ЃОРЃИ КРСТЕВСКИ

Ѓорѓи Крстевски, 24 години; дипломиран филолог на Катедрата за руски јазик и книжевност; еден од тројцата автори во книгата со кратки раскази
„Не сакам да ви кажам ништо“
 

Веќе видено


На Бојан Станишиќ

Ништо не е случајно. Според тоа, средбата на чадорот и машината за шиење врз операционата маса е однапред испланирана.
Во мигот кога неговата сопруга чукна на вратата од бањата и му рече дека го бараат на телефон, Марко со крпа ја бришеше водата на својот грб, останата после долгото и пријатно бањање. Тој ја подотвори вратата и го позеде од нејзината рака безжичниот телефон кој веднаш го принесе кон левото уво. Во меѓувреме, се уште се бришеше со другата рака.
Го бараше еден пријател кој штотуку се беше вратил од странство.
Не успеав да ја најдам книгата, му рече неговиот пријател после едноминутниот вовед од како си, што правиш и слично.
Па, добро..., успеа да промрмори Марко кој се обидуваше да облече чисти гаќи.
Прашав во повеќе книжарници, и секаде ми рекоа дека веќе не се печати...Можела да се најде само во старинарници...А немав време да проверам во сите.
Марко ја облече маицата со кратки ракави и излезе од бањата.
Несвесно влезе во кујната со принесен безжичен телефон кон
левото уво и внимателно слушаше. Додека го слушаше својот пријател, погледна во малата црвена цедалка што беше оставена на шпоретот. Сето тоа му дојде познато, како веќе да се имаше случено и претходно: разговорот со пријателот од странство, ненаоѓањето на книгата, црвената цедалка на шпоретот, неговата се уште неисушена коса... Сега требаше однекаде да се појави неговата сопруга со лоши вести за негов роднина кој доживеал
срцев удар, па тој да се облече за да го посетат в болница, па потоа да шетаат низ блискиот парк каде што ќе сретнат познаник кого одамна го немаат видено, па со него да појдат во некое кафуле на пијалок и разговор од кој ќе разберат дека тој има намера да се жени, и воедно, ги кани на неговата свадба која ќе се одржи за три недели, а тие, на пат за свадбата со своето возило ќе имаат лесна сообраќајна несреќа во која воопшто нема да бидат повредени, но ќе задоцнат на свадбата час и половина...
Неговиот пријател се уште зборуваше.
Марко ја премести црвената цедалка од шпоретот на мијалникот за да го наруши редоследот на настаните, како што тој веруваше дека ќе се случи.
Од дневната соба доаѓаше придушен разговор. Потоа разговорот стивна, и неговата сопруга се појави пред него, но кога виде дека тој се уште не завршил со повикот, го задржа тоа што сакаше да му го соопшти. Според нејзините стиснати усни Марко можеше да заклучи дека не се работеше за радосна вест.


