ИГОР ИСАКОВСКИ

Роден 1970 во Скопје. Работел како радио и ТВ водител од 1991-1999, 2001-2003, на различни фреквенции. Основач е и директор на културната установа Блесок. Работи како главен и одговорен уредник и вебмастер на истоименото списание. Уредник е на списанието на Независни писатели на Македонија, „Наше писмо“. Дипломирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност во Скопје, магистрирал на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта (Родови и културолошки студии).
Објавил: Писма (роман, 1991), Црно сонце (поезија, 1992), Експлозии, трудна месечина, ерупции… (раскази, 1993), Вулкан – Земја – (поезија, 1995), – Небо (поезија, 1996, 2000), Blues говорница (многу куси текстови, 2001, 2007), Песочен часовник (раскази, 2002), Длабоко во дупката (поезија, 2004), Пливање во прашина (роман, 2005).
Избори и преводи на други јазици:Sky (поезија на англиски, 1996, 2000), Sejanje smeha (избрана поезија на српски и македонски, 2003), I & Tom Waits (избрана поезија на македонски и англиски, 2003), Sandglass (раскази на англиски, 2003)
Антологии: Ернест.01 (избор од раскази објавени во Блесок, 1998-2003), Морфеј.01 (избор од поезија објавена во Блесок, 1998-2003, автори родени помеѓу 1960-1977), Морфеј.02 (избор од поезија објавена во Блесок, 1998-2003, автори родени помеѓу 1930-1959)
CD-ROM-ови: М@Па (2001), Babylonia (2004).
Преведува поезија, проза и есеи, од (и на) македонски, англиски, српско-хрватски-босански-црногорски. Во негов превод на македонски, објавени се книгите на Алеш Дебељак, Лудвиг Гиц, Марија Тодорова, Душан Гојков, Клод Фримен, Роберт Млинарец, Јосип Ости, Рони Сомек, МТЦ Кронин, Томас Шапкот, Герит Бусинк и Ханс ван де Ваарсенбург.
Објавува во многу домашни и странски списанија. Делата му се објавени во дваесетина земји.
Живее во Скопје.


ОД „BLUES ГОВОРНИЦА II“

  672. Се разретчува студот, се разбива маглата во ситни прамени, како да минува низ вешти прсти. Крвта го забрзува своето движење, очите се бистрат. Време е да се почне книгата.
The Guy Forsyth Band - Death Gonna Hunt You Down

673. Опушти го прстот, најди ја буквата, одлепи се од тлото, дај $ ново значење, во твоите мрежи на секојдневноста вплети ја, и тргни. Повлечи го чкрапецот.
The Guy Forsyth Band - Needle Gun

674. Криј се каде ти е мило, отсекувај си од сенката, збирај го здивот во преплашените гради, затворај ги очите во страв дека нивниот блесок ќе те издаде; ќе те најдам. Затворај се каде сакаш, молчи како длабока вода, како модро дно молчи, јас ќе те најдам.
The Guy Forsyth Band - I'm a Hog for You

675. Широка порта и широк двор зад бела ограда, куќа, со високи тавани и широки прозорци куќа, овде мириса морето, водата е одзади, шуми и плоди, куќа бела, куќа висока, стројна. На мојот син куќа.
The Guy Forsyth Band - Son's House

676. Црвени и жолти, бели и розови, испилени од сонце и дожд, никнати од плодна земја, закитени со свиркање и трње, накитени со мирис, со единственост наметнати. Ружи.
The Guy Forsyth Band - Roses from the Graveyard

677. Дали е проодно, пак слушам. Дали ќе стигнеш, нешто ми вели. Стигнав, велам. Најдов, и се смеам.
The Guy Forsyth Band - Taxi

678. Весел чекор, опуштено дишење, слушалките на уши, прстите во џебови. Алиса во земја на нови чуда.
The Guy Forsyth Band – The Sweet Alice Blues

679. Не откривај ме, тие се зли и пеколно пресметани, нивните лица се камени маски, од веѓите им капе студ, од очите им се цеди лед. Не ме откривај, без тебе е студено. Без тебе ќе ме добијат.
The Guy Forsyth Band - Don't Turn Me In

680. Се движи низ мене, брзо ги менува местата, ме жеже, ме боли, ме стресува. Излегува низ моите пори, чудни зборови кажува, лоши слики слика. Потоа се разбива на ситни парчиња.
The Guy Forsyth Band - Temperature

681. Ја полниш чуварката, ги плакнеш рацете, палиш цигара, ја местиш мамката, зафрлуваш, повторно улов. Можеби и би престанал, ако не мислеше на рибата што побегна.
The Guy Forsyth Band - The One That Got Away

682. Се врвчевме од шанк до шанк, од ноќ во ноќ, денот беше само неодминлива пауза. Набивавме километража, се врвчевме од станица до станица, од една до друга бензинска, од граница до граница, со ситно во џебовите и со гладни очи. Кога Господ одеше по земјата, ние со него се разминувавме.
Omar Dykes & The Howlers - When Sugar Cane Was King

683. Секој го бара засолнот пред ветрот, секој си бара место за сонот. Патуваме низ магличави темнини, патуваме низ студови и дождови, да стигнеме кај што сме наумиле. Секој тргнува напред со страв, а ретки се оние што стигнуваат. Товарени со сомнеж, тешко нè носи вербата.
Omar Dykes & The Howlers - Steady Rock

