ФЕРИД МУХИЌ

Ферид Мухиќ е професор по филозофија на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Тој е роден 1944 година. Тој е почесен професор на ISTAC, Куала Лумпур; Државниот универзитет на Флорида; Универзитетот Сиракуза, Њујорк; Сорбона 8, Париз; и неколку универзитети во Југоисточна Европа. Главни професионални преокупации: современа филозофија, културна антропологија, естетика, филозофија на политиката.
Книги: Методи на критиката, 1977; Мисла; Револуции и класни борби, 1978; Култура; Филозофија на иконоклазмот, 1983, Босна и Херцеговина; Мотивација и медитација, 1988; Македонска книга; Штитот од злато, 1988; девет изданија до сега, преведени на македонски, англиски, француски, албански и турски, првото издание публикувано од Просвета, Југославија; Noumenology на телото, 1994; Табернакул; Soul's Rose, 1994; Јазикот на филозофијата, 1995; Македонија: Catena Mundi, Табернакул, 1995; Разум и моќ, Битола, 1996; Yugoslavia and After, Longman, UK; Големата градба и други разговори со непознатиот, 2001; Блесок; Logos and Hierarchy, Скопје, 2001. Има објавено и три книги поезија: Falco Peregrinus, 1988; Стотина чекори нагоре, 1994; Чадот од догорчето на сонот, 1996. Прамен волна, 2001 избор колумни во издание на Блесок.


 

 

Претпоследниот рид

Поглед преку ридот! Гледањето е голема работа. Можеби и онаа - најголемата! Тешко да се пронајдат две повозбудливи, повистинити работи; тешко да се решиме, мирна душа, и за макар само една поголема работа. Од тој поглед што се вознесува преку, што стасува зад ридот. Ридот е исто што и ѕидот. Затвора, ограничува - осинорува, синор и меѓа назначува. "Очите се прозорци на душата!” Вистинскиот поглед, погледот на душата, е само оној што гледа низ, зад, преку видливото. Душата би да погледне преку ридот-ѕидот на овој свет. Паметам, врежани ми се, ридовите од најраното детство. Во свеста, на филмот од душата, ги имам снимено и до денес сочувано, практично сите хоризонти на секој град, населба или место на кои сум останал повеќе од два-три дена. Треба да се пушти еден хоризонт да се всели во вас и да стане вашиот хоризонт. Мојот е хоризонтот што се гледа од средиштето на Скопје, од највисоката кула на Калето. Почнува со Љуботен (секој врв е различен, виден од различни страни; а само една страна е вистинската, зашто го открива вистинскиот Врв; вистинската страна од која може да се види вистинскиот Љуботен, само е скопската страна!); па вози, трча, искачува и спушта по тој долг венец, таа круна овенчана околу видот на скопјаните. Кобилица, Шарската Тијара, Бистра, Сува Гора, Осој, Ивање, Водно, Караџица, Солунска, Јакупица, Лисец, Китка, широкиот правец од синило и возбуди кон Југот, низ Вардар, бранови од Скопска Црна Гора, и стрмниот рид што израснува пак во Љуботен! Растреперен од возбудата да погледнам преку, зад, подалеку од работ на таа круна, многупати ги изодував сите тенки, префинети линии со кои се назначува скопскиот хоризонт и се исцртува кројката на скопското небо. Чекор не оставив да пречекорам, стапка не дозволив да престапам. Има нешто неспоредливо, длабоко и силно во чинот на искачување кон точката од која ќе се види што е зад, кога ќе се открие, пукне, отвори, скриената глетка отаде ридот! Просветлување на мистикот, потресот на првата страст, зад- и-надумното; сето тоа е тука, собрано и средоточено во она исчекување. Што ќе се здогледа? Полиња, лозја, смокви, далечното сино море, крошни темни од борови, градови со бели кули до небо извишени, патеката што до нов хоризонт води и поканува? Поглед отаде ридот! Тој поглед е повеќе отколку што можат да доловат социјалната психологија, педагошките просудби, политичката стратегија. Оти проширувањето на свеста, стимулирањето на љубопитноста и самодовербата, отворањето кон Другиот, комуникацијата и координацијата со заедниците и општествата од другата страна на хоризонтот, колку и да се важни, сепак се само инструменти. Подготовка, средство, подлога за нешто што ги надминува сите тие предуслови. Одиш и гледаш. Откриваш нови глетки, го симнуваш хоризонтот по хоризонт, перде по перде отстрануваш. Учиш, научуваш. До кога? Замелушени од возбудливоста на тоа постојано новото поместување на хоризонтот, на севезден поинакви глетки, поборниците на безусловната потреба од отворање нови хоризонти, како највисока задача и на општеството и на поединецот, забораваат дека на отворање хоризонти, сепак му има крај! Дека, зад секоја фанатична посветеност на одењето подалеку, се крие незадоволството од себе и местото на кое сме. Дека, на крајот, и секој човек и сите досегашни општества, па дури и она најтрајното - Римското Царство - го здогледале и последниот хоризонт. Оној зад кој веќе нема што да се види. И ако има, дека таа глетка не е онаа по која се копнееше, туку онаа од која се бегаше. Цел живот. Зад последниот рид е Океанот. Но Океанот на Заборавот. Никаде не може да се погледне подалеку, ниту да се видат помалку нешта, отколку на отворено ширно море! Мечтаеме, со отворени очи сонуваме за онаа глетката што ќе ја видиме отаде првиот рид: глетката со лозја, или со бели кули, со синото море! Но онаа глетка зад неа, па зад неа, па зад неа!? И глетката по сите претходни глетки!? Затоа, вистината на фактот што секој прв пат прогледува опкружен со хоризонтот, што во овој свет доаѓа со видот и свеста обрабени на поинаков начин, има многу подлабоко значење. Во тој факт содржана е не само пораката дека таа тенка линија по која, пред неговиот вид, се допираат неговата земја и неговото небо, го има во себе предизвикот, викот и повикот да се оди подалеку, отаде ридот; но ја подготвува и вистината на суштинската вредност на ограничувачкиот ефект на сопствениот хоризонт. Само оној што го носи во себе и го познава сопствениот, првиот хоризонт, го поседува и го чува сопствениот изворен идентитет! Планината, ридот, рамницата, небото исцртано со поле од пченка, или со крошни од тополи, сеедно, секогаш се сценографија која не само што затвора, туку и го прави можен животот. Ја чува човечката мерка! Го искажува, го дефинира идентитетот, му го дава името на човекот, и го дава ликот на душата. Затоа, какви и да се, границите на првиот хоризонт, на нашиот хоризонт, наедно се онаа силуета на нашите храмови и светилишта. Како што планините се храмови и светилишта на Планетава. Одете, погледнете преку работ на првиот хоризонт; и на вториот, и на третиот, десеттиот и сто и десеттиот. Запомнете ги сите, сакајте ги сите, но чувајте го во себе оној вашиот хоризонт. Да го сочуваме овој, нашиот хоризонт! Не разменувајте го за ниту еден друг. Дури и ако веќе никогаш во него не се вратите. Оти без него, пишман ќе бидете. Зијан ќе ве сретне. А со него пред очи, својата мерка за безмерното ќе ја сочуваме, својот дел во целината, ќе го знаеме.

