Петар Волнаровски


Петар Волнаровски е роден на 10.10.1968 година во Битола. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрата за општа и компаративна книжевност во 1995 година. Работи како филмолог во Кинотеката
на Македонија.
Објавува проза, книжевна и филмска есеистика и научно-теориски текстови во книжевната и филмската периодика.
Еден е од уредниците во електронското списание за култура и уметност „Блесок“, како и еден од уредниците на списанието за историја, теорија и култура на филмот и другите уметности „Кинопис“.
Автор е на научнофантастичната книга новели и раскази Граници („Култура“, 1995). Психотопија е негова втора книга.


Психотопија

 
5.


Понекогаш, најсериозно се распрашувам себеси, дали не сум, всушност, ментално болен, психички растроен, или – луд, будала, ненормален, сеедно!
А како би се нарекол поинаку себеси, кога одам по работ на бездната, и без промашување застанувам на првиот лесно одронлив терен и чекам тоа несигурно парче земја да се одрони и да одлета долу в бездна? И не само што чекам, туку и скокам на него... Самиот си се терам себеси во пропаст. Тоа го знам...
Но го знам и тоа, дека гледам, сосема свесно, сосема јасно, како, полека но сигурно, паметта и интелегенцијата ми заминуваат, се рушат како кревка кула од карти, ми се губат, ми истекуваат од мене, некаде надвор... Сега, дури физички можам тоа да го почувствувам, така ми се чини...
И најголемата моја несреќа ми се наближува: станувам, полека, како и другите, се топам во сивилото на обичноста, а тоа – е толку неприфатливо за мене, ме излудува уште повеќе, тоа не можам да го поднесам! Не можам да го поднесам тоа да сум обичен, оти да бидеш ист како толку милијарди луќе, да бидеш еден од таа маса, тоа е исто како и да не бидеш! А јас сега, не само што станувам, полека, едно просечно, самобитисувачко суштество, туку „напредувам“ надолу... и надолу... и надолу...
Само многулогичното прашање: дали лудиот себеси навистина се сфаќа како луд, и дали лудиот е навистина свесен за своето лудило? – понекогаш ќе ме утеши... Ако навистина бев луд, најверојатно немаше да се прашувам – едноставно ќе си бев луд, и ќе си бев блажен во своето лудило...
А за жал, далеку сум од блажен – луд или не, сеедно...
Единствено се чувствувам добро кога ги пишувам моите раскази и песни... Тие се мојот вистински свет. Само тогаш се чувствувам исполнето и целисходно, задоволно, и само тогаш се чувствувам надвор од сивилото на обичноста. Само тогаш сум јас – јас. Само тогаш сум задоволен од себеси... И чувствувам, празнина, загуба – секогаш кога ќе мора да прекинам со пишувањето, или кога ќе завршам некој расказ, или песна... Ех, кога би можело тоа вечно да трае! Само тогаш сум некој , за себе. И само тогаш се чувствувам добро... А останатото време – глумам: глумам!
Мора нешто да направам со себе...


6.

Долго време помина откако не сум ја посетил оваа моја пишана исповедалница, а јас сум си истиот идиот...
Знаев дека немам некоја цврста волја, ама дека немам воопшто никаква волја, тоа не го знаев. И, ако ова не го напишам овде, на кого би му кажувал воопшто? А не дека немам кому, имам, но веќе не можам да зборувам со никого. Не се чувствувам веќе доволно чист пред себеси – за да разговарам со кого било за моите проблеми... Оти, кога самиот себеси не можам да си се средам, кога самиот себеси не можам да си помогнам – како можам да очекувам од некого друг да го направи тоа?
Кога не можам самиот со себеси да разговарам за оние црнила што ме јадат однатре, кога ни во оваа моја исповедалница не можам да ја истурам, да ја извадам онаа мачнина надвор – кога овде, пред мене и само за мене, не можам да си ги распостелам јанѕите, тогаш каде другаде, како поинаку, и пред кого друг?
И не знам што да правам повеќе, напред ми е црно, назад ми е црно, лево и десно исто, горе и долу исто така, и јас... пливам... најверојатно накај водопадот... накај високиот, висок водопад... водопад...

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik - BKG, 2006.

Nazad