684. Правам напивки од исцедени ѕвезди, мешам мириси со звуци, лебдеам низ ноќните светилки, изнурнувам од твоите мечти. Готвам пијалаци од змиска кожа, бела боја и модар кристал. Натопувам во масла од темно-зелен блесок, ги смирувам твоите сништа.
Omar Dykes & The Howlers - Snake Oil Doctor
Omar Dykes & The Howlers - Too Many People Talkin'

685. Време е да се забавуваме: никого и ништо да не сфаќаме сериозно. Време е да се забавуваме: никогаш и никаде да не сме сериозни. Време е да се забавуваме: секаде и секогаш да мислиме на убава музика. На светли неба. На топли води.
Omar Dykes & The Howlers - Party Girl
Omar Dykes & The Howlers - Girls Got Rhythym
Omar Dykes & The Howlers - Drug Store Candy Smile

686. Станува потопло, посветло, доаѓа време за возење со отворен покрив. Станува поиздржливо, попријатно, и воопшто, може да се диши. Станува поубаво, дружбите се почести, и, воопшто, пивото е повкусно. Некој ќе ме вози дома...
Omar Dykes & The Howlers - Automatic

687. Порано, трчав ноќе. Ги мерев улиците во кратки здивови. Имав ритам, немав музика. Трчав потполно насочен, но никаде не стигнував. Имав цел, немав идеја. Потоа, престанав. Чекав да дојде полноќ, најсмирено што можам. Потоа пеев. Жена ми ми вели, смешно сум пеел. Пак пеам. Нека се смее, ако ништо друго...
Omar Dykes - Midnight Ramblin' Man

688. Зграпчи го местото свое меѓу небесните пердуви; кога ќе стигнеш таму - вгнезди се добро, испрчи се по должина, по ширина, по сите твои димензии. Кога ќе погледнеш удолу, подобро имај гради полни весели здивови; инаку, ќе те боли што не можеш на другите да им олесниш.
Omar Dykes - Get Hip
Omar Dykes - Hurry, Hurry

689. Имам право да молчам, да бидам тивок, незабележлив. Имам право да кажам што ми лежи на душа, и со шепот и со викот. Имам право да говорам Blues.
Long John Baldry - Right To Sing The Blues

690. Тешко чекорам, тешко наполнет. Земјата се лула под мојата тежина. Одам бавно, пак тој ритам во движењето, пак така дишам. Да чујам сега, кој се вика Blues?
Voodoo Roosters - Who's Blues

691. Некои од нас трчаат, други се трпеливи. Некои се бавни, други се љубопитни. Некои би сакале да полетаат, други би се скриле под земја. Некои... и некои други... А секоја патека си има крај. Неодминлив завршеток.
Jimmy Johnson - Roots Of All Evil
Jimmy Johnson - Blue Monday
Jimmy Johnson - Rock And A Hard Place
(CD: Every Road Ends Somewhere)

692. Убаво е да се има излез, да се размислува за него, да се мисли дека постои и кога е потполно безнадежно. Добро е да се има отстапница; тоа понекогаш го олеснува чекорењето низ огнот и грмотевиците. Треба да се пее, и кога сè се чини загубено. Затоа сум тука.
Tab Benoit - Me And My Guitar
Tommy Castro - Me And My Guitar

693. Сонуваме за среќа, за мир и благосостојба, додека над нас се рушат последните тавански греди. Небото е темно, непроѕирно, црно. Врне над нас, и врне во нас. Суводолиците во нашите души се сронуваат, додека сонуваме Сонце.
Tab Benoit - Matchbox Blues

694. Стркалан надолу, како празна канта одекнувам по скалите. Потполно обезличен, прозвучувам со метални удари. Моето тело... Излетувам на автопатот. Не знам како. Не е важно. Сега се движам полесно. Под мене, пак моќна машина. Пред мене, пак хоризонтот, пак километрите. Си одам дома. Пеам најубаво што знам.
Tony Vega Band - Rollin' Down From Memphis

695. Rolled down, as an empty can, I echo down the stairs. Completely faceless, I sound with metal clinks. My body… I am flying into the highway. I don't know how. It doesn't matter. I am moving more easily now. Underneath, power machine again. In front, horizon again, miles again. I am going home. Singing the best I can.
Tony Vega Band - Rollin' Down From Memphis

696. Коњаници во златни руби ги гонат коњите по брегот; зад нив заоѓа сонцето, пред нив ечи плач на новороденче.

697. Ништо ново под месечината. Сè уште есен е и врне и студи. Ништо под полната месечина. Сенките на голите дрвја плетат пајажини врз асфалтот, врз мојата пијана сенка.

698. Фотографиите отидоа по ѓаволите, носени од пеколни огнови и врели ветрови. Ги заборавам нашите игри; твојата свиленост, како сребрена риба (светла како школка сребрена) бега од мене (перфидно се затвора). Која си ти, сенко од моите кошмари, со кое волшепство ме отру?