Пишман-тези за чурук-протези
(Непозната Волтерова комедија во три чина)

Како што ви велев, бистар да ти беше тој (сега веќе бившиот) владетел! Ги наведе "нашите" да мислат на некоја илјада овци што ни ги грабнаа "нивните", за да не мислиме на трите милиони овци што тој ги награби и од "нашите" и од "нивните"!

Ноќта ме затекна во една крчма полна умни и интересни луѓе. Откако вечеравме, "вином, солзом земном се наложивме", како што вели големиот поет, и почнавме учени дискусии. Ќе дочекавме изгрејсонце во таа залудна и здодевна работа ако еден од гостите не предложеше да зборуваме за арамии, крадци, разбојници и други тајфи од таа почитувана гилда, или како што велат во Париз, фела. Секој што патува најмногу се плаши од нив, и затоа на патникот тие му се највозбудлива тема. Кога дојде редот на мене, откако веќе беа раскажани две-три страшни приказни, од кои на сите ни се крена косата (еден итар торбар им продаде лосиони за брзо растење коса на двајца ќелави патници, за и тие да го споделат уплавот како што прилега), реков само една реченица:

"Си беше еднаш еден владетел!"

Залудно им објаснував дека пострашни арамии нема од владетели и дека веќе оваа реченица е доволна за да им ја смрзне крвта и на најхрабрите. Тие сакаа некоја приказна што ќе го потврди тоа. И така, им ја раскажав приказната за владетелот што станал познат како автор на "Пишман-тези за чурук-протези".

Чин прв:

"Во таа, како и во сите модерни држави, граѓаните беа поделени на позиција и опозиција. Оваа колку неопходна, толку и непрактична поделба, бргу ги покажа своите незгодни страни и таму. Како и да завршуваа изборите, луѓето, превртливи какви што се, си наоѓаа чаре, и си преминуваа во позиција ако нивната партија изгубеше, односно, одеа во опозиција ако имаше сигурни знаци дека позицијата на следните избори ќе загуби. Не се знаеше ни кој пие ни кој плаќа и никаков ред не можеше да се направи. Тоа го викаа и тогаш, како што го викаат и денес - демократија. Во тој систем, народот има право да избира и да менува мислење како ќе му текне.

