2007.

NMP

Што е НМП?
НМП* е филозофско-уметнички колектив со срце во Скопје, Република Македонија, што во различни форми функционира од 2002 наваму. Денешната верзија на НМП започнува на 8 април 2005 кога се појавува веб страницата www.nmp.com.mk. Манифестото на колективот исто потекнува од овој период, а тоа додава:
“НМП е еден вид на движење, церебрално и духовно. НМП е реакција, како супер-трактор сред Плоштад. НМП е софистициран виц на сечија сметка. НМП е колективна халуцинација.” - Oд НМП Манифестот
Водечки теми на „колективната халуцинација“ се хиперболизираното значење на маалските занесеници, длабоко митолошкиот карактер на рекламата и вечната потрага по Мудрите Јарци на циркусот Допелгангер. Мотивот во сите овие урбани приказни е квазимантрата, „Знаците мора да се множат“ што во едно занесно танго ги превртува консумерската мегаломанија на 20. век и информациската подвоеност на 21. век. Типични симболи на НМП во овие рамки се Изгорениците и Мудрите Јарци.

Кои се НМП?
НМП се над 30 дизајнери, манипулатори, фотографи, вектор-цртачи, графичари, филозофи, циркузанти, магионичари, писатели, музичари, режисери, скулптори, стикартисти, програмери и амали. Основачи на НМП се Ивица Дукоски, Александар Ивановски и Слободан Јаќоски (инаку, клучен админ и репрезентативец на македонската Википедија). Други уметници вклучени во проектот се: Александра Христов, Иван и Јован Петрушевски, Кирил Шентевски, Иван Ивановски, Псила, Јасна Димитровска, Простум и др. НМП досега имаат настапено на три групни изложби и неколку трибини, а повеќе членови имаат организирано и индивидуални презентации.

За Читанката
Наследството на НМП од 2005 и поголемиот дел од 2006 речиси целосно нурка во визуелната уметност (дигитална, вектори итн.) и како извесен одговор на текстуалната тишина, во рамките на НМП сајтот се појавува блогот Читанка. Taa на едно место обединува различни текстуални појави од пошироката мрежа, главно надвор од колективот. Во рамките на Читанка, раскази, песни и текст експерименти објавуваат: Јасна Димитровска, Слободан Херцег, Александра Христов, Ана Јакимоска, Сеад Џигал, Жарко Трајаноски, Ана Медарска, Далибор Плечиќ, Сандра Георгијевска и Оливер Петков (познати и по нивниот електро бенд Oliver’s Geisha) и др.

*НМП е име, не кратенка, на кое секој може да му даде свое значење.

Марлена Петрушева

 

 

 

 

 

 

Ивица Дукоски

Ивица Дукоски (роден 22.11.1983 во Скопје) стои зад најголемиот дел од текстовите на НМП проектите. Има објавувано проза, поезија и критика под повеќе различни псевдоними од кои само Зглобникот и Сердарот имаат фатено корен. Од 2002-2005 автор е на повеќе статии за весникот на факултетот VUB во Брисел, Белгија. Во моментов графички го уредува долго најавуваниот Журнал кој конечно ќе излезе овој февруари. Приложените раскази се дел од серијата „Катран симфонија бр.2“, првично зачната на глогот на Зглобникот, а во поново време и изложена како колаж во соработка со Иван Ивановски на изложбата „Пандорина фиока“ (декември, 2006).

Супернова

...Таа расте, се шири и издолжува во милион насоки. Нејзиното тело се претвара во комета и исчезнува од нашиот видик. Кон небо креваме телескопи и по мирисот ја познаваме така далеку од нас, како ги јаде прстените на Сатурн и како го плеска Плутон со каиш. Но, таа бега подалеку и ни требаат посилни леќи. Ја запоседнуваме НАСА, го растегнуваме персоналот во италијански трегери, се лигавиме над Хабл, ни пресушуваат сите жлезди. Таа се уште расте и се одалечува. Таа е ѕвезда, ново сонце: пола срце, пола мускул. И продолжува да отекува... Станува изгор црвена и ги голта планетите околу себе како гладен мастодонт; таа е џин, на секој заб по едно џуџе, сите така размафтани во грчевит плач и сакаме да им помогнеме но и ние сме ништо, прав сред атом водород. И тогаш од нејзината утроба блеска светлина, а ние сите ослепуваме и само насетуваме - таа се расцепува во најубавиот облик било кога, милијарда бои за милијарда срца, сите исполнети со бескрајна надеж. И потоа наеднаш исчезнува како никогаш да не постоела (физичарите секако ќе најдат трага од нејзините органи, но тоа не се брои)... и не ни одговораат кога се јавуваме одново и наново прашувајќи „Што сo неа?“ А докторот само нé потчукнува по рамо и моли да се вратиме во својата ќелија... Фин доктор...