Таинствениот јавувач


На Ана Алексовска

Јас и немам којзнае колку возбудлив живот. Сè до пред шест месеци сите денови ми наликуваа еден на друг ; од понеделник до сабота бев на работа од осум до четири часот напладне, па одев дома ; во неделите или шетав сам во градскиот парк или одев на ручек кај омажената сестра која живееше на спротивниот крај од градот. Немам родители и не сум женет. Живеам сам, во еднособен стан под наем. Повлечен сум по природа, и за најблизок би можел да го сметам продавачот од продавницата во приземјето на мојата зграда во која купувам секој ден, иако честопати си мислам дека тој едвај и да ме забележува.
Да ми го раскажуваше некој друг ова што сега јас ќе ви го раскажам, немаше да му верувам.
Пред околу шест месеци, откако се вратив од работа и откако ручав, прилегнав на креветот за да одморам. Од дремката ме оттргна ѕвонењето на телефонот. Беше, по сè изгледа, сабота бидејќи кога се јавив, очекував да го чујам гласот на сестра ми која ќе ме покани на ручек наредниот ден; но наместо нејзиниот рапав глас, јас чув плач. Плач на некој што не го познавав. Отпрвин си помислив дека станува збор за некаква грешка, па потоа си помислив и дека некој сака да се пошегува со мене, и посакав да ја спуштам слушалката, но кога повнимателно се заслушав сфатив дека тој плач е искрен.
Утврдив дека гласот му припаѓаше на маж.
Немав пријатели и затоа не знаев кој би можел да биде тој. Затоа и не ја спуштив слушалката, туку останав да го ислушам до крај, за можеби да дознам кој е. За жал, не успеав. Откако се исплаче, непознатиот ја прекина врската.
Јас бев вчудоневиден. Веднаш почнав да си поставувам прашања. Од каде некој би можел да го знае мојот телефонски број? Дури по една минута се сетив и јас да ја спуштам слушалката.
И се јавив на сестра ми и ја прашав дали го дала некому мојот телефонски број, но таа ми одговори негативно. Прашав да не се пошегувале таа и нејзиниот сопруг, но одговорот беше ист. Очигледно беше дека сестра ми не знаеше ништо во врска со тоа.
Не верував дека можеби беше некој од моите соработници. Всушност, со нив не се ни поздравував кога ќе се сретневме во некој од ходниците во зградата каде што работевме. Други не познавав, освен продавачот од приземјето.
Се симнав долу и го прашав дали знае нешто во врска со телефонскиот повик, но тој знаеше уште помалку од сестра ми. Дури се изненади кога чу дека имам телефон воопшто.
Таа вечер не можев да заспијам до доцна во ноќта. Се превртував во постелата и само мислев на тоа кој би можел да ми телефонира плачејќи.
По неколку дена повторно ми се јави истиот глас. И овојпат плачеше. Плачеше искрено, од сè срце. Тоа можев да го почувствувам и јас преку жицата што нè разделуваше којзнае колку километри. Морам да признам дека неговиот плач делуваше и на мене, и ме растажи, со оглед на тоа што истиот тој ден претпоставениот на работа ме искара за еден ненамерен пропуст што го направив, и потоа сето време бев нерасположен.
Кога непознатиот заврши со своето плачење, и кога и јас ја спуштив слушалката, се чувствував многу тажно. Така се чувствував до крајот на тој ден, кога и јас заплакав вечерта пред да заспијам.
Неговите јавувања не престанаа. Се јавуваше на секои три-четири дена, и секогаш плачеше, а понекогаш плачев и јас, и по извесно време неговите јавувања прераснаа во еден вид општење помеѓу нас.
Во меѓувреме, јас на секој начин се обидов да откријам кој беше тој. Се обратив во поштата, во полицијата, во разни други служби, но никој не знаеше и не можеше да открие. Најпосле, и мене ми стана сеедно кој беше. По секое негово јавување јас се чувствував онака како што тој се чувствуваше, и моето расположение, на некој начин, стана зависно од неговото.
И еве, по шест месеци, сè уште ми се јавува. Мене тоа не ми пречи, тие нешта ја разбиваат секојдневната едноличност во мојот здодевен живот…


Игра

Цел ден ми се присторува дека има некој зад мене. Чекорам, и чувствувам дека сум следен. Кога и да се свртам, често ненадејно, нема никој. Само некоја сенка ќе претрча по улицата.
Сеништа
Ги мразам сеништата, тие ноќни господари на мојот дом што го нарушуваат спокојството што сум го стекнал во текот на денот. А денот, како и секој друг ден, со безброј обврски што ми го одвлекуваат вниманието; воспоставување ред во сеопштото безредие што владее со мојот живот, нешто што ми ја троши силата. Ноќта, која служи за одмор на исцрпеното тело, понекогаш, за мене претставува вистински кошмар: тивок шепот покрај увото, гласови во соседните простории, пеење во бањата, дишење зад грбот, дувкање во тилот. Ужас! Утрата се полни со изненадувања: на четката за коса наоѓам долги црни влакна кои не ми припаѓаат мене зашто одамна сум кратко потстрижен; телефонот не е на своето поранешно место; содржината на полниот пепелник е истурена во чаша со млеко; на мојата омилена играчка од детството, кукла што со години внимателно ја чувам, & недостасува едното око; на тоалетната хартија читам низи испишани бројки кои мене ништо не ми значат. Колку само пцости прелетуваат низ моите мисли! Колку само лутина се собрала во мене! Чувствувам како мојот бес се спрема да избувне како вулкан.
Ве мразам! - извик што секое утро се истргнува од моите гради. - Ве мразам!
Можам да чујам придушен кикот што доаѓа некаде од внатрешноста на ѕидовите.
 

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2006.

Nazad