2007.

ВЛАДА УРОШЕВИЌ

Поет, раскажувач, романсиер, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар, преведувач. Роден во Скопје 1934 година. Завршил Филозофски факултет во Скопје. На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје хабилитирал во 1981 година, а докторирал во 1987 година. Работел како соработник и уредник на Редакцијата за култура и уметност на Телевизија Скопје. Во 1982 година е избран за доцент на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, на кој од 1988 година е редовен професор. Бил уредник на списанието „Разгледи“. Дописен член на меѓународната „Академија Маларме“ во Париз и редовен член на Европската поетска академија со седиште во Луксембург. Член на МАНУ. Член на ДПМ од 1961 година. Автор е на книгите: Еден друг град (поезија, 1959), Невиделица (поезија, 1962), Вкусот на праските (роман, 1965), Манекен во пејзажот (поезија, 1967), Летен дожд (поезија, 1967), Знаци (раскази, 1969), Врсници (критики и есеи, 1971), Ноќниот пајтон (раскази, 1972), Ѕвездена терезија (поезија, 1973), Нуркачко ѕвоно (поезија, 1975), Сонувачот и празнината (поезија, 1979), Мрежа за неуловливото (критики и есеи, 1980), Лов на еднорози (раскази, 1983), Компасот на сонот (поезија, 1984), Нишката на Аријадна (критики и есеи, 1985), Хипнополис (поезија, 1986), Подземна палата (есеи, 1987), Демони и галаксии (студија, 1988), Панична планета (поезија, 1989), Алдебаран (записи и патописи, 1991), Митската оска на светот (критики и есеи, 1993), Ризиците на занаетот (поезија, 1993), Мојата роднина Емилија (роман, 1994), Паники (поезија, 1995), Дворскиот поет во апарат за летање (роман, 1996), Париски приказни (записи и патописи, 1997), Астролаб (критики и есеи, 2000), Дива лига (роман, 2000). Составувач е на антологиите: Црниот бик на летото (1963), Француска поезија - ХХ век (1972), Црна кула (1976), Современа македонска поезија (на српскохрватски, 1978), Космос в амбар (на холандски јазик, 1980), Кула (на узбечки јазик, 1981). Добитник е на наградите: „Браќа Миладиновци“ (1967, 1973 и 1986), „Григор Прличев“ (1974 и 1989), „Рациново признание“, „Кирил Пејчиновиќ - Тетоец“ и на „Младост“ и „Нолит“.
 



ЖОЛТО ПОПЛАДНЕ


Немојте никогаш да чекате некого в неделно попладне
кога ѕидовите на куќите
се како здолништа
прострени на сонце,
сами.

Тогаш доаѓаат сомневањата.
Ако сте сами
немојте жолтото попладне
да ве затече в соба
во која спијат жолти столови
и да истури во тишината
жолти веѓи и сомневања.

Во жолтото попладне
кога ѕидовите на куќите
се како корици на книги
заборавени и жолти,
ако сте сами


ПОПЛАВА

Како лавина нé затрупува сонот. Еве
го нема веќе градот, исчезнува улицата,
сé тоне – куќата, дури и нашиот кревет.
По површината на мракот пловат само лицата

на оние што спијат. Сите нас нé влече
струјата низ мазни карпи, низ длабоки места,
забрзано и слепо. Сé подалеку е брегот речен
и сé повидливо опасностите се вестат.

Пловиме на сплав, на автомобилски гуми,
на надуени овчи кожи, на пластови слама.
Со нас пловат цели градови, огромни шуми,
споменици обвиткани во треви и шамак,

искорнати дрвја со модри и црвени жили,
покуќнина, отпадоци, театарски реквизити,
рендгенски снимки, епрувети, Кохови бацили,
коски и черепи на Хуни, Келти и Скити,

археолошки наоди, ѓубришта, архиви,
книги околу кои спорат влага и мувла,
бакарни коњи потонати до зелените гриви,
истории, перодршки, чадори, глувчеви дувла,

стари пајтони, ладала, ламаринени петли,
празни шишиња задавени со тапи,
списанија, ловечки трофеи, календари, метли,
мрши, скапани плодови, географски мапи,

урбанистички планови, документи, папки
врз кои тињата го удира печатот, медали,
пожарникарски коли, спомени, демодирани шапки,
музеи, музички инструменти, тонски скали,

анатомски атласи, кукли, ретки пари,
полнети птици, речници, лексикони,
семејни фотографии, родослови, мемоари,
религии, униформи, а крај нив и со нив

поезии, поетики, поети. Се отвораат браните:
истечуваат езерата, потоците, реките,
од закониците истечуваат казните и забраните,
истечува цел порој книги од библиотеките,

од поштите истечуваат пакети и пратки,
печатарска боја истечува од печатарските машини,
локуми-полипи истечуваат од фабриките за слатки,
истечуваат возови низ размекнатите шини,

бескрајни филмски ленти истечуваат од кината,
истечуваат чешми, шахти, подземни води, канали,
од учебниците по историја истечуваат сите мината,
истечуваат морфиум и хлороформ од операционите сали.

Сонот надојдува: веќе сé исчезнува под поплавата.
Парталите на светот тонат во темниот вител.
Губејќи ги патем свеста, разумот, главата,
пловиме кон устата на земјата што нé сонува сите


НЕПОТВРДЕНИ ВЕСТИ

Во трезорите на банките најдени се прачки мраз
место прачки злато
Чудесни зелени пеперуги од Мадагаскар
видени се како летаат
низ полутемнината на едно скопско перифериско кино
Во домот за глувонеми деца
едне цвет успеал да им зборува
на некои од жителите на домот
со помош на мириси
Во високите планини забележано е
паѓањето на мали розови кукли
место снег
Во соништата на оние што не читаат поезија
откриена е една заканувачка пукнатина
што се шири


ПОСЕТА

На вратата го нема вашето име веќе.
Многумина отпатувале без да имаат ниет.
Сте отпатувале ли и вие?

По скалите го шири мувлата своето цвеќе.
Во агловите сивата полутемнина спие.
Сте заспале ли и вие?

Никој одамна не наминувал тука.
Звукот на чекорите по ходниците се крие.
Сте се скриле ли и вие?

Лете тука вечерите се жешки.
Само дождот заборавените прозорци ги мие.
Сте заборавиле ли и вие?

Сонцето заоѓа зад покривите тешки.
Избледнуваат боите што вечерта ги пие.
Сте избледнале ли така и вие.

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2007.

Nazad