ВЛАДО ЈАНЕВСКИ - BUSHY MEAT

Сега можеби звучи неверојатно, но имал безгрижно детство и весела младост во Tитова Југославија (иако никогаш не бил комунист, ниту се занимавал со политика). Високо образование стекнал во Скопје. Од 1989. патува низ светот, најголемиот дел од времето го поминува во Австралија. Заработува(л) како чистач, продавач, бармен, возач на вилушкар, општ работник, програмер, технолог, хемичар, научник, карикатурист итн. Објавени дела: роман “Маде ин јабана”, 2004, збирка раскази “Нема Враћање”, 1985 (сите раскази наградувани на конкурсите на Студентски збор и Нова Македонија). Ракописи спремни за објавување (моментално во фиока): роман “Под друга капа”, роман “Чудо зад аголот” и книга за деца “Допри го носот”. Се занимава и со сликарство, скулптура во дрво, карикатура и илустрираwе. Изложувал во Сиднеј и на интернет. Во периодот 1990-1993 има забележителен успех во познатиот австралиски неделник “The Bulletin” со серија карикатури. Во текот на 2006, под псевдоним Bushy Meat, повећепати бил наградуван на Електролит - конкурсот за краток расказ во организација на македонската издавачка кућа Темплум.

 
Aбер отаде

Лутам низ земја пустелија. Не знам каде да се скријам од чумата. Цел ден не сум слегол од магаре. Кутрото животно сака да си почине; при крајот е на силите ама уште не запира, го бодам да продолжи барем до зајдисонце. Есенското сонце се спушта зад ридот на чиј врв има некаква градба: не е замок, ни манастир. Посакувам да почукам на големата порта и да замолам за преноќиште. Изнемоштената снага ми бара кревет. Се плашам дека ако уште еднаш преспијам на отворено нема веќе да се разбудам; земјата ќе ме голтне како што ги проголта моите најблиски.
Портата ја отвора подгрбавено суштество со лице повеќе налик на исплашена ѕверка отколку на човек. Зад него се слуша песји лавеж. Кој ѓавол те донесе овде, ме прашува суштеството.
Бегам од чумата, му велам додека се бранам од песот.
Се плашиш од смртта?
Секој се плаши од неа, му велам и се обидувам да го скротам песот.
Тебе таа сигурно ти е пријател, ми вели суштеството, инаку немаше да се довлечкаш до овде.
Тогаш за првпат ни се вкрстува погледот. Во неговите очи ми се извртува јавето. Се држам за сламка, му велам на суштеството. Те молам дозволи ми да преноќам.
Само смртта неканета доаѓа тука да си почине и ми раскажува како си поминала по пат, вели суштеството.
Веднам глава, се вртам кон магарето, сакам да заминам што подалеку од ова туѓо место, но магарето веќе не е таму. Песот сигурно го исплашил или појавата на суштеството. Магарето, што му стори на магарето, го фатив за врат грбавкото. Врати ми го, вештеру! Подгрбавеното суштество имаше силен врат или мене уморот ми ја исцеди последната капка сила и ми го помати умот; паднав на плочникот, тонев во полусознание. Магарето, врати ми го, повторував и тонев се подлабоко...
Што ќе ти е магаре кога можеш да се качиш на коњ, слушам ми вели нечиј глас. И навистина, во близина гледам строен бел коњ. Прекрасен коњ, му велам на еден старец што го води коњот. Твој е, старецот ми ја подава уздата. Не можам да го земам, му велам, со ништо не сум го заслужил. Ако се качиш на коњов може да те однесе кај твоите најблиски. Коњов го знае патот. По тој пат не се оди на коњ, му реков на старецот. Подобро ќе ми биде да си продолжам со магаренцето. Кај и да сум тргнал ќе стигнам. Ти си знаеш најдобро, ми рече старецот. Само те молам понеси го со себе ова мало ковчеже, во него има прстен, перо и парче пергамент на кое пишува...
Не успеав да разберам што пишува ниту да го препрашам стариот од каква важност е содржината на ковчежето бидејќи врз лицето почувствував нечиј јазик - бев разбуден од песот; веќе не лаеше по мене туку ми го лижеше лицето. Зарем толку брзо сме станале пријатели, си реков. Потоа сфатив дека извесно време сум поминал лежејќи в кревет. За тоа време песот сигурно се навикнал на мојот мирис, пријателски ме гледаше; тоа не можеше да се рече за подгрбавеното суштество кога се наднесе над мене.
Ти се врати магарето. Време ти е да си го фатиш патот, во неговиот глас имаше наредба.
Ти благодарам што ми дозволи да закрепнам, му реков на суштеството. Те молам кажи ми како можам да ти се оддолжам.
Оди си.
Не сакам да останам должен, инсистирав.
Добро, тогаш помогни ми да ја исчистиме библиотеката на мојот господар. Таму никој не стапнал со години.
Зарем твојот господар го изгубил интересот за пишаниот збор?
Подгрбавеното суштество не ми одговори. Доста зборување, рече, нî чека работа. Би ти бил благодарен ако ми помогнеш да досегнам некои повисоки места. Почнуваме од најгорните полици.
Во животот пред тоа не сум видел толку книги на едно место. Гледај чудо, реков кога се искачував кон врвот на огромната библиотека. Можев да се заколнам дека на една од полиците го видов истото она ковчеже што на сон ми го даде старецот. Пробав да го отворам, беше заклучено.
Дај ми го ваму, ти никако не смееш да го отвориш, освен јас никој друг не смее да го отвори, суштеството многу се вознемири штом ме виде на скалата со ковчежето в раце.
Кога слегов внимателно ја избришав прашината од ковчежето и реков: мислам дека знам што има внатре.
Никој не знае, никој освен господарот и јас, суштеството ми го оттргна ковчежето од рацете и се залепи за ѕидот. Таму, насликан на едно големо платно, го препознав старецот.
Господарот беше човек од мудрост и наука, рече суштеството. Сакаше да знае многу работи, но најмногу од сî сакаше да дознае дали има живот после смртта. Кога му чукна судниот час реши да остави порака во ковчежево. Пред да го испушти здивот ме замоли на парче пергамент да ги запишам неговите последни зборови. Ми рече ако има живот после смртта тогаш како доказ за тоа ќе се обиде да му ја пренесе пораката запишана на пергаментот на некој случаен намерник.
Освен пергамент внатре има и прстен и перо, реков.
Господе, зарем господарот навистина успеа да се јави од оној свет? На суштеството му затрепери гласот, во моментот како да се подисправи и заличи повеќе на човек отколку на исплашена ѕверка. Што пишува на пергаментот, ме праша со широко отворени очи.
Ја кренав главата кон платното на ѕидот; го гледав старецот качен на истиот бел коњ од прекинатиот сон. Следуваше долг момент на исчекување. Песот овојпат ми ја лижеше раката. Тука има многу работа, реков најпосле и ги засукав ракавите.

