МАРКО КОВАЧЕВСКИ

Марко Ковачевски, роден 1981, Скопје. Студент во 4 година при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, катедра за општа и компаративна книжевност.

 
Чудак

Го нарекуваа чудак!

Беше нескладно граден човек со енормно голема глава, раце кои беа прекратки за неговото истенчено високо тело, нозете како две шкорчиња прикачени за телото, кои мислиш во секој момент дека ќе попуштат и тој ќе се сруши. Секој зглоб му се нишаше. Не беше стабилен, беше лабав.

Го нарекуваа чудак. Очите му беа со недефинирана жолта боја, на светлина му се менуваа, мислам не убеден сум дека бираше која боја сакаше да му бидат. Не зборуваше многу, беше нем. Го нарекуваа чудак, мене ми беше пријател, на другите им беше едноставно чудак.
Живееше сам на периферијата од градот. Никогаш не се враќаше дома. Бараше луѓе, ги сакаше луѓето, беше нем, а тие го нарекуваа чудак...
Се движеше полека, како лик од некој вестерн филм, никогаш не брзаше, никогаш не доцнеше, секогаш беше непотребен.
Го гледав само дење, никогаш не се појавуваше ноќе. Можеби се плашеше од ноќта, не знам!? Постојано беше сам, а толку многу сакаше луѓе.
Денес го видов во градот, по долго време. Талкаше со наведната глава, чудно како не му тежеше таа огромна глава, како не го привлекуваше силата на гравитацијата. Му пријдов:
- Здраво, изустив, како си? Долго те немам видено.
Не изусти ни збор, не ја ни подигна главата, не ни застана. Ми стана чудно, се обидов да му застанам на патот, да му го одвлечам вниманието, но тој продолжи низ мене, помина низ мене, како јас да не постоев, како да бев нетелесен, како да бев пареа.
- Еј застани, застани, човеку, како го направи тоа. Немаше одговор. Продолжи по патот, со наведната глава, минуваше низ се што ќе му се најдеше на патот, се беше празно, нетелесно, чекореше сигурно, полека, со тешки чекори и се изгуби во метежот низ градот.
Никогаш повторно не го видов, никој веќе не го спомнува. Не знам зошто?! Само знам дека беше жив човек!

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2006.

Nazad