ЈОВИЦА ТАСЕВСКИ – ЕТЕРНИЈАН

Јовица Тасевски - Етернијан е роден на 25 златец 1976 година во Скопје. Дипломира на Филолошкиот факултет "Блаже Конески" - Скопје, на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Автор е на книгите: "Нешто се слуша" (поезија, 1995 год.), "Визии. Глагол" (поезија, 1997 год.), "Веда" (поезија, 1998 год.), "Постојното, плимата" (книжевни критики, есеи и студии, 2000 год.), "Клатно" (поезија, 2001 год.) и "Небесни стражи" (поезија, 2004 год.). Со Маја Апостолоска го приредија изборот од современата македонска поезија со библиски, религиозни и апокрифни мотиви што излезе како тематски број (11. 12. 2000 год.) на списанието за литература, култура и уметност "Стремеж" - Прилеп. Ја состави и антологијата на најмладата македонска поезија "Неидентификувана небесна дојка" (2001 год.). Го објави прото-манифестот на интегралистичкото книжевно струење. Во периодиката објавува поезија, книжевни критики и препеви. Во 2006г. Ја објавува својата „Посоки и огледи“ (книжевни критики, есеи и студии). Неговата поезија е застапувана во неколку антологии и објавувана е на повеќе јазици. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Работи во НУБ "Св. Климент Охридски" - Скопје.
 

 
OЗГОРА

Ангелот се размавнува
со пламнати четива
низ прамените на ноќта
што се шират
како наметка

Подготвени да прилегнат
врз кревкото рамо

Глагол без дно
со кристална игла
моринките во студеното легло
одамна што го обложиле
детето

Озгора ги вади
подгорени

Портите во сводот
зад коравите петици
да ги остави


ХАМЛЕТ СЕ ОСВРНА

Единствената врвица што ја фрлија
пред овие кревки, светликави
глуждови За воздух што копнеат
А закржлавени зад хоризонтот
се прикажуваат

Сталожена, леплива кал
беше, е, ќе биде
Кај множество од стапици
расеани ми се виде Гнојни
врутоци што во мене длабат

А твојата душа со лузни
бележана Што се чини
закоравени дека лежат
Дур сонуваат за оној
повтор сочни што ќе ги стори

Во ова ли Пресно
Улиште што реа
на распад шири
Зар во мене бара мед,
зблудена?

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2006.

Nazad