2007.

ЖАРКО КУЈУНЏИСКИ

Жарко Кујунџиски, раскажувач и драмски автор. Роден е во Скопје, 1980 година. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет “Блаже Конески”, каде што моментално е и на постдипломски студии.
Се занимавал со различни дејности од културата и уметноста: водел аматерски театар, пишувал колумни и рецензии (филм и театар), работел како новинар, раководител на книжарница, уредник на списанија, го превел романот Појадок кај Тифани од Труман Капоти...
Добитник е на наградата “13 Ноември” како и на петнаесеттина други награди на разни конкурси (за најдобар драмски текст, краток расказ и научен есеј).
Застапен е во неколку прегледи на млада македонска проза во европски и светски списанија.
Преведуван е на англиски, словенечки, српски и албански јазик.
Досега ги објавил романите Spectator (“Антолог”, 2003 година) и Америка (2006), како и книгата драми Ендрју, љубов и други непогоди (2004).
Spectator е единствен дебитантски роман во македонската книжевност што доживеал три изданија.
     
 
Америка

5.
Се сретнаа три години порано. Америка превезуваше риби до Бари. Во единственото камионче што можеше да се најде во периметар од дваесет и два километри околу Тинтинио. Во светот тогаш имаше скоро четири и пол милиони камиони. Во околината – едно единствено.
Во првата и, веројатно, последна тура на Америка надвор од градот. Тоа беше деловна рута.
Се сретнаа на железничката станица, перон седум. Рибата убаво спастрена во гајби. Тук-таму некои претнуваа. Повеќето беа испоцркани. Мирисаше гадно. Додека работниците претовараа, Америка, по играта на среќата, случајот и неколку мали, но значајни причини како жегања под жолчката и пролив се најде на патот на патниците на линијата Алтамура – Бари.
Дотогаш четири пати пристапил на девојка.
Жана С. не го ни погледна. Девојка од постарите одделенија. Бараше молив на заем. Имаа по десет години. Помалку-повеќе.
Ива Феручи се насмеа. Го бакна во образот и избега. Секогаш кога повторно ќе се видеа, се смееше како блесава и & шепотеше нешто на другарката до неа.
Со Гера беа заедно три часа. Од Кај Тито лижеа сладолед од ванила и шумско овошје. Отидоа покрај морето. Морето во кое зуеја илјадници оси. Морето кое пред спиење беше од квасец. Ги ставија нозете во водата и гледаа во сонцето. Америка можеше да издржи гледајќи постојано во кружната вжештена маса без да ги затвори очите. Таа жмиркаше и не трпеше ни половина од минутата. Она што го доживуваа еден за друг во тие моменти на молк и здивови беше... фасцинација.
Му ја стави раката на градите. Америка првпат почувствува дланка на девојка близу својот стомак. Не престануваше да зјапа во вжарената сфера, па во далечините, некаде зад јадранската линија вода, каде што би требало да живеат луѓе што никој во Тинтинио не ги познаваше. Си заминаа набргу. Со мирис на блуткаво по колениците. Сакаше да ја испрати до врата.
– Татко ми ќе ме убие!
Таткото кој убива додворувачи на неговата ќерка. Тоа е веќе нешто од што човек вреди да се уплаши.
– Оди си оттука!
Не доби ништо како за цел ден поминат заедно. Само поглед. Збогум-поглед. Синкав како морето каде што нема алги. Само вода. И окати животинки. Морето со звукот на зовриено и натапането осило. Потоа, таа се стрча по удолницата. Го гледаше нејзиното невешто накривување со левото стапало. Не се сврте ниеднаш, од пред неговиот нос до носот на строгиот татко што ја убива кога се враќа од состаноци со момчиња. Следниот ден шетаа рака за рака со Карло Рети, доведен на свет четири и кусур години порано од неа. Му стрчеа ребра од секаде. Никогаш не прозбореа како оној ден со размрсулавени нозе.
Последниот пат, Америка пристапи како што се пристапува на билетарница.
– Каде одите?
– Палезе.
– Јас... ја чекам тетка ми. Така некако.
– Убаво.
– Требаше да дојде пред два часа.
– Тоа е многу време, дури и за вакво место.
– Времето е прибирливо. Некогаш го замислувам како отсечка која нема крај. Не ти дозволува сешто. Времето. Тогаш е како... како...
Се чини дека ќе каже Отвори се Сезаме или нешто достојно на тоа. Овој човек на кој му се лоши од патот.
– ...Лига од полжав.
Никој не знаеше на што падна Мајра. На Америка ниту му одеше со жените, ниту беше филозофски тип кој со часови дебатира за темите на свеста. Кога мудриот човек, со или без брада, би требало да го опише Америка, би требало да размислува прилично долго. Иако е прилично мудар. Не верувам дека би можел да каже нешто поприлично од:
– Облак.
Кога Америка ја запозна Мајра, за луѓето беше тера инцогнита. Дете што од утре ќе порасне. Еднаш ќе се пробуди рано наутро и ќе биде голем. Возеше велосипед на едно тркало, ги брцнуваше рацете во морската вода и гледаше како под прекршените зраци им се менуваат формата и големината и не работеше ништо... сериозно.