Топчек 2


...а кој беше Топчек? Неколку пати го имам спомнато. За прв пат го сретнав оној валкан ден во Лизниленд каде скриен зад ципата на Рики Штраус екранот си играше мижитатара со една стоногалка по има Гастон.
Всушност, Топчек е ама баш никој, полска марионета што секогаш и сегде ја поставуваат на битна позиција за да се испружи кривицата по нечиј туѓ грб. Кој и како го именува Топчек за менаџер на еден таков парк или за дежурна пијаница во една ваква анахрона епизода, не се знае, и тоа е она морничавото. Не би сакал да го искористам изразот Тие, затоа што тој имплицира луѓе во црно што организирано го обликуваат нашиот светоглед, а тука некаде обично се кријат и НЛО-а. Не, се повеќе сум убеден дека Топчек никогаш немал контакт со Довек Одговорниот Човек, туку со неговата мисија или поточно, силата на неговата мисија.
Знаете, кога човек сака нешто толку многу, што воздухот околу него почнува да гори во силна желба, неговата цел, неговата мисија, станува тело само по себе што ќе истурка сé пред себе само за светот да нареди златна патека по која човекот би газел. Е, Топчек е инструмент во такви желби, тој е златната патека. Но, прашањето е: а што ако желбата подразбира целосно уништување на некое човечко битие, каде тоа го става Топчек, нели тој станува пиштол во нечија рака? Токму така, затоа Топчек не е човек што сакате да го видите. Тој може да ви донесе 18 милијарди долари на сметка, но исто толку веројатно може да ве разнесе и на 18 милијарди парчиња, и шансите се такви што во една од две средби со него, веројатно ќе ве снема...
Но тој ден и таму, во Лизниленд, Топчек беше само еден кататоничен мацол, залежан во соба со стоногалка и Џив Џив заглавен во постојано, бездруго нездраво, повторување:
„Мисламдекаговидовмацолот. Мисламдекаговидовма-цолот. Мисламдекаговидовмацолот. “Тој беше расположен за муабет. „Мили мој, господин Чок!“ ми се обрати. „Но јас не се викам Чок.“ „А јас не претпоставив дека навистина ве познавам – но вие сте снежно бел, баш како креда, а јас сакам бела креда, затоа што мириса убаво на влажна табла, особено откако во еден потег ќе најдеш резултат на прилично замрсена равенка.“ „Господине...“ „Топчек, се викам Топчек и моето име е толку безначајно, господине Чок, што еден ден во една земја, тоа сигурно ќе се наоѓа како антитеза на зборот значење, но не на било какво значење, туку на значење со поента, смисла, прецизно дефинирано, лесно за варење и објаснување значење. Затоа што верувам ќе се согласите, постои и значење што не може да се дефинира, како ќе го опишете значењето на некоја боја или вкус, по сеќавање? Не мили мој, бојата има интензитет на боја, не на збор.“
Да, Топчек знае да биде нападен. И затоа го обожавам. Еден доверлив извор ми се изјасни преку гајба пиво дека во некој претходен живот Топчек бил римски легионер, и никогаш не се тргал од предните бојни редови. Му доаѓало време за замена, а тој шибал напред, неќел да чуе. Само во Германија заклал 2843 варвари. „2843 помалку корења за Шваби,“ рекол. Кога се вратил во Рим сакале да му постават статуа на Топчекус, но тој ја одбил во име на тогашниот Цезар. Доцна во ноќта, Цезар влегол во неговите одаи и го намолил да ја прифати понудата, а тој мртов ладен го залегнал својот претпоставен. Нормално, следниот ден бил пратен на ен-то поле каде му се изгубил траг...
„Но, јазикот е само симболичен!“ одговорив со дефанзивна мравка во уста. „Само превез, црна лента преку сино око, лушпа кромид во здрава уста. Да ве прашам, дали вашата фантазија има иста боја со мојата? Дали кога зборуваме за фантазија зборуваме за исти визуелни техники на помнење? Јас памтам гестикулации, ни лица, ни глас, само гестикулации. Сега ве гледам како се гребете по брада, и вечер, кога ќе ве сонувам, ќе видам чешање на брада снимано со брзо прекршување на технички лоши кадри и ќе помислам, ’А! ене го господин Чок.’ Бојата, секако ќе биде силно виножито.“ „Но ете, сега знам како изгледа вашата фантазија.“ „А дали знаете како таа мириса, како неа ја чувствувам, дали ми доаѓа со пердувеста мачнотија или железна леснотија? Дали кога сакам некоја личност, фантазирам за Неа или повеќе сум од оние сиви луѓе што мислат на нејзините гаќи? Можам да ви дадам одговори на сите тие прашања, но ниеден од моите одговори нема да ја долови фантазијата на вашиот сосед, господине Чок, ниту пак ќе биде соодветна на вашата фантазија.“
Во таа точка, Топчек ја згази стоногалката, го зграби Џив Џив и му го скрши вратот со едно кратко КВРЦ!, се насмевна и ми мафна за довидување. Секако, ништо не разбирав, но можев да насетам: ова ни беше само момент за запознавање, затоа што многу пати потоа ќе го видев, секој пат плашејќи се да не треба да ме кврцне како што Силвестер му наредил да го среди жолтото пиле еднаш засекогаш. Како што веќе ви е познато, сега излегуваме заедно и по пабови, пиеме заедно по цели ноќи, така што го знам многу добро тој потчовек-натчовек, истовремено и слуга и крал на рајата (тие што не му се допаѓаат ги служи, а тие што му прават мерак, ги трга подалеку од себе, да не им наштети несакајќи)...
...Да, да, знам дека не ме поднесува. Ама не му се предавам. Ќе му го тргнам тепихот од под нозе еден од овие денови. Само чекам мојата мисија да стигне до него, да добие наредба да се среди себеси. Тоа ќе биде еден прилично забавен ден!


Волт =(и)= Клип

...Волт Дизни го здрма струја, 220 волти... Се разбуди меѓу две парчиња леб, на пола пат до нечија голема уста. Почна да прета - лево па десно па лево, и некако се лизна по парчето зелка, назад низ газот на сендвичот и право на асфалт. Сега беше 3 метри висок и сите покажуваа со прст на него. „Види го, пс-пс, види го само...“ И Волт Дизни почна да бега, прво по улиците на Њујорк, па по гетото на Лос Анѓелес, па Чикаго, Јута, Денвер и така, најнакрај, се скраси на Лонг Ајленд, во една шупа наменета за џин што умрел 18 години порано... А по ѕидовите на шупата лежеа полици со мртви бебиња... Во тегла за мајонез, во тегла за краставички, за ајвар и слично. Сега беше обични 1 метар 67 и љубопитно ги разгледуваше тие ужасни орнаменти. „Што ли сакале да прават со овие фетуси?“ И како што ги пипкаше теглите, едно од бебињата отвори очи, се поткашла и го праша мртво озбилно. „Господине Дизни, ќе можете ли да ми одговорите што барате тука?“ Волт Дизни се затетерави и падна во несвест, последната слика во неговото сеќавање – голем топ со назнака „СРЕЌНО!“ И тоа беше навистина среќен сон, полн со розеви слонови и опиумски гасеници... Се разбуди во чекална од градската болница. „Честитам, г-не Дизни, ќе бидете татко!“ Се насмеа под мустаќ, извади револвер од десниот џеб и си пукна во чело, а место куршум од неговиот тил излета розево цвеќе... „Волт, мили, зар нели е тоа прекрасно?“


