ИРЕНА ЦВЕТКОВИЌ

Ирена Цветковиќ, родена 15.03.1982 во Скопје. Oбразование: Филолошки Факултет Блаже Конески - Скопје. Дипломиран филолог по општа и компаративна книжевност. Mоментално вработена во културниот центар Точка.

 
Облици на осамата

1. Круг О

Во ресторанот на аголот од улицата седевме ние петмина. Беше пријатна ноќ и уживавме во убавото вино. Лени зборуваше долго, а мене некаква тегобна магла ми се втиснуваше во ушите. Без многу заобиколувања Лени ми ги даваше основните упатства околу патувањето. Утре заминувам. Повеќе не можев да го слушам, иако со последните сили се трудев. Мели седеше до него и црташе кругови со вилушката по чинијата. Беше тоа најчудното кружно движење кое досега го имав видено. На моменти успоруваше, само колку да ме залаже, а потоа молскавично брзо ја триеше вилушката по работ од чинијата, преметнувајќи го погледот од еден до друг. Бев свесна дека стравот веќе ми се исцртал во очите.
Бевме петмина, седнати на тркалезната маса. Моите најсакани, мојот свет кој требаше да го напуштам засекогаш.

2. Четириаголник

Лени се уште зборуваше, а јас продолжив да ја играм играта на набљудување на кружниците. Убави се- забележувам- и секако необични. Го свртев погледот кон Лени. Убав е и секако необичен. Бесрамно почнав да го зјапам, плашејќи се од една мисла. Мислата за новата четворка: Лени, Мели, Марио и Луси, без мене. Не можев повеќе да ја поднесам грутката која ми се создаваше во грлото. Очите ми се насолзија и за да ја скријам сопствената слабост погледнав низ прозорот. Парчето видик беше празно и здодевно. Веројатно имаше нешто поинтересно зад границите, но четирите агли од прозорот ми го затвораа погледот. Се гледаше само дел од улицата и два паркирани автомобили. Останатото што го гледав беше само здодевен бел ѕид на кој висеше прозорот. Четирите агли не можат да се помрднат...никогаш. Четирите упоришта во ѕидот со подадени раце дозволуваат само едно парче од хоризонтот во кој нема место за петиот елемент. Ги замислував Лени и Мели на горните агли, а Марио и Луси на долните два, затоа што токму така беа распоредени на масата. Лени ја милуваше раката на Мели и и′ ја објаснуваше убавината на Америка, а Луси и Марио се смееја за дебелите нозе на конобарот.

3. Триаголник

Лени продолжуваше да зборува и одвреме-навреме со јазикот поминуваше низ горната усна. Држејќи ја за рака Мели во еден момент ми го фати погледот кој повторно беше вперен во него. Се насмевна и со десната рака ми ја прибра левата дланка свиткана во тупаница, опфаќајќи ја целосно со долгите прсти. – Ќе ми недостасуваш, малечка- ми рече намигнивајќи ми. Мели ја префрли десната дланка врз нашите две и со навалена глава ме погледна во очи. И мене исто- ми рече Мели.
Ги затворив очите. Солзите удираа по очните капаци барајќи да ги отворам за да го видат и тие светот надвор од мојата тажна внатрешност. Да го видат овој триаголен свет ограден од нашите раце, создаден од крепоста на чворот од испреплетени прсти. Ситни искри на возбуда ме пецкаа по телото. Возбуда предизвикана од допирот на Лени. Се обидував да ја заборавам, да ја исклучам, да не ја забележувам дланката на Мели која не' притискаше. Сакав да му ги запомнам прстите вака природни и голи без венчалниот прстен кој Мели требаше наскоро да го одбере. Го гледав Лени толку блиску како никогаш до сега. Толку бел, нежен, стварен. Влегуваше во мене како никогаш до сега. Толку силен, толку телесен, толку топол. Ме убиваа сопствените страсти, а јас се повеќе тонев во омраза. Беше невозможно да се игнорира дланката на Мели.

4. Права ׀

Ја истргнав сега веќе испотената дланка и го растурив триаголникот. Тој не можеше да постои без солзи и омраза, а јас веќе немав сила. Го нагрнав џемперот и извинувајќи им се на сите заминав од ресторанот. Влегов во автомобилот решена да не ги отворам прозорите и покрај спарнината. Веќе беше после полноќ и единствено јасно се гледаше осветлената, долга, права улица. Едноличен пат кој беше мојот излез од светот на петмината. Излез од кругот кој тежнееше кон агли.


