МАЈА СТЕЛА

Маја Стела Босилковска, родена во Земун 1962. г., дипломирала на филолошкиот факултет во Белград, а живее и работи во Битола како професор по англиски јазик.
Има издадено две збирки на македонски јазик во кои се содржани и песни на англиски јазик.
Се занимава со скулптура – дрво и камен.


?????? ?? ??????

МЕТЕЖ ВО ГРАДОТ

Се возгордеав како балерина
јас - жена во животот низ градот
А се понесов како канибалка и
јас - жена во грабежот низ градот
Но, ме вжасна тој крвав метеж и
Се затворив како семафор
јас - жена пред полисата на градот
Умрев како животинка
јас - жена згазната на патот


И МОЕТО - ОД ЧОВЕК

Ко
кучешко.
Завивање.
Под пазува
на месечина
- тажење.
Ко
кучешко.
Цимолење.
Под кора
од чинар
- плачење.
И моето
- човечко.
Предавник
на Себе
и јас
- Плачам.

*

Ко
тигарско.
Рикање.
Во арена
за која се плаќа
- умирање.
Ко
тигарско.
'Ржење.
Во решетки
и реа без слобода
- до крв удирање.
И моето
- човечко.
Гладијатор
и јас
- За Себе
слобода
барам.

*

Ко
мајмунско.
Клештење.
На гранки
обесено
- подбивање.
Ко
мајмунско.
Скокање.
Во огледало
од човек
- имитирање.
И моето
- човечко.
Предавник
на Тебе
- И јас Сé исто
правам.

*

Ко
кучешко.
Умилкување.
Под маса
- нога лижење.
Ко
кучешко.
Ползење.
Под рака
што ќе погали
- радување и
рипање.
И моето
- од Човек
...
- Кучешки
Предавнник
.

ПАТЕРНИ НА ДЕНОТ

Мојата птица и нема име
А што ќе í е?
Што ќе í е?

Неа ја знаат петлите на зората
и лубениците расцепени на две
да се разлее црвениот сок на денот

Мојата птица и нема крилја
А што ќе í се?
Што ќе í се?

Неа ја носат сите водни реки
и дождовни солзи накапани
јасно
да се прогледа долж
матниот пат до сонцето

Мојата птица и нема клун
А што ќе í е?
Што ќе í е?

Неа ја хранат развеаните пченки
со сокриено злато
и задоцнетите пајки
зад прекршена трска
- очи в очи со зинатата челуст на
денот за преселбен лет

Мојата птица и не пее песна
А што ќе í е?
Што ќе í е?

Јас í пеам на мојата птица
И ги промолкнувам дланките надвор
А Таа легнува врз нив
и ми се насмевнува низ солзи
Пред нејзината насмевка
се топат таваните и ѕидовите
на мојата ќелија
А решетките се
само патерни на денот
со птици а без луѓе
во далечината со разјаден хоризонт
над полињата без крај
- под моите очи
поткачени на столче

САКАМ ДА ЗНАМ:
КОЈ
И ЗОШТО

Прво ми го одгризна носот.
Па јас така останав впирена со погледот
во дупката од која некогаш
стрчеше мојата гордост до небо.
А потоа ми ги изваде тие така впирени
и тие така вкрстени очи
Па зачекорив во мрак
на слепо со раце да ги барам
луѓето со бестрашен поглед.
И уште... ми ги откорна и рацете
па ништо не ми остана освен да
седнам покрај патот
и во грстот од стапалата што ми останаа
да чекам на слепо клоцнат леб.
Ете, сега сум и со отсечен јазик
и со испокршен 'рбет
а на раменици носам
туѓ нос и очи,
туѓи раце и јазик
а наместо 'рбет
ниска на слепо испревртени букви
место името кое јас безјазична
не можам да си го кажам
а други не сакаат
на Мене
Ваква
ни да го читаат.

1.
МУЗА

Се упатив кон твоето платно
Ти ми рече:
Тоа си Ти Убавино!
Се собув и босонога влегов
во сребрената река
насликана на него
Ти ми бакна чело
и ми рече:
Остани таму...
Да ти се восхитувам.
Погледнав во проѕирното дно
Ти, како мало дете, се насмеа
поради моите стапала
што водата
смешно ги прекршуваше.
Се усрамив и
посакав да излезам
Но, ти ми ги сокри
обувките
и ме запре:
Остани таму.
Сакам да те овековечам
и другите
да ти се восхитуваат.
Клекнав снеможена во водата...
и усрамена
во обид да си ги сокријам
стапалата под своите бедра...
Заплакав во своите дланки...
Од далечината се доближуваа
силуети и гласови:

А-ха..... Тоа ли е неговато ремек дело?

- Козарката и реката - ?

ВО ДВОРОТ НА НАШАТА ЦРКВА

Ми подари
очи
А потоа
и кожа...
од орев.
А ме нарече
Река без корито.
Ми подари
пердув...
од билбил
А потоа
и закатанчен кафез.
А ме нарече
Патека без насока.

Јас заплакав.

Очите си ги
посадив во дворот
на нашата црква
А со кожата
го послав небото
над неа.
Од кафезот попусто
мавтам со крилјата.
Како билбил
со насока
а без пердуви.


ДАЛЕКУ ОД ГРАДОТ

Ме прејде
кога се качувавме
над изворот.

И драскаво се смееше
на мојата зазбивтаност
да те престигнам.

Ме прејде
кога над селото
собиравме коски од скелет
од дива свиња.

И машки се изнасмеа
на мојата престрашеност
да ги допрам.

Ме прејде
кога прегрнати стоевме
над бучавата река.

И детински се смееше
на мојата немоќ да те чујам.

Ме прејде
кога пристигнавме
назад во градот.

И кукавички исчезна
кога се вжаснав од
изгубената природа.

Твоја.


ХАРТИЕНИ ГУЛАБИ

Јас тебе ти правев
хартиени гулаби
и силно замавнував со нив
за да стигнат до
твојата слапеста коса

И многу гласно,
со длабоки наклони
и гестикулации,
ти читав
грст
една иста досадна и
смешна филозофија.

За да не плачеш.
Кога ќе ги отплеткувам и
извлекувам
моите хартиени гулаби
од твоите нежни прамени.

ТРАГИ

Босонога,
со студени
ножни прсти
стапна врз
моите рисови,
и поткревајќи се кон мене
- Толку Библијски Маж,
со солзи наросена усна
ми допре
челично стегната челуст.

Проѕирна
и кревко лелеава,
со скршен стомак
потпрен врз снеможени дланки,
зафрли небо од постела...
смолкнато -
ко раб од прекривка...
некогаш потно топла...

Твоите
од солзи наросени
ножни прсти
оставија
солни траги
врз моите боси стапала.

Печат.

 


Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2006.

Nazad