Канео Ценобит

Се шетавме низ охридската чаршија со Шајкоглавиот кога едно детенце ни истрча сред пат со кошница полна рубикови коцки. „Колку лоша идеја“, си помислив, а Шајкоглавиот само се насмеа и од џеб извади 500 евра за цела кошница. При глетката на толку пари во нечија рака, некој крвен сад во мозокот на детето изгледа откажа, па ситното створче падна како покосено. Без разлика, Шајкоглавиот ја тутна банкнотата во устата на детето и си ја собра кошницата. Така, сé до Канео, како што ќе налетавме на некој, Шајкоглавиот му поклонуваше по една рубикова коцка. „Реши ја.“ Кога стигнавме кај црквата, се спуштивме до крајот на острите карпи и заседнавме на работ што паѓаше директно врз главата на некој задремен рибар. Сонцето заоѓаше и езерото беше прекрасно црвено – поцрнетите туристи (за 23% помалубројни од лани) сега беа на пат за изнајмените соби и туш-кабините што ги делеа од вечер со вотка. Почнав да ги осудувам туристите, да ги деконструирам нивните вистински и наметнати потреби и да ги разгледувам како река од бројчени информации спремни за процес во некоја гигантска статистичка фабрика скриена длабоко длабоко под Охрид – во центарот на земјината топка. Шајкоглавиот ми се насмеа и ми подаде рубикова коцка, шептејќи „Еве, оваа веќе има две изедначени страни. Од тука би требало да е многу лесно...“ Ја примив играчката и ја разгледав. Сината и зелената страна беа средени, по 9 квадратчиња на нивните места. Синеев во езерски занес и зеленеев во морска болест. Почнав да ја вртам коцката и по триесет секунди ги уништив и двете страни. „Еве.“ Шајкоглавиот се насмеа, ми кажа, „Фер, ќе си земеш Циганка за жена“ и исчезна. Вечерта ја поминав во некој забутан џез клуб чекајќи ги Мио и дечките да наминат, ама ништо не испадна од сето тоа па фино убаво си се распаднав во река од бројчени информации без никој да примети.


 

 

 

 

 

 

Александра Христов

Александра Христов е родена во Скопје во пред-транзициската 1985 година, кога луѓето уште верувале дека можат да добијат на лото. Како малечко девојче, велат, била појака од сите малечки момчиња, а за нејзините успеси во џамлии се заинтересирале и некои кинески менаџери, која ги одбила под образложение дека не го знаат името на нејзината земја. Така, заради навидум банални причини, одбила и многу други примамливи понуди во текот на нејзиниот живот, дури и под закана за мачење со пердуви. На 18 години, издала две андерграунд списанија, што замалку не предизвикале бунт во едно скопско средно школо. Подоцна, ја занемарила револуционерната работа (но, дали нејзиното членство во подвиртуелните простори на мистичниот групоид НМП не е револуционерно?), и се концентрирала на домашно производство на вектори, фотогорафии и рандом раскази од секојдневната фантастика, живеејќи повлечено во близина на Водно во улога на еден сосема обичен програмер. Во навидум мирниот живот, објавила повеќе раскази и (без)опасни текстови и учествувала во неколку изложби на аматерски автори. Сепак, нешто не е јасно за нејзините дела: дали тоа се скриени значења под безопасната естетика, или пак неверојатна естетика под очигледните значења? Дали Таа е цврста однадвор, а мека одвнатре, или пак цврста одвнатре, а мека однадвор? Ете такви елементарни хемиски прашања ќе се запрашаш, о драг посетителу, кога ќе прошеташ наоколу низ нејзините творби од букви и пиксели. Пријатен пат таму, и со среќа!


Нимфа

Дријада беше една обична нимфа кojа беше заробена во тело на стаорец поради клетва фрлена за некoj грев на нejзините родители. Откако знаеше за себе живееше во едно дабово дрво во средината на централниот градски парк и не се дружеше многу со другите стаорци бидејќи знаеше дека е подобра од нив. Останатите нимфи го мислеа истото за неа како таа за стаорците, така што таа не се вклопуваше во ниту еден од двата круга.
Секоја вечер таа излегуваше на ливадата покрај езерото и се дружеше со Месечината, уживаше во нејзиниот отсјај во водата и се капеше во нејзините зраци додека чепкаше по ѓубрињата што ги фрлиле туристите во текот на денот. Тоа го правеше целиот нејзин живот и никогаш не се надеваше дека некој ќе ја препознае нејзината вистинска душа, токму поради тоа што уживаше во друштвото на Месечината. Покрај неа се чувствуваше среќна и сигурна, нејзините ноќи беа исполнети со љубов бидејќи знаеше дека Месечината сјае токму за неа и за никој друг.
Една ноќ, после нејзиниот дваесет и некој роденден, толку многу се заигра со Месечината што не ни почувствува кога заспа на брегот наместо да се врати во својот даб како и секоја ноќ пред муграта. И тогаш, за прв пат се запозна со полниот сјај на Сонцето, изворот на делумната светлина што и’ ја посветуваше Месечината. Беше вчудоневидена како некој може толку да ја сака за да може толку да ја грее, да ја милува толку убаво по нејзиниот грб, како да не приметува дека нејзиното крзно е толку грдо. Го помина целиот ден покрај езерото капејќи се без грижа, трчајќи меѓу луѓето и трошките кои ги фрлаа и за кои гулабите се тепаа. Не и’ беше грижа за ништо, беше воодушевена од новиот свет кој го запозна благодарение на Сонцето. Вечерта не можеше а да не и’ се придружи повторно на Месечината, која отсекогаш била толку нежна спрема неа. Но, овој пат додека Месечината ја допираше со нежните зраци, Дријада мислеше на Сонцето и неговата силна топлина. Во муграта наместо да се повлече во својот даб, остана покрај езерото и со нетрпение го чекаше него, додека Месечината полека заоѓаше зад дабовата шума.
Ја љубеше Месечината, а се заљуби во Сонцето. Со денови не спиеше, ги сакаше тие два вечни извори на светлост, толку блиски и толку различни. Но набрзо почна да чувствува умор. Нејзината љубов беше бескрајна, но нејзиното тело не беше бесмртно. Знаеше дека не може да продолжи без сон. Не сакаше да си признае, но знаеше дека мора да избира. Со солзи на очите во муграта реши да не го чека повеќе Сонцето и отиде во својот даб. Но, наместо да ја стигне сонот кој ја бркаше толку долго време, таа продолжи да плаче слушајќи го веселиот џагор што се слушаше од паркот. Плачеше од дното на душата, плачеше за Сонцето, за Месечината, плачеше за неа и својата судбина. Откако надвор се' стивна, полека се извлече од нејзиното дрво. Знаеше дека Месечината нема да се појави уште некое време, па полека се одвлечка до езерото и се погледна во него. Водата беше необично мирна, и таа зачекори во неа, полека. Плачеше како да и’ се одзема животот, губеше здив по здив.
Сфати дека Месечината е дел од Сонцето, а дека за неа и Сонцето некогаш ќе и’ стане Месечина. После долго време поминато под вода, таа реши никогаш повеќе да не излезе на површината за никогаш да не мора да избира меѓу нив. Солзите се сврзуваа со капките, како што почна да се сврзува нејзиното тело со езерото... и таа повторно се претвори во нимфа! Клетвата на Дријада беше конечно скршена. Оттогаш беше позната како Лимнада - езерската нимфа која се заколна никогаш повеќе да не љуби.