699. Си ги читам забелешките на старите ракописи: сè некои кратенки, кои сега ни самиот не можам да ги протолкувам. И се фаќам како се прашувам: да не е ова некој програмски јазик што сум го смислувал? Да не е некоја форма на html, некој код што треба да го дигитализирам? Ме боли грбот. Ме боли грбот кога ќе помислам колку поедноставно ми било порано. Време е да си наточам и да си наздравам. Зашто сум преживеал, зашто сум тука. Вистинско ебано чудо...
Buddy Guy - Done Got Old

700. Во средината на едно големо тик-так, во една огромна огромна секунда. Во една сонлива загубеност. Со поглед на часовниците што играат околу мене. Во погледот на стрелките што ми се смеат, јас од зборовите правам брод. И едрам. Натаму.
Buddy Guy - Baby Please Don't Leave Me

701. Времето тече во коњски трк, слушам тешки копита во снегот. Диви коњи со бес на муцките. Брзина, вртоглава минливост. Близина, жестока вечност која пребргу завршува. Времето е старо магаре.

702. Смрзнувам од страв кога ќе видам колку е совршен студот што смртта го шири наоколу.

703. Зад ’рѓосани ѕидови. Во темнина и скршени прозорци. Те барав сношти низ непознати ходници полни со мирис од мемла и шум од крилја на лилјаци.

704. Ти ми дојде како расплетено јаже, на дното од креветот те видов – бисерна школка. Го бакнав бисерот. Со живо железо испишана си, врз мојата постела, врз мојот неспокој.

705. Загледан во моите празни, со ѕвезди посеани дланки, те видов – Ноќна птицо – како влетуваш во моето небо.

706. Ми ги разграбаа непрочитаните книги додека јас трчав низ куќата барајќи те. Не можев да се облечам, а тие ми се смееја, викаа, врескаа како хиени и чекаа да се откажам за да им станам плен.

707. Автобусите на чергарите заминаа, а јас останав. Сега е тивко и само ѕвездите пеат додека Циганите лутаат продавајќи среќа. Во една соба со многу прозорци сакам да те донесам, да видиш како светилките играат и нотите играат и срцево игра и љубовта тече „од пеколот до рајот“. И, љубовта вели Љубов и тоа многу убаво звучи на јазикот на допирот.

708. зборови (5). Чисти зборови како потоци како пролетни дождови, бисери, мали оди за твоите стапала за дланките твои што ме носат, чисти зборови и верба во нив и нема потреба од криење во метафори.

709. Кутиче со кибритчиња, весело го префрлувам низ дланките. Звуци кои ги знам, но сеедно брзо ги заборавам. Како и сето она што досега сум го запишал. Ако затресеш со кутиче кибрит пред мене, те молам потсети ме и на ова.
Albert King & Stevie Ray Vaughan - Match Box Blues

710. Стари песни, стари стихови... Замелушен од времето што сум го изживеал, збунет од себе во минатото. Вистинско чудо, пак си велам, и отпивам бавно. Вистинско чудо, божем некој друг тоа го запишувал. Како кога на една од моите љубовници $ го пратив мојот некролог. Дека сум умрел и дека некој друг сега ќе пишува место мене. Се потресе, кутрата. А јас, жив. И покрај сите реални прогнози.

711. На брегот на опеаната река Маас, ги ладам стапалата. Пред мене куќа обрасната во бршлен. Ханс. Ќе ме побара Ханс, пак да пиеме и да се смееме. Знам, додека гледам во бршленот, а телефонот ми ѕвони.
Paul Weller – The Bottle

712. Музиката се впечатува во мене, додека реката бавно се влече. Топло е во Маастрихт, песната е бавна и тажна. Есенска, со магла пред мугрите, со слана врз тревата, со влага и студ кои влегуваат во коските. Од надгробниот камен студ.
Paul Weller - Black is the Colour

713. Сакам отворени простори, топли утра и свежи вечери. Сакам пареа од устата во зима, на снег, под сонце. И малку шеќер. Во песната.
Nina Simone - I Want a Little Sugar in My Bowl

714. Сина врата зад сина решетка, син прозорец од пречки, сино небо, силно сонце, низ градот ги откривам аглите во кои ветрот дивее и лумпува, како да се враќа во одамна непосетен град. Како и јас.

715. Ми дадоа награда. После рекоа да ја прославиме. Во слаткарница. Зашто сите од жирито биле „непушачи“. Како ли ми ја дадоа наградата, да им се мочам, со сиот тој тутун во моите ракописи, си мислам. Па ги однесов пријателите и случајните минувачи во првата кафеана. Малку пиев и ги слушав како ме фалат. Гола вода, утре сè ќе заборават, си мислев. Пак бев во право.

716. Пак магли, пак студ, пак гомненици и пак, и пак и пак, мразишта ледени, пак зима, пак сенка над мене, пак... А пролет е.

717. Ги препакувам песните, ги префрлам од диск на диск. Од време на време, нешто проблеснува. Некој сјај од позната нота, некоја песна со добар стих. Пакувам одново, со стапалата вкопани во домашниот тепих.

718. Птица в кафез, стих зад стиснати усни. Како да се напише неизговорениот збор, кога ниедна склопка од три точки не го објаснува... Птица в кафез, замислен стих, болна мугра полна алкохоли. Пак по старо, пак срање...
Eddie Cleanhead Vinson - Bird in a Cage

719. Русата коса на мојата жена, како злато ми се прелева низ прстите. Ги броиме годините од бракот, после си ги броиме кавгите. Повеќе години отколку кавги. Пак победуваме. И се смееме.

