ЕЛЕКТРОЛИТ, Е-КУЛТУРА, ЛИТЕРАТУРА
(Online конкурс за расказ) во е-културата - разговор: Бранко Прља

Едно општество е во транзиција... и сите нешта стојат и тапкаат в место, не правејќи му многу простор на човекот за сопствена реализација, задавајќи му константни бариери кои би требал да ги преминува со сизифовски труд.
-Но... постои алтернативно решение, а тоа е интернет, иако не треба да заборавиме дека во услови на транзиција, овој вид на комуникација е привилегија.
Интернетот е дигитален медиум преку кој човекот на побрз начин стигнува до информациите, но исто така тој е генератор на информации. Преку него се навлегува во сите домени на човековото интересирање, па така и во уметноста: музиката, филмот, фотографијата литературата..., а со самото тоа и еден нов облик на генерираните идеи.
Тоа ни ја дава е-културата.
Литературата во овие рамки е застапена на мошне интересен начин.
Тука се литературните списанија, блоговите, форумите, како и online литературните конкурси.
Авторот кој седи пред својот монитор, го наоѓа своето интимно романтично катче и слогосложува, но истовремено има можност да комуницира преку своите слогосложени нули и единици, сé е оставено во рацете на креаторот, без воопшто да мисли на бариерите кои би произлегле поради реалната „ неприфатливост“, туку е оставен простор на „здравиот разум“, а со тоа и слогосложеното на „здравиот разум“ е ставено на масата за разгледување.
Е-литературата или линтернетот, во суштина ја даваат слободата на изразување и индивидуалноста, дотолку и храброста во експериментирањето на поставките, слобода на имагинацијата и на реализацијата, како дел од е-културата.
Интернетот и дигиталните медиуми го менуваат нашиот поглед на свет
и создаваат нов контекст со кој се развива култура (е-култура).
Дигиталните медиуми отворрат поголем простор за нови облици на културата, а со самото тоа и повеќе можност за уметниците од сите гранки на уметничкото влијание меѓу кои е и литературата.
Впрочем интернетот дава нова димензија и нова форма. Е-културата не го подразбира само терминот дигитална, компјутеризирана, туку таа во себе содржи многу повеќе. Тоа значи дека интернетот претставува еден вид медиум кој се користи како сретство за разгледување на нови можности.
Во контекст на е-литературата ќе се обидеме да ги доловиме случувањата на е-културата во Македонија преку претставување на online конкурсот за расказ Електролит.
Човекот кој е носител на идејниот проект на овој конкурс е Бранко Прља, со кого ќе се обидеме да доловиме дел од литературниот домен во е-културата.

Марлена Петрушева

е:електролит конкурс
електронско-литературен конкурс
ја спроведува литературата во неистражени простори

 


 

БКГ: Во контекст на е-културата ќе се обидеме да ги доловиме случувањата на е-литературата во Македонија преку претставување на online конкурсот за расказ Електролит.
Човекот кој е носител на идејниот проект на овој конкурс е Бранко Прља, со кого ќе се обидеме да доловиме дел од литературниот домен во е-културата.
Во склоп на издавачката куќа Темплум (Скопје, Македонија), функционира електронскиот конкурс Електролит www.templum.com.mk/konkurs кој иако опстојува веќе една година е новина и единственост по својата содржина и карактер. Тој претставува мотивација, потстрек и читанка за многу млади автори на расказот. За почеток би можеле да тргнеме од името „Електролит“ , почетната идеја за создавање на еден ваков вид online конкурс, кој е создаден од луѓе, дарители на себе си во името на пишаниот збор.

Бранко Прља: Идејата за Електролит потекна од една случка, пред околу две години. Сакајќи да се промовирам како писател на интернет, поминав неколку дена во барање интернет конкурс и дојдов до зачудувачко сознание дека кај нас не постои такво нешто. Пронајдов неколку конкурси од разни издавачки куќи во Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска, преведов некои од моите текстови и ги пратив. На некои дури и бев избран за заеднички збирки раскази, но, сепак не бев задоволен, нешто ми велеше дека тоа не е доволно, дека и ние заслужуваме еден таков конкурс и дека постојат многу млади луѓе кои би биле заинтересирани за слободен онлајн конкурс, наместо мачното (и најчесто залудно, освен ако, се разбира, немате врски) молење (читај: клечење:) по издавачките куќи.

