АЛЕКСАНДАР ПРОКОПИЕВ

Александар Прокопиев, раскажувач и есеист, роден 1953. г. во Скопје. Дипломирал и магистрирал на Филолошкиот Факултет во Белград.
Александар Прокопиев е научен соработник во Институтот за македонска литература во Скопје.
Негови објавени збирки:
„Младиот мајстор на играта“, 1983; „Или...или...“, 1986; „Пловидба на југ“, 1987; „Слово за змијата“, 1992 и “Ars amatoria“, 1997; книгите есеи: „Да ли Калимах беше постмодернист“, 1994; „77 Анти-упатства за лична употреба“, 1996 и „Патувањата на сказната“, 1996; „Човекот со четири часовници“, 2003. Некои од неговите раскази се преведени на англиски, француски, италијански, српски, полски, бугарски, унгарски.
 
 
1.


Не постојат уметности од прв, втор и некој друг ред.
Современата уметност бара пресврти, експериментатори и бунтовници.
Литературата треба да се нахрани со фотографијата, филмот, стрипот, рок-музиката, телевизијата.
Читањето еротска литература и научна фантастика ја враќа вербата во кажувањето.

2.


Биди пристрасен. Навивај за својата работа. Изостри го внатрешниот вид.
Не осигурувај го својот успех.
Она што во определена активност се чини периферно, во некоја друга активност може да биде клучно.

3.


Од писмата направи бротчиња. Дозволи им да бидат однесени од брановите.
Сети се на прозорецот на горниот кат на петкатницата со извалкана фасада од
другата страна на улицата, раката што, сред разбудениот град, внимателно и нечујно ја полива саксијата со бело цвеќе.
Сети се на денот, навидум како и секој друг (улицата сосем обична, малку каллив снег, замислени минувачи), кога спокојна ја наведна главата врз твоето рамо.
Сети се на небото, озеленетото небо на твоето детство. Кога немавме ништо туѓо меѓу себе, во царството на малата пролетна тишина.

5.


Отворај ги портите, па макар потоа бил и поразен.
Гледај како жените ги предаваат тивко своите тела на морето, додека ги впиваат последните румени солзи на денот, неповратно сами во своето мирно чекање.
Ослушкувај како на полицата над твојот кревет будилникот ги отчукува чекорите на времето. Во нивниот топот минуваат возови.
Одново барај го, на раширените дланки, старото чувство на прва средба со чудото.

6.


Музиката, господарка снена, нека те запленува секој пат одново. И во сонот ослушнувај како низ тебе струи.
Засрамен ловец биди, што здивот нејзин ќе го сети, низ лакот што трепери и стрелата што чека. Барај да има насмевка на девојче и мекост на жена во
белината на љубовната постела. Втисни белег во нутрините на нејзината мекост.

7.


Кога го запознаваш Градот, имињата, спомениците и историјата остави ги за крај. Талкај по туѓината на Градот, а топол.
Не испуштај ја жештината одочите. Нека остане внатре да се разгорува во тебе.
Помини низ молчаливите студени предели на сенката и зачувај ја својата скапоцена топлина. Зад својата молчаливост, и натаму трагај.

9.


Навлези во текот на времето - внимавај на сигналот што се јавува во одредени интервали, на симетриите и повторувањата, конекторите што го врзуваат крајот на претходниот со почетокот на новиот чин. Внимавај на временската композиција.
Располагај со сопствен избор во приодот на сопственото доживување.
Преобразуваш една, сама по себе неуметничка материја во поетски облик, во конкретна сликовна претстава.
Почетокот нека носи набој на навестувања. Подоцна, само засилувај ја
сликата.
Способноста да се погоди вистинската слика е способност за пронаоѓање
вистинско гориво. Сликата е многукрак ѕвездест организам што пулсира од внатрешноста кон надвор.
Сликата не смее да биде само ликовна, сетилна, таа под својата површина мора да содржи "нешто" што ја надвладува самодоволноста. Под светлото, под впечатокот, се наоѓа драматичното - исказот.