 

 

 

 

 

 

 

Ана Јакимоска


Прв бакнеж

Нејзиното име
полека се лизна
надолу во моето грло

Прв бакнеж-
малодушност,
Чувство
како да сум во музеј

Твоето тешко дишење
ми помага да те пронајдам
помеѓу перниците
и твоите кратки допири
во тивката темнина
на мојата соба

Верувам
Наскоро
ќе те засакам толку многу
што ќе престанам
да ти бидам девојка
и ќе ти станам мајка...


НадРеализам

Две очи
(едното потемно, едното бело)
гледаат од еден цртеж
на ѕидот
Подолу нос
и мустаќи
наместо жици
на една мала гитара.
Зад неколку темни
листови од трендафил
наѕира еден голем нос
до кој една коска
случајно се изгубила од патот
па залутала низ полето
кое лежи под планините
и под небото во форма на шаховска табла.
Некој несмасно рече
прикачена насмевка и на неа туш кабина
-антената од една смешна куќа-
пред неа отворена книга
сонце во облик на медал
и трендафил од кој излегуваат
згради кои ги проголтува една уста
со плочести заби
која лежи мрзливо под окото,
тоа што беше бело.

Крајот на денот
бавно отчукува
во десниот агол
од мојата маса

Останува сé помалку
белина на хартијата

Те видов на Yahoo
по долго време...

Ме праша дали
сакам да се видиме
и трите следни минути
бев наполно задоволна
толку задоволна
што го исклучив компјутерот
и истрчав до езерото

Каде сум јас
кога светот ќе стивне?

...само амбицијата останува
и две дланки полни апсурд.

Како се црта права линија?
Ме праша едно дете
кое чуваше змии
во една голема сина кофа.
Извадив пенкало
ама немав хартија,
па на раката му нацртав права линија
но на погрешната страна
- тој, сепак, не можеше да ја види.


Писмо

Денеска гледав твои слики.
Ти повеќе не личиш на себе...
Колку си грд!
Не, сериозно, ти си пародија на човек.
Имаш премали очи
свиснати надолу,
дебели нозе
и испакнат нос
кој те прави многу сличен
со дедо ти,
тој што не сака
да ме гледа како пијам пиво
(да му се сневиди!)


Будење

Гранка од дрвото,
тоа што расте во градината
под мојата соба,
во која често не можам
да си ја најдам
капата за сонце
па престанувам да ја барам,
во која скоро секогаш на масата,
стои расфрлан куп хартии
и еден стар фотоапарат
кој татко ми го позајми
од неговиот брат,
кој, пак, го чуваше на таванот
од куќата веќе подолго време,
- удри силно во прозорецот
и ме разбуди во пет наутро


во очај

во очај почнав да чкртам
по хартијава,
(наскоро, мислам, ќе ја искинам)
дури не одбирам ни некој посебен ред
само пишувам,
ни јас не знам што,
а сепак поезијата ја претворам во глупост
и седам во мојата соба
со исклучен телефон
(подоцна ќе можам да мислам дека си ме барал)

додека ти се пакуваш
и којзнае кога ќе се вратиш пак.

Заминуваш утре
а јас сеуште
ја одлагам
нашата средба.

Можеби најдобро е така...

сепак, посакувам
небото вечерва
подолго да ја задржи
својата црна боја...


исечоци

околу мене
луѓето зборуваат за некои планови
одбираат што јадат
и секој ден се враќаат дома да спијат
а некогаш и не

некогаш заминуваат
во приколка
на автопат
во потрага по авантура
- најчесто во пар

други се вљубуваат
и знаат како да ги крстат децата
уште од првиот состанок

избегнуваат формалности
и создаваат семејства
кои ги гледаат еден до два часа дневно

недоспиени седат на некое биро
и не смеат да стават ни нога на маса
сите се лидери
- но кој има сега енергија за тоа!

ги оставаат своите стари
во старечки домови
и ги посетуваат еднаш годишно

а еднаш годишно умираат
бар по едно стотина животни
во зоолошките градини
никој не сака погреби
кој број да свртиме за да ги откажеме?


cyber love

не е тешко да се загуби
некој кој скоро и не го знаеш
уште полесно е да се заборави
во кој фолдер е сместена неговата слика
и каква боја била неговата блуза додека
со саати си го гледал во Windows Image Viewer



современиот поет

пред теле-шоп реклама
со шише ефтин коњак во рака
современиот поет
смело вели вака:
По бил поет
пишел на шише
и имал жена
ја викал Сена
а Сена е река
не е жена
но на поетите
сè им е дозволено
па и јас на шишево ќе
напишам збор-два за Сена
и тоа ќе и` го посветам на мојата жена


 

 

 

 

 

Сандра Георгијевска

Според Сандра Георгијевска, родена во Скопје 1986, кратката биографија е веројатно најкомплицираниот жанр за оние кои што сакаат да се занимаваат со пишување. Верува дека најчесто е претенциозна, напишана во трето лице еднина, а темата и’ е промашена. Затоа, не се чувствува способна да каже било што за себе. Сеуште.


Мојата поезија е многу страшна

Постои ли маж храбар
Како Црноризец, којшто
Од зборови не се
Плаши?

Се прашувам, бидејќи
Поезијата е страшна
И јасна и гласна и
Несмасна.

Ќе речеш, не е исто
Ќе речеш, лесно му било
На Црноризец со жени
Неписмени.

И ќе избегаш.

* * *

Жална врба

Ве лажат!
Врбата не е жална!
И сите тие песни
Што ги учев наизуст
Кога бев многу мала
Сите, сите се лага.
Врбата не е жална.
Врбата не знае што
Е тага...

* * *

Летачки коњ

Токму таков, само авион.
За само два дена, сите ќе бидат толку мали!
Сите пејсажи, како шари, од пластелин.
А ти, како гремлин.

Веројатно, ќе ме следиш и до Брисел,
Како шара на шишето „Клок“.
Или пак во Париз, на Pére-Lachaise,
На надгробната плоча на Балзак.
Во Харлем, па во Амстердам
Со синтисајзер, во еднособен стан.
Ќе те најдам сосема сам.
На крај, во Брист, на „влакни колодвор“
Ќе прашам некој залутан турист,
Дали слушнал за Виктор Масторидис.
И ако знае за што зборувам
„Летачкиот Коњ“ ќе му ја отпеам.

Оригами

Како авионче од хартија
Летам.
Знам,
Брзо ќе паднам, итам,
Итам, итам, да полетам.

Што по побрзо, тоа повисоко
Што повисоко, тоа подобро

Како чамче од хартија
Пловам.
Знам,
Бавно ќе потонам, тонам
Тонам, тонам, во водата.