Бидејќи во Темплум, освен како графички дизајнер, работам и како веб дизајнер, одржувајќи го сајтот на Темплум, бев во извесна предност и ја искористив за да го направам Електролит и да го поставам како дел од веќе постоечкиот сајт на Темплум. Но, од идејата до реализацијата, сепак помина подолго време, речиси една година обмислување и премислување, додека не сфатив дека наједноставното е најдобро, дека Електролит не мора да биде совршен, туку напротив, секоја негова слабост е предност, зашто Електролит е потенцијал кој треба да предизвика реакција (и паралелно со неа да се дообликува), да ги придвижи луѓето, да им даде надеж дека токму тука се можностите и дека токму овде може да ги остварат своите потенцијали... тогаш и го напишав текстот кој сеуште стои на сајтот како сведожба за мисијата на Електролит:

Целта ни е да прераснеме во голема архива на текстови која ќе функционира како некој контра/паралелен/виртуелен и динамичен литературен простор и да лансираме млади и неафирмирани, но моќни писателски катапулти кон големиот челичен писателски Титаник, замрзнат и заспан некаде на некоја Антарктадемија и да го распарчиме!
Па, праќајте текстови. И престанете да велите дека државата, власта, вонземјаните... се криви. Еве ви шанса!

Го презентирав конкурсот на колегите во Темплум кон крајот на Јануари 2006 и сите го поддржаа без двоумење. Директорот на Темплум, Никола Гелевски, секогаш подготвен за нови авантури во сферата на издаваштвото, литературата и културата генерално, ја пружи неговата финансиска и критичарска поддршка и ја одржа од првиот до последниот конкурс во 2006 (расказите се прегледувани и избирани од сите членови на Темплум, но Никола Гелевски е авторот на поголемиот дел од месечните критики и осврти).

БКГ. На конкурсот на Електролит од месец во месец се зголемува бројот на учесниците. Што е она за кое младиот човек сака да пишува, како се движи мислата, и дали според пишаното се чувствуваат влијанија од автори кои се претпочитаат ?

БП: Бројките со кои се соочуваме се сèуште скромни, барем според мене, но битен е квалитетот, нели? Некои посериозни статистички истражувања не сме направиле до сега, иако би било интересно да се види, на пример, од каде се авторите (спротивно од очекувањата, голем број од авторите не се од Скопје, што е охрабрувачки) или, од друга страна, колкава е возраста на авторите. Генерално преовладуваат автори на 20-30 годинишна возраст, но понекогаш имаме и постари автори (па и над 50:) или средношколци, и дури (ретко, но интересно е да се забележи) основци(!), што особено ме радува бидејќи кажува дека интересот за конкурсот (па и за литературата и новите начини за нејзино создавање и перцепција) е широк.
Темите кои преовладуваат се најшироки, од „очекуваните“ љубовни и социјални, преку актуелни и (а)политички теми, „сајбер“ теми (интернет-кафеа, мирц, блогови и други придружни појави на „виртуелното живеење“)... се чувствуваат и влијанијата од другите медиуми, како што е телевизијата или весниците (исмевање на шпански серии, раскази втемелени на реклами и весници или вести), а расказите се честопати жанровски: СФ, еротски или хорор... Влијанијата врз расказите кои ни пристигнуваат се најшироки, но општо би можеле да речеме дека честопати се наѕираат сличности со постмодерната книжевна постапка, а од авторите се препознава влијанието на класиците како Набоков, Буковски, Стивенсон, Селин, По, Борхес... а од македонските писатели Славко Јаневски, Влада Урошевиќ, Горан Стефановски...