720. Еднаш имав стар грамофон, и неколку плочи. Ги вртев од сабајле до сабајле, никако не ми досадуваа. Имав еден стар грамофон и нон-стоп го абев винилот. Крцкаа плочите, чкрипеа звучниците, а мене како ангелски хармонии да ми свиреа. Што, кога ќе помислам, и беше вистина: учев наизуст туѓи стихови (јас, кој ни моите не ги памтам), танцував како откачена пружина, пеев со глас зарипнат и во фалш (фалш како и секогаш) и не му ја мислев. Ангелски хармонии. И една од тие песни е оваа...
Eddie Cleanhead Vinson - Sellin' My Thing

721. Човек не може а да не се сеќава. Ете ме и мене, си мислам дека треба да не мислам. Се сеќавам, како слон се сеќавам. Си вртам филмови, мислам на моите, блиски а починати. Се поместувам од место, не против уроци, туку од навика да не бидам секогаш на исто место. А мислите, ете ги пак во мене. Не излегуваат, не ме напуштаат. Ниту моите луѓе, починати а во мене живи. Ако можат нешто од мене да слушнат, нека го чујат ова.
Eddie Cleanhead Vinson – Moon Blues

722. Сега е лесно. И за мене, кој не пишував со месеци, и за вас – што ви е баш гајле кога и колку и како сум пишувал. Сега на сите ни е лесно. Требало само да вдишам. Длабоко да вдишам и да гледам напред. Кон мојата душа полна светлина, неподложна на компромиси. И кон вашите души. Такви, светли и стамени. Се надевам и ви посакувам.

723. Во еден наутро се разретчуваат сенките. Ама, што ако требаше да биде длабока ноќ, кога еве ги нив разретчени. Скитаат по булеварите, се пикаат под шанковите. И постојано нарачуваат.

724. Не ми треба да се закотвам на шанк за да мислам поезија. Веќе не. Доволно е да дишам опуштено. И на жена ми да и’ кажам по некој искрен збор. Колку да не молчам. А изворот ми е во неа.

725. Се врвчевме околу оградата, околу нас студ и магла. И тишина. Божем сиот свет заспал. Околу оградата, со пушката на рамо, со врел здив кој смрзнат ми паѓа пред нозете. По оградата, од внатрешната страна, со рацете в џеб, со песната в глава. Со оваа песна.
Eddie Cleanhead Vinson - One O'Clock Hump

726. Од секогаш сум ги мрзел оние шупци што ќе напишат една книга и после цел живот само неа ја продаваат. Мислам, ми се гади од нив, еј. Патетични кретени, недоквакани дебили. Ми се чини, треба на секое нешто да се стави рок на траење. Па и на книгите, како заштита од овие – „претходно споменатите“.

727. Се отпуштам низ реката како еден единствен тон од контрабас. Нуркам кон длабочините, модри бои ме обвиваат, над мене одблеснуваат речните бранови, како фус чинели. Некој ги гали со четкички. Длабок тон. Мирен бас.
Howlin' Wolf - Love Me

728. Пијано, од G мол, басот поттупнува зад него како тром мечок. Мирен бас. Познат глас. На волкот глас. Се отвораат темни шуми, се раскрилуваат мрачни гори, болката на волкот да му ја приберат. Од гласот болката да му ја излечат.
Howlin' Wolf - I Didn't Mean to Hurt Your Feelings

729. Нему му падна таа идеја на памет. Зеде дебела и долга ортома и ја врза околу дрвото. Дрвото беше многу високо, но не и многу дебело во стеблото. Подобро уште пониско, рече, и ја преврза. Дрвото стоеше на самиот брег, реката му ги имаше откриено корењата кои се пружаа кон брегот. Од далеку, се чинеше дека дрвото со една своја половина лебди над реката. Се гледаа корењата. Зад дрвото беше приземната куќа, некогаш обоена бело, а сега сивкаста и на места пожолтена. Десно од дрвото, во реката влегуваше ниско дрвено мовче, темно сиво, слично на бојата на реката во зима. Сега, треба само да го повлечеме, и толку, рече. Се плашеше дека еден ден дрвото ќе ја загуби рамнотежата и ќе се струполи врз куќата. Иако куќата не беше баш близу. А и дрвото се навалуваше кон реката. Но ете, тој кога нешто ќе науми, не помага ниедна логика. Го фрли другиот крај на ортомата во чамецот, добро го врза за пречката под моторот и тргна во реката. Реката е голема, широка и длабока. Во есен е темно зелена, кога многу врне е кафена. Пловеше кон другиот брег и ортомата полека се одмотуваше. Се оддалечи десетина метри од брегот, но не беше ни близу до средината на реката. Ортомата беше силно затегната. Нешто довикна од таму. Ништо не можев да разберам. Стоев на мовчето и гледав ту во него ту во дрвото. Слушнав како моторот се мачи да повлече. Ортомата беше затегната како струна на рибарски струк. Ете ти, го ловиме дрвото место да одиме по риба, си помислив. Од ортомата се цедеа капки во реката. Моторот бревташе и исфрлаше валма чад над реката. Дрвото скрцка. Тој, како да насети, го засили моторот до крај. Во еден миг, се чинеше дека дрвото ќе попушти. Во следниот, од чамецот излета пречката, заедно со моторот. Тој остана затечен, мислам дека и устата му остана подотворена. Реката почна да го носи. Беше заборавил да ги земе веслата. Се надевав дека некаде по пат ќе успее да застане. Се свртив и тргнав кон куќата. Беше време за ручек.