6.
Америка го биваше за механика и превозни средства. Тоа беше талент со тапија. Види, најпрво научи да го вози камионот, оној единствениот на дваесет и два километри, дури потоа проба и без проблеми успеа со с# друго – коли, мотоцикли и точаци.
Мајра ги имаше двете девојчиња. Пет и три години.
Америка немаше отидено подалеку од Бари, повеќе од еднаш.
Мајра носеше исклучиво фустани на фалти и, кога немаше домаќински работи, ќе ги навлечеше ракавиците и чевлите од комодата каде ги чуваа важните нешта и ќе му се обесеше на Америка околу вратот.
Во дневната соба на Берти висеше стар ауспух светнат до совршенство, ама не и мотор.
Мајра и Америка никогаш не се земаа со брашнести бонбони, пченица и ориз, букет фрлен наназад и славје до зори, при што сватовите ќе блујат во грмушките. Сепак, еден за друг, ги користеа термините сопруг и сопруга.
Таков беше договорот, ако постоеше договор.

7.
Кога едно големо дете што се вика Америка има дваесет и седум, тие околности не се идеални за брак.

8.
Америка и Мајра Берти живееја во континентална Европа.
Живееја во јужна Италија.
Регионот се вика Апулија.
А тоа беше – Тинтинио.
На полпат меѓу Монополи и Бриндизи.
Лесно е да се привлечат шетачи заинтересирани за море и малку историја. Во Бриндизи умрел Вергилиј. Стар поет кој пишувал исклучиво ремек-дела. Монополи, на сосема очигледен начин – поврзан со друштвената игра. Математичарите би ја одредиле местоположбата со прост зафат. Отвор од шестар зададен по слободна мера – се збрцува еднаш во Бриндизи и еднаш во Монополи и се образуваат два лака. Онаму каде што лаковите се сечат – се повлекува права. Каде што таа линија го пробива источниот брег на Италија, треба да пишува, со ситни, најситни букви: Тинтинио. Во туристичките информатори стои дека Тинтиниум му е античкото име; на удар од грчко влијание – од ВИИИ век пр. н. е.; има катедрала.
Занимања: риболов и туризам.
Америка, прав тинтиниевец, се занимаваше со обете, по малку.
Куќата на неговото семејство имаше два влеза со по два ката, т.е. приземје и кат.
Едниот дел припаѓаше на Џулијано и Гарда Берти, татко и мајка на Америка.
Гарда Берти умре зиме, туберколоза, магла; Америка беше на седум години.
Една недела подоцна, замина и Џулијано Берти. Замина, така се вели. Подобро – неговиот дух отпатува. До мигот кога смртта е констатирана како трајна состојба на неговото тело, не пројавил здравствени аномалии.
Во тој период, малиот Америка ги учи буквите и првпат навежбува како се пишува зборот куќа.
Цаса.
Каза.
К-у-ќ-а.
Вториот влез припаѓа на братот на татко му.
Амаро Берти. Амаро Берти е без жена. Амаро Берти никогаш немал жена. Амаро Берти ќе се олади без да заспива покрај некоја. Амаро Берти се грижел за Америка од неговата седумгодишна возраст.
Го научил на семејниот занает. Ловење риби. Тегнеле јажиња и печеле туни, шкампи, сардини, пастрмки, понекогаш, и октоподи. Кога ќе тргнело.
Амаро исчезна на море ден пред Америка да полни осумнаесет.
Тинтинио зборуваше:
– Каква несреќа!
– Уф!
– Тоа беше отисок од пијавица!
Здодевна приказна.
Двата влеза по двата ката му припаднаа на Америка. Многу простор за самец.
Го напушти риболовот. Ја преуреди куќата и се занимаваше со хотелиерство.
Контактите се остваруваа преку агенти кои доаѓаа запотени, бозел под мишките, влажни јаки, распетлани чворови на вратоврските. Потпишуваа договори во кои стоеја проценти, сметки, чудни графички знаци и туристи што се расположени за расфрлање.
Тоа звучеше топ.
Тоа одеше лошо.
По некое време, му се врати на стариот риболов.
Понекогаш, во вечерите крај печката што баботи и пуцкетаат дрва, пред да го направи вториот специјалистички преврат, Америка Берти го чешаа дланките. Му недостасуваше болката кога јажињата се зариваат во месото од размавтаните перки што се борат за спас изразен преку сопствената рибја слобода. По некое време, човек се привикнува на секоја болка. Таа, дури, станува очебијно потребна навика. Не му е така на спржениот ослиќ во тавата што Мајра ја натопила во зејтин за да го прослават ненајавениот дожд.
Токму баталувањето на професиите му го даваа на Америка тој несериозен профил во мислите на другите. Човек што сака да се обогати, никогаш не го фрла уловот назад.
Сега се занимаваше со обете, зашто не беше лесно да се исхрануваат четири усти.
Америка, Мајра, Венеција и Катанија.