БКГ. Моја констатација е дека доста долг период во Македонија, расказот како форма беше занемаруван. Електролит постепено допринесе и допринесува за обновување и живеење на оваа форма заедно со Темплум како издавачка куќа која му остава голем простор на расказот во своите изданија (Скопски раскази) но и како online конкурс.
Кои се критериумите според кои се вреднува еден расказ, и дали сметате дека македонската младина поседува урбан стил на пишување

БП: Темплум од поодамна се залага за афирмацијата на младите и неафирмирани македонски „раскажувачи“. Само во Маргина, која излегува од 1994 година, се објавени стотици македонски автори. Од друга страна, во прозната едиција Магма веќе се објавени неколку збирки раскази од млади автори (рамо до рамо со класиците:), а сега отпочнува и нова прозна едиција Катапулт, во која ќе се објавуваат исклучиво млади автори. Впрочем, првите две книги во едицијата Катапулт ќе бидат збирки раскази „Електролит:2006“ и најдобриот автор од вториот наш конкурс за дебитантски ракопис „Новите“.
Во врска со критериумите на вреднување на расказите, се обидуваме да не се држиме до една стратегија. Пред сè литерарноста, стилот, експредивноста и прецизноста на јазикот, вештината во оцртувањето карактери... се значаен фактор, но понекогаш ги занемаруваме тие фактори на сметка на приказната, или темата (актуелноста, ангажираноста, значењето...), оригиналноста, храброста во експериментирањето. Во вакви случаи, ако почувствуваме „потенцијал“ тие дела ги наградуваме, зашто сметаме дека дополнителна стимулација може да влијае позитивно врз одредени автори и да ги натера да поработат повеќе на стилот и изразот, самото раскажување итн.

БКГ. Правејќи компарација со светскиот расказ каде сме ?

БП: Раскажувачката постапка на нашиот просечен прозаист е сеуште заглавена во некои постмодернистичко-експериментални текови, што сепак и не е толку лошо, ако размислите, дури е и логично, зашто нашето општество е сеуште заглавено во промените и кризите кои во Европа се случиле пред многу години, па тоа се одразува и врз литературата. Значи, би било убаво кога би можел да кажам дека ги пратиме светските текови во литературата, но сепак не е така. Но, можеби вака е подобро, затоа што сеуште имаме многу нерасчистени прашања (колку и да е срамно, мораме да си го признаеме тоа; па ние сеуште немаме ни солиден речник на македонскиот јазик!), многу темели кои треба да се постават. Треба да пораснеме, да оцврснеме и созрееме, за потоа да се носиме со силината на новите струи кои носат во нови неистражени територии. Впрочем, Електролит е еден таков чекор за поставување темели на нешто ново и неистражено... но, тој пополнува само една дупка (и тоа не сосема!), а има уште толку многу...

БКГ. Постои тенденцијата многу млади луѓе да прават обиди во пишувањето, „да уништат многу дрва непотребно, а дури и едно е многу“ како што би рекла една моја пријателка, и... замирање...
Дали сметате дека помеѓу авторите кои се застапени во вашиот конкурс постојат издржани но и издржливи автори во својот текст, контекст?
(Би можело да се наведат и со тоа некои карактеристики, и црти на нивното книжевно писмо)

БП: Мојот впечаток е дека, генерално, кај нашата „писателска“ младина постои желба за експериментирање и храброст да се истера до крај во тоа. Недостатокот е во немање дисциплина, упорност, премногу очекувања, а малку вложување. Авторите на нашиот конкурс честопати не сакаат да се соочат со фактот дека за да се стане писател, потребно е многу работа, непреспиени ноќи, обидување, фрлање во корпа (реалната или таа на десктоп:)... најпосле, се работи за еден занает. Но, да не бидеме престроги, сепак голем број од авторите кои ни праќаат раскази не ни сакаат да станат писатели, туку едноставно, сакаат да пишуваат, да се проучуваат себеси и светот околу себе или едноставно имаат нешто да им соопштат на другите, што е убаво за поттикнување на критичкиот дух и разменување/зближување на идеите во духот на новиот век.
Постојат повеќе аспекти на издржаноста и издржливоста. Дефинитивно најиздржливиот автор (од аспект на упорноста) е Ѓорѓи Крстевски, кој прв ни прати расказ и продолжи да праќа максимален број раскази секој месец до последниот конкурс во ноември. Ова е единствен ваков случај и би било убаво кога повеќе автори би се придржувале до тоа, независно дали се наградени/пофалени или не. Од друг аспект, авторите често не се издржливи раскажувачи, расказите достигнуваат одредена точка, некоја мини кулминација, а потоа остатокот е само еден слободен пад надолу. Со издржаноста мислам дека немаат проблем, времето во коешто живееме ни дава повод, дири и не приморува на некој начин, да се занимаваме со сериозни и значајни проблематики и да се обидуваме да изнајдеме решение, алтернатива, што и да е, што би ни помогнало полесно да се соочиме со стварноста.