730. Излегува од куќата со полни раце хартии, ги расфрла над себе, но од никаде нема ветар да ги разнесе. Хартиите паѓаат наоколу како суви лисја, бели и безначајни.

731. Гледа од прозорецот во маглата на градот. Понекаде насетува проблесок од осветлен прозорец. Како да го бара својот лик во некое оддалечено огледало, во темнина.

732. Ги пали свеќите за да го соберат чадот, ја средува собата за да ги среди мислите. Стари музики, крцкави плочи, свежо исчистен винил. Дигитализиран, подготвен за емитување. Радио станиците одекнуваат од бел шум.

733. Излитени шанкови, дрво изабено од допири, од лизгања на чаши, шишиња, коцки мраз, голтки, пепелници, догорчиња, банкноти, парички, ливчиња со телефони, ливчиња со обиди за стихови, ливчиња со сметки. Излитени шанкови после фајронт.

734. Зошто да не пречекам уште една мугра буден. На готовс, со очите втренчени во небото. Со насетување на возбуда од еден нов ден. Уште еден ден, со маглива мугра. Што е подобро од маглива ноќ, осветлена од разретчени бандери. Како во штрбава уста на еден стар и изнемоштен џин. Да не ви кажам како мириса... Но, муграта е инаква. Ја токми сцената за уште една претстава. Го засилува светлото, ги шминка глумците. Публиката се буди.

735. Полека се навлекува завеса од чад, по дрвениот под танцува мокра крпа, и таа да се напие ноќва. Низ чадот, сина светлина одблеснува; од некое огледало кон аголот каде што тој седи и го свири ова.
Michel Camilo - The Resolution

736. Прстите му претрчуваат врз клавишите, како мали човечиња кои се тркаат во круг. Во високи чаши тропкаат коцки мраз. Во ритам, да не ти се верува. Лимета, манго, лимон, цела тропска галантерија. Се будам, жеден како мамурен слон. Павтам со ушите, се ладам.

737. Влегувам во влажна пештера, по ѕидовите цртежи, нечии ракописи. Треба ли на камен да пишувам за нешто да остане зад мене, си мислам. Зашто, сè повеќе ме плаши дека ќе напишам нешто одново, нешто што веќе сум напишал. А, кога би пишувал во камен, цртка по цртка, буква по буква, е тогаш, богами, напамет би знаел сè што сум напишал. По ѕидовите се слева влага, кожата ми се оросува. Се потам ли, или пештерата ме оплакува, се прашувам. Патетично, вели пештерата. Јас го допирам каменот, се обидувам да не мислам. Пак заборавам.

738. Разлетан со умот, едрам над булеварите, окото е широко отворена бленда на еден напукнат објектив. Ги лови светлата во долги разнобојни ленти, сите испресечени низ пукнатината. Врз светлината паѓаат првите снегулки зимава. Објективот се замаглува од мојот здив, светлата се мешаат во шарена топка од бои и пресеци и кристали. Мојот здив се качува кон студеното небо.

739. Седам во дворот на голема дрвена маса, пијам црно и пушам додека ја гледам тревата како се повива на ветрот. Одамна не е косена, ветрот е благ и доаѓа од морето. Попладнето ближи кон квечерина. Виното е добро, густо и вкусно. Лизга. Како ветерот низ тревата.

740. да се тргнам од книгава, да завршам уште едно нејзино поглавје, едно издание. : да ја сменам музиката, да пивнам нешто, да ги ѕирнам девојките. : да мислам колку е мек креветот, да одам да го купам првиот бурек во комшии. : да ѕирнам низ маглата, да мислам на светлините низ градов, на сите тие судбини зад сите тие прозорци. : на сите фрикови кои прават сè за да не заспијат; и на оние кои мораат да спијат со запалено светло. Сè уште не.

741. Кога ли беше тоа, она со капутот? Она со ветрот во полите на капутот? Она со студениот ветар кој ти го фрла дождот в лице? Она со дождот кој те боде додека чекориш подзамижан? Она со чекорите кои би требало да те носат само напред? Она кое те враќа онаму каде што не можеш да се ориентираш во времето? Она време, кога ли беше тоа?

742. Тие мораат да спијат со запалено светло, зашто сонот така полесно им доаѓа. Зашто, кога ќе се разбудат среде ноќ знаат каде се. Зашто така ги набркуваат сите сенки од собата: и оние на ноќта, и оние на минатото. Нека свети благо, нека свети нежно, нека ја има. Светлината во ноќта.

743. Правиме сè за да не заспиеме. Неколку цигари по ред, кофеини, теини, течности за исушеното грло, уште цигари за зарипнатиот глас. Иако ретко кога со некого зборуваме; правиме сè за да не заспиеме додека сме сами. Некои од нас мислат дека темнината ќе ги голтне. Други мораат да се преморат за да не сонуваат премногу. Некои од нас зјапаат во таванот, го проучуваат мебелот. Други ги превртуваат перниците, како месо на скара. Правиме сè за да не заспиеме, додека главите ни горат од неповрзани мисли, како будни да имаме кошмари.

