2007.

ДЕЈАН ВАСИЛЕВСКИ

Роден на 28.6.1975 година во Скопје, Република Македонија. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, група македонски јазик и македонска книжевност во 2001 година. Во периодов студира постдипломски студии на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, на групата по комуникации.
Работи како лектор од 2002 година. Потпишан е како лектор во повеќе од 30 белетристички и теориски книги, магазини, месечници, неделници и дневни весници. Преведувал од хрватски, босански и српски на македонски јазик.
Низ периодиката објавувал проза и поезија, пишувал текстови од областа на музиката во магазинот „Урбан магазин“ и теориски есеи и текстови за културата и уметноста во „Студентски збор“. Ја промовира реге музиката и културата во Македонија на три полиња: пишува текстови, води и уредува радиоемисија и диџејствува. Моментално ја води и уредува радиоемисијата „Чил селекта“ на Радио „Равел“. Членува во дружината „Актив раста селекторс“.

 

 

ТРЕПНЕЖ

Пет кратки месеци на вечноста -
седум денови
седум остри ножеви го распоруваат
умот
очите
јазикот
срцето
душата
гениталиите
задникот
...
денови непостојаност


ОТСЈАЈ И ЕКОТ

Ориентални божилаци
облачиња чудни пловат
небото сино -
очите бистри ги пече

Сјај

Толкувам криптографи
недооформени мутанти
со закржлавени фалуси

Лунѕам
по лавиринтите на небото
лунѕам
по лавиринтите на туѓиот ум

Екот


ФЕРОМОН

Грчеви
Задоволства
Огромни количества

Хранење на егото
Феромони по целото тело
И
Две-три
Венерични болести


ГЛАВАТА МОЈА?

Утринска мачнина
издишка тешка
кај ми е главата?
зарем ја загубив сношти
во темнината опојна
во плевната
во тревата плевелна
во селото гостопримливо
во рекичето џагорливо
(широко два чекори -
еден прескок)
студена вода бистра брза
и гора зелена
штотуку раскрилена

Кај ми е главата?

Да не е во виното
леснопитко-горчилаво
или во ракијата бесна
жешкодушна
(дајте ми вода да го изгаснам грлово!)
или во кадот
од пламенот буен
во небото ли ширно
езерото мирно
во дружина искрена - другари збрани
а бе
кај ми е главата
моја?!


ТРОЈА

Чувства
како атови
летечки
се враќаат
Пегази - стада
црни и бели
со горди гриви
и бедра стасни
страсни
се враќаат

Некогаш заборавени
исчезнати
по лавиринтите на збрлавениот ум
доаѓаат
силни
јаки
храбри
се враќаат
со кочија помпезна
со принцеза намуртена


ТРИ КЛОБУРЦИ

Вестител полупокојник
глаголи мудра реч -
исконско слово

Од усти клобурци
зелени крастави излегуваат
(кој ќе ги фати негови се)

Потоа ги спрема
за на свадба
трпеза да краси

Па три дворјанина кани
три гласноговорника
три сладострасника гладни

Исполин јавнат на пленик
со рибја вражалка под пазува

Болјарин - соблазнител
со јалова биволица оплодена

"Пиколомини Огнодарител*"
со чумата на ортома врзана

Грабаат леанки медени
грабаат кадежи јаречки
грабаат клобурци крастави

И види чудо -
во утробата тешка
лунов срп ги жегнува

Цркнуваат
кристални проѕирни клобурци
се престоруваат

Вестител полупокојник
во ленена кошница
бисерни клобурци собира

* наслов на песна од Славко Јаневски


ФЕНИКС

Самотник
самоник клетник
од пепел про'ртувам
од жабурник
крастав жабок - скокнувам
од јарем
ат крилест - се 'рзнувам

Самотник
се сплотувам
се слевам
ат крилест
крастав жабок
самоник клетник
самотник

И жолч
и сплинка
и срце гордо
исколвувам
грозен ганѕав
крвав злодеј
ко дамнини што бев

Вапир
врколак
пат под ноѕи фаќаат
бегаат
вражалките
ми се друшки
одново се преродувам
самотник


БЕСПОТРЕБНА ПРИСУТНОСТ

Се придвижувам како
перпетуум мобиле
ќе препукнам
од бавноста
од бездопирноста
а внатре
во срцевината
одвратна црвојаднина

Омарнина и
деструкција
доаѓаат од
надвор
се чувствувам
вудвосан
а
човечкиот крем од центарот на градот
ме посипува со чудни странски мирудии
наврапито бегам
(без да се придвижувам нели)
и
на безбедна оддалеченост
консумирам алкохол од
пагурчето на Крали Марко

Ја испивам наискап
ракијата
таа за возврат
ми ја гори слезинката
паѓам отруен крај
кипарисот столетен


БОЛЕСТ

Хипохондрик сум,
боледувам,
збудалувам,
умирам секој миг.

Крв тече
насекаде
по моето тело;
од троловите -
тие
одвратни суштества.

Филмска магла
на сцената
и кипарис в среде,
само еден,
кој гордо стои
како мене;
без хубертус и
хипохондричен.


ПАК СЕ СЛУЧУВА...

Пак се случува
сега
кога жената е сама
во мртовечницата,
а ноќта
веќе долго време владее
со градот...

Пак се случува
сега
кога жената го оплакува
својот маж,
и другите
мртви тела насобрани
околу неа...

Пак се случува
сега
кога жената умира
сама
во жалост
и страв
од белите чаршави,
во студената
просторија...


СОЛАРЕН СОМНАМБУЛИСТ

И с' е црно во денот
и с' е црвено во етерот

изгубени
неми исплашени
случајни минувачи

и с' е црно во денот
и с' е црвено во етерот

по калдрмата и
на високиот тротоар
зататнет со тежок
половен ѕевгар

и с' е црно во денот
и с' е црвено во етерот

зли пци
лаат или молчат
апат со беснилна
плунка

и с' е црно во денот
и с' е црвено во етерот

насетувам
само момент
само трепнеж
миг

и с' е црно во денот
и с' е црвено во етерот

чад
спарен застоен
воздух
воз-
дух

и с' е црно во денот
и с' е црвено во етерот

потен жежок
соларен ден во
Ск.


САКАМ ТРИАГОЛНИЦИ

Кога врне и кога одам во
бескрајот на маглата се прашувам
зошто капките од дождот прават
крукчиња во барите, а не триаголничиња?

Тогаш меланхолијата ме зема на
нејзините крилја и ме носи во шумата
каде што дрвата се како сеништа од
старите здодевни детски бајки.

Тука ме остава да збудалам, за да
закржлавам и да не можам да мислам и
да се борам против крукчињата
што ги прават капките од дождот!

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2007.

Nazad