МИЛЕНА НИКОЛОВСКА

Mилена Николовска е родена во Велес, 1979. Дипломирала на Филолошкиот факултет, на групата руски јазик и книжевност, 2004 година. Работи хонорарно на различни видови преводи од руски на македонски јазик и обратно. Пишува поезија и кратки раскази. Досега е обајвен еден од нејзините прозни текстови со наслов „Херој на нашето време“ во списанието Маргина # 73 и уште еден со наслов „Сакав нешто да кажам“ кој ќе биде објавен во # 74 број на Маргина, што треба да излезе во јануари 2007.

 

 
Сакав нешто да кажам

Стоев во редицата со некакво чувство, коешто за прв пат го доживував. Беше ли тоа страв, онака недефиниран или беше само напнатост заради претстојната проверка, не можев да определам. Срцето ми чукаше нерамномерно, како расипан часовник, на моменти по две-три отчукувања во секунда, а веднаш потоа ми се чинеше дури и по пет. Не бев сигурна дали и другите се чувствуваат како мене – не можев да им ги слушнам срцата. Можев само да претпоставувам. Стоев некаде на средината од редицата; сеуште бев далеку од првиот, но можеби уште подалеку од последниот. Се плашев да гледам напред, назад не можев да ја свртам главата, па ми остануваше само да зјапам надолу, во моите стапала. Поместувањата кога некој ќе завршеше беа мали; би рекла дека се поместувавме за околу половина чекор. Со секое поместување стравот и напнатоста се зголемуваа, срцето уште повеќе спобудалуваше а не правев ништо за да го смирам. Си дозволував себеси да се опуштам, да се препуштам на емоциите, да не се контролирам – го правев тоа за прв пат во мојот живот. И не знаев дали и до крајот ќе остане се само на стравот и забрзаното чукање на срцето; можеше да се случи да се срушам, или нешто уште полошо, не можев ниту да си замислам што. Не се чувствував подготвена. Сакав да потрае подолго, да се подготвам. А ниту можев, ниту знаев како да го направам тоа во тој момент.
Размислував од каде им е таа моќ. Кога разговарав сношти со еден од нив по телефон не ми објасни ништо. А јас не се осмелував да прашам. Ми рече само дека во толку и толку часот треба да бидам овде, земајќи си една мисла со себе. Една мисла? Тогаш тоа ми звучеше невозможно; како воопшто би можела да излезам од дома со само една мисла, и која да ја изберам? И како тоа тие ќе ја „разгледуваат“ мојата мисла, како божем е таа апликација за вработување? И уште, она што најмногу ме вознемируваше и тревожеше: како тоа побогу тие ќе ја мерат таа моја мисла?!
Но еве, стоев во редицата, а пред мене и позади мене имаше уште многу луѓе и сите носеа по една мисла со себе. Не имаше можеби стотици, не можев точно да определам. Се сомневав дека ја одбрав вистинската мисла, ми се чинеше дека имам дома многу подобри, но ех, знаев дека е тоа проклетството на изборот. Се тешев себеси дека што и да изберев ќе се чувствував исто. Сепак, ми се допаѓаше мојата мисла. И не само тоа, всушност верував дека е и подолга и потешка од сите други, па себично ја чував, иако знаев дека никој не би можел да ми ја земе. И некако верував со целото мое битие дека ќе ја изберат токму мојата.