744. Долги и тешки се нашите несоници, звуците на ноќта стивнуваат со секој одминат четврт час. Знаеме кога го собираат ѓубрето. Пред ѓубреџиите, поминува и по некоја кола. После нив, од далеку се слушаат лаежи на кучиња. Понекогаш зачкрипува некоја залетана гума. Пред мугрите, разнесуваат млеко и весници. Ги слушаме сите овие звуци, им ги проверуваме времето и редоследот. Инвентар на ноќта. Сè додека не запеат првите птици. Тогаш можеме и да заспиеме.

745. Колку судбини зад сите тие прозорци во градов, колку приказни кои никогаш нема да бидат детално раскажани. Никогаш нема да можеме сите да ги чуеме. Нема доволно време за такво нешто, не во еден човечки живот. Колку раскази кои никој нема да ги прочита, колку стихови за студени и топли кревети, колку рими за провеви и празни тв екрани. Зад сите тие прозорци во градов, зад мојот прозорец.

746. Ѕиркам низ маглата, загубено мижуркам. Да бидам искрен, немам поим каде сум, немам поим што правам овде. Одам бавно, рацете ми се креваат да ја распавтаат маглата, божем тоа нешто ќе смени. Одам бавно, како да стојам в место.

747. Ме дочекува студена улица, магличава мугра, влажен е градот. Испотен по лумпувањето со ноќта. Нозете ми се растреперени, стомакот ми кркори. Ја пикам муцката кон градите, студено е. Првиот бурек во комшии.

748. Моите девојки спијат, сите три заедно. Лежат речиси потполно исто: утроена слика на мојот живот. Кога би лежеле наредени според висината, би биле совршена матрошка: утроена слика на мојата љубов.

749. Бебето едвај видливо се смешка додека спие. Пак ја сонува мајка си, легната крај него.

750. Можам и да пивнам нешто, си велам, ама никако да го мрднам газот и да си наточам. Би се напил нешто жестоко, како што викаат. Она кое со Ханс го пиев во Маастрихт. Па после ми правеа шеги дека сум пиел чај. Зашто одело тоа бргу и лесно. Истото она што го шетав со мене низ Словенија, па последните капки во последното шише ги оставив кај Примож. Истото она што го однесов како подарок кај Јосип и Барбара, па половина им го испив уште првата вечер, додека зборувавме во кујната. Сега би можел и да се мрднам и да си наточам. Дупла, мајсторе. Едната за мене, другата за моите ортаци.
Charles Mingus - Self-Portrait in Three Colors

751. Лилава лаванда, млада месечина. Мирисот е силен, но не е тежок. Како лилав превез се лелее низ летната ноќ. Сам си го бира ритамот. Се лепи на коренот од моите дланки.
Los Lobos - Kiko and the Lavender Moon

752. Ми ги масира стапалата, дланките и’ се нежни, топли. Летна ноќ е, една од последните ноќи. Од летото и за нас. Над нас надвиснала месечина. Ми мириса на лаванда.
Los Lobos - Kiko and the Lavender Moon

753. Ме намачка со лаванда, со лилав мирис, во корените на дланките. Онаму каде што многу години после тоа ќе носам саат и алка. Некој ја возеше колата брзо, бевме на некој автопат. Беше лето, прозорците беа отворени и летото влегуваше за да го сети нејзиниот мирис.
Los Lobos - Kiko and the Lavender Moon

754. Танцува Кико, танцува пред да си легне. Мојот другар Кико, кого само еднаш го сретнав. Танцува Кико, како да е застанат врз својот мотор, како исправен да стои врз него. И јури така, напред, во лилав самрак исчезнува.
Los Lobos - Kiko and the Lavender Moon

755. „Имаш ли ти крилја“, ме прашува. „Зарем не знаеш“, и’ велам. А знам дека знае, зашто инаку не ќе ме мачкаше со лаванда. „Ќе ги видам ли некогаш“, ме прашува со очите. Тогаш првпат ја бакнувам, додека колата јури по автопатот а летото влегува низ отворените прозорци за да го впие нејзиниот мирис.
Los Lobos - Kiko and the Lavender Moon

756. Преку коренот на десната дланка ја вртам алката која жена ми ми ја подари. Го памти ли овој дел од моето тело копнежот што го имав за жена ми, уште пред да ја најдам? Ги знае ли и тоа километрите што ги поминав за да ја сретнам? И, чувствува ли сега како околу нас се шири мирис на лаванда? Смирувачки, нежно и полека. Така, како што ја вртам алката.
Los Lobos - Kiko and the Lavender Moon

757. Саатот си отчукува, секунда по секунда, како здивови, како куси голтки. Последната наша ноќ, зашто знаеме дека нема пак да се видиме. Со прстите ми минува низ косата, ме задева. „Имаше многу долга коса на корицата од онаа книга“, ми вели. Знам, но каква врска има тоа, си мислам. Тогаш и не мислев дека ќе имам и други книги. Некој да ме прашаше за тоа, како што ни самиот не се прашав, не ќе знаев што да кажам. Некако, секоја книга ми е последна. Се обидувам да не правам фрка и фама околу тоа. Моја работа.
Los Lobos - Kiko and the Lavender Moon

