ДЕЈАН ВАСИЛЕВСКИ

Роден на 28.6.1975 година во Скопје, Република Македонија. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, група македонски јазик и македонска книжевност во 2001 година. Во периодов студира постдипломски студии на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, на групата по комуникации.
Работи како лектор од 2002 година. Потпишан е како лектор во повеќе од 30 белетристички и теориски книги, магазини, месечници, неделници и дневни весници. Преведувал од хрватски, босански и српски на македонски јазик.
Низ периодиката објавувал проза и поезија, пишувал текстови од областа на музиката во магазинот „Урбан магазин“ и теориски есеи и текстови за културата и уметноста во „Студентски збор“. Ја промовира реге музиката и културата во Македонија на три полиња: пишува текстови, води и уредува радиоемисија и диџејствува. Моментално ја води и уредува радиоемисијата „Чил селекта“ на Радио „Равел“. Членува во дружината „Актив раста селекторс“.

 
Три навраќања на мотивот клупа

1.

Повторно скопските улици, повторно јас, ама сега без велосипед, пеш, навикнувам некако, полека-полека, се губам по трговскиве центри, по долгиве булевари, по кејот на уштемалкупаќепресуши Вардар, клупите што ги изминувам се скоро искршени (некои се сосем уништени, останата е само железната конструкција), а децата што бегаат од училиште седат неправилно, што би рекле, ние, старците, а, бре, деца седнете како што доликува, а не така, само ја валкате клупата, па после нема каде да седнеме, ќе се сториме „бербат“ во панталоните, бабите ќе нè караат, а каде да одиграме партија шах? Да промуабетиме малку за пензииве, за владава наша, за дневнополитичките настани, кој штрајкува денеска, кој утре, да си прикажеме кој умрел, кој отишол на другиот свет, го земал свети Петар, зашто ние старите сè уште веруваме во Господ/Бог - Создателот и неговиот син Исус Христос и се молиме понекогаш, кој колку знае, така останало од памтивек, традиционални навики, старост, ама во нешто мора да се верува, вие денес си верувате во патлакот и двата ташака, рипа уште, а! ако, ќе дојде време, ќе омлитави, после ќе ве видам во што ќе верувате, добро, нема да ве видам - сигурно! Не ме сфаќајте буквално, бре, деца, зашто мене црвите веќе одамна ќе ме имаат изедено, ама така се вели. Е, тоа ви зборувам цело време, симнете се долу од клупата, седнете си како што треба!


2.

Повторно скопските улици, повторно јас, ама сега без велосипед, пеш, навикнувам некако, полека-полека, се губам по трговскиве центри, по долгиве булевари, по кејот на уштемалкупаќепресуши Вардар, клупите што ги изминувам се скоро искршени (некои се сосем уништени, останата е само железната конструкција), а некои дечки што избегале од школо пак вртат џоинт, знам, го чувствувам остриот провокативен мирис уште од далеку, ех бре, па сега кога ќе поминам покрај нив ќе се прават на триипол, ама јас ќе седнам на најблиската клупа до нив, ќе им правам лош филм, а ги гледам и ги меркам, фураат некаков стил, беги плус суканици, некои јамајкански амајлии на себе (поим немаат што е вуду и обеах!) и други тракатанци, реге-хард кор, што да ти кажам, тие врска немаат од каде дошле зелената, златната и црвената боја, врска немаат зошто суканици и зошто света трева? А трагично е, тие никогаш нема да се заинтересираат зошто сето тоа и од каде? Нику пак, ако им го сервираш, изџвакаш или раскажеш, ќе ти речат, а, бе, ти ништо не знаеш, ние знаеме, ги одминувам мислејќи си: „Што вреди што си еден од малкуте растафаријанци во Ск. и што вреди кога им проповедаш за да ги просветлиш и образуваш, на крајот пак ќе ти плукнат в лице“. (Како во драмата „Лонг плеј“ од Горан Стефановски.) Навистина го мислам тоа и се уверувам дека треба да си го продолжам патот, прошетката по кејот на уштемалкупаќепресуши Вардар и сфаќам - останувам сам да го живеам растафари.


3.

Повторно скопските улици, повторно ние, ама сега без веспа, пеш, навикнуваме некако, полека-полека, се губиме по трговскиве центри, по долгиве булевари, по кејот на уштемалкупаќепресуши Вардар, клупите што ги изминуваме се скоро искршени, па седнуваме на горните даски од конструкцијата, оние што се за потпирање, а нозете ги ставаме на даските што преостанале, на тие што требало да се седи. Досадно ни е, киднавме од школо, па вртиме ганџа, колку да има што да се прави и таман ќе почне да нè удира во глава, да бидеме хај, стално поминуваат старциве што ги избркале од дома за да не досаѓаат, па ќе застанат до нас и само зборат, филозофираат, нè караат, нè учат, жива досада човече, едвај чекаме да им фати устата пења, па да си отидат до фонтаната, тука, на плоштадот и да се напијат вода, после тоа, едно време, све е супер, се кикотиме, ама кога ќе почнеме да стонираме доаѓа оној што мисли дека е пратен од Хајле Селасие или од Боб Марли или од самиот Господ можда мисли дека е пратен, па ќе почне да проповеда како ние не знаеме ништо, ко да сакаме да дознаеме (!!!), како он порачувал книги, музика (дискови и плочи) и списанија којзнае од каде, како он кога бил во Словенија, во Љубљана, купил книга „Реге“, сега ја преведува, проучува, студира, глупости, како он имал сновидение (негов збор, не наш!), му се прикажал Џа и му рекол да проповеда тука и уште еден куп срања. И збори ли збори! А ние само сакаме да стонираме на раат.

 

Copyright © by ДЕЈАН ВАСИЛЕВСКИ & Balkanski književni glasnik – BKG, 2006.

Nazad