9.
– Никогаш не би смислил поубави имиња, ако требаше јас да избирам. Венеција. Катаанија...
Долго а, прелетано т.
– Суштина на убавината, – ќе кажеше Америка и ќе се искезеше три четврти.
Мајра и Америка. Беа смешни заедно. Минатото избиваше од секоја пора на нејзиното тело а неискуството во корупка од бадем го опфаќаше торзото на Америка.
Додека шеташе по плочникот, на нејзината кожа можеше да се види Ајфеловата кула, плантажи портокали, црвени дворци со распукани ѕидини, две црнкињи галат делфин, лустери со висечки кристали и симфониски оркестар.
Очите на Америка беа неговата кожа. Во нив беше одразот на градот, сонцето и морето. Едно пресупериорно жолто и прелесно сино. Не го беше поминал делот од детството кога се крадат јајца од гнездата на дивите птици по околните ридови – јастреби, соколи, орли и други грабливци. Америка ќе видеше гавран и ќе кажеше:
– Птица.
Ќе прелеташе галеб.
– Птица.
Тоа, отприлика, беше тој.
Мајра враќаше со смеење.
Велат дека во таквите моменти се сфаќа колку животот е едноставен, убав и простран. Реченица која звучи лепливо.
Прост како заб што самиот испаднал.
Убав како светлина во сеното низ дупките на покривите од малите амбари зад куќите и простран како Италија.
Реченици на кои порано девојките би се возбудиле. Излитени реченици од пред да биде измислена брзината на механичките справи и релативноста на с# што постои.
– Како чизмата на Италија, – Марко Бравони уживаше во споредби.