Што подлабоко, тоа потопло
Што по потопло, тоа подобро.

Зошто паднав не се
Грижам.
Знам,
Не се грижам, што тонам.
Цел ден, денес, се радувам.


 

 

 

Оливер Петков

Оливер Петков (август, 1978) е роден во Велес, дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на катедрата за компаративна книжевност. Во меѓувреме работи како музичар, пожарникар, библиотекар, компјутерџија, и во бензинска пумпа. Инспириран од квантитетот на поетското творештво на Ацо Караманов има напишано четири песни, и еден недовршен драмо-роман.


—упатство за употреба—

Станува збор за извадок од недовршениот драмо-роман (не само засега недовршениот, бидејќи никогаш нема да биде довршен) кој е дамнешен продукт од тридневниот муабет на тогашни двајца другари, денес крвни непријатели. Јас сум еден од тие двајца. Текстот што следи е мој. Другиот автор си фати женска и веќе не го интересира текстот. И јас имам женска, ама ај. Капитализам. Некој мора да работи. Некои може ке ми речат абе Оливер ај прави си музика како што си правиш, што ке ти драмо-романи. Епа завршив ОКК. Ради тоа драмо– роман. Драмо-романот како жанр им е тотално непознат и на двајцата автори, затоа не се секирајте. Делото скромно е наречено “Папокот на Свето” (или “Папокот на Цвета“ во женската верзија) и главен лик во него е самата приказна. Понатаму во недостиг на инспирација и муабет кој би го правела приказната се воведени многу други ликови, повеќе или помалку познати. Може да се каже дека како и во секое модерно дело кое сака да се носи со современите текови, а со тоа и да млати пари, се воведени и две паралелни приказни. Едната ги следи Роман Јакобсон и Ролан Барт, односно нивната врска со Кете Хамбургер и сите понатамошни перипетии. Втората приказна, се фокусира врз ФК Рома, поточно Франческо Тоти, Касано, тренерот на ФК Рома и неговата потрага по апсолутот. Она што ќе имате можност да го прочитате зависи од изборот на една девојка која е уредник на НМП и на чиј псевдоним не можам сега да се сетам, а е поврзан со некаква планина, земјотрес или поплава… во секој случај природна непогода :
Под 1-
една меѓусцена која во самото дело засега е сместена некаде на средина,
или
Под 2-
сцената број 3 во делото, која се одвива на стадионот на ФК Рома
ДЕЛ 1
Меѓусцена
Читателот бр. 1: Знаеш што. Текстов почнува да ме нервира. Претенциозен е, иако се труди да не изгледа така. А и овие постмодернистички досетки, со кои изобилува, автореферентоста, метатекстот, самокритичноста и слични семиотичко-семички надразнувања… Зарем постмодернизмот сé уште е актуелен?
Читателот бр. 2: Не верувам. Во секој случај, постмодернизмот не е тенденција која треба временски да се ограничува, туку е повеќе kunstwollen = духовна категорија, начин на делување, иако авторите на текстов тоа најверојатно не го знаат. Мислам дека авторот број 2 се труди да изгледа како сé да е ставено на испит, како сé да му е здосадено. Тоа потекнува всушност од слабост и непознавање на материјата, или поточно шарлатански однос кон нејзе. Површно сфаќање на сé има овој автор. Со ниеден проблем кој го постави вистински не може да се носи. Фолирант!
Читателот бр. 1: Па не би се сложил дека досега и постави некаков проблем. А зарем првиот автор е подобар? Па не може да смисли ниту приказна. Каков конфузен текст, бесконечно многу наратори, еден тон ликови, дури и самата приказна е и лик и наратор. Знаеш дека името на делово потекнува од него – и со тој наслов веднаш на почетокот се труди да ја оправда својата неинвентивност. Ама име за книга, Папокот на Свето. Кој ќе го издаде ова? Прочитал некаде овој првиов автор, дека обичниот читател, оној најнепретенциозниот, на делото му пристапува со став дека во она што го чита не е воопшто можно да нема приказна. И сега ја злоупотребува малоумноста и довербата на читателот. Еве јас сум најобичен читател, на пример, и ми пречи ако нема приказна или заплет. Затоа го застапувам мислењето за ritorno dell’ intreccio т.е. враќањето на заплетот.
Читателот бр. 2: Да, и јас и Аристотел сме за тоа. Романот треба да нé забавува со дејствието т.е. пред сé со него, вели Аристотел.
Читателот бр. 1: Дејствието, добро обработената приказна, заплетот, тоа го интересира читателот. А да допреш до читателот денес е авангарда – треба да се сруши бариерата која е подигната помеѓу уметноста и пријатноста. Овие автори дефинитивно не го земаат во предвид денешниот читател, јас сум разочаран од она што досега го прочитав.
Читателот бр. 2: Сигурен ли си дека станува збор за автори? Мене на пример ми делуваат повеќе како авторки.
Читателот бр. 1: Не би ме зачудило и да си во право. Ако во минатото, на пример, беше вообичаено авторките да земаат машки псевдоними, денес имајќи ја во предвид изместеноста на принципите на глобално ниво, дури и практично би било да се случи спротивното. Освен тоа феминистките денес добро проаѓаат. (тука тупат за феминизмот и иронијата, но тоа нас не не интересира и ќе го прескокнеме)
Читателот бр. 1: Знаеш, секогаш постои некој кој ироничниот дискурс сериозно го сфаќа.
Читателот бр. 2: Добро, остави го сега тоа. Но, зарем не мислиш дека претеруваат со воведување на ликови. Би го искомплексирале дури и Александар Станковски. Претендираат да го урнат неговиот светски рекорд од сто лика во филм, Маклабас мислам се викаше.
Читателот бр. 1: Тоа тешко. Впрочем, во Маклабас сите ликови се индивидуи. Знаеш, нема шанси дека некој од нив би пиел кафе со тебе. Не можеш таму ниеден лик да го запоставиш или да го исфрлиш. Толку многу беа битни за приказната.. Едноставно целокупната структура на филмот ќе се урнеше ако било кој лик го исфрлел режисерот. Навистина, какви индивидуи има таму! Штета што некои од нив веднаш по појавувањето биваат убиени, па не дознаваме уште повеќе за нивната огромна индивидуалност. Во овој текст што сега го читаме на пример, можеш слободно да исфрлиш некој лик и тоа воопшто да не се забележи. Еве, слободно можеш мене да ме исфрлиш од понатамошниот тек на дијалогот и никој да не се изнервира заради тоа.
Читателот бр 1: Од ликови никогаш нема зијан. Доброто тука, во текстов, е што ликовиве барем не ме замараат, типизирани се и донекаде познати на читателската јавност. Освен тоа се стереотипни, што му овозможува на читателот полесно да ги запознае, зарем не мислиш така?
(пауза, очигледно Ч2 не е веќе со нас)
Читателот бр 1: Изгледа не мислиш, бидејќи веќе не ни постоиш. Оној Декарт навистина бил во право… Впрочем, не сум ти јас крив за тоа, сам си се намести. Но, беше во право дека никој нема да забележи. Проблемот е во тоа што сега ќе треба јас сам да си го водам разговоров, што всушност воопшто не ми пречи. Само треба да се договориме со авторкиве каква форма да му дадеме. Мислам дека текот на свеста веќе го употреби тренерот на Рома. Ми преостанува како опција да го употребам класичниот монолог како постапка. Да речеме:
Да се биде или не… Прашање е сега.

