КРИСТИНА ГАЦОВА

Кристина Гацова (1983) родена во Штип. Фотограф, изведувачки артист, дизајнер... (Оff the record – дипломиран новинар ). Живее, работи, мечтае и се инспирира на Балканот. Ужива во создавањето визии и свои светови... тоа го прави преку фотографии, перформанси и писанија...

 

 
Чекање

Во чекалната на улицата 23 веќе се беше уморил од чекање еден млад господин.
Во чекалната на улицата 12 сеуште немаше никој. Мислам, никој особено. Беше преполна со стари излитени фаци и секоја од нив чекаше на свој начин. Колку патетично и симпатично во исто време.
Еден потропнува со потпетиците, друг ниша со лактот, некој постојано гледа во часовникот, го потчукнува – кутриот се расипал уште пред години. Секој чека на свој начин. И чека...
Минатиот ден поминував по улицата 23, па свратив во чекалната. Стариот господин беше сам. Бавно го крена погледот кон мене,
старечкото уморно лице се развесели.
„Конечно дојде“ - беа неговите последни зборови.

Троен агол

Ги најдов стуткани во еден агол. Зафрлени, заборавени имитираа постоење. Играа карти.
Сведната глава, скршено крило и уморен поглед. Со бавни движења ги редеа картите една по една пред себе.
Се отвори картата Живот, а тие се стуткаа во својот троен агол и сомнежливо погледнаа околу себе. На светлината од свеќите лицата им изгледаа бледо прозрачни. Откако се уверија дека се сами најмладиот отиде да провери дали има порака за нив.
Изминаа веќе неколку дена, а сеуште никој не ги беше побарал. Решија да продолжат со играта, која веќе одамна не им претставуваше задоволство, туку беше навика и должност.
Во магливата атмосфера на истиот троен агол се отвори картата Смрт. Овојпат беа сигурни дека ќе добијат повик или барем еден од нив ќе биде побаран и ќе може да го напушти аголот. Тројниот агол на животот, тројниот агол на смртта, распространет во сите свои пространства, стеснет во сета своја ситнина, каде што тие, тројцата, се надеваа дека некој ќе ги пронајде.
Кога заминав сеуште чекаа таму, во тројниот агол што го нарекоа свој - Таткото, Синот и Светиот дух.

Рекламација
(not a fiction)

Рекламација на производ. Стоката се расипа, ја враќаме и се разбира бараме оштета.
Артикал - слабо, бледолико девојче со црна долга коса, кое зборуваше тивко, срамежливо. Или можеби плашливо.
Ја ставија во употреба со неполни деветнаесет години, но не сум сигурна дека ја вклучија на правилната програма.
Програмски систем Брак – брачен живот со него, мајка му, татко му, брат му и неговата жена и нивните две деца, едно куче и неколку мачки... Артикал - слабо, бледолико девојче со црна долга коса, кое зборуваше тивко, срамежливо. Или можеби плашливо.
Мислеа дека продуктот е мултифункционален, наменет да ги задоволи сите сегменти од брачниот живот, па без штедење го користеа. По неколку месеца се појави и бебето, кое можеби единствено имаше право на целосно искористување на производот. Но токму нему не му беше овозможено да го прави тоа. . .
Артикал - слабо, бледолико девојче со црна долга коса, кое зборуваше тивко, срамежливо. Или можеби плашливо.
Наскоро по доаѓањето на бебето продуктот беше прогласен за фаличен.
Гарантниот период на програмата Брак – додека смртта не н’е раздели – беше многукратно редуциран, а она – и во добро и во зло, и во здравје и во болест - беше решено со експресен документ за развод.
Артикал - слабо, бледолико девојче со црна долга коса, кое зборуваше тивко, срамежливо, или можеби плашливо, чија што епи-состојба после извршената брачна обврска – пораѓај – се влоши, беше вратено таму каде што беше произведено.

На излогот од продавницата за бела техника стои:
„Производот кој е оштетен од неправилно ракување со истиот, не може да биде вратен, ниту заменет со нов.“
Блазе и’ на белата техника.

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2006.

Nazad