Волво Ректум

Радејце Пупеска, мори несто златна, да знајш оти ги добифме лутите пиперчиња шо ни ги прати по чојкот. Сите беја на број у најлончето завиткани, егзакли ко шо нî имаше информисано у писмото твоје. Фалати ногу на пажња и прими далечни поздраф от твоја Коцка Докурческа, от Лосанџелис, от хаусоф наш преубаф, кај шо сме у најубајот плејс задомени, опозит Холивут сме сега. От кај мене со камен ако фрла ќе му ја дупна глата на некој от глумциве: тука толку многу ги имат - плева је от селебритис.
Така да знајш, није овдеки у Лосанџелисоф еврибади сме ча-ча, ко на филмцко платно сме насмејни и океј сме, е па сега и вије таму пулете еврибади да сте ча-ча и така натака поарни. Радејце, ти знајш оти ја ич не приклава и благодарење на то ти си најверно информисана да от нашиве тука ја су најпојќе напрајна свецка и една врста права модерна женцка, посебно от ко заминафме у јабанава. Али овајпат ја сакам да ти пишвам збор-два за Митрејца Дуракоска, ја знајш жената, први другарки бефме и преубај песми пејфме трите на сретсело фатени. Мори душо, Митрејца сите овдеки ногу не почуди и потресе; мене посебно ногу ме погоди у душа и у најдлабоко расположење и ме депреса. Мори несто златна, ме депреса до суза у око. И самата знајш оти Митрејца ко Митрејца уше от време си леташе со умот. Јес, женичката си беше малку ку-ку у глата али пак не до толку. Прошлијо месец бефме да прошетаме у шопинк, да купујме нешо за јадење и за облеквање. Си ојме ко шо си ојме така секипат со Митрејца, подрака фатени, ко таја ни пет ни шес ме влечит да влезиме у еден шоп за мотори. Еда, шо чудо ù брчна у глата на женцкава, си вела ја. Мотори, мори несто златна, мотори. Али таја ич не му се мислит, туку одит право кај едно от моторишќата и му се пулит ко да ќе го купујт. Али ти го зел госпот паметот, Митрејце Дуракоска, ù вела ја. Ја трга за рака сместа да излегујт оттаму, квикли мори. Ај да беше помлада па да речиш, ами ти си у години, си ја турнала пејесетката, ù вела ја. Заврти се ваму, излегвај да си ги купујме нашите рабоќе, шо ќе ти је тебе мотор, будаличке. Таја ич не слушат, одма се фаќат за едно големо моторишќе - Волво Ректум ќе да се викаше пустинцкото. Кој чул кај вас за таква марка мори Радејце, кажи ми несто златна. Ќе си речиш ко вол у газот да ти го пикнал, со проштење, а не мотор да возиш. Ако купујш мотор тогај барем купи си Харли Дејвитцон, натемаго, то ти је праф мотор. Ами Митрејце не требит така: само да се трчат у први шоп и купуј го првото моторишќе шо ќе ти се вдајт, ù вела ја. Мори жено, не биди лесна у умот, требит најпрвин да го испиташ маркетот на мотори, да видиш шо се нудит, рисрч да напрајш, ами како. Али Митрејца наша се фати за Волво Ректум и не пуштат, ќе го купујт жената. Радејце, мори несто златна, ја не су знајла веќе шо да ù реча. Ù рекоф само: Митрејце Дуракоска, ако веќе толку ти је изветрејн умот тогај не купуј нишо изнад двестаипејесет кубици. За поголеми машиње ти требит возачко искусво. Ко ќе се качиш на таквото, нозете требит да ти фаќат на земја а не да ти се мафтат - демек моторот да ти је точен, егзакли по мерата. Таја ич нишо не ме слушат. Го слушат само плапотењето на продавачот - едно парфемисано итаљанцко маже беше; ù го сфрте умот на жената, ја маслоса до маслосвање: те вака ќе напрајме на кредит, те онака ќе ти попуштиме на исплата. Будала жена, ја гледа чудо ќе напрајт ќе го купит моторишќето, и го купи, несто златна - го купи!