10.


Биди пристрасен читател. Служи се со прочитаното како со доказен материјал. Внимавај на распоредот, архитектонската постапка, инструментализацијата, но плени се од возбудливоста и уверливоста на напишаното.
Замислувај ги пределите што ги читаш. Поврзи ги со оние што непосредно си ги искусил. Биди читател-соучесник.

11.


Соочување со маската: претставата е запрена. Секое лице е грч окаменет пред
последниот извик.
Маѓепсани од моќта на неподвижното, во миг го разбираме немирот што се пробива низ тесните процепи.
Потсети се на топлите денови. Спарни, тешки денови кога ги милувавме телата
со малку зборови на испотените усни... како ја креваше тогаш главата кон Северот, чекајќи го студениот бран. Лежеше врз мене како врз камен, со поткрената глава, полна со нетрпение, голтајќи го воздухот со целото тело, а ноздрите се ширеа вдишувајќи го остриот мирис, мамлив и познат... Искушенијата на необичниот товар, за оние што патуваат со него, често се преголеми.

13.


Не е ли попривлечно така? Само првиот потег - разиграно дете што мудроста ја претопи во насмевка.
Не сакам кога ознаката надреално се употребува како класификација. Звучи суво, аптекарски. Мигот, вистинскиот миг е секогаш и надреален. Неговото регистрирање не се запечатува во шишенце.
Ден, лето, година - кратковечни посетители, сепак занесени од светлината на мигот, од недопирливата присутност на фрагментите.
Загубата на наивната слика, нејзината застареност во однос на ироничниот,
интелектуализиран став веројатно го означува конечниот прекин со веќе доволно поместената хармонија природа дело, но не само што е премногу ризично, туку за писателот е уметнички неуспешно трагањето по изгубената наивност "онаква каква што некогаш била".
Можеби еден од излезите е новата фрагментација. Принципот на организација е инаков, пристапот исто така, но нови се и "искуството" и "природата". Место камчињата да ги сложуваме во мозаик, ги оставаме таму каде што сме ги нашле - во новата фрагментација, навидум расцепкана и расфрлана, материјата ја следи својата преобразба од звук во вибрација.
Зарем тоа не е нашиот вистински лик? Парчиња срча, расфрлани по тротоарот.
Не сме се ни вдомиле во себе, а веќе погодени, се разбиваме во делчиња, во
мали одблесоци под ноќното сонце.

15.


Играта "како молитва". Крик по изгубениот рај. На сцената, три бледи фигури
- Мајсторот, Момчето, Жената.
Можна ли е синтезата без зараза, без вируси? Или сме оставени трајно секој во својата колипка. Златниот век - складноста меѓу божественото и човечкото, меѓу законот и бунтот, меѓу судбината и слободата - одамна е распрснат, од експлозијата на Супер-Новата, во помали или поголеми светлосни бранови што лутаат по празнината. Но, зошто да не се верува во повторна контракција? Зарем тој исход не е барем исто толку можен колку и оној со конечното распаѓање. Кој демне зад аголот ангелот или ѓаволот?

16.


Додека се миголам по фините нитки на животот, истовремено пајак и жртва, најсилно го чувствувам протестот кон Времето. На самиот праг на отуѓеноста, станувам приемчив за секој нов детаљ, за секоја капка задоволство. Таа болна интимност, со раѓањето и смртта на мигот, таа отвореност кон најситната енергија, како да доаѓа од немоќта пред постојаното умирање.
Ја откривам сликата од перспектива на детската меланхолија - дедо тивко се движи низ собата, погледнувајќи ме, потоа го раскрилува прозорецот, бучавата од улицата допира до мене, посте- пено, неумоливо губејќи се, тие проѕирни моменти што постојат само во еден сегмент на нашето минување, а чии траги се одблесоци, одзиви на нашата тага. Заедничката тага на културата што изумира се распрснува во мали единечни таги, во парченца семеен живот, во мириси на стариот мебел, во кревки импресии за мистеријата на индивидуалното, во претопени симболи на изгубената сила, во декадентни блудничења и идилично-сентиментални описи на природата.
Конфузен, фарсичен, исчезнува престарениот исечок на културната историја.
Во секој случај, визуелизацијата на распаѓањето е ефектна.
.