БКГ. Кои се условите во кои Електролит функционира, со што се соочува, и кои се луѓето кои го прават Електролит онаков каков што е?

БП: Електролит го сочинуваат пет луѓе: Никола Гелевски (писател, издавач, главен и одговорен уредник во Маргина), Искра Гешоска (есеист, проследувач на театарот и јавното мислење), Роберт Алаѓозовски (магистер по литература, критичар и новинар), Владимир Јанковски (постдипломец по литература, уредник на прозната едиција Магма) и Бранко Прља (писател, графички и веб дизајнер).
Сите овие луѓе работат на Електролит речиси волонтерски, посветувајќи се на оваа работа зашто веруваат дека е значајно да им се даде поттик на младите писатели или сите оние кои сакаат да пишуваат, особено тука, во нашата реалност и ова екстремно тешко време кога материјалните вредности се на едната страна на вагата која натежнува, а сите други на другата. Заради тоа сметаме дека ова што го правиме е од големо значење за сите нас.

БКГ. На многу интересен начин е направен овој конкурс со својот едноставен дизајн, со тоа што секое нешто, своето место си го наоѓа според сопствен азбучен ред, и целиот простор е наменет за пишаниот збор, навидум страна од книга. Дали сметате дека интернетот е попристапен алтернативен начин и за еден автор во обид па и за читателот, па оттука и дали сметате дека литературата е доволно застапена во интернет културата?

БП: Целта на Електролит беше да прерасне во своевидна архива на онлајн прозни (па и поетски, теориски...) текстови, што придонесе за елементите на веб дизајн кои ги гледате на сајтот. Тргнав од едноставноста, отсуството на дополнителни графички елементи кои би го оттргнале вниманието од текстот. Живееме во векот на „сликата“, една телевизиска реклама, според бројот на луѓето врз кои има влијание, е помоќна од цела библиотека книги! Интернетот, со зголемувањето на брзините на трансфер на информации станува се повеќе „сликовит“, зборовите во новиот век го губат своето значење и сметавме дека е време да им го вратиме... колку што е возможно. Сепак, не треба да се плашиме од „новите“ технологии, туку напротив, ако веќе знаеме дека нивната карактеристика е лесно и брзо да влијаат врз поголем број луѓе, да ја искористиме за меѓусебно зближување, развивање на креативноста и ширење на позитивни идеи и вредности.
Но, сепак кога Бил Гејтс се сомнева дека книгите ќе изумрат и дека ќе бидат заменети со екрани, би било лудо ние да го тврдиме спротивното... или не? Пишаниот збор е веќе во голема мера дигитализиран, весниците сè повеќе се читаат на интернет, да не ги заборавиме и Блоговите, како посебно погодна форма на разменување идеи и неформално организирање... Сметам дека просечен тинејџер во просечно развиена земја знае повеќе за интернетот, сајбер културата и „информацискиот автопат“ од самиот Вилем Флусер. Јас навистина верувам во тоа. Иднината е во прстите (врз тастатурите:) на денешните тинејџери (па и помлади од нив!) кои наликуваат на некои Нео-вци, чувствувајќи, знаејќи го интуитивно, живеејќи го она што теоретичарите на информативното општество го знаат само на интелектуално ниво. Ние живееме во книгите од Вилијам Гибсон, само не сме свесни на тоа, отидете во кое било подобро интернет кафе и ќе го препознаете тоа во ликот на седумгодишното прваче чие тело пропаѓа во столицата, а главата едвај допира до масата, но неговото алтер-его е совршена убиствена кантер-страјк машина која со леснотија се носи со три-четири пати постарите противници. Не заборавајте ја таа сцена, зашто денес играме игри во виртуелниот свет, а утре ќе читаме книги (или можеби ќе ги „восприемаме“ на некој сèуште неизмислен начин:), зошто да не!?