Скопска приказна

Бескорисно е да се седи потпрен со лактот на оградата од балконот и да се гледа во небесното црвенило кое ми ги штипе слепоочниците. Но, што можам?! Тоа доаѓа сосема спонтано, доаѓа за да донесе неспокој и ме врзува после првиот поглед. Тоа е замка и свесна сум дека повторно ќе паднам во неа. Доволно е само малку човек да остане сам со себе за да ги почувствува оние “невини” скокоткања во утробата. Чудно како времето во овие мигови почнува да се растегнува и собира. Тоа се шири и стеснува, почнува да си игра со нас, да не преместува ту во минатото, ту во иднината. (За првпат ми е мачно што сум сама)
Градот доби друга боја. Се скри во својата темна внатрешност, се натисна во сопствената утроба. Во немоќноста на ѕвездата спијат умните очи. (Немаше ѕвезди на небото таа вечер кога се возевме во колата со З. Беше спарнина, тешка и врела ноќ во доцниот септември. Одеднаш застана, ги тргна рацете од воланот, ги притисна во тупаница и ги стави врз своите уши. Велеше дека го притиска нешто во главата, дека се чувтсвува заробен во овој град, во овој урбан кафез. Го проколна сивилото околу него и ме замоли да излезам од колата, да го оставам САМ. Немаше ѕвезди таа ноќ во грдиот септември... веројатно затоа утредента врнеше дожд.)
Ах, па види веќе се запалиле уличните светилки. Чудно, зашто влезот од мојата зграда е свртен кон улицата, а не кон влезовите од другите згради. Вистинска социјална блокада. (Со З. никогаш не се гледавме во очи. Па ние и не умеевме да разговараме. Всушност, не умеевме да се слушаме. Нашите средби поминуваа во еднонасочна комуникација, а завршуваа кога тој ќе ме замолеше да си одам, да го оставам САМ.)
Почна да дува ветер. Студот навлегуваше во мене низ врвовите од прстите. Рацете почнуваат да ми се грчат. Ги триев една од друга дланките и потоа дував во нив. Така ги враќам во живот. “Одамна не заврнал дожд во овој осаменички урбанизиран пекол” - констатирам. Овие суви и студени градски воздишки влегуваат во мене низ мојот нос, се распрснуваат во мојата внатрешност и излегуваат низ устата. Осветлена сум одвнатре и тоа е непријатно. Мразам кога копам низ сеќавањата, кога гледам во себе, зашто да познаваш нешто значи да го мразиш (можеби затоа никогаш вистински не го запознав З.).
Се свртев на другата страна и погледнав надолу. Мали бетонски столбови и паркирани автомобили. Ја исправив главата за со поглед да го опфатам целиот хоризонт. Булеварот наликуваше на нозе од некоја убавица легната на грб кои се протегаа во бескрајот кој се затскриваше зад високата бела зграда - постојаниот победник во борбата со мојот поглед. Семафорите му даваа необична веселост на пејзажот. Тие заедно со светлата на автомобилите создаваа чудесна симфонија од бои. Хоризонтот почнува да се менува, да добива смисла, да добива вредност. Тука има многу повеќе одошто за еден грст волшебни доживувања, но нема место за мене. Просторот слегнува со раменици не можејќи да ме впие во себеси. Јас не умеам да се пронајдам, ниту да го благословам овој неискористен момент. Моето одвишно присуство прави уште една лузна во времето. (Понекогаш со З. се качувавме на покривот од мојата зграда и тој тогаш говореше за одвратноста од бесполезното седење врз ова бетонско здание. Велеше дека сака да ја мине ивицата од овој покрив, да чекори во воздух. Јас само го гледав и молчев. А знаев, знаев дека мисли оти не ни е местото овде на обајцата. Но, имаше ли место за нас некаде во светот? Знаев дека го мрази времето поминато со мене, но молчев. Потоа тој ќе ги покриеше очите со дланките и ќе ме замолеше да си одам, да го оставам САМ).
Почна да станува се' постудено и постудено (исто како во студените октомвриски ноќи кога се грчев од потреба за прегратката на З.). Тишината го голташе хоризонтот и лицемерно ја загушуваше градската врева подготвувајќи бура. Потпрена на оградата го гледам Потопот во очи. Воздухот почнува да се згрчува, а во моите раце се раздвижуваат бубалки. Коските почнуваат да ми играат од страв. (Бев престрашена кога последен пат го видов З. Одмавнуваше со главата цврсто решен да молчи, а рацете сурово цврсто ги држеше врз своите уши. Со поглед се пиевме издадени од несогласувањата, мртви во обидите да се разбереме. Му го допрев грлото папсана од потреба за збор. Мрморев тивко во плач, а во тајните ходници од неговиот желудник ги пронаоѓав моите зборови недоџвакани, несварени, гнили).
Заврна дожд. Капките почнаа иритирачки да ми се тркалаат низ лицето. Се прибрав во топлата соба решена да не го гледам залезот повторно (да го избришам, да го премолчувам, да го задушам З. во мене). Ги затворив очите и сонував за исток.


 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2006.

Nazad