758. Танцува Кико, низ моите соништа се распавтал, со онаа негова метална шипка збрцана во рамото, фучи воздухот околу него божем хармоника свири. Споменот за мојот другар танцува околу мене, еве веќе втора деценија. Понекогаш и кога не можам да заспијам. Можеби зашто во тоа време бев ослободен од секаква амбиција. Освен од онаа да се натрескам. Бидејќи најчесто ми успеваше, можам да кажам дека водев прилично успешен живот.
Los Lobos - Kiko and the Lavender Moon

759. Танцуваат мирисите околу моите крилја, светот се врти во лилаво, во мириси силни и лелеави. Таа ме допира полека, како да го запознава моето тело. А ме знае. Сиве овие месеци ме проучува. Ме допира полека, ме лизнува тук-таму. Како молњи да има во јазикот, љубовницата моја.
Los Lobos - Kiko and the Lavender Moon

760. Ми пречеше светлото кога влеговме во собата. Ламбата ја турнав додека се обидував да и’ ја придушам светлината, а таа ја исклучи и донесе свеќа. Лилава свеќа за лилава светлина.
Los Lobos - Kiko and the Lavender Moon

761. Страв ми е од лилава, страв ми е од моментот кога запишав дека под лилава светлина три усти ме гризат. Вистината е, дека ме љубеа три усти. Немаше лилава светлина, и ниедна од нив не ме гризна. Напротив. Но ете, стравот си остана. Сè си мислам дека таа ноќ за малку се спасив од смртта. Не знам зошто така мислам: сè беше нежно и јас бев релативно добар љубовник за сите три. А, и самите си помагаа, за волја на вистината. Но, тоа сега и не е важно: стравот ме плаши. Стравот од лилаво.
Los Lobos - Kiko and the Lavender Moon

762. Исклештен и развиличен, сиот полн со себе, ја отворам вратата снажно и бескомпромисно. Влегувам во лилава магла, во мирис на лаванда. А во мене, стравот тера журка.
Los Lobos - Kiko and the Lavender Moon

763. Мојот печатар ме носи кај друг печатар. Никако да ми ги отпечати книгите. Како во кошмар. Понекогаш и си мислам дека сето тоа е сон. Ми фрчи цени, печатаров втор. За нешто ситно, толку. За друго, толку. За трето, 13.000. Па самиот си ја намалува цената. „13 е баксуз, да го ебам“, и симнува за 500. Ми се чини дека куќата ќе падне врз нас. Не од неговиот баксуз, туку зашто е сета трошна и расклатена. Оваа печатница не ме гледа уште еднаш, си давам збор, и тргнувам надвор. Таму е мрак, и едвај доаѓам дома. Ја дочекувам муграта, а цела ноќ низ главата ми се врти сликата на куќата.

764. Љубов, ноќва мириса на нашата прва зима.

765. Ти се прикрадувам додека спиеш. Полека ти ја тргам косата од веѓите. Таму те бакнувам. Љубов.

766. Кои се бројките на мудроста, се прашувам. Каква мистична врска имаат бројките со животот? Има некоја поврзаност, тоа го знам, но премногу Кабала може да те збрлави. Се сеќавам на првото издание на оваа книга. Како низ магла, ми доаѓа Мирко и ми вели да не застанеме на 666. Ѓаволски бил бројот. Сега сè нешто си мислам дека ако завршевме таму, книгава ќе беше уште покомерцијална. Знаете како е, луѓето сакаат да си создаваат мистика и кај што ја нема. А мене ќе ме прогласеа за некој антихрист, по не знам кој пат. Гола вода.

767. Јас само се обидувам да ги раскажам моите приказни, најдобро што знам. Секогаш надевајќи се дека некој ќе ми се придружи во доживувањето.

768. Јас сум среќно копиле. Таа ми се јавува со месеци, и конечно одам да се сретнеме. Има цел сет прашања за мене. Како новинарка да е. Сите прашања се лични. На сите одговарам, најискрено што знам. Постојано се мотка околу Blues говорница. Ми раскажува случки. Мене ми се чудни, но таа раскажува така што можам да осетам дека тоа се случило. „Седевме кај мене со друштво, и секој си поставуваше прашање, а потоа ја отвораше оваа книга“, ми раскажува. Сите биле вџашени од точноста на одговорите. „Факинг и-џинг“, и’ велам. „Не“, вели таа, не потсмевај си се на напишаното. Ебано граматички коректно. „Не знам како инаку да се справам со него“, признавам. А растам внатре, зашто не сум бил само јас мрднат. Цело друштво биле. Ебате беља, баш сум среќно копиле.

769. „Не знам дали ќе можам да те внесам во мојот филм“, ми вели. „Нема да можеш“, велам, „зашто си имам филм од кој не сакам да излезам. Го завршувам второто издание на Blues говорница“. Таа токму за тоа сакала да ме праша. Ебана коинциденција. Имам треска и едвај одржувам рамнотежа. После сите овие години рокенрол, метастазирам во старец. Ебана контрадикција. Но, и тоа треба да се помине.

