2007.

ГОРАН СТЕФАНОВСКИ

Горан Стефановски е драмски писател. Роден е на 27 април 1952 година во Битола. Завршил Филолошки факултет во Скопје, англиски јазик и книжевност. Студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград каде што и магистрирал на тема Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет. Работел во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на скопскиот Филолошки факултет. Од 1986 година е професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Моментно живее и работи во Лондон. Член на Македонскиот ПЕН центар. Член на ДПМ од 1979 година. Автор е на делата: Клинч (тв-игра, 1974), Јане Задрогаз (драма, 1974), Чиракот Шекспир (радио-драма, 1975), Сослушувањето на железничарот (тв-драма, 1976), Томе од бензиската пумпа (тв-филм, 1978), Наши години (тв-серија, 1979), Диво месо (драма, 1979), Тумба, тумба, дивина (тв-драма, 1980), Лет во место (драма, 1981), ХИ-ФИ (драма, 1982), Дупло дно (драма, 1983), Тетовирани души (драма, 1985), Бушавата азбука (тв-драма, 1985), Црна дупка (драма, 1987), "Long Play" (драма, 1988), Кула вавилонска (драма, 1989), Травијата (либрето, 1989), Зодијак (либрето, 1990), Чернодрински се враќа дома (драма, 1991), Гоце (едночинка, 1991), Сараево (драма, 1993), Старецот со камен околу вратот (едночинка, 1994), Оазата на Мира (тв-драма, 1994), Сега му е мајката (едночинка, 1995), Баханалии (драма, 1996), "EX-YU" (едночинка, 1996), Аирлија транзиција (тв-серија, 1996), "Казабалкан" (драма, 1997), Демонот од дебар маало (драма 2006). Добитник на наградите: „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“ (двапати), „Војдан Чернодрински“ (шестпати).
 
МАЛА КНИГА НА СТАПИЦИ



„Јас сум драмски писател и учител по драма. Сиот професионален живот се занимавам со проблемите на драмата. Понекогаш мислам дека разбирам многу, понекогаш мислам дека ништо не разбирам. Зошто е ова знаење вака лажливо и променливо? Можеби затоа што некои денови читам драми, а некои денови пишувам. Некои денови јадам, а некои денови готвам. Знаењето кое го користам кога конзумирам храна е различно од знаењето кое го користам кога ја приготвувам храната.
Јадењето е инстинктивно готвењето мора да се научи“

 

1. УМЕТНОСТ И УМЕШНОСТ

Кога некој ќе ме праша што работам, им велам дека предавам драматургија, пишување драми. Тие обично креваат веѓи и забележуваат: како тоа воопшто може да се предава? Со ваквиот коментар тие имплицираат дека пишувањето драми подразбира потсвесен процес, интуиција и природна надареност. И, се разбира, сосем се во право.

Од друга страна, никој не прашува дали може да се научи математика, иако и таа секако бара исто такви потсвесни процеси. Добар дел од математиката исто така не може „да се научи„ и во голема мера зависи од индивидуалниот инстикт, увид и талент. Треба да се родиш за да бидеш добар математичар, исто како што треба да се родиш за да бидеш добар драмски писател или, пак добар фризер.


2. ШТО МОЖЕ ДА СЕ НАУЧИ?

Сепак постојат делови на математиката кои можат да се научат: на пример таблицата на множење. Основните училишта бараат од децата да ја учат напамет таблицата на множење, без да им објаснат зошто. Таблицата на множење е очигледно неопходна за да се навлезе во покомплексните („езотерични, музички, уметнички“) области на математиката. По истиот принцип, секој шахист мора да ги совлада едноставните и бројни отворања на партијата за воопшто да биде во состојба да се соочи со огромните компликации на средишницата на играта.

Пишувањето драми е како математика или шах; огромен дел не може да се предава и зависи од индивидуалниот талент, гениј, среќа, услови, музи... Но има еден дел кој може да се научи – тоа е писателската умешност, занает. Овој занает може да се учи, да се вежба, да се мери, да се проценува и анализира. И тој секако може да му помогне на интуитивниот, потсвесн уметнички процес.

Овој занает нема смисла да се учи сам за себе, туку за да може да се употреби на нови, непредвидливи и експлозивни начини. Како што мора да се научат законите на гравитацијата за да може да се лета. Како што мора да се научат физичките ограничувања на телото за да се постигне невозможна танц пируета или да се натфрли спортски рекорд.


3. ИНСТРУМЕНТ НА ДРАМСКИОТ ПИСАТЕЛ

На првиот час по возење ученикот обично влегува во автомобилот и се запознава со воланот, педалот за гас, куплунгот. На првиот час по музика ученикот обично го разгледува и се запознава со својот инструмент, со алатот на својот занает.

Електричарите употребуваат фазометар, едноставен шрафцигер со малечка ламбичка, со кој ја бараат „голата жица“ . Докторите употребуваат термометри со кои ја мерат температурата на пациентот. А кутрите ученици по пишување обично добиваат молив и хартија и од нив се очекува да творат. Не е ни чудо што не знаат од каде да почнат!


4. ПИЕСИТЕ НЕ СЕ ПИШУВААТ ТИЕ СЕ ПРАВАТ

Во англискиот јазик зборот за драмски писател е playwright.
Овој збор е составен од два дела: play, кој значи мајстор, занаетчија, изведувач, правач. Овој суфикс во англискиот јазик се среќава уште со серија стари зборови кои означуваат занаети: cartwright, колар, wheelright, оној кој прави тркала за коли, ploughwright, оној кој прави плугови. Следствено на ова playwright не е оној кој пишува драми, туку оној кој ги прави, составува, изведува, структурира. Оваа дистинкција е клучна.

Во македонскиот јазик постојат серија турцизми кои означуваат занаети:
Алваџија, бозаџија, тенекеџија, дограмаџија, гајдаџија, песнаџија, самарџија, фурнаџија. Сите го иамаат суфиксот „џ“ или „џи“ кој во турскиот јазик означува човек кој се знаимава со занаетот, мајстор. По истиот терк се изведени зборовите филмаџија и театарџија. По оваа аналогија лесно може да опстои и зборот драмаџија, кој би бил еквивалентен на зборот драматург, кој значи мајстор на драма. Во Бугарија на пример актерската вештина се предава под името актерско мајсторство, а не актерска игра.

Е, сега ако пиесите се прават а не е пишуваат, значи дека тие не се прават од зборови. Од што, тогаш, се прават?
Чарли Чаплин има направено 150 сјајни драмски пиеси без употреба на зборови. Кој е нивниот материјал? Тој употребува драмски агли, пресврти, кривини. Тоа се основните единици на драмското структурирање.

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2007.

Nazad