10.
Кој не го познава Марко Бравони. Човекот со незгодна смисла за компарации и хумор. Тука е и трговијата – кога веќе се набројува – нешто што треба да стои прво.
Од нив живееше: хуморот и трговијата. Трговија и китнест шарм.
Од Милано му носеа костими што едноставно чадеа од босилок и билни екстракти кои го замајуваат паметот. Имаше сјајна насмевка и мрсна коса. Прамените вгнездени во очите. Чешкање кое иритира. Глумеше дека не му пречат.
Возеше Фиат 500. Според градските муабети, како еден од првите што си го набавил Тополино, клучевите му ги врачил лично Џовани Ањели. Тополино. Најдобриот автомобил во Тинтинио. Единствениот автомобил. Автомобил на кој просто не може да се одолее.
Двете возила што имаа мотор беа негови. Негова гордост и спас, повеќе – гордост.
Децата беа недоделкани парченца челик, кога стануваше збор за магнетот Марко Бравони. Трчаа по него и му се качуваа на задниот браник и лајсните отстрана. Табличките расклимани од крпени коленици и шпицови на чевли. Му пееја песни – неговите омилени шансони од плочата што директно од најснабдената фонотека близу Монмартр & ја нарача на единствената слободна средовечна женска во радиус од седум запирка три километри. Лесно певливи рефрени во кои очите се секогаш полни солзи а срцата скршени од невозвратени чувства што залутуваат по ендеците на осамените гребени. Зборови полни згрутчен пипер.
Бравони некогаш ги трпеше, но некогаш им свиреше со сирената и запенето ги бркаше чопорите палавковци што баш на патот сакаа да скокаат школка или да се балосаат со играта што ја викаа свиња.
Кога ќе средеше некоја зделка, ќе го закочеше автомобилот и преку спуштениот џам им сипаше грстови бонбони. Овие алчно ги грицкаа и им се расипуваа забите. Нивните татковци и мајки, работници по задругите и работилниците на Бравони, мораа да ги носат во нападно изјодираните ординации на лекарите за заби надвор од Тинтинио. Повторно, на радост на децата – светот е таму – и на додатни нервози за возрасните – големите трошоци се притаени во заседа надвор од градот.
Родителите го мразеа Марко. Беше преполн пари и им се мешаше во личниот живот. Имаа стварно добра причина. Им ги расипуваше сметките и забите на децата.
Марко Бравони ги седнуваше Венеција и Катанија на своите коленици и во устите им буташе карамели, кандирани шеќерчиња спакувани во Неапол.
Америка редовно се противеше.
– Дај, Катааанија!
Мајра ги собираше шушкавите хартивки во нешто што наликува на албум за опаковки. Сместен во комодата, со она што останало од обувките и низата краткотрајни нешта.
Беа роднини, кумови ли, што и да е, комплицирано за објаснување. Марко не знаеше како. Америка не знаеше како. Покрај куќата, тоа беше уште една работа што Америка ја наследи од неговите. Една од оние работи што може да се допрат. Доколку му се посака.
Марко тешко престануваше со скоцканите петит бонбон. Девојчињата мислеа дека има волшебни џебови. Но, слатките им се одмилуваа. Често ги плукаа штом ќе избегаа од неговото стол-колено и смрдлива уста. Никој не е сјаен. Марко Бравони беше познат по реата што ја ширеше кога ја отвораше устата. Од неа останува талог во утробата, насекаде, во цревото долго дванаесет палци. Црвјосан вргањ после дожд. Затоа постојано носеше бонбони со себе. Поради здивот. Очигледно, не му помагаше.
Бравони ги гледаше децата како негови. Самиот имаше син. Покус за шест години од Америка и побогат за деветнаесет од постарата ќерка на Мајра. Не живееја. Фасцинацијата од воената дисциплина, редот, обуката да се убива, ситниот калибар и еден непромислен гест на татко му, одамна го катапултираа далеку оттука.
Третата работа поради која Тинтинио го мразеше Марко Бравони. Фашист, моментално вкотвен некаде меѓу Малага и Гвадалхара. Ретка, барем малку олеснителна причина зошто да не ти е криво кога нема да го видиш синот три години и чифт месеци.
Марко сакаше да му помага на Америка кога на овој ќе му згуснеше. Поради децата и поради самиот себе, чувството на горделивост што го дава милосрдието. Овој пат понуди кеш. Америка не сакаше да слушне. Одмавна со главата и погледна низ прозорецот. Група момчиња задеваа магаре. Го удираа со прачки по ушите од овенат фикус. Животното не се помрднуваше. Го плукаат а тоа ги гледа.
Марко ја подаде раката:
– Партнери. Сакаш ли да бидеме партнери?
– Какви ми ти партнери?
– Бизнис. Ќе почнеме трговија со маслинки. Наскоро, северно од овде ќе никнат дрвја на претек. Цап, цап, цап, како еже. Ова е шанса да се обогатиме.
– Ти си богат.
– Ти не си. И, никогаш премногу. Кога ќе станеш, а еден ден ќе бидеш тоа, дебело пиле на кои му се дупнуваат џебовите од топови банкноти, ќе видиш дека никогаш не ти е доста.
Америка беше рибар и издаваше апартмани. Понекогаш, за кумот, го возеше камионот што го полнеа морски живинки. Или го поправаше. Иако, сврти ја како било, рацете ќе ти бидат црни како серија животи да си поминал берејќи тутун, за него, тоа беше далеку од секаков бизнис.
Ортаци. Хе!

 

Copyright © by Balkanski književni glasnik – BKG, 2007.

Nazad