НАТАША БУНТЕСКА

Наташа Бунтеска е родена 1973. година во Скопје. Апсолвент е на Филолошкиот факултет во Скопје на групата општа и компаративна книжевност.
Објавувала поезија во повеќе македонски литературни списанија. Работи како новинар. Досега ги има објавено поетските книги: Мали вечности (1998) и Горниот град (2000).
Застапувана е во повеќе антологии и прегледи на македонската поезија. Нејзината поезија е препејувана и објавувана на хрватски, англиски, романски, словенечки и други јазици. Живее и работи во Скопје.

 
Неврзани песни

Ги сакам песните што се продаваат
на женски пазар
меѓу копчињата и патентите
на аголот кај зачините
залетани
од пасивното кон агресивното
зачнати меѓу леснотијата
на женските движења
(и прецизноста на машките)
на едното рамо имаат Сонце
на другото Месечина
на челото свежина
од минатиот свет затечена
безжични се
без корен
нивната чудно тенка
и специфично темна
до експлодирање затегната
хистерија ја победува гравитацијата
и ги расфрла во вселената
содржинките на светот.

Разубавување

Откако ќе ги размачкаме
нежните нешта
како кадифето од пеперутките,
можеме ли да отпловиме до бог
без гуми за спасување?

Или да продолжиме со животите
запеглани набрзина,
на кои останале жолти траги
од долгогодишно сушење на јакото сонце

Време да се разубават деталите
да се отпараат лошите споеви
да се селектира
да се нашминкаат кривините
лекторирааат клучните места
исшмирглаат рабовите
а удолниците и угорниците
да се дефинираат, фиксираат
да се убедат стапалат да газат
по ’рбетот на реалноста
и откако ќе се набркаат
илегалните мисли
и ќе се провери приказната
да не фатила пајажина по ќошовите-
-да и се врати природниот тек

Одврзување

Здивот ме врзува со светот,
и со овој
и со оној
од кој се будам бушава,
гурелава.
Прашувам:
што кога главата ќе забележи
дека петиците фатиле корен?
Да се помирам со вземјувањето
и да ја тренирам душата да лета?
Ронлив е бог кога ќе се најде во наши раце.
Причинско-последичните врски
немаат ништо со вечноста;
имаат со невечноста т.е. животот.
И кој тоа повторно ја открил бесконечноста
и се вљубил во неа?
Се троши бог кога се бакнува со нас.
Еднаш, ќе ми го одврзе здивот од светот,
место бушава, гурелава,
ќе ме раздени
вкочанета, глупава, фигура.
Со него во рацете. Ко бисквит ронлив.
Сè се врти по спирала
и завршува во една точка,
евентуално две.

Интимни подароци
(сe што и подарувам на оваа песна)


И ги давам на оваа песна моите две раце
кои заборавиле да зборуваат на живите јазици.
И го подарувам модриот град
кој се движи од една стравотна мисла.
Неговото поместување е, сепак, ограничено
на малото дно меѓу два рида.
И ја давам мојата претесна соба
и така се откажувам од неа.
И ја давам на оваа песна зебрата
што лежи на терасата од мојата сосетка.
И давам и една баба
што пука со ќорци на Месечината.
И го давам свирачот на школка
кој спие во мојата када.
И давам на оваа песна
лик од непозната претстава кој убедливо
повторува:
"Сe ќе биде прекрасно како што беше и досега!"
И давам на песнава неколку сетила повеќе
отколку на обичните минувачи -
- така нема да и избега вистината


Автосугестивна песна за растење коса

Мојата коса расте толку брзо
како приказната
за волшебниот грав е
легнувам кратко потстрижена
се будам гушејќи се во коса
која се прелева низ терасата
и го поплавува дворот
па и оној на комшиите
густите прамени се мешаат
со дрвјата од овоштарникот
чадорот за сонце се заплеткал во нив
по улицата истекуваат свилени бразди
денес комшиите сигурно
ќе задоцнат на работа
ох, колку е погубна оваа прашума
за жителите на Скопје
радиото известува дека
косата се шири и ја зафаќа земјата
а соседните држави вовеле вонредна состојба
нивните граѓани чекаат на граница
со ножиците в раце
или се иселуваат
во далечните царства
постои опасност целата Земја
да се покрие со кафена коса
САД веќе адаптираат населби на Месечината
ни највештите фризери
не можат да го оформат ова чудо
и никој не може да стигне до мене
и да ме истриже
мојата соба и мојата куќа
одамна распукаа од тежината
а мојот град стана епицентар
на светската несреќ


Имаме право да бидеме луди
(со дозвола на вселената)


Обесени китови
врз телата на еукалиптусите
Имаме право да бидеме луди
со дозвола на вселената
Една риба се потсмева
на интимниот живот на цицачите
Ние дишеме со вкусот на праските
Имаме право да се гнасиме
од уживањата на нашето време
Јазикот и’ завидува
на совршеноста на мислата
Имаме право
да се чувствуваме обесправени
Во светот на фантастичните нешта
Поетите одбегнуваат да им се придружат
на космичките движења
Прогонета е бесконечната тага
на болните умови
Имаме право да бидеме лоши
примероци од нашиот вид
Имаме право да бидеме луди
со дозвола на вселената

Ден за мислење на сеопфатни нешта
Денес во тоалетот налетав
на ОГРОМНА !!! бубашваба
и ја удавив. После се каев.
Оправданија се наоѓаат секогаш.
Прво: ова е свет на крајности
кој деконцентрирано па-

-ѓа откако
одамна ја изгубил рамнотежата.
Второ: тој свет е безначаен
колку црнките од јагодите.
Ги спуштам ролетните
да не се гледа срамот
на моето лице. Се срамам
и од нашите вакумирани срца
понездрави од вакумираните
месни производи. Можеби
вселената не е ништо повеќе од
тетоважа на набилданата мишка
на Г-нот Бог, си велам.
Како тогаш да размислувам
за нешта што се сеопфатни,
а неопфатни?

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2006.

Nazad