770. Сопственикот на хотелот сака да пие со мене. Има и своја кафеана, сопствена. Јас се обидувам да останам трезен. Тој брза да се натреска. Околу нас свират тамбураши. Ептен Blues. Поцрнувам, камен и ќумур. За во ќумбе.
Forrest Sykes - Tonky Boogie

771. Ти си моето мило лижавче, љубов. Дај ми да се напијам од твојот клиторис.
Myrtle Jones & Paul Gayton - Right to Love You
Clarence Samuels - Lollypop Mama

772. Освен од лилаво, уште повеќе се плашам од затвори. Целиот се вкочанувам од самата помисла на затвор. Затвор ти е како да си затворен во матрошка која е премала за тебе. Уплав да те фати...
Johnny Shines - Joliet Blues

773. Бавно искапува од мене, како да сум саќе медено. Уште кога би било слатко тоа, потполно совршено. Но, знаете веќе дека ништо не е совршено. Искапува од мене, бавно и тешко. Темно и болно. Како бас регистратура на стар клавир. Ништо ново.
Lafayette Leake - Slow Leake

774. Одевме нагоре кон водопадот. Со часови, ми се чинеше. Прашината на македонското лето ми ги полнеше порите. Едвај чекав да стигнеме. Да се замијам. Да ја тргнам прашината од грлото ми успеа дури една година подоцна, додека преведував расказ за еден друг водопад. Долга суша, лоши сништа...
Detroit Junior - Too Poor

775. Што правеле големите писатели додека ги пишувале своите големи дела? Гледале ли во ѕидовите околу нив, мислеле ли на текстурата? Малтер, вар, боја, тапети, ламперија... Добро, не мислам дека некој голем писател има ламперија во собата, но ете ја и неа тука... Ништо важно. На што ли мислеле, се прашувам. Зашто, јас мислам на милион тракатанци додека пишувам. Утре некој да ме праша што сум мислел, ќе признаам дека немам поим. Речиси онолку колку и за она што сум го напишал. Ебан книжевен филтер, тоа сум ти јас: само минува низ мене, и ме гори и ме соголува секоја ебана секунда. Добра карма.
Little Joe Blue - Dirty Work Goin' On

776. Еднаш отидов на гости во Приштина, дома кај нашите пријатели. Тие беа Турци, ама ич не ми личеа така: госпоѓата беше сета руса и некако премногу сува, а господинот тенок и висок, со големи очила на орловскиот нос. Целата дневна соба им беше обложена со ламперија. Така подобро се греело, ми рекоа.
Hound Dog Taylor - Sitting Here Alone

777. Пак размислувам што сакам да ми свири на погребот. Не дека не ги почитувам оние посмртни маршови, ама јас претпочитам нешто повесело. Мислам, ако веќе си одам, да отидам со песна. И, не која било: знам дека жена ми ќе ми брчи кога ова ќе го чита, ама јас баш сакам да си нарачам песни за погребот [btw љубов, не се умира од нарачката, туку од целиот пакет што ти доаѓа со консумацијата :) ] :
unknown band from New Orleans (internet rip) - Amazing Grace
Sonny Boy Williamson (II) - Keep It to Yourself

778. Моиве очи постојано ме фрлаат во неволја. Никако да си ја скријам мислата зад нив. Некако исто ми доаѓа дали погледнувам или изговарам. Една од причините зашто веќе не ме бива за меѓу луѓе.
Muddy Waters - My Eyes (Keep Me in Trouble)

779. Понекогаш, ти доаѓам како товарен воз. Бавно влегувам во свиоците, заедно со сите мои мртви. Благодарни мртви, кои сепак ме тераат да побрзам. Не знам, понекогаш, дали треба да побрзам да им се придружам, или да побрзам на патот. Понекогаш, не сум сигурен дека и двете нешта не се точни. Ти доаѓам. Крени ја рампата.
Bob Dylan & Grateful Dead - Slow Train

780. Две песни од моето детство, на еден стар грамофон. На стар и не многу квалитетен винил. Знам, моите Blues браќа ќе речат дека тоа е топлината на музиката која ниедно цеде ја нема. И не ќе згрешат. Но, јас сакав да ви кажам за тие две песни и за една неповторлива гитара во различни раце. И, впрочем, за она што е мојата музичка лектира. За тоа како растев со овие песни, со гитарите кои ги имаа во себе, со крцкањето и потпукнувањето на винилот. Стар беше грамофонот, и тегот на главата бргу се измести. На самата глава ставив кутија од кибрит, и таму едно време чував мали пајачиња. После ја сменив содржината со потешки и поцврсти работи: метални пари, олово за длабински риболов, првото и второто заедно. Плочите стануваа сè поиздлабени. Почва за мојата поезија. Немојте ни да помислите дека некое раѓање било нежно.
Bob Dylan - Slow Train
Dire Straits - Once Upon a Time in the West

781. Што беше она што го сакаше? Ќе ми кажеш ли пак? Смисли ти, веднаш се враќам. Што беше тоа? Зошто сега? Зошто јас? Низ мене дува усна хармоника. Боли колку е прецизна. Да не ти требаше нешто? Да не те разбрав погрешно? Еве ја, дува како ураган. За некоја идна песна, за некој иден запис.
Bob Dylan - What Was It You Wanted

782. ...

 

Copyright © by Igor Isakovski & Balkanski književni glasnik – BKG, 2006.

Nazad