а. да се биде б. да не се биде
в. можеби да се биде г. или не

Тарик или Трендо (*по желба на читателот): Повикај пријател.
- Го повикувам мојот пријател, Читателот број два.
….
- Читателот број 2 не можел и не сакал да одговори, ама веќе кога морало, одбира да не се биде.
….
- Читателот бр. 1: Очекувано од негова страна. Впрочем, не му верувам многу. Дајте ми пола- пола!

а. да се биде
г. или не

-Читателот бр 1: Пу, знаев. Ќе треба да ги потрошам сите џокери на ова прашање. Ај да ја прашаме публиката.
Тарик: Публиката одговори со 50% за да се биде, а 50% или не, но сугерираат дека во твојот случај е подобро да одбереш да не се биде.
Читателот бр. 1: Во ред. Се откажувам. Го земам досега освоениот износ и си одам дома.
Трендо: Но, ова ти беше прво прашање. Немаш освоено никаков износ. А не го примени ниту класичниот монолог.
Читателот бр. 1: Па, не сум јас крив, вие ми се уфрливте.
Тарик: Од ликови никогаш нема зијан.
Читателот бр. 1: Ете, заради авторов не освоив ни денар. Штотуку открив дека не се исплаќа да си лик во некое дело, особено со ваков стипса-автор. (кон авторот) Не сакам веќе да ти се појавувам бе во глупавиов текст! Дури ни како читател, а камоли лик. Избриши ме и мене!
Авторот: (нервозно) Во ред! (за себе) Ете како едно дело може да ги изгуби своите читатели. Како да можам сите да ве задоволам. Морам да се обидам да сменам нешто во концептот, да станам подостапен и декларативен. (наеднаш го менува тонот во свечен) Ахм…Би сакал, пред да продолжам со пишување да им појаснам неколку работи на читателите, иако тоа и досега во неколку наврати неуспешно го правев. Значи, читателу што стигна до ова место на текстот, на тебе е ред! Пред сé, да ти ги претставам основните протагонисти на овој текст. Во текстот како што верувам досега забележа има двајца автори, што не значи дека во иднина нема да има и повеќе. Да не те збунувам премногу, се работи за двајца тотално различни типови, кои не се согласуваат скоро во ништо приватно, поприлично им е досадно во вторниците и решија да ви раскажат приказна. Овие двајца, се надевам дека до сега ги препозна во текстот како Автор број 1 и Автор број 2. Меѓусебно си се нарекуваат Спасе и Фра, а луѓето од околината често им се чудат на паметот поради тоа. Толку за нив, засега и засреќа. Нивната поетика се состои во тоа што… впрочем, често дискутираат дали воопшто имаат поетика, што е добро, бидејќи токму во тие разговори ја создаваат истата. Сега, жал ми е што ти како читател не си присуствувал на ниеден разговор помеѓу нив. Така и им се роди идејата главниот лик во приказнава да биде самата приказна, што е троа регресивна идеја но е добра за почеток. Приказната најверојатно разочарана од текот на приказната, во извесен период од раскажувањето се повлече за да им го отстапи местото на други ликови, кои помалку или повеќе одвојуваат од своето време да бидат дел од нејзе. Мислам на приказната. Како автор на текстов решив да направам една схема од главните носители на дејство во приказнава, со цел да им разјаснам на читателите а пред се на самиот себе што всушност се случува во овие 100 и кусур страни.
Во ред, ја направив схемата и се некако си мислам дека ќе ја оставам само во мојата работна верзија на текстов, а дека официјалната што сега ја читате ќе претрпи еден ревносен шифт+дилит. Нема знаење без загуба! Жал ми е за тебе читателу. Нема да ја добиеш схемата. Ајде, за возврат ќе добиеш неколку прашања, да не биде сценава за џабе:
Што мислиш, дали на виолинистот му е жал за скршениот човек. Дали девојката која навистина го сакаше, навистина го сакаше? Каква е улогата на физичарот. Дали е педер? Или приказната е педер? Ќе успее ли некој да ја наговори деветата симфонија да смени тема. Зошто ликовите Б и В не се именувани? Го познаваат ли тие Франческо Тоти? А знаат ли зошто Тоти сака да ја ќари Кете? Каде е вистинската љубов? Или можеби тоа ќе му успее на Ролан Барт. Сепак, и нејзиниот маж Светислав Басара не е толку мртов колку што се претпоставува. Од друга страна дали Тренерот на Рома ќе го пронајде С.П.? Зошто токму тренер како протагонист? Дали е осамен во својата потрага или понатаму ќе се појави и некој таинствен друг во нејзе? Кој е всушност С.П.? Свети Петар? Српска Патријаршија? Славе Петков? Ахм… Не, последниот му е татко на еден од авториве. На Оливер Петков, нормално. Ете, веќе почнуваат да се отплеткуваат работиве. Ами ако е Свети Петар? Теолошка димензија ќе добие текстот, нешто како големото дело, прекрасниот роман Папата Јована што мајка ми го чита. Уф колку е прекрасен. Не сте го читале? Каков пропуст. Еве јас ќе ви го дадам. Сакате? Дали сакате? Некого? Не? Паметно! Но, добро, да продолжиме. Дали мислите дека авторите имаат добра приказна? Колку од вас можат да го претпостават крајот? Дали мислите дека самите автори можат да го претпостават? Дали сето тоа е воопшто битно? Она што е битно е дали делово припаѓа на одреден *литературен правец*? Мислите дека не е тоа битно? А што има авторот од сето ова? Колку ќе заработи? Или работи за некоја влада, која се труди да внесе хаос во умот на читателот. А другиот автор? Што работат двајцата приватно? Дали ви делуваат сериозно? Досадни ли се? Дали се ова прашањата што ги поставува едно книжевно дело? Дали е ова книжевно дело?