Следното на што се сеќавам е дека стоев на некое место, кое не би можело да се нарече просторија, бидејќи не беше оградено со ѕидови. Но сепак, беше посебно место, одделено од останатата околина со некакава невидлива со око конструкција, но сепак присутна и дофатлива со осетот. Во средината на собата, на еден висок метален позлатен стол со плишани тапацирани седишта, што ме потсетуваше на престолот на некој крал, седеше млада жена со пристојна физиономија, облечена во сив костум којшто се состоеше од палто и здолниште и со бела кошула под палтото. Изработката на столот на коjшто седеше и нејзината облека никако не соодветствуваа, како да припаѓаа на две сосема различни времиња, но се присетив дека овде ништо не е како во реалноста што ја познавав; ниту просторијата без ѕидови, ниту столот и облеката на жената, ниту пак, воопшто, причината поради која бев овде – да ја прочитаат мојата мисла, да ја измерат нејзината должина и тежина и да донесат одлука дали ќе ја материјализираат токму неа од стотина други!
Во недефинираната просторија имаше уште двајца луѓе – мажи. И тие, како и жената беа облечени модерно, во костуми и со вратоврски, но не седеа како неа, а не ни имаше на што; тие стоеја мирно, со сериозен израз на лицата и не гледаа во мене како неа. Се гледаше дека овде таа е главна. Тоа малку ме обесхрабри, бидејќи и покрај сериозниот израз на лицата, двајцата мажи изгледаа далеку побезопасно, би рекла дури и некако миловидно. Жената носеше очила и со непоколеблива сериозност ме набљудуваше низ стаклата. Не чувствував веќе таква возбуденост како додека чекав во редот; всушност, не чувствував ништо. Само чекав да почнат. И само што почна да ми станува непријатно од неколку минутното молчење, жената ми рече дека е готово. „Како тоа готово?“ – ја прашав, и таа ми одговори дека мислата е прочитана и дека можам да си одам. Не можев да сфатам како го напрви тоа; тука немаше никаква модерна технологија, всушност, освен позлатениот стол воопшто немаше предмети. Ја прашав дали е одбрана. Ми одговори дека не е. Ја прашав која е причината. Ми рече дека била кратка само десетина сантиметри, така што од неа не можело да се направи ниту една реченица; освен тоа, била прмногу лесна – само половина грам, или нула запирка педесет грамови, како што се изрази, а тоа не е во наш интерес, рече, ние бараме тешки мисли со филозофија од кои ќе можеме да направиме долги и комплицирани зборови и реченици. „Ама...“ – почнав, сеуште немајќи јасна претстава за тоа што треба да кажам во одбрана на мојата мисла, но таа веднаш ја помрдна главата нанапред, погледнувајќи ме прашално и јас занемев. „Госпоѓице – ми рече остро – веќе ви кажав дека вашата мисла е премногу кратка и лесна, би се добиле само обични зборови со нејзина материјализација! Ви повторувам уште еднаш – тоа нам не ни треба.“
Тоа беше се што ми беше кажано. Веќе во наредниот миг просторијата без ѕидови исчезна и јас седев пред мојот компјутер, со прстите врз тастатурата и со поглед насочен во белиот word документ на мониторот, размислувајќи што да правам со мисла долга десетина сантиметри и тешка половина грам.