18.


Воопшто земено, разликувам две групи верници. С' уште богати и сироти.
I група - госпоѓи обвиени со крзно, ќерки што весело црцорат.
Нивните молчаливи придружници за кои играта претставува решавање на крстозбор (со полунасмевка, сигурни во својата шема). Жените во играта го наоѓаат задоволството на флертот, навес- тувањето на забранетото овошје.
Иронијата им е незлобна, мека; тие, со ширум отворени очи, гледаат надвор кон животот како кон убаво сениште.
II група - аморфниот бран амбициозни, снаодливи дошлаци. Се одбива од навидум незаинтересираните карпи на граѓаните, но и натаму упорно бучи и длаби. Дури тогаш се забележува дека надмоќноста на првите е привидна. Тие
се одделени не од рамнодушноста, туку отсечени во осаменоста - стравот.
Со горчливи илузии, проштавања, мртвите. Финиот господин со долг, бел шал и мазно лице заличува на клошар, жената во години, со плашлива насмевка, на заплашена студентка.
Свечената литургија започнува.


19.


Дали навистина постоела онаа самовилска атмосфера на играта, со прекрасните андрогини играчи, потполно предадени на мигот, додека волшебниот прав се истура врз главите на збунетите двор јани, аматери, воајери што ѕиркаат од страните, залудени од фантазмите на магијата и метаморфозата? Каде се некогашните магови, толку умешни во игрите со маските, еротиката, делириумите? Современиот играч, заробеник на жестокото темпо, го плаќа данокот на својата алчност и неблагодарност. Но љубовта повеќе се рони од времето отколку од љубовниците. Играта сама се менува,неминовно... А постојано неуспешни обиди да се допрат големите мајстори на играта. И покрај совршената техника, новата верзија е неуверлива копија, редење сцени, виртуозност без опседнатост, без вљубениот ѓавол. А тука копирањето не е дозволено, секој во себе го пушта рогатото божество да живее, да се кикоти, да потскокнува меѓу буквите на кирилицата и во тој безобѕ-ирен, неодолив самоубиственик кој за играта би одел по сечилото на бричот, го препознава сопственото тело, сопственото срце.

20.


Музиката се чини понеопходна од кога било.
Во светот на Хаосот и бучавата, чистиот сигнал на музиката во најминималното средство ја концентрира најголемата моќ. Сонот се прелева во чиста супстанција. На работ на сетилноста, на
работ на разумот, музиката е исто така на работ на Времето. Таа најдолго, најуспешно си поигрува со него, зашто и во најорганските моменти е идеализирана, надмоќна над материјата.
Одново се опседнувам од несогледливиот трезор на слики и пораки што ги содржи креативниот звук. Колку и да им се потсмеваме на носталгијата и патетичноста, не престануваме да се храниме со нив.
Но, додека во зборот, тие често се чинат несмасни, во музиката нивната моќ е директна, пред неа немаме одбрана. Тука иронијата е беспомошна. Музиката
струи, поправо трепери, религиозна колку и паганска, колективна колку и интимна.
Плени во допирот, во женствената мекост при раѓањето на новата форма. Моќта кон метаморфозата - да се биде насилен, дрзок, потоа без напор ранлив,
кревок - во музиката е вродена и поради
тоа што таа, во сета своја валентност, останува женствена, нејзините визии сонувани.
Чудото на музиката е што кај неа и распаѓањето е целосно.
Неопходноста од допирот произлегува од нејзината активна идеализација. Како зрак од светлина, или капката дожд, музиката се подава, се шири во протокот, не дозволувајќи му на искуството да ја задржи. Ниту сонот, ниту мечтата не мируваат.

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2006.

Nazad