 

 

 

 

 

 

 

 

 

Јасна Димитровска


„Кујна“
На Татко

Што стана со нас? Кои сме ние?
Кога почна со тешки тупаници да форсира по грбот и главата, си реков, „Така...., убаво! Сега нема да одговарам пред себе за тоа што ќе го сторам. Ќе биде оправдано со единственото оправдување кое постои – незапирливиот бес на повреденото его.“
Кога се подигнав, ја погледнав низ сите солзи што се собраа во моите очи и несигурно запреа на работ.
Во кујната, во таа оаза од зачини, своето место си го пронајдоа тешките тупаници, грабаници и шамари кои како нестабилни електрони осцилираа околу јадрото. Мислам дека бев премногу силна, премногу голема стоејќи во тоа јадро кое полека се расцепуваше на два дела. Јас, против мајка.
Андреналинот е отров во овие моменти, ти го труе мозокот, ти ги стеснува мозочните ќелии и те брка во еден ќош, во најнеугледниот, каллив и мрсен ќош кој можеш да си го замислиш, налик на оние ќошеви малку потскриени од фреквентните шеталишта, таканаречени мочални. Интересното кај нив е тоа што се наоѓаат на неколку метри од чистиот бетон, оној кој го газат само чистите ѓонови.
Таа вечер скршивме една розова глинена кокошка што ни ја подарија добрите пријатели на мајка ми, еден сет млечно бели чинии, две чаши за сладолед и неколку магнети од фрижидерот.
Од сите предмети кои сега ја отежнуваат кесата за ѓубре, највеќе ќе ми недостига глинената кокошка.


Златна секција

И тогаш, низ речиси немо заговорништво се договорија да изгледаат како пар за кој ќе се разговара наоколу.
Таа се облече лошо. Не изгледаше ни невкусно, ни провокативно, ни евтино, ни снобовски, само едноставно, лошо. Требаше доза на уметност да се избалансира облеката на тој начин, да збуни, да испровоцира коментар, да пренесе несигурност како зараза, како некој срамен момент од минатото кој сите сакаат да го заборават а еве го пак ги шлапка сите по лице, да разнесе токсичен полен низ воздухот во просторијата, да навести но никогаш да не каже ништо.
Тој пак, се облече многу убаво. Формата на облеката го следеше неговото тело до перфекционизам а сепак изгледаше комфорно, естетски префинето; боите беа пријатни за гледање и сосема складни.
Секој човек во чие видно поле ќе влета една таква фигура ќе се сврти, и овојпат повнимателно, ќе го измерка од петици до глава, на тој начин конзервирајќи го во својата естетска меморија. Беше безбеден.
Нашите очи сакаат убавина. Наречи ја конвенционална, стереотипна естетика или биолошка тенденција за среќа, сепак длабоко во себе си, сите би гребнале по малку од старата добра „златна секција“.


„ Работата е во тоа што овие скали се за симнување “
Аурора Бернандез , (првата сопруга на Кортасар)

Серуфимус чекореше по мостот „Соединети блокови“ со страв погледнувајќи во брзата и студена река под него и размислувајќи за кучиња, дали е време да си набави некое и која раса му е омилена.
Се присети на мајка му која велеше дека сите сопственици на кучиња личат на своите кучиња, и сите кучиња личат на своите сопственици.
Додека ја проверуваше таа теза присетувајќи се на сите луѓе кои ги познава или ги видел со нивните кучиња, задлабочен ја анализираше секоја одредена карактеристика која би ги поврзала, и баш пред да го донесе својот заклучок, мостот почна да се раскршува одвојувајќи се токму на среде, притоа испуштајќи монструозни звуци.
Се раздели на два дела – лизгалки, и од сите автомобили и пешаци само тој се лизгаше по него, притоа очајнички гребејќи со ноктите по асфалтот. Серуфимус падна во ледената вода и со аголот од окото виде како над него мостот повторно се склопува, како ништо да не било. И автомобилите продолжија да возат, и пешаците продолжија да одат.
Серуфимус го носеше ледената вода додека не се загуби од видикот. Се давеше прилично споро и во агонија, со сите тие рани од камењата и карпите во кои го удираше струјата, постојано во движење, се додека неговото веќе одамна мртво тело не се заплетка во некои треви и се успокои.
Го пронајдоа по четириесет дена, педесет и три километи од мостот „Соединети блокови“, цел надуен и сив, со полураспаднат сурат. Го идентификуваа по левата патика, онаа која секогаш повеќе ја стегаше.
Еден студен воздушен бран го опфати другиот крај од мостот кој Серуфимус веќе го одминуваше, додавајќи трепет на ужасното чувство од таа микрокосмичка апокалиптична визија од пред малку. Повторно се врати на кучињата. Неговата братучетка Неријан имаше пекинезерски сурат. - Ааха! Еве уште еден доказ! - си помисли.
Серуфимус се приближуваше до еден помал трговски центар и за да го скрати патот реши да се симне по едни стрмни растрошени скали. Направи два чекора и кога веќе на третиот не наиде на скалата на која што требаше да стапне, се струполи со сета сила надолу. Сé траеше помалку од една секунда, иако Серуфимус ќе се заколнеше дека удирањето во секоја скала претставуваше по една цела вечност.
При крајот од скалите го скрши вратот и умре во истиот миг. Утредента , рано наутро го пронајде еден пензионер кој враќајќи се од продавница од преголема возбуда ги испушти лебот и весникот од раката и потоа и самиот мораше да биде хоспитализиран. Него пак го здогледа една сосетка од својот балкон и веднаш повика брза помош.
Сега веќе ветрот беше засилил и Серуфимус повторно се стресе и се вовлече во својот капут. Веќе доцнеше, па малку го забрза својот чекор.
На поминување на пешачкиот премин го удри една мошне забрзана кола и тој летна десетина метри и падна токму на работ на еден контејнер при што ги избрка сите мачки од него и исплаши едно ромче.
Малку подолу од пешачкиот премин, во една мрачна уличка, беше нападнат од еден навидум обичен минувач кој во моментот на разминување го изненади Серуфимус извлекувајќи едно ноже од под мантилот со кое му се фрли бодејќи го по целото торзо. На Серуфимус му беа потребни девет и пол минути да искрвари до смрт. Раните, иако беа плитки, беа многу на број.
Потоа, минувајќи покрај една зграда која беше сеуште во изградба, слушна еден чуден звук, нешто налик на пригушено цивкање кое како да доаѓаше од одозгора.
И последната слика која ја виде во својот живот во моментот кога погледна нагоре привлечен од звукот, беше некој голем предмет со форма на квадрат- градежен материјал кој паѓаше од највисокото скеле.
Загина моментално. Целото тело му беше згмечено од тежината на градежниот куп и една локва крв полека почна да излегува од под него, почна да се шири, да се меша со прашина.
- Ах, еве ја зградата!- помисли со олеснување. - Не доцнам многу.
Влезе во мрачниот влез и веднаш почна да го напипува ѕидот во потрага по прекинувач за светилка. Не најде, но продолжи да се искачува по скалите како крт во темница, со испружената рака минувајќи по ѕидот, сеуште барајќи.
- Добра вечер!
- Добра вечер!
- Јас сум Серуфимус...
- Знаеме, знаеме! Влезете побрзо, сте се смрзнале! Ве чекавме само уште вас, сите се веќе пристигнати. Еве седнете тука, опуштете се. Дајте ми го капутот, ќе го сместам, без гајле, вие само опуштете се.
- Знаете, сите овде се познаваат па би можеле вие прво да ни се претставите, кој сте, зошто сте овде... добро, знаеме зошто сте овде, но секогаш е подобро тоа да се каже на глас, пред сите, пред себе си.
- Добровечер. Јас сум Серуфимус и овде сум поради опсесивно замислување на сопствената смрт. Веќе - погледнувајќи на часовникот - веќе цели пет минути немам ниту една замисла.
Во ходникот, надвор од станот, еден станар на слепо се искачуваше по скалите, и тој упорно барајќи го прекинувачот за светилката. Работата беше во тоа што овие скали не беа за искачување.