БКГ. Не случајно овој конкурс го нареков читанка, поради тоа што постојат раскази, а исто така и поезија на некои од авторите кои се вон конкуренција.

Како што напомнав, Електролит е прозен конкурс, но идејата беше во иднина да функционира и како поетски (па и теоретски, критичарски...) конкурс. За жал, освен повремените песни кои стигнуваат на нашата адреса и кои ги поставуваме вон конкуренција, тоа сèуште останува за иднина. Причините не се во недостатокот од „поетски материјал“, напротив, генерално поезија се пишува повеќе од проза, туку во немањето доволно време, луѓе, сретства од наша страна, тоа да се спроведе во реалност. Се надеваме дека од година ќе собереме доволно сили да го реализираме и тој чекор.

БКГ. Полека изминува 2006 година, завршува еден циклус, и сите некако сакале или не, се вртиме зад себе, а не заради нешто друго туку размислуваме за оној што следи.
Што гледа Електролит вртејќи се наназад?
(Кои се плановите за понатамошното продолжување со работа на Електролит и дали ќе има некакви новини?)

Не би сакале многу да се вртиме наназад. Наместо тоа, ексклузивно за вас, ќе ви соопштиме некои од плановите на Електролит за развој во блиска иднина. Промените ќе се одвиваат во три сегменти:
Електролит конкурсот: Мојата визија за Електролит конкурсот е во ширењето и поврзувањето со другите издавачки куќи, (кои, патем речено, досега не покажаа никаков интерес за Електролит, а да не зборуваме за нешто повеќе) можеби заеднички конкурс, поголеми награди, или уште подобро, повеќе независни мали конкурси, со што би се поттикнала конкуренцијата и објективноста, а тоа самото по себе би ја зголемило мотивацијата за пишување/споделување (што е една од целите заради кои Електролит е создаден) и би имало огромно влијание на подигнувањето на нивото на младата литература што се пишува и објавува и нејзината засилена популаризација. Целата работа би можела да прерасне во културна, па и општествена движечка сила која би повлекла многу млади луѓе со себе. И навистина не се потребни никакви средства да се постигне тоа, Електролит е пример за тоа, па се надеваме дека ќе не следат, ако не заедно, тогаш барем независно од нас. На тоа некако се надевав уште од кога го отпочнавме Електролит, но, ете не се случи, Електролит сèуште не доби братче (или сестриче:).
Во план е исто така и Електролит работилницата за креативно пишување, која би била поврзана (но, не исклучиво) со Електролит конкурсот, со цел да се зголеми квалитетот на пишаниот збор (на Електролит и пошироко) и да им се помогне на младите автори да го совладаат писателскиот занает. Би било убаво кога и нашите „писателски ѕвезди“ или професорите од катедрата за книжевност, па и интелектуалците кои имаат што да кажат на темата литература и пишување би се заинтересирале да пренесат дел од своето знаење и вештини на младите жедни мозоци. Се надеваме дека оваа идеја, малку покомплексна од организациски и финансиски аспект ќе успееме да ја реализираме.
Во врска со сајтот на Електролит, како медиум преку кој се пренесуваат сите овие идеи и виртуелен простор каде што тие живеат, планираме пред сè поголема интерактивност, внесување на динамични содржини, како можности за оставање коментари и гласање или оценување на расказите од страна на посетителите на сајтот, можеби и некој форум за Електролит, литературата генерално и слично. Но, да не откриваме сè. Па, се читаме наскоро.

Марлена Петрушева
 

   

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2006.