Херој на нашето време

Мојот херој има некакво модерно име, да речеме Роберт. Има околу триесетина години и има факултетска диплома, иако и самиот има заборавено за што. Неодамна го доби првото вработување во својот живот како некаков office menager или office assistant во една од многубројните трговски фирми, но постојано се убедува дека му претстои блескава кариера, само е прашање на време. Платата му е мала, но се чини дека троши повеќе отколку што заработува. И самиот не знае како е тоа возможно, но не се ни труди да бара објаснување.
Мојот херој е самец. Но тоа не значи дека живее сам; напротив, во својата триесетта сеуште живее со своите родители и се надева дека во блиска иднина тоа ќе се промени, дека ќе си купи станче, дека ќе се ожени, ќе има деца. Тоа што е самец значи дека нема девојка. Има само попатни авантури, ако може да се наречат така, бидејќи кога ќе завршат секогаш му се чини дека биле се’ друго, само не авантури.
Мојот херој има многу слободно време. Најчесто го троши во кафулињата, на кафе со пријателите. Тогаш зборува за фудбалот, или бистри политика, или едноставно кажува вицови. Притоа, не дозволува друг да му го земе зборот. Не го интересираат туѓите мислења за истите работи. Верува дека е интересен само тој. Дека е најпаметен, најинтересен, најдуховит.
Мојот херој себеси се смета за образован и начитан човек. Во исто време и модерен. Ги чита светските бестселери и секогаш го изразува своето мислење за прочитаното. Моментално го чита Ден Браун, а предходно го читаше Пауло Коељо. За нив зборува како за свои најблиски пријатели. На пример, за Ден Браун вели: „Сите го сметаат Ден за контраверзен, но јас мислам дека неговата контраверзност е машина за правење пари.“ Притоа, верува дека мислењето е негово. Но најчесто тоа што го зборува го има прочитано некаде. Тврди и дека ги познава и светските класици. За Достоевски ќе рече дека е голем писател и толку. Бидејќи ја има прочитано само „Злосторство и казна“ во средношколските денови, но и неа ја има заборавено.
Мојот херој освен што чита книги, гледа и филмови. Некогаш на кино, некогаш изнајмува од дивидитеки и ги гледа дома. Скоро секогаш ги гледа најпопуларните, оние за кои наголемо се зборува. Во нив го забележува само она што и другите го забележуваат, а сепак мисли дека видел нешто посебно. На пример, него во „Матрикс“ го воодушевиле „ефектите“, особено како тоа Киану Ривс ги избегнувал куршумите. Во „Господарот на прстените“ го воодушевила костимографијата, но приказната му била помалку здодевна.
Мојот херој гледа и телевизија. Спортските натпреварувања ги следи некако по задолжение, бидејќи инаку нема да се снаоѓа во многубројните дискусии за нив. Вестите ги следи задолжително, бидејќи сака да биде информиран за се што се случува. Смета дека телевизиите го бомбардираат народот со „шпански сапуници“. Нив ги смета за најголемо ѓубре. Дома, сепак, од досада, гледа по некоја.
Мојот херој на одмор оди преку една година. Најчесто во Охрид, а ако е при пари може да скокне и до Бугарија. Сепак, задоволен е и со толку.
Мојот херој до извесна мера е неписмен. Незнае на пример, дали „којшто“ и „чијшто“ се пишуваат заедно или одделно, каде се пишува „т“, а каде „д“, каде се става голема буква, а каде мала. Но тоа не го загрижува многу, бидејќи не му се појавило како пречка во животот. Другите околу него се исто така неписмени. Некои дури и повеќе од него. Но и покрај својата извесна неписменост, со голема самодоверба пишува текстови и притоа се надева дека еден ден ќе стане познат писател, или барем новинар. Текстовите му изобилуваат со вулгаризми, со што верува дека ги руши долгогодишните табуа во литературата. А да се рушат табуа сега е модерно.
И не само неговите текстови, туку и самиот речник на мојот херој изобилува со вулгаризми. Мајстор е за секојдневно смислување се посочни и посочни пцовки.
Инаку мајчиниот јазик не му е јака страна. Никако да научи да зборува македонски, никако да научи правилно да ги акцентира зборовите. Ама затоа пак англискиот јазик го познава одлично. Благодарение на таквите познавања и го доби своето прво вработување. На тоа и на познавањето на компјутерите. Знае да работи во Word и во Excel, по малку дури и во Power Point, а на интернет сурфа на големи бранови. Сепак, најголема специјалност му се компјутерските игри.
Односот кон жената за мојот херој е многу значаен само кога е во прашање неговата мајка. Кон неа се однесува со најголемо почитување, а и како не би кога таа срипува од каучот при секое негово појавување на вратата, со спремност да му ја исполни секоја желба, па макар и каприциозна. Кога станува збор за жените на негова возраст, мојот херој заборава на убавите манири (ако некогаш воопшто знаел за нив) и се надева дека ќе ги импресионира со својот погрден речник и со пофалните зборови кои ги упатува само на своја сметка. Сепак, понекогаш дури и ќе ја плати нивната пијачка и тоа е се што тие можат да добијат од него, бидејќи според неговото мислење, тоа е единственото што тие воопшто го очекуваат од него. Неговиот цврст и непроменлив став е дека жените денес се премногу еманципирани и не му се допаѓаат интелигентните и амбициозни жени, бидејќи дружењето со таквите му ја руши самодовербата и му го повредува егото.
Доминантната психичка состојба на мојот херој е депресијата. И покрај сите свои знаења и способности, и покрај сите пријатели и работното место, мојот херој е незадоволен од својот живот. Незадоволен е токму од работното место, од платата, од пријателите коишто понекогаш се однесуваат како непријатели, од тоа што живее со родителите, што нема девојка... Таквото незадоволство од сопствениот живот само напати преминува во бунт, којшто се состои само од пцовки упатени кон политичарите и државата, сметајќи ги нив за единствени виновници за неговиот мизерен живот; а многу почесто депресивното расположение на мојот херој се претвора во апатија и тој одмавнува со раката и мрзеливо продолжува да го живее животот, црпејќи сили за утрешниот ден само од својата навидум голема, но во суштина разнишана самодоверба...

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2006.

Nazad