Но, тогаш се појави тој, идниот владетел. Остроумен и амбициозен, како секој вистински роден владетел, тој веднаш разбра дека токму во демократијата се крие главната причина за хаосот во кој се наоѓаат сите општества до денот денешен. Укинувањето на демократијата правилно го согледа како императив на секоја успешна власт. Својот систем тој го нарече стратегија.

Стратегијата, пак, беше во следното: тој забележа дека по некаква традиција, граѓаните на неговата земја се разликуваат по тоа какви капи носат. Едните носеа црни, јал капи, јал шубари, јал качкети, другите пак, бели капчиња. Оние со бели капчиња беа помалобројни. Идниот владетел, тоа веќе го погодувате, се прогласи за единствениот автентичен застапник на историските идеали и интереси на тие со црните капи, а оние со белите капчиња (помалобројните), ги деградира во вечни непријатели на истите тие идеали и интереси. За постојано да ги има на своја страна, тој граѓаните со црни капи, во официјалниот политички жаргон ги определи како мнозинство, а оние, пак, со белите капчиња ги именува малцинство. Со истиот куршум го отепа и вториот зајак, зашто ваквиот модел го нарече демократија. А бидејќи во името е навестена и судбината (номен ест омен!), им ја запечати судбината и на двете групи граѓани, со тоа што воведе нова терминологија: мнозинството требаше да го викаат "наши", а малцинството пак, да фигурира во секојдневен говор како "нивни". Со тоа обезбеди услови лабавите категории на демократијата, оставени на случајот, да бидат заменети со цврстите и константни поими на наши и нивни. Наедно, со тоа, наместо хаосот, создаде услови за општествен ред; се што ќе побара или ќе предложи лично тој (читај, "нашите"), ќе се смета за добро, и се што ќе бараат "нивните", следствено, ќе се смета за лошо.

Чинот втор

Истурка така осум години, како опозиција. Додека не ги убеди граѓаните во ингениозноста на својата стратегија. И така го гласаа него за владетел. Но, момчето беше доволно интелигентно да се откаже од оваа стратегија во текот на четирите години додека беше владетел. Отиде толку далеку во демократичноста, што дури и со авторитетот на заеднички владетел на целата држава, а згора на тоа, и како претседател на партијата на "нашите", потпиша рамковна спогодба, со која свечено се обврза општеството веќе да не го делат на наши и ваши.

Арно ама, се случи следните избори да ги загуби. Тој силно се пишмани, зашто виде дека сега веќе нема да може да се потпре на бојата на капите, како најцврст темел на својата власт, туку дека ќе мора да се потврдува со програма што на сите ќе им биде прифатлива, без оглед со какви капи ги покриваат главите. Луѓето, имено, наместо со капите, почнаа повторно да мислат со главите.

Чинот трет

И така, бившиот владетел, за повторно да дојде на власт, ги напиша своите "Тези за опстанок на нашите и пропаста на нивните", кои до ден денешен, од причини што ќе ви станат јасни подоцна, се познати како "Пишман-тези за чурук-протези". Главната работа на овие тези беше дека демократијата и еднаквоста се огромна грешка, односно, дека повторно, наместо со главите, граѓаните, (значи "нашите"), ќе треба да мислат само со капите. За ова да го осигури, бившиот владетел, родениот лидер на "нашите", дојде на генијална идеја, каква што и му личи! Едноставно, реши да ги откупи финансиските и имотните добра на "нивните", да ги избрка од четирите града во кои живееле заедно со "нашите", да изгради бетонски ѕид што за секогаш ќе ги држи подалеку од нас, а тој среќно и безбедно да владее до крајот на животот со "нашите"!

Тргна од тврдењето дека добропознатите качачки банди на "нивните" низ селата правеле перманентни зулуми и грабежи на "нашите". Притоа, не сметаше дека е потребно да го прецизира или потврди такво тврдење. Доволно беше да се потпре врз фабрикуваната инстант-митологија, подвалена како колективно сеќавање. А вистината е дека, најмногу што тие банди на "нивните" правеле, е грабеж до 1.000 овци. Ај што грабеле и од нивните и од нашите (оти овцата капа не носи!), туку што самиот тој бивш владетел, за четири години владеење, беше ти бил собрал 150.000.000 златни евра (и од нашите и од нивните, ама повеќе ќе да е од нашите). А тоа да ти било рамно на 3.000.000 овци, тогашна пазарна цена!!!

Сите што грабале од таа земјичка херојска и маченичка (а грабале, ако е за грабање, преку мера, како кој стасувал, и од "нашите" и од "нивните"!), не награбале три милиони овци заедно. Но, како што ви велев, бистар да ти беше тој (сега веќе бившиот) владетел! Ги наведе "нашите" да мислат на некоја илјада овци што ни ги грабнаа "нивните", за да не мислиме на трите милиони овци што тој ги награби и од "нашите" и од "нивните"!

