, тоа е невозможно.

БКГ: Мото?

Во писмата на Сенека, прочитав цитат од Епикур: „Ако живееш во согласност со природата, никогаш нема да бидеш сиромашен; ако живееш во согласност со твоите идеи, никогаш нема да бидеш богат“. Ова е потврдена законитост на ирационалната вистина, и како таква не може да биде мото, зашто не остава голем простор за стилски спекулации. Сепак, убаво е кога хармоничноста на природата и идеите, ќе се спротивстави на поетиката на суровиот опортунизам.

БКГ: Каде се расказите на Никола?

Прво што објавив во периодиката беа неколку куси раскази и како што одминува времето, веројатно така и тие бледеат како пресметливи бројки од фискална сметка. Раскажувањето останува, зашто и песните се прераскажуваат, дури и преку нивното точно пренесување. Во мене останува тенденцијата на разградување на стихот и негово реконструирање во поинаков контекст, дури и во рамките на еден ист јазичен систем. Како да го наречам тоа поинаку, ако не раскажување надвор од хронотопите на првичниот опит.

БКГ: Дали Никола ја познава фразата „бирократија во уметноста“?

Бирократијата би требало да е појава на организираниот живот, а не на дезориентираноста на општествените структури. Кај нас многу ретко имало конфликтна ситуација и разидување помеѓу уметничкиот и социјалниот ангажман на еден ист автор, а тоа не значи ништо друго освен потчинување на принципите на реципроцитети и аритметички сразмерности во однос на аксиолошките полемики и наследства. Во такви услови се раѓа духот на бирократијата која го демне уште првиот примерок на испечатената книга којашто поминала само низ филтерот на поетичката автоцензура, а не и низ креаторите на системите на заслужност.

БКГ: Дали освен хартијата постои и друго место каде Никола може да се „изнавика“ на сет глас?

Молкот му претходи на хартијата. Викањето е сепак колективен чин, во кој совршено зависиме од слухот на околината.

БКГ: Дали постои нешто без кое Никола не може никаде да оди?

Без мислата на присутност, свесноста за празнината и багажот на духовното, емоционалното и интелектуално наследство што го надминува просторот на егоцентристичката мисла.

БКГ: Маџиров наскоро патува. Каде?

Размислувам дали промената на просторот произлегува од потребата од физичко телепортирање или од едноставната потреба од исчезнување. Или пак, зошто зборот „каде“ не се замени со „кон што“, синтагма која има своја метафизичка конотација и принудува освојување незаокружени територии. Сепак дури и нашето вистинско исчезнување од овој свет е веќе просторно определено преку имагинативните претстави за рајот и пеколот. Затоа сајбер-просторот нуди бескрајна дисперзија на нашата присутност и реализација на сите наши прогресивни идентитети, колку и да не прифаќаме дека тие се дел од нашата социо-психолошка слика. Ќе патувам за Охрид, зашто мислам дека синтагмата „немам време“ во таков простор е апсурдна.

Марлена Петрушева


 

Copyright © by Balkanski književni glasnik - BKG, 2006.

Nazad