Ами оти мори ги бупна париците ù го тријеф граот, туку да знајш оти после си го поткасаф јазикот. Радејце Пупеска, несто златна, си го поткасаф. Не би долго време: ден-два преку сила и еве ти го пак то мажето, продавачот - право петле ти било, руста мори, дојде да ја драјват Митрејца на моторот. Сето у кожа беше облечено, исто со сите џиџи-миџи пуфки напрајно ко онај пејачот шо беше ногу популарен, Елвис Прицли, мори. Таја после ми кажујше, двајцата качени на моторишќето се драјвале по Сансет булевар. Биле да се прошетат и по Беверли Хилц, Родејо драјф и по Санта Моника бичот се возеле и после голи тасма се капеле, ами како, ко улери мори несто златна; таја у купаќи костум ќе се прошлакала ама со Елвиса убо и се видело и скрос се тасмосале на зајдисонцето. Еднуш се живејт, Коцке Докурческа, после то секи ден ми се смејт Митрејца и пет пари не дават. Хеф фан, ми велит, мори несто, хеф фан. Таја уше ми кажујше то петлето ти било право мајсторче, не само за драјвање туку и за оније рабоќе шо не се за пишвање тука. А Митре нејзин, кутријот, скрос се беше простил со умот. Зидарска работичка си имаше; шо да је, вадеше некоја парица по скелиња вкачен, ама лани-лето падна от една вишина и му се измикса нешо у умот - сега те пулит ко да не те пулит. Греотица чојк. Грда судба го снајде. Митрејца от ко се качи на моторот ич не го фермат појќе: дење спијет, ноќе се возит со Елвиса Прицли. Арно ама то не мојше вечно да трајт - на крајот на Митрета му дојде матната пред очи: натемаго го натера да мавнит со сеќирата и да му ја поткинит глата на петлето, крвцата да му ја локнит. После и Митрејца ја бркаше низ куќи. Уше Волво Ректум ти фалеше кучке една, ù викаше и се смејше, завалијата, се смејше со сеќирата в раце. На згрешен чојк памет со нишо не му се мерит. И на Митрејца, кутрата, ќе ù ја скинел глата, туку таја ноќта брзо-брзо се вкачила на моторот и уште еднаш веќе никој не ја виде, трагата у ветрот ù се изгуби. Наши чојци кажват оти жената си летнала от карпа, други велат црна земја се отворила и сосе мотор ја лапнала.
Радејце, ја си мисла Митрејца еден ден можит да се појавит таму кај тебе. Пиши мори ако ја видиш, ич да не се бојш, то праф филм можит да се напрајт, за цел Холивут да му се чудит, ами како. Несто златна ја си верва у такви рабоќе; ете за Димчета, мојта прва љубоф, сите оттаму кажујфте оти си умрел а ја после го сретоф тука на улица и му прогориф на чојкот. Колку се израдва кога ме позна. Кај си бе Димче, му рекоф, тријестипет години не сме се виделе. Си напрајфме муабет за мерак, го канеф дома да ми дојдит на кофи, туку се брзаше некаде, ама рече пак ќе ми се јавит.
Еда, мори Радејце Пупеска, за сега толку имаф за пишвање и информисање, друкпат појќе. Ногу поздраф имаш от твоја Коцка Докурческа. Овајпат Ставре мој не те поздравујт, ене го затворен је у нужник, плачит оти му лутит газот, вчера се нагнети от пиперчињата, сакаше сите да ги изејт на едно седнуење. Будала чојк.

