АЛЕКСАНДРА ХРИСТОВ

За Неа се зборуваат секакви работи, од кои тешко може да се разграничи што е вистина, а што е само плод на чаршиското мит-занаетчиство. Родена е во Скопје во пред-транзициската 1985 година, кога луѓето уште верувале дека можат да добијат на лото. Како малечко девојче, велат, била појака од сите малечки момчиња, а за нејзините успеси во џамлии се заинтересирале и некои кинески менаџери, која ги одбила под образложение дека не го знаат името на нејзината земја. Така, заради навидум банални причини, одбила и многу други примамливи понуди во текот на нејзиниот живот, дури и под закана за мачење со пердуви. На 18 години, издала две андерграунд списанија, што замалку не предизвикале бунт во едно скопско средно школо. Подоцна, ја занемарила револуционерната работа (но, дали нејзиното членство во подвиртуелните простори на мистичниот групоид НМП не е револуционерно?), и се концентрирала на домашно производство на вектори, фотогорафии и рандом раскази од секојдневната фантастика, живеејќи повлечено во близина на Водно во улога на еден сосема обичен програмер. Во навидум мирниот живот, објавила повеќе раскази и (без)опасни текстови и учествувала во неколку изложби на аматерски автори. Сепак, нешто не е јасно за нејзините дела: дали тоа се скриени значења под безопасната естетика, или пак неверојатна естетика под очигледните значења? Дали Таа е цврста однадвор, а мека одвнатре, или пак цврста одвнатре, а мека однадвор? Ете такви елементарни хемиски прашања ќе се запрашаш, о драг посетителу, кога ќе прошеташ наоколу низ нејзините творби од букви и пиксели. Пријатен пат таму, и со среќа!
 


Ку-ку часовник


Чекајќи превоз во едно мало село на Југот, виде како еден автомобил седан закочи на паркингот. На возачкото седиште беше Мила, една познаничка - пријателка на пријатели. Внатре беше со уште две другарки, сите за нешто се смееја и викаа. Ја поканија да ја превезат до поголемиот град и таа прифати иако потајно никогаш не ги сакала – тие беа екстра популарни, покондирани тикви без мозок, кои на нејзино чудење секогаш ги добиваа добрите мажи. Всушност, ги мразеше. Во автомобилот седеше цврсто држејќи се за рачката, зашто за малку неколку пати не паднаа во ендек на планинските кривини. Сфати дека сите се пијани до бесвест и ја обзеде страв. Ги замоли да ја остават на првото место каде што има луѓе. „Ах, Тања... подобро на непознато место отколку во ендек“ си помисли.
Беше доцна во ноќта и реши да преспие во мотелот до паркингот каде што ја оставија, чекањето автобус во таа доба ќе беше залудно. Како што влезе во мотелот, забележа убаво дотеран батлер на рецепција кој и’ додели соба за двајца и и’ покажа каде се наоѓа ресторанот.
„Вечерата се служи точно на полноќ“, рече, се поклони и исчезна.

Собата беше веќе дополу полна, имаше некоја девојка од Швајцарија која се шеташе наоколу без алишта. Беше добро градена, цицките и беа еднакви и имаше бразилска депилација. Иако ја погледна само за момент, Тања се засрами, но помисли дека Швајцарките толку се слободни пред сите бидејќи „го немаат нашиот менталитет“. Нешто слично на тоа што надвор од земјава сите се сончаат топлес, но никој не го прави тоа во Охрид или Струга.
„Хај!“ весело рече Швајцарката.
„Хелоу...“ тивко возврати Тања свртена кон ѕидот.
Иако не можеше повторно да ја погледне, и’ завидуваше на младоста и на совршеното тело. Своето, не го сакаше многу поради виснатиот стомак, гради и задник со рапава кожа кои и’ останаа по прекинатата бременост. По кој знае кој пат си помисли каков ќе беше нејзиниот син и повторно и’ навреа солзи на очите.

Имаше уште десетина минути до вечерата, па реши да прошета наоколу. Низ ходниците и салонот имаше слики со актови на жени од ренесансата кои сега би биле сметани за дебели, а во лобито гордо стоеше еден голем часовник од темно дрво во кој слободно можеше да застане човек. Во дневниот престој имаше голем телевизор со рамен екран, неколку маси со удобни столици полни со големи везени перници и богато нацртани ѕидови. Разгледувајќи се запрепасти кога забележа дека сите(!) луѓе слободно си шетаа наоколу... голи!
Веднаш си ги покри очите од срам, но никој не и обрна внимание и таа ѕирна низ прстите. Во некои од нив дури и се препозна себеси. Имаше стари, млади, дебели и слаби, целулитни и згодни, средени и недепилирани. Сите се однесуваа најнормално, читаа списанија, пиеја кафе, гледаа репризи од „Вил и Грејс“ на телевизија, разговараа за новиот бестселер на Пауло Коељо... но сепак! Беа голи! Не можеше да го прифати тоа како разумно и истрча избезумено накај собата.
Гледајќи зад себе да не ја следи некој, се удри во некого. Во него препозна еден добар другар од средно, кој го немаше видено веќе петнаесет години. И тој беше гол како и останатите гости, па таа упорно се обидуваше да го гледа во лице иако погледот неколку пати и’ падна надолу. Направија муабет, во стилот „шо прајш, како си“ но немаше сила да го праша зошто сите се без облека. Тој забележа дека е збунета (покрај тоа беше единствената облечена гостинка во хотелот) и смирено почна да и’ зборува.
„Не сакаме веќе да се срамиме од она што сме, од жени што не смеат да дојат дете на јавно место, од мажи што сметаат дека тоа што им е скриено во гаќите им е најголема доблест. Овде луѓето доаѓаат да се пронајдат себеси.“
Го ислуша упорно гледајќи го в очи, а потоа со бавни чекори се оддалечи кон својата соба патем повнимателно загледувајќи ги сликите по ѕидовите.
Застана меѓу двата кревети, пред огледалото. Стоеше без да трепне, без да мрдне, гледајќи во него. Стоеше и стоеше.. опкружена од празна тишина. Наеднаш снема струја, но таа не се помрдна и во мракот се обидуваше да ја препознае својата контура во огледалото. За неполна минута, струјата се врати.
Стоеше во непроменета положба, пред огледалото, но овој пат во него како да се гледаше за прв пат во својот живот. Гледајќи се, Тања ги турна прерамките од рамената и нејзиниот зелен фустан падна на земјата. Ја соблече и долната облека и повторно стоеше пред огледалото, без да трепне, без да мрдне, исто како претходно.
Од таа состојба ја освести ку-ку часовникот од лобито на мотелот кој чукаше дванаесет пати, за полноќ. Нагло се сврте кон вратата како часовникот да беше зад неа, уште еднаш длабоко се погледна во огледалото и отиде во трпезаријата да вечера.
 

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2006.

Nazad