 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Вера Хаџи-Пуља

Родена во 1987 година, во Скопје. Доволно е бунтовна да го следи својот философски сон на универзитетот каде учел Дерида. При секое изменување на матрицата, таа е една од ретките кои ги забележуваат промените, и една од главните виновници за глобализацијата на Мудрите Јарци. Продолжува само напред, со Вера во хаосот.

И’ благодарам на хартијата, која херојски ги истрпи овие песнички... Деминутив или пежоратив? Проценете сами, ако воопшто мислите дека има разлика...


1. Еготрипови

Денес нешто не ми е денот...
инаку обично,
сите ми велат дека сум многу паметна-
зошто често зборувам за работи кои не ги разбираат.
Впрочем,
јас сум гение...
...ама не денес.


2. Кивнав...

...и никој околу мене не ми рече:
“На здравје!”.
Се чувствувам осамено.


3. Песна за Сандра

И ветив на другарка ми Сандра,
дека ќе напишам песна за неа.
Значи:
Сандра.


4. Предавник

Седејќи си така безработно,
се утепав мислејќи,
за да ми текне некоја песна.
И забив нож во грб на уметноста.


5. 12.05.2004-лав

Во “Утрински весник” мојот хороскоп гласеше вака:
“Некој би можел да ви каже дека сте посветени на работата,
но набрзо ќе почне да се сомнева во вашето ментално здравје.”
до каде може да отиде твојата фантазија,
Во врска со моето ментално здравје?

6. Паѓам

На ѕидот ја имам
Анри Матизовата “Падот на Икар”.
На сликата Икар
пропаѓа
во длабочините
на темното небо,
со едната рака посегајќи,
по многуте жолти ѕвезди.
Понекогаш го гледам Икар,
па себеси;
себеси,
па Икар...
и не можам да се одлучам кој е кој.


7. Хуманитарец

Ќе се зафатам
со поучување на неписмените.
Голема штета е за нив,
што не знаат да читаат...
па не прочитале ниту една моја песна.


8. Физика/Етика

Не знам зошто,
ми е
паднат
моралот во последно време?
Ах,
проклета, гравитација!


9. Перспективи

Лево-десно
лево-десно
лево-десно
лево-десно
лево-десно
лево-десно
лево-десно
лево-десно!
Ако си зашеметен,
не се грижи.
Сега ја имаш животната перспектива-
на еден шизофреничар.


10. Разговор

Вчера разговарав со Бог:
-“?”
-“…”
-“?”
-“…”
-“?”
-“…”
-“?”
-“…”
-“!!!”
-(“…”)
Мене дефинитивно ми треба кореспондент.


11. Врска

“Не, не, не...
Види вака. Јас те сакам.
Навистина те сакам и сакам да бидам со тебе ама...
Па не може јас цело време да давам, а ти цело време да земаш.
Па не знам,
Веројатно треба да постои некаква...како да кажам-
рамнотежа, еднаквост.
И не можам цело време да живеам во сомнеж дека ме изневеруваш...
Не можам да продолжам вака...
Ти си демагог и егоист и...ова веќе не оди...”.
Тука веќе му раскинав,
јас-
на алтруизмот.


12. А од другата гледна точка...

Срце,
бели дробови,
панкреас.
Желудник,
слепо црево...
бубрези.
И хранопровод.
Интроспекција.


13. Геометрија

Целово ова вртење во круг
успеа барем да ми одговори на едно прашање:
-Што сум јас?
-Периметар!


14. Тебе

Ти ми ја земаш тетратката со песни.
Изразите на твоето лице се менуваат,
наврапито,
во некоја чудна градација,
а ти мислиш дека не се познава.
Не погледнувајќи ме во очи,
посегнуваш по својата цигара,
невротично повлекуваш
и уште поневротично го дуваш чадот
врз моите најдраги песни,
баш оние-кои ти ги прерипа...
а тој се разбива неодредено во просторот.
По пет минути непријатна, принудена тишина,
ти ја дигаш главата
и пробуваш псеудо-интелектуално да коментираш.
Ти си хипокрит.
А јас штотуку ти посветив песна.


15. Еурека

-Дали постои нешто,
што може апсолутно да ме увери
во сопственото постоење?
-Да (!!!):
автосугестија.


16. Искреност

Понекогаш дури ни јас не ги разбирам.
И иако оние кои ги познаваат-
тврдат,
дека ги согледуваат
како промислени и длабоки,
навидум иронични-
па сепак философски,
темпераментни-
во позитивна смисла...
но истовремено интелектуални,
стегнати, остри,
конкретни, концизни,
а со добра смисла за хумор...
или барем “интересни”;
тие упорно ми се жалат кажувајќи,
дека се неразбрани и тажни,
со ужасно слаб карактер
и чести суицидални намери,
збунети,
изгубени во модерната мешаница од медиокритети...
и купишта други патетични клишеа од изјави.
Моите поеми патат од комплекс на помала вредност.

(...)

А што се однесува до мене...
па да речеме дека крајно време е-
да научам да преземам одговорност.

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG & NMP, 2007.

Nazad