Не е за објавување
(Строго доверливо)


Откако знам за себе јас сум била тајна агентка. Отпрвин бев позната само како агентката Подзината. Имав задача да се снајдам во животот. Си мислев ова ќе биде мераклиска мисија, младост лудост што се вели: забави, игри и слично. Барем на почеток изгледаше така, но набрзо добив сигнал од постарите агенти од базата - агентката Мама, а посебно од агентот Тато дека ќе треба малку посериозно да му пријдам на проблемот живот. Од мене се бараше да завршам факултет, а потоа да стапам во брак. Така се запознав со супер тајниот агент Сопруг. За жал, агентот Сопруг внесе немир во нашата тајна организација: не сакаше да соработува со базата, посебно не ја поднесуваше агентката Мама (таа него уште помалку), повеќе сакаше да работи самостојно. Неговата мисија беше: живот на коцка и брзо трошење пари. Јас бев збунета, но како послушна тајна агентка решив да го следам. Овој потег не беше најдобро примен од базата. Тогаш сфатив ќе мора да делувам како двоен агент - од една страна продолжив да опстојувам како агентката Подзината, но исто така посериозно почнав да работам и како агентка наречена Сопруга. Не беше лесно, од базата доаѓаше едно а бракот си бараше сосем друго. Агентскиот живот стана уште позаплеткан кога со нас дојде да живее и не толку тајниот агент Свекрва. Таа имаше строго зацртана мисија, пикање под кожа. Бидејќи под мојата кожа немаше место и за неа, во првата прилика во најголема тајност си го спакував куферот и се изгубив во западниот блок. Агентката Мама и агентот Тато сакаа да веруваат дека нивната мала агентка заминала на специјализација.

Веќе три години работам сама на своја рака, сега сум позната како тајната агентка Надеж; инаку мојата мисија е се уште иста - снаоѓање во животот. Можам да кажам дека тука не се снаоѓам така лошо работејќи маскирана како читач на смркнати лица. Заработувам барем колку да се преживее некако. Имам време дури и да се занимавам со малку пишување, тајни писма. Почнав да пишувам колку душата да не ми биде празна. Не, не користам невидливо мастило, нема потреба - се служам со кодирани пораки. Така, допишувајќи се, се спријателив со еден руски емигрант, исто така таен агент, се нарекува Поет. Се израдував кога тој ми ја отвори вратата од неговото станче. Не ни требаше многу за да сфатиме дека најдобрите планови се коваат в кревет. Се чинеше дека со неговиот чекан и мојата наковална ќе исковаме чудо. Меѓутоа, вчера, откако ја запали цигарата, агентот Поет ми откри дека неговата вистинска мисија е барање на смислата на животот. Го рече тоа некако изморено. Ова ме вознемири. Денес цел ден го изгубив во размислување за полезноста на мојата мисија. На крајот сепак решив повторно да почукам на вратата на агентот Поет. Мислам дека вреди да соработуваме, посебно откако изутринава добив строго доверлива вест дека сум бремена.


 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2006.

Nazad