А беше слушнал момчакот, бившиот владетел, за некој што отепал тројца на спиење, та кога го прашале зошто го сторил тоа, тој рекол дека имал информации оти тие него сакале да го отепаат. И тој, по истиот урнек, ја формулира својата Главна теза. Во неа ги донесе неколкуте предлог-решенија од кои најважното е дека, бидејќи нивните за жива глава не сакале да бидат заедно со нас, а нашите пак залудно тоа го сакале и по тоа пекале, тогаш нашите од нивните, да сме им ги, што купиле, што трампиле финансиските и имотните добра, а нив, по оваа благополучна зделка, да сме ги избркале таму каде што отсекогаш им било местото!

И така, генијалната замисла за протерување на сопствените граѓани што носат бели капчиња, за самиот тој раат да ги владее оние што носат црни капи, шубари и качкети, стана обнародена. Бившиот владетел плукна на сопствениот збор и сопствениот потпис, дадени додека беше владетел, и на партијата си претседател, со кои на сите свои граѓани им се заколна на демократијата, и сосе превртената гуња, му се вети на стратегискиот императив, само за повторно да дојде на власт.

Предложи формирање Национален совет, составен од "нашите" државни функционери, "нашите" академици, "нашите" свештеници, како носители на стратегијата му. Тие заедно ќе требало да ја утврдат линијата на разграничување и на изградба на бетонски ѕид, како клучен доказ дека "нашите" сакаат да живеат заедно, а "нивните", кои таквите нешта не ги ни споменуваат, никако не сакаат да живеат заедно. Нашите, имено, тајно посакуваат да живеат заедно, но јавно зборуваат дека не сакаат, за разлика од нивните, кои јавно зборуваат дека сакаат, но тајно никако ни да помислат! Па тогаш, "нашите" треба јавно и да го направат бетонскиот ѕид, откако ќе ги продадеме "нивните"!

И пак е време да го речам она реторичкото, "Арно ама": на јавната продажба и трампа на нивните, финансиски и имотни добра, водачот на "нивните", инаку партнерот во власта додека "нашиот" беше владетел, дојде со многу повеќе пари! Понуди двојно од она што "нашите" собраа! Ете ти беља!

Нашиот бивш владетел, ни две ни три, заклучи дека, доколку ја прифати понудата, по истата стапка по која ги собра оние 150.000.000 милиони златни евра од провизии за продавање на имотите и на "нашите" и на "нивните", ќе заработи многу повеќе, отколку што дотогаш беше собрал!

Го соопшти своето прочуено мото, во кое ги истакна следните три точки: 1. за егоисти, предавници, и непатриоти ги прогласи сите кои повеќе мислат на сопственото, отколку на неговото добро; 2. подвлече дека неговиот приватен интерес, изразен во Пишман-тезите, се онолку покорисни за граѓаните, од нивните сопствени интереси, колку што за секој нормален човек, докторските протези се покорисни од сопствените нозе; 3. поентираше со тврдењето дека неговите Пишман тези се онолку подобри за целата држава, од површните согледби на граѓаните, колку што протезите на добар дентист се подобри од најздравите заби на човек што врска нема од заботехника.

Така, со овие Пишман-тези за чурук-протези, објави дека тој е подготвен да ја прифати лукративната понуда. Предложи самиот, за стандардна провизија, да ги продаде имотите и земјата и да ги исели "нашите", наместо "нивните", и тоа од сите четири града, а нив да им остави ѕидот самите да си го платат, затоа што сега, ете тие, сакаат нас да не држат настрана од нив! Згора на тоа, се понуди, без пари да почне да им ги крши нозете и корне забите на нашите, за да им наплати само правење протези, и тоа по најповолна цена, со славните зборови:

"Зделката е одлична! Тие ни даваат подобра цена. А светот и така го движи парата! Време е за дејствување!"

Во крчмата настапи штама. Најпосле, еден од слушателите (треба ли да споменам дека сите останаа со отворена уста, вџашени од мојата приказна!?) се созеде и ме запраша:

"Што стана? Поверува ли некој во тоа дека таков пишман-ефендија со своите тези може да ги наведе во здрава нога трн да кладат? Зар дозволија да ги сподели, спротивстави и едноставно да ги продаде на тие што му понудија поголема цена?"

Со студена насмевка, мирно им одговорив:

"Нема граѓани способни да бидат толку глупави колку што се надеваат нивните владетели. Се разбира - не! Наместо да го послушаат, го удрија на мајтап."

Тука завршува драмата на Волтер.

Остана необјавена, зашто на секој продуцент му беше јасно дека нема таков народ што долго време е готов да мисли со капи, а не со